!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ирма падна на ниво на бура, но ветерот е со јачина на ураган


Мајами, 11 септември, 2017 - 18:00 (META) 

Ирма ослаби на ново на тропска бура, но и понатаму предизвикува ветер кој речиси има сила на ураган, соопшти денеска американскиот Национален центар за урагани.

Ирма која беше означена како најсилен ураган над Атлантскиот Океан, во осум часот изутрината по локално време забележана е на околу 170 километри северозападно од Тампа во сојузната држава Флорида, со најсилни удари од ветер од 110 километри на час.

Од Националниот центар за урагани велат дека се очекува дополнително слабеење на бурата од вторник до петок по локално време.


Ураганот Ирма ослабна, но сè уште е опасен


Мајами, 11 септември, 2017 - 10:49 (META) 

Ураганот Ирма го намали интензитетот до прва категорија, но опасноста не е мината затоа што ветерот и понатаму носи сè пред себе, а постои опасност и од поплави. На Флорида е прогласена состојба на природна катастрофа. Досега настрадаа три лица, а шест милини жители на Флорида се евакуирани. Три милиони лица се без струја.

Јадрото на Ирма се наоѓа на околу 40 километри североисточно од Тампа и се придвижува кон северниот и североисточниот дел со брзина од околу 24 километри на час. Се очекува ураганот потоа да продолжи и кон сојузните држави Џорџија, Алабама и Тенеси, но во меѓувреме да ослаби на ниво на тропска бура.

Националниот центар за урагани соопшти дека Ирма и понатаму е опасна по човечките животи.


Евакуирани македонските државјани од Сент Мартин


Скопје, 11 септември, 2017 - 9:10 (META) 

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека македонската државјанка од францускиот дел на островот Сент Мартин е евакуирана, исто како и семејството од Штип, кое е во холандскиот дел на истиот остров.

„Амбасадата во Вашингтон е во континуирана комуникација со надлежните служби во САД. Досега нема информации за повредени или загинати македонски државјани. Апелираме на будност и на следење на препораките, имајќи предвид дека опасноста од ураганот сè уште не е надмината“, сооопшти македонското МНР.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501.


Ирма дивее на Флорида


Мајами, 10 септември, 2017 - 20:36 (META) 

Ураганот Ирма, откако ги опустоши Карибите и ја поплави Хавана, предизвикувајќи хаос во остатокот од Куба, удри и по Флорида, кршејќи дрвја и оставајќи повеќе од милион луѓе без струја.

Со ветришта кои дуваа до 210 километри на час, ураганот кој достигна до тропска бура од четврта категорија, предизвика и лизгање на земјиште на Флорида.

Повеќе од 8 милиони луѓе во оваа и во соседната држава се соочуваат во моментов со ветришта со брзина од 11о километри на час, очекувајќи го најсилниот удар на Ирма, чие срце сега се движи по Јужна Флорида.

Дури 36 милиони луѓе се во страв од ураганот, кој опустоши некои карипски острови и ја поплави Хавана, главниот град на Куба.

Загубите за осигурителните компании од ураганите на Карибите и во јужните држави на САД може да достигнат 200 милијарди долари, посочуваат медиумите.


Ирма удри и на Флорида, бројот на загинати достигна 25 лица


Мајами, 10 септември, 2017 - 11:26 (META) 

Ураганот Ирма се засили до бура од четврта категорија во својот пат кон Флорида, а бројот на загинати се зголеми на 25 лица. Во американската сојузна држава сега стотици илјади луѓе се без струја, што е исто како ситуацијата на Карибите во Централна Америка, откако ураганот удри таму пред 4-5 денови.
Главното јадро на Ирма утрово по македонско време беше на 110 километри од најјужната точка на Флорида, а носеше со себе ветришта до 210 километри на час. Се очекува за еден час да дојде на Флорида Киз, најјужната точка на полуостровот.

Претходно на францускиот остров Сен Бартас и на германско-француската територија на Сен Мартин загинаа 12 лица, шест на Британските Девствени Острови, најмалку четворица на Американските Девствени Острови, додека во Порторико се регистрирани две жртви, а една на Барбуда.

Американскиот Национален центар за урагани предвидува дека ураганот Ирма дополнително ќе зајакнува и оти директно ќе удри во Сент Питерзбург, а не во заливот Тампа, како што претходно беше прогнозирано.

