Преговорите со Иран продолжуваат во декември


Виена, 24 ноември, 2014 - 14:21 (META) 

Иран и шесте светски сили денеска во Виена договорија да го продолжат преговарачкиот процес за уште неколку месеци, соопштија дипломатски извори за руската агенција ИТАР-ТАСС.

– Да, одлуката е донесена. Преговорите ќе бидат продолжени, а временската рамка ќе биде одредена на министерскиот состанок -соопшти изворот.
САД и Иран во последен момент постигнале напредок во преговорите, но тие треба да продолжат и во декември, соопштија неименувани западни извори.

Деталите за продолжувањето на преговорите сè уште се разработуваат, но, според дипломатски извори, Иран засега не може да очекува какво било ублажување на санкциите.

Целта на преговорите е да се постигне спогодба, по која санкциите кон Иран постепено ќе бидат укинати и заменети со ограничувања на иранската нуклеарна програма.


Џавад Зариф: Не очекувајте премногу, први се нашите интереси


Виена, 18 ноември, 2014 - 13:40 (META) 

Министерот за надворешни работи на Иран, Мохамед Џaвад Зариф, денеска изјави дека не треба да се има премногу очекувања од продолжувањето на преговорите на официјален Техеран со петте земји-членки на ОН со право на вето и со Германија за иранската нуклеарна програма.

Џaвад Зариф истакна дека мора да се најде решение кое е во „интерес на нацијата“.

Иран и петте земји-членки на ОН со право на вето, како и Германија (групата П5+1) неделава повторно преговараат во Виена за решавање на повеќегодишниот спор околу нуклеарната програма на Техеран.

Западот му префрла на Иран дека тајно работи на развој на нуклеарна програма за вооружување, а Техеран ги отфрла ваквите информации, тврдејќи дека нуклеарната активност е за мировни цели.


Иран ја доби најголемата топилница на злато на Блискиот Исток


Техеран, 16 ноември, 2014 - 15:22 (META) 

Иран отвори нова топилница за злато, најголема на Блискиот Исток, која благодарение на уникатната технологија, може да произведе три тони фино злато годишно.

Топилницата се наоѓа на северозападот на земјата, во близина на градот Такаб, во едно од најбогатите ирански наоѓалишта на злато, сребро и на жива.

Резервите на злато во рудникот Жарех Шуран се проценуваат на 20 милиони тони, а благодарение на оваа топилница, годишното производство на злато во Иран двојно ќе се зголеми.

Државната иранска агенција јавува дека вредноста на фабриката надминува 31 милион долари и оти се користи технологија која е развиена во Иран.

Топилницата, наводно, во блиска иднина би можела да произведува и до шест тона годишно, како и да обработува 2,5 тона сребро и 1,5 тон жива.


Иран покрена нов радарски систем


Техеран, 12 ноември, 2014 - 8:48 (META) 

Иран активира нов радарски систем со голем дострел, способен да детектира мали беспилотни летала и балистички ракети, соопштија иранските медиуми.

Дометот на новиот систем е поголем од 2.500 километри, јави иранската агенција „Фарс“.

Иран од 1992 година ја иницира домашната индустрија за одбрана, која произведува лесно и тешко вооружување од минофрлачи и од торпеда, па до тенкови и подморници.

Иран, исто така располага со ракети земја-земја, чиј домет изнесува околу 2.000 километри, што е доволно да достигне до Израел и до воените бази на САД во регионот.


Русија ќе гради нуклеарни реактори во Иран


Москва, 11 ноември, 2014 - 14:19 (META) 

Руската државна компанија „Росатом“ ќе изгради два нови нуклеарни реактори во рамките на иранската нуклеарка „Бушер“, јавуваат светските медиуми.

Претставниците на Русија и на Иран денеска во Москва го потпишаа договорот за соработка, во кој освен изградбата на двата реактори, се наведува дека руските експерти би можеле да бидат ангажирани за градење дополнителни четири реактори на други локации во Иран, стои во соопштението од „Росатом“.

Иран засега поседува шест нуклеарни реактори, а со изградбата на новите два, бројот ќе се зголеми на осум.
Со договорот, како што се наведува во соопштението, е предвидено и „производството на компонентите на нуклеарното гориво во Иран“.

Меѓународната заедница врши притисок врз Иран поради обемот на нуклеарната програма, за која сметаат дека би можела да биде параван за производство на нуклеарно оружје. Официјален Техеран ги отфрли ваквите обвиненија, наведувајќи дека станува збор за програма за мирновременски цели.


Иран му нуди помош на Ирак во борбата протов ИСИС


Техеран, 10 ноември, 2014 - 15:22 (META) 

Владата во Техеран денеска соопшти дека им стои на располагање на ирачките власти во борбата против Исламистичка држава (ИСИС), соопштија иранските медиуми.

Потпретседателот на Иран, Ешак Џахагири, го даде ветувањето на поранешниот ирачки премиер, Нури ал Малики, за време на разговорите во Техеран.

– Во борбата против тероризмот мора да ги употребиме сите средства. Иран е подготвен да ги стави на располагање на Ирак сите свои средства – рече Џахангири.

За да ја одбие офанзивата на ИСИС, која почна на 9 јуни, владата во Техеран ги снабдуваше ирачките Курди со оружје и испрати свои воени советници во Багдад, но истовремено негираше дека испратил копнени сили.

Иранските власти одбија да се приклучат кон меѓународната коалиција во воздушните напади против ИСИС, туку заговараа регионална поддршка на владите на Ирак и на Сирија, каде џихадистите на ИСИС контролираат големи територии.


Камшик за тие што ќе чуваат мајмун или куче во Иран


Техеран, 8 ноември, 2014 - 11:30 (META) 

Сите што ќе чуваат куче или мајмун во Иран ќе бидат казнети парично и со удари со камшик, објави италијанскиот весник „Стампа“.

Триесетина пратеници конзервативци поднеле во парламентот нацрт-закон со кој ќе се казнуваат луѓето кои купуваат кучиња или мајмуни или кои ги „шетаат“ тие животни на јавни места.

Казната е 74 удари со камшик и парична казна од 300 до 3.000 долари.

Казни ќе има и за оние кои организираат изложби на кучиња.

Според подносителите на законот, кучињата и мајмуните се нечисти животни.


Обама испратил писмо до Иран за заедничка борба против ИСИС


Вашингтон, 7 ноември, 2014 - 13:53 (META) 

Американскиот претседател Барак Обама му испратил писмо на иранскиот врховен лидер Јаменеи во кое го истакнува заедничкиот интерес на двете земји во борбата против екстремистичкото движење Исламистичка држава, пишува „Вол стрит џурнал“.

Весникот, кој се повикува на дипломатски извори, во текстот наведува дека писмото е испратено кон средината на октомври, што претставува преседан во односите на САД и на Иран. Весникот наведува дека соработката на САД и на Иран во борбата против ИСИС е поврзана со постигнувањето на договорот меѓу Техеран и шесте светски сили за иранската нуклеарна програма.

Претставниците на американката администрација ниту ја негираа, ниту ја потврдија информацијата, но рекоа дека нема план за соработка со Иран во борбата против тероризмот.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, рече дека САД во тој поглед нема воено да соработува со Иран и оти со Техеран нема да делат разузнавачки податоци.

Ајатолахот Али Хамение, кон средината на септември, соопшти дека иранските власти добиле барање од САД за соработка во борбата против сунитските екстремисти од ИСИС во Ирак и во Сирија.