Во авионска несреќа во Иран загинаа ќерка на турски бизнисмен и нејзините пријателки


Техеран, 12 март, 2018 - 13:35 (META) 

Ќерката на еден од најпознатите турски бизнисмени и нејзини пријателки загинале во авионска несреќа во Иран вчера попладнето, кога им се урнал приватниот авион.

Во авионот на турската компанија „Башаран Холдинг“ на бизнисменот Хусеин Башаран, загинаа Мина Башаран, 28-годишната наследничка на турскиот бизнисмен, која се враќала од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), по прославата за нејзината моминска забава заедно со своите пријателки.

Мина требало да се омажи следниот месец. Водела монденски живот и била чест гостин на забави и модни ревии, а се дружела со многу лица од шоу бизнисот.

Авионот „бомбардие челинџер 600“ се урнал на планинска падина во југозападниот дел на Иран. Портпаролот на цивилните воздухопловни власти на Иран потврди дека станува збор за турски приватен авион и за 11 загинати.


Вооружен напаѓач се обидел да влезе во претседателската палата во Техеран


Техеран, 5 февруари, 2018 - 12:53 (META) 

Вооружен маж е ранет и приведен во Техеран откако се обидел да влезе во претседателската палата во главниот град на Иран, соопштил заменик-гувернерот на Техеран, Мохсен Хамедани, а пренесе новинската агенција „Фарс“.

„Се обидуваме да го идентификуваме лицето и да ги дознаеме неговите мотиви“, додал Хамедани.

Напаѓачот бил вооружен со голем нож, пренела агенцијата „Тасним“, а бил облечен во бела облека, што симболизира дека бил подготвен да го жртвува својот живот.

Тој бил застрелан во нога додека се обидувал да ја помине безбедносната контрола на влезот во зградата во центарот на Техеран.

Нема информации дали претседателот на Иран, Хасан Рохани во тоа време се наоѓал во палатата.


ЕУ бара од САД да не се откажуваат од нуклеарниот договор со Иран


Брисел, 11 јануари, 2018 - 20:59 (META) 

Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон ги повика Соединетите Американски Држави да докажат доколку постои подобра алтернатива од договорот со Иран, кој ја ограничува нуклеарната програма на оваа земја, јавуваат белгиските медиуми.

Џонсон по разговорите со колегите од Иран и од Европската Унија денеска во Брисел изјавил дека Заедничкиот сеопфатен план за работа со Иран е значајно постигнување, кое го спречува Иран да добие нуклеарно оружје.

Шефот на британската дипломатија нагласил дека Иран во целост ги исполнува своите обврски од нуклеарниот договор, потпишна во 2015 година, пренесува „Би-би-си“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп кој сака го измени или да излезе од договорот, во октомври, минатата година одби да го потпише документот со кој пред Конгресот на САД се потврдува дека Иран ги исполнува обврските од договорот.


Експлодираше иранскиот нафтен танкер кој се запали во Кина


Шангај, 10 јануари, 2018 - 13:10 (META) 

Кинеското министерство за сообраќај соопшти дека експлодирал иранскиот нафтен танкер кој претходно се судри со кинески товарен брод.

Според наводите на кинеските власти, спасувачките бродови кои беа во потрага по преживеани морале да се повлечат на безбедносна далечина.

Танкерот „Санчи“ со 136.000 тони лесна нафта се запали во саботата вечерта откако се судри со кинески товарен брод, на околу 300 километри од Шангај.

Од 32 членови на екипажот, 30 Иранци и двајца од Бангладеш, пронајдено е само едно тело, соопшти министерството.

Иранската компанија чиј танкер се запали соопшти дека се уште постои надеж да се најдат преживеани помеѓу оние кои се водат како исчезнати.


Револуционерната гарда тврди дека протестите во Иран завршиле


Техеран, 7 јануари, 2018 - 14:17 (META) 

Иранската Револуционерна гарда соопшти дека нејзините сили на безбедност ги запреле немирите поврзани со антивладините протести.

На официјалниот сајт на Револуционерната гарда, за немирите во државата обвинети се САД, Израел и Саудиска Арабија. Протестите во кои, 21 лице загинаа а повеќе од сто беа уапсени, почнаа на крајот на декември во градовите низ Иран поради порастот на цените.

Протестите беа најголеми по оние кои се одржаа за време на претседателски избори во 2009 година. САД и Израел ги поддржаа протестите, но негираа вмешаност во нивната организација.


