Исчезнале три тинејџерки, две од нив сестри


Штип, 17 јули, 2018 - 10:41 (META) 

Три тинејџерки, две од нив сестри, биле пријавени за исчезнати вчера во Штип и Пробиштип.

Како што извести СВР Штип, вчера попладнето во СВР Штип, 39 годишниот М.Д. од Штип пријавил дека неговата 14-годишна ќерка околу 14 часот излегла од дома и не се вратила.

Вчера вечерта во полициската станица во Пробиштип, М.Т.(55) пријавил дека во саботата неговите две ќерки Н.Т.(19) и другата ќерка на возраст од 16 години излегле од дома и не се вратил.

Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицата, велат од СВР Штип.


Во поплавите во Калифорнија загинаа 15 лица, а најмалку 25 се повредени


Лос Анѓелес, 10 јануари, 2018 - 19:50 (META) 

Во Калифорнија продолжува потрагата по настраданите во големиот одрон кој уништи десетина домови во областа Санта Барбара, каде што засега има 15 загинати и најмалку 25 повредени.

Најмалку 50 лица мораа да бидат евакуирани со хеликоптер, поради невремето а бројот на жртви може да биде поголем при проширување на истрагата.

Спасувачките екипи пребаруваат дали има преживеани во некои од оштетените градби.

Најголем дел од одроните кои се случија по обилните врнежи од дожд, се последица на пожарот „Томас“ кој минатиот месец зафати најголем дел од територијата на Калифорнија и е најголем пожар во историјата на оваа држава.


Се зголемува бројот на загинати во невремето на Мадагаскар


Антананариве, 9 јануари, 2018 - 11:06 (META) 

Бројот на загинати во налетот на циклонот „Ава“ во источниот дел на островот Мадагаскар се зголеми на 25 лица, а повеќе десетици се водат како исчезнати, соопштиле властите на островот, јавуваат светските агенции. Поради невремето евакуирани се повеќе од 17.000 лица.

Од владата на Мадагаскар соопштиле дека опасноста поминала и дека се укинати сите предупредувања за појава на невреме. Силното невреме го погоди Мадагаскар во петокот, минатата недела, а вчера го зафати источниот дел на островот.

Силните ветрови и дождови погодија повеќе градови од кои дел се најдоа под вода, како што Таматаве и некои квартови од главниот град Антананариве, а голем дел од патиштата беа поплавени и затворени за сообраќај.

Мадагаскар, која е една од најсиромашните земји во светот и се наоѓа во Индискиот океан во близина на источниот брег на Африка, редовно го погодуваат тропски бури, а во последното големо невреме во март 2017 година загинаа 78 лица.

Во последните 10 години островот го погодиле 45 тропски бури.


При пожарите во Калифорнија загинаа 35 лица, 600 се исчезнати


Сан Франциско, 14 октомври, 2017 - 16:53 (META) 

На северот на сојузната американска држава Калифорнија, 22 пожари досега однесоа 35 животи.

Властите предупредуваат дека бројот би можел да се зголеми затоа што повеќе од 600 лица се водат како исчезнати.

Најмалку 3.500 куќи и компании се уништени во најопасните пожари во историјата на Калифорнија, кои во неделата вечерта избија северно од Сан Франциско.


Најмалку 19 мигранти загинале во бродска несреќа во Црното Море


Истанбул, 22 септември, 2017 - 19:49 (META) 

Рибарски брод кој превезувал мигранти денеска потонал во Црното Море во близина на турскиот брег. Во несреќата загинале најмалку 19 лица, а 11 се водат како исчезнати, соопштила турската крајбрежна стража, јавуваат агенциите.

Како што е соопштено, најмалку 40 мигранти биле спасени од бродови на крајбрежната стража и од трговски бродови кои биле во близина.

Од крајбрежната стража сооштиле дека испратиле авион и два брода откако трговски брод пријавил дека има повик за помош.

Засега нема информации од каде потекнуваат мигрантите и каде оделе. Сепак, како што пренесуваат агенциите, мигрантите во последно време сè почесто се убидуваат од Турција преку Црното Море да стигнат во Романија, земја-членка на Европската Унија.


Осум лица исчезнати во свлечиште во Швајцарија


Цирих, 24 август, 2017 - 12:46 (META) 

Осум лица, меѓу кои и државјани на Германија, Австрија и Швајцарија се водат за исчезнати во свлечиштето кое се случи на југоистокот на Швајцарија.

