!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ирачките сили во офанзива во Киркук


Багдад, 16 октомври, 2017 - 10:13 (META) 

Курдските претставници во Ирак денеска соопштија дека федералните ирачки сили и милицијата, кои имаат поддршка од државата, повеле „голем и повеќекратен напад“ за да го заземат спорниот град Киркук.

Регионалниот совет за безбедност на Курдистан соопшти дека курдските пешмерга-сили уништиле најмалку пет возила од типот „хамви“ кои ги користела милицијата, по „неиспровоциран напад“ јужно од градот.

Во Киркук, мултиетнички град со повеќе од еден милион жители, граѓаните се затвориле во домовите, а на улиците повремено одекнуваат детонации и се слушаат артилериски и ракетни истрели.

Тензиите во оваа област се во пораст откако Курдите минатиот месец одржаа необврзувачки референдум, на кој се изјаснија за осамостојување од Ирак.

Централната Влада во Багдад, Турција и во Иран не ги признаваат резултатите од референдумот.


Ирачките сили го зазедоа центарот на Хавиџе


Багдад, 5 октомври, 2017 - 10:43 (META) 

Ирачките сили за безбедност денеска соопштија дека од милитантите на Исламска држава го презеле центарот на градот Хавиџе на северот на земјата и продолжуваат да ги ослободуваат другите делови на градот.

– Единици на ирачката војска и полиција кои се вклучени во борбата за ослободување на Хавиџе, влегле во центарот на градот и понатаму напредуваат – изјави генерал Амир Јаралах, кој управува со операциите.

Ирачката војска пред три дена тргна во офанзива да го преземе Хавиџе, кој е еден од последните градови на северот на Ирак во рацете на ИД.

Хавиџе има околу 70.000 жители и се наоѓа на околу 230 километри североисточно од Багдад.

 


Турција ги прекинува сите летови кон градовите на северот на Ирак


Анкара, 27 септември, 2017 - 19:46 (META) 

Турција ќе ги прекине сите летови кон градовите на северот на Ирак, во областите со мнозинско курдско население, јавуваат светските агенции.

Станува збор за една од првите мерки на официјална Анкара, откако регионалните власти на северот на Ирак во понеделникот одржаа референдум за независност.

Како што пренесуваат агенциите, ќе бидат прекинати комерцијалните летови кон градот Ербил, кој се смета за главен град на ирачката покраина, и кон Сулејманија. Забраната стапува на сила в петок во 15 часот.

Одлуката ја објавил турскиот конзулат во Ербил, потврдувајќи дека станува збор за одговор на курдскиот референдум.

Таа ќе се однесува на летовите на авиопревозниците „Туркиш ерлајнс“, „Пегасус“ и „Атлас глобал“.


Ердоган им се закани на ирачките Курди дека ќе гладуваат поради референдумот


Анкара, 26 септември, 2017 - 15:53 (META) 

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, им се закани на ирачките Курди дека може да соочат со глад како резултат на мерките што ги разгледува Анкара по вчерашниот референдум за независност на ирачки Курдистан, пренесува „Би-би-си“.

Ердоган го обвини лидерот на курдската регионална влада, Масуд Барзани, за предавство, поради инсистирањето референдумот да се одржи и покрај противењето на меѓународната заедница.

„Сега на маса се сите воени и економски опции“, рекол Ердоган.

Тој претходно се закани дека ќе го пресече нафтоводот од Курдистан и ќе забрани курдски камиони да ја поминуваат турската граница.

Турција се плаши дека формирањето на независна курдска држава на нејзината граница би можело да ги поттикне сепаратистичките чувства кај нејзиното курдско малцинство.

Инаку, резултатите од вчерашниот референдум за независност на ирачки Курдистан сè уште не се објавеи, но се очекува тој да е успешен, односно мнозинството да гласало за независност од Ирак.

Курдските лидери претходно истакнаа дека референдумот не е обврзувачки, туку дека неговата цел е да ѝ даде мандат на регионалната влада за почеток на преговори за сецесија со централната влада во Багдади со соседните земји.

Ирачкиот премиер Хаидер ал-Абади отфрли каква било можност за вакви разговори.

„Ние не сме подготвени за разговори или за дијалог околу резултатите на реферндумот бидејќи тој е противуставен“, изјави вчера ирачкиот премиер.


Осум загинати во експлозија на бомба во близина на Мосул


Мосул, 17 септември, 2017 - 17:21 (META) 

Осум припадници на ирачките паравоени единици загинале во експлозија на бомба, подметната во училиште во регионот на Мосул, кој на почетокот на јули беше преземен од џихадистите на Исламска државата (ИД), јавуваат светските агенции.

Училиштето се наоѓа на околу 20 километри од Мосул, а борците на ИД го минирале додека кон крајот на август се повлекувале од Мосул и од Тал Афар.