Повеќе од 170.000 домови и компании во Флорида се без електрична енергија, од кои половината во подрачјето на округот Мајами Дејд, каде за околу 600.000 луѓе е наредена евакуација.

Седум милиони луѓе од околу 21 милион жители на Флорида се повикани да се евакуираат.

Ураганот Ирма предизвика материјална штета на Куба, каде брзината на ветрот достигна од 210 километри часа. Сè уште нема информации за евентуално повредени или загинати луѓе.

Ирма уништи хотели во најпознатите летувалишта на островот и предизвикаа евакуација долж брегот, па сè до околината на главниот град Хавана. Повеќе од 5.000 туристи беа евакуирани од северните крајбрежни реони и острови, каде последните години беа изградени низа нови одморалишта.

Најпогоден е малиот крајбрежен град Кајбариен, на околу 320 киломатри источно од Хавата, каде се урнати голем број далноводи, а неколку квартови се под вода.


Ирма сее паника во Флорида додека продолжува да дивее на Куба


Мајами, 9 септември, 2017 - 20:43 (META) 

Периферијата на ураганот Ирма, со силни ветришта и многу дожд „удри“ врз најјужниот дел на Флорида и го продолжи својот поход по јужната држава на САД како ураган од трета категорија.

Со ветришта од 200 километри на час, Ирма продолжува да дивее и на Куба, а вистинскиот удар на ураганот врз јужна и централна Флорида, третата по бројноста на население држава на САД за неколку часа. Главното јадро на ураганот се очекува на Флорида утре претпладне по локално време.

Во меѓувреме, во американската сојузна држава Флорида владее хаос, додека стотици илјади луѓе се обидуваат да се евакуираат и улиците и патиштата се речиси преполнети. Иако го пред 12 часа се сметаше дека во главниот бран на ударот ќе се најде Мајами, сега метеоролозите велат дека Мајами може да здивне, бидејќи градот Тампа ќе биде на главната патека на Ирма.

Во меѓувреме, ураганот Хозе, неколку дена по Ирма, сее паника на Карибите, а последен на неговиот удар беше островот Антигва.

Гувернерот на мексиканската држава Веракруз, Мигел Анхел Јунес обелодени дека синоќа загинале две лица при налетот на ураганот Катја во Мексикански залив. Двете жртви загинале при лизгање на земјиште.


Ураганот Ирма ја погоди Куба и оди кон Флорида


Мајами, 9 септември, 2017 - 12:30 (META) 

Ураганот Ирма денеска, откако зајакна до бура од петти степен, сe насочи кон Флорида, оставајќи зад себе уништување и многу загинати луѓе на Карибите. Ирма претходно ја погоди Куба, а во подрачјето на Карибите и на Флорида предизвика можеби најголема евакуација во историјата на тој предел.

Бројката на жртви на Ирма се искачи до 21 лице, откако ураганот го погоди крајбрежјето на Куба со ветрови со максимална брзина од 260 километри на час, соопшти Националниот центар за урагани на САД.

Ирма е на околу 485 километри од Мајами и се движи на запад со околу 20 километри на час. Се очекува ураганот попладнево по локално време да стигне до Флорида.

Властите во Флорида повикаа 5,6 милиони лица, повеќе од една четвртина од населението да се евакуираат пред налетот на Ирма. Гувернерот на Флорида Рик Скот веќе неколку дена ги повикува жителите на државата, особено оние кои живеат во крајбрежните региони. да се евакуираат.

Две нуклеарни централи во Флорида ќе бидат затворени поради Ирма. Компанијата оператор „Флорида пауер енд лајт“ соопшти дека ќе ги затвори централите „Тарки поинт“ и „Сент Луси“ пред ураганот да стигне на копното.

Ирма ги погоди Куба и Бахамите, како и источниот дел на Карипскиот Регион, нанесувајќи катастрофални штети. Биланост на жртвите изнесува 21, но постои можност тој да се зголемува.

Истовремено, ураганот Катја го достигна мексиканското крајбрежје кај градот Теколутла. Бурата е од прва категорија и е проследена со ветрови од 120 километри на час.

Во Атлантскиот Океан ураганот Хозе се зајакна речиси до бура од петта категорија со ветрови со брзина од 250 километри на час. Хозе речиси во чекор го следи ураганот Ирма.