Поради лизгањето за земјиштето се евакуирани неколку помали села.

Во соопштението на каталонската полицијата Граубинден се наведува дека лицата од вчера се водат за исчезнати.

Свлечиштето го погодило селото Бондо, во близина на границата со Италија. Евакуирани се околу 100 лица.

Потрагата по исчезнатите се интензивирала во текот на ноќта, а во неа се вклучени и швајцарски воени хеликоптери.

Свлечиштето уништило 12 објекти на фармите.


Четири луѓе вчера биле пријавени за исчезнати


Скопје, 10 август, 2017 - 15:31 (META) 

Во текот на вчерашниот ден, во полиција четири лица биле прогласени за исчезнати. Како што се дознава од полицискиот билтен, исчезнатите се од скопското село Црешево, Тетово, кавадаречкото село Сопот и од Скопје.

Б.П. (73) од скопското село Црешево во полициската станица Гази Баба вчера пријавил дека во петокот од дома излегол неговиот 35-годишен син С.П. и оттогаш не се вратил.

Во полициската станица во Тетово, С.Р. (74) од Тетово пријавил дека во четвртокот од дома излегла неговата сопруга М.Р. (50) и се упатила на пазарот во Тетово, но оттогаш не се вратила и не била достапна на мобилниот телефон.

К.Н. (38) од тиквешкото село Сопот во полициската станица во Кавадарци пријавил дека завчера неговиот брат С.Н.(36) излегол од дома и рекол дека со автобус ќе оди во Кавадарци, но не се вратил.

Последниот случај на исчезнување е во Скопје, а се трага по 28-годишната Р.А. Како што во полициската станица Чаир кажал нејзиниот 50-годишен татко, таа излегла од дома завчера претпладне и не се вратила.

МВР информира дека по сите исчезнати се трага.


ОЈО отворило предистражна постапка за исчезнатите уметнички дела од Владата


Скопје, 24 јули, 2017 - 17:59 (META) 

Основното јавно обвинителство отворило еден предмет за исчезнатите уметнички дела од Петар Мазев и од Владимир Величковски кои се наоѓале во објектите на Владата и на Министерството за одбрана, објави телевизија „Телма“.

„Јавниот обвинител кој работи на предметот веднаш презеде дејства во насока на утврдување на фактите. Издадена е наредба за прибирање на претходно известување од Министерството за внатрешни работи, како и од други надлежни институции, со кое се бара на Обвинителството да му бидат доставени информации и податоци во врска со досега извршените ревизии во институциите каде уметничките дела биле дадени на реверс“, велат од Обвинителство, од каде презеле и дејства за утврдување на вредноста на делата.

Предистражната постапка почнала по известувањето на Обвинителството од страна на МВР, за исчезнувањето на слика од Мазев, во 2007 година од Владата и на слика од Владимир Величковски, од Министерството за одбрана, во 2012 година, наведени во договорот од 2015 година меѓу тогашниот состав на СОЗР при Владата и Националната галерија на Македонија.


18 жртви и многу исчезнати во поплавите во Јапонија


Токио, 9 јули, 2017 - 10:59 (META) 

Најмалку 18 лица загинаа, а 27 се водат како исчезнати во поплавите што го погодија југот на Јапонија, соопштија јапонските власти.

Островот Кјушу е опустошен откако реките се излија од коритата, а водата однела делови од патиштата, куќите и од училиштата.

Повеќе од илјада луѓе се евакуирани и префрлени во привремени засолништа во школски сали и во јавни згради, но голем дел се сè уште заробени во своите куќи.

Повеќе од 500 луѓе се целосно отсечени, а локалните медиуми јавуваат дека урнатите мостови и надојдената вода ги отежнуваат напорите на спасувачите.


Потона брод во Колумбија, најмалку шестмина загинати


Богота, 26 јуни, 2017 - 10:36 (META) 

Најмалку шест лица загинале, а 16 се водат како исчезнати откако туристички брод со околу 170 патници потонал во северозападниот дел на Колумбија, соопштиле официјални претставници на колумбиските власти, јавува „Би-би-си“.

Според очевидци на несреќата, бродот потонал за помалку од пет минути. Спасувачки екипи, авиони и хеликоптери трагаат по преживеани, а во помош пристигнале и приватни чамци и скутери за вода.

Спасувачките екипи навеле дека спасени се 130 лица, а повеќе од 30 се пренесени во болница.

Причините за потонувањето на бродот засега се непознати.