Во борбите за ослободување на провинцијата Нинива од Исламска држава, владините сили имаа помош и од шиитската племенска единица Хачд ал-Чаби.


САД бараат од ирачките Курди да го откажат референдумот за независност


Вашингтон, 16 септември, 2017 - 11:31 (META) 

Белата куќа ги повика ирачките Курди да го откажат референдумот за независност, закажан за 25 септември, оценувајќи го како провокативен и дестабилизирачки, јавуваат светските агенции.

Повторувајќи го уверувањето дека гласањето ќе претставува пречка за борбата против Исламска држава и за стабилизацијата на ослободените подрачја, Вашингтон јасно го изразил своето несогласување со одлуката на парламентот на ирачките Курди за одржување на референдумот.

„Ја повикуваме регионалната курдска влада да се откаже од референдумот и да влезе во сериозен дијалог со Багдад, во кој САД се секогаш подготвени да бидат посредник“, се наведува во денешното соопштение на Белата куќа.

Ирачките лидери ја оценија курдската иницијатива како противуставна.

Инаку, референдумот предизвикува загриженост и во Турција и во Иран, кои веруваат дека тој би можел да ги охрабри курдските малцинства и во тие земји.

Курдски официјални претставници навеле дека успехот на референдумот нема да значи моментално прогласување независност, туку ќе им овозможи од посилна позиција да влезат во преговори со властите во Багдад.


Повеќе од 80 загинати во напад на ИД во Ирак


Багдад, 15 септември, 2017 - 12:10 (META) 

Повеќе од 80 лица загинаа во напад на милитантите на Исламска држава на ресторан на југот на Ирак, кој често е посетуван од шиити, соопштија денеска ирачките власти.

Во нападот, кој е изведен синоќа во градот Насирија, загинаа 84 лица, а 93 се повредени, соопшти гувернерот на провинцијата Ди Кар, Јахја ел Насири.

Седум од загинатите се по потекло од Иран, а уште 16 лица се повредени.

Ел Нисири рече дека шефот на разузнавачките служби е сменет и дека против него е поведена истрага.

Нападот почнал со пукање кај еден контролен пункт и ресторан долж главниот пат кој ја поврзува провинцијата со Багдад, а потоа се случиле уште два напади на бомбаши самоубијци, од кои еден бил изведен со автомобил наполнет со експлозив.


Ирачката влада прогласи победа над ИД во Тал Афар


Багдад, 31 август, 2017 - 19:38 (META) 

Ирачкиот премиер Хајдер ел Абади прогласи победа над милитантите на Исламска држава во градот Тал Афар, соопштила денеска ирачката влада, јавуваат светските агенции.

Во соопштението се наведува дека градот Тaл Афар е ослободен, како и целата покраина Ниневех.

„Тал Афар е ослободен. Милитанти на Исламска држава, каде и да се наоѓање, доаѓаме по вас. Можете да се предадете или да умрете“, било наведно во соопштението на ирачката влада.

Тал Афар стана следна цел на акцијата против џихадистите на ИД по заземањето на Мосул од страна на ирачките сили со поддршка на САД.

Мосул е главен град на покраината Ниневех, каде ИД прогласи калифат во 2014 година.


Жесток отпор на џихадистите пред Тал Араф


Багдад, 29 август, 2017 - 18:29 (META) 

Ирачката војска денеска извела серија воздушни и артилериски напади на позиции на екстремистите на Исламска држава, оддалечени 10 километри северозападно од Тал Араф.

Припадниците на ИД ѝ пружаат жесток отпор на ирачката војска пред ослободениот град Тал Араф, еден од последните упоришта на џихадистите во Ирак.

Властите во Багдад во неделата соопштија дека ирачката војска „целосно го ослободила“ градот Тал Араф од екстремистите на ИД.

Градот е на 150 километри од сириската граница, а се наоѓа покрај главниот пат што ИД го користи за снабдување.

Џихадистите во јуни 2014 година го зазедоа северниот град Тал Араф, кој се наоѓа на половина пат меѓу Мосул и сириската граница, како и пограничните зони.


Ирачките Курди не се откажуваат од референдумот за независност


Ербил, 12 август, 2017 - 15:52 (META) 

Ирачките Курди не се откажуваат од референдумот за незавиност од Ирак, кој е закажан за 25 септември, и покрај барањето од Соединетите Американски Држави тој да биде одложен, јавуваат светските агенции.

„Датумот стои, тој е 25 септември и нема никакви промени“, изјавил Хошјар Зебари, советник на регионалниот претседател на Курдистан, Масуд Барзани.

Тој на овој начин го искоментирал барањето на американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, за одложување на референдумот.

САД сметаат дека референдумот ќе го оттргне вниманието од „важните приоритети во Ирак“, како што е борбата против милитантите на Исламска држава.