Русија со критики кон САД за свикување на Советот за безбедност за протестите во Иран


Москва, 6 јануари, 2018 - 15:22 (META) 

Русија остро ги критикуваше Соединетите Американски Држави поради свикувањето на Советот за безбедност на Обединетите нации за протестите во Иран, во кои настрадаа најмалку 21 лице.

Рускиот амбасадор при ОН, Василиј Небензја изјави дека мешањето на САД во внатрешните работи на Советот на безбедност на Обединетите нации ќе му нанесе штета на највисокото тело на ОН.

Критики кон САД упатија и други земји, па така иранскиот амбасадор во ОН смета дека САД ја злоупотребуваат својата моќ како постојана членка на Советот за безбедност на ОН.

И Франција исто така смета, дека мешањето на САД во работите на Иран е контрапродуктивно, бидејќи протестите таму не се закана по меѓународниот мир и безбедност.


Во Иран ноќеска само провладини демонстрации


Техеран, 4 јануари, 2018 - 10:48 (META) 

По повеќе денови големи антивладини протести во Иран, изминатата ноќ беше мирна и немаше извештаи за собири на противниците на власта, но во неколку големи градови ноќеска и утрово се одржаа провладини демонстрации.

Во меѓувреме, иранската државна телевизија пренесе снимки на нови големи собири на поддржувачите на власта во централниот град Исфахан, во Машад на североистокот, Орумјех на северозападот и Бабол и Адебил на северот.

На снимките се гледаат луѓе како извикуваат „Сите заедно стоиме зад водачот“, мислејќи на врховниот верски водач, ајатолахот Али Хамнеи. Истовремено, има и извици „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“.


Трамп: Голема поддршка за иранските демонстранти во „соодветно време“


Вашингтон, 3 јануари, 2018 - 20:38 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на својот „Твитер“ профил напиша дека ги почитува Иранците што протестираат против корумпираната влада.

„Почит за Иранците додека се обидуваат да ја симнат нивната корумпирана влада. Ќе видите голема поддршка од САД во соодветно време“, напиша Трамп.

Неговата реакција доаѓа откако Белата куќа почна да врши притисок врз ОН да одржат состанок на кој ќе покажат поддршка за демонстрантите.

По вчерашната изјава на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи дека „непријателите на Иран“ се обидуваат да поттикнат востание, илјадници граѓани денеска излегоа на контрапротести.

Веќе неколку дена ширум Иран има антивладини протести на кои има и загинати демонстранти.


САД бараат итен состанок во ОН за ситуацијата во Иран


Њујорк, 3 јануари, 2018 - 10:13 (META) 

Соединетите Американски Држави го повикаа Советот за безбедност на Обединети нации и Советот за човекови права на ОН да одржат итен состанок за Иран, каде што повеќе од 20 лица загинаа, а стотина се уапсени по повеќедневните демонстрации.

„ОН мора да се огласат по тоа прашање“ смета американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли.

Истовреме, Белата куќа го повика раководството на Иран да го почитува правото на демонстрации на своите граѓани.

„САД го поддржуваат иранскиот народ и го повикуваат режимот да ги почитува основните права на своите граѓани мирно да ја изразат желбата за промени“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.


Хамнеи ги обвини „непријателите на Иран“ за поттикнување на антивладините протести


Техеран, 2 јануари, 2018 - 16:01 (META) 

Иранскиот врховен верски лидер, aјатохалот Али Хамнеи ги обвини „непријателите на Иран“ за поттикнување на насилните антивладини протести кои изминативе неколку дена се случуваат во земјата и во кои досега настрадаа 22 лица, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Во својот прв коментар од почетокот на протестите на 28 декември, минатата година, Хамнеи ги обвини „непријателите на Иран“ за мешање во внатрешни работи на земјата преку пари, оружје, политика и разузнавачки служби.

„Непријателите секогаш бараат прилика и било каква пукнатина да се инфилтрираат и да ја нападнат иранската нација“, е цитатот на Хамнеи објавен денеска на официјалната веб-страница на врховниот верски лидер на Иран.

Инаку, протестите се одржуваат во десетина градови во Иран, меѓу кои главниот град Техеран, каде според заменик-гувернерот Али Асгар Насербахт, досега се уапсени 450 лица.

Некои од демонстрантите, како што се наведува, кинеле слики со ликот на ајатолахот Хамнеи, кој е врховен верски лидер на Иран од 1989 година.