МНР: Нема пријавени македонски државјани погодени од ураганот Ирма


Скопје, 9 септември, 2017 - 10:15 (META) 

Министерството за надворешни работи (МНР) претпладнево соопшти дека до амбасадата на Република Македонија во Вашингтон не се обратиле за помош македонски државјани погодени од ураганот Ирма, кој ги зафати Карибите и брегот на САД.

Од министерството велат дека од социјалните служби дознале за еден македонски државјанин на островот Сент Мартин.

„Воедно, во комуникација сме и со Канцеларијата на странски мисии во Вашингтон и до денеска немаме добиено информација за пријавени македонски државјани од погодените подрачја. Од социјалните мрежи дознавме дека има еден македонски државјанин на островот Ст. Мартин. Иако островот територијално припаѓа под јурисдикција на Франција и Кралството Холадија, поради географската близина сепак пробавме да стапиме во контакт уште во текот на вчерашниот ден (преку социјалните мрежи) но сè уште немаме добиено одговор“, се вели во соопштението.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се 202-390-7418 и 202-667-0501.

Министерството за надворешни работи пренесува дека според локалните власти, иако ураганот паднал на четвртиот степен од Сафир-Симпсон скалата, тој се уште претставува опасност за жителите на Флорида.
Затоа се препорачува постојано да се информирате за ситуацијата, да ги следите упатствата на локалните власти.

Според податоците од Националниот центар за урагани во Вашингтон, ураганот Ирма ќе стигне до брегот на Флорида во недела.


На Бахамите најголема евакуација во историјата, Ирма ќе го погоди и Мајами


Мајами, 8 септември, 2017 - 20:12 (META) 

Ирма, најсилниот ураган во историјата на мерење на силата на овие временски непогоди, воопшто не ослабнува и го продолжува својот разорен поход на Карибите. Се приближува на Куба, а сосема сигурно на неговиот удар ќе се најде и Флорида и нејзиниот најголем град Мајами.

По Ирма, пристигнува и ураганот Хозе, кој достигна трета категорија, а буквално ја следи Ирма, односно поминува на истата траекторија.

На Куба 10.000 туристи добија наредби да ги напуштат хотелите или вилите на најизложените брегови и земјата е во максимална тревога. Ирма, која досега одзеде повеќе од 20 животи, потоа ќе продолжи кон Флорида, од каде ќе оди кон Џорџија и Јужна Каролина.

На Бахамите се одвива најголемата евакуација во историјата на архипелагот зашто Ирма носи налети на ветер со брзина од 295 километри на час и не ослабнува веќе 37 часа.

Ураганот му одзеде речиси сè и на штипското семејство Шутеви, кое сега е заглавено на Карибите, јави телевизијата „Стар“.

Веќе втор ден, две сестри близначки, сопругот и едногодишното синче на едната од нив, како и нивните родители, дојдени на гости, се дел од неколкуте илјади жители на Карибите кои останаа без ништо свое.


Ирма убиваше на Карибите, се заканува на Куба и на Флорида


Сан Хуан, 8 септември, 2017 - 17:03 (META) 

Ураганот Ирма уби најмалку 12 луѓе на Карибите и нанесе катастрофални штети на објекти, пловила и на возила. Некои делови на Карибите се толку уништени што во нив нема никакви услови за живот. Но, ураганот нема да запре таму, туку го продолжува својот пат кон Куба, а се очекува да ја погоди и американската сојузна држава Флорида.

На островот Сент Мартин загинале четири лица, а најмалку 50 луѓе се повредени. Во Порторико има тројца загинати од невремето, а на островите Сент Томас и Сент Џон има исто така три жртви. По еден загинат има на островите Ангила и Барбуда.

На островите Туркс и Каикос ураганот нанесе огромни штети ноќеска, но нема прецизни дојави бидејќи телекомуникациите се во целосен прекин.

Ураганот од петта категорија директно удри на островот Барбуда, на кој живеат 2.000 луѓе. Таму загина двегодишно дете додека со семејството се обидувало да избега од дома. Според премиерот на Антига и на Барбуда, на Барбуда повеќе нема ниту едно живеалиште што не е уништено.

Во меѓувреме, на жителите на Флорида им останува уште еден ден да размислуваат дали ќе се евакуираат или ќе останат во подрумите на своите куќи и во засолништа. Гувернерот на Флорида, Рик Скот, ги повика граѓаните да ги почитуваат предупредувањата. Скот уште вчера нареди затворање на сите јавни училишта, колеџи и универзитети.