!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Николовски: Искористувањето на средствата од ИПАРД е највисок приоритет на Владата


Скопје, 10 октомври, 2017 - 13:20 (META) 

Проектот што требаше да придонесе за успешно искористување на финансиските средства од ИПАРД-програмата и за поефикасна реализација на програмата ИПАРД 2, заврши денеска.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, информираше дека целта на овој проект во вредност од 1,5 милион евра била да ѝ се даде поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој во спроведување на одредени мерки.

– Програмата ИПАРД 2 е усвоена од Европската комисија на почетокот на 2015 година и во неа се алоцирани 60 милиони евра за поддршка на инвестициски проекти во земјоделството, прехранбената индустрија и во руралната економија. Покрај зголемениот опфат на корисници, во програмата ИПАРД 2 се воведени и нови сектори или, конкретно, се поддржуваат и инвестиции за достигнување на меѓународно признатите стандарди кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство на европските и на меѓународните пазари, а со тоа и за подобрување на квалитетот на живеење во руралните средини – изјави Николовски.

Тој додаде дека искористувањето на средствата од програмата ИПАРД е највисок приоритет на Владата. Николовски информираше дека се преземени соодветни мерки за зголемена апсорбција на средствата, како што е воспоставувањето на гарантниот фонд, кој ќе им помогне на корисниците за предфинансирање на инвестициите.

– Македонија има голем природен потенцијал за квалитетно и конкурентно земјоделско производство. Но, за комплетно искористување на овие потенцијали и поголеми ефекти, од особена важност е едукацијата на земјоделците за значењето на мерките од програмата ИПАРД . Мерки, кои ќе помогнат во доближувањето на македонското до европското земјоделство и во создавањето на конкурентни производи со висока додадена вредност – додаде Николовски.


Николовски и Жбогар разговарале за субвенциите и за средствата од ИПАРД


Скопје, 12 јуни, 2017 - 19:19 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и за водостопанство, Љупчо Николовски, попладнево се сретнал со евроамбасадорот Самуел Жбогар, информираат оттаму.

„Очекуваме соработката да биде продлабочена и во земјоделството каде што имаме многу проекти, за чија успешност ни е потребна соработка и поддршка од Министерството за земјоделство. Конкретно, за тековните проекти за консолидација на земјоделското земјиште и интегрираниот систем за административна контрола и идните планирани проекти: поддршка за земјоделски задруги и поддршка за реформите во водостопанството. Освен тековните, стоиме на располагање и за друг вид помош во претстојниот период“, истакнал Жбогар.

Тој во претстојниот период понудил техничка помош за анализа на субвенциите и за реструктурирање на Министерството, а укажал и на потребата од преземање чекори за поголема искористеност на средствата од ИПАРД-фондовите.

Министерот Николовски се согласил дека искористеноста на ИПАРД-фондовите е слаба, за што побарал и помош од ЕУ кога е во прашање надминувањето на овој проблем, што претставува еден од приоритетите на Владата.

Новата влада предвидува годишни субвенции за земјоделците од 160 милиони евра.

Министерот Николовски, за „Телевизија 24“ исто така изјави дека била формирана комисија која ќе истражува како било распределувано земјиштето и како се делеле субвенциите.


На земјоделците ќе им бидат достапни 60 милиони евра од програмата ИПАРД 2


Скопје, 26 ноември, 2015 - 14:01 (META) 

Програмата ИПАРД 2, од која Македонија може да повлече вкупно 60 милиони евра, треба да почне со реализација до средината на 2016 година, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков.

Тој потсети дека е отворен гарантен фонд кој ќе стои зад 50 отсто од хипотеката за секој проект, а државата ќе субвенционира и 50 проценти од каматата.

Мауро ди Вероли од Делегацијата на ЕУ во Македонија истакнува дека очекувањата за искористувањето на ИПАРД 2, што се однесува на периодот 2014-2020 година, се големи, со оглед дека програмата има поголем опсег во однос на ИПАРД 1, а и процедурите се полесни.

– Постојат два услова за економските оператори да пристапат на заедничкиот европски пазар – нивните прехранбени производи да ги исполнуваат стандардите за квалитет и за безбедност, како и да бидат конкурентни. Исполнувањето на овие две барања е голем предизвик и тоа е една од причините зошто ЕУ дизајнира посебни програми во оваа насока, како што е ИПАРД – рече Вероли.

ИПАРД 1 завршува со последните два огласа објавени во мај и во септември годинава, на кои се поднесени проекти вредни 17 милиони евра. Проектите се генерално од преработувачката индустрија, за отворање откупно-дистрибутивни центри.


Следната недела, нов оглас за искористување на парите од ИПАРД


Скопје, 22 јули, 2015 - 10:33 (META) 

Следната недела ќе биде распишан нов оглас за искористување на парите од програмата ИПАРД. До крајот на годината, земјоделците ќе можат да искористат 18 милиони евра.

На последните два огласи за ИПАРД аплицирале 1.200 земјоделци за кофинансирање во висина од 8 милиони евра.

Најголем дел од проектите се однесувале за набавка на земјоделска механизација. Оние кои ќе сакаат да аплицираат ќе можат да добијат техничка помош од 80 експерти во 34 подрачни канцеларии на министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство низ Македонија.


Платежната агенција се подготвува за новата мерка ИПАРД2


Скопје, 28 јануари, 2015 - 9:51 (META) 

Со 250.000 евра до мај годинава, Платежната агенција ќе се подготвува за акредитација за новата мерка ИПАРД 2  – инвестиции во руралната инфраструктура.

Станува збор за проект финансиран од ИПА 2010 што официјално почна вчера, а ќе се спроведува во соработка со словенечката Агенција за земјоделски пазари и рурален развој.

– Подобрувањето на руралната инфраструктура е еден од највисоките приоритети на Владата зашто придонесува за подобрување на стандардот на земјоделците, на пазарната конкурентност и ефикасност, како и за зголемување на заштитата на животната средина и вработувањето во неразвиените подрачја – истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков.

Според него, македонскиот земјоделски рурален сектор се соочува со значајни предизвици во однос на можностите за квалитетно производство, конкуренција на регионалните, европските и меѓународните пазари, подобрувањето на квалитетот на живеењето, како и отворање нови работни места. Оттука, вложувањето во руралната инфраструктура е клучно.

– Целта на оваа мерка ИПАРД 2  е да овозможи добра средина за развој на руралната економија, преку изградба на селски патишта и улици, управување со водите за пиење и со отпадните води, обезбедување енергија и други активности – подвлече министерот.

Околу 80 проценти од територијата на Македонија, додаде тој, се рурални подрачја, а потенцијални корисници на новата ИПАРД-мерка се руралните општини и јавните претпријатија за стопанисување со шумите и со пасиштата.

Како што истакна евроамбасадорот Аиво Орав, мерката е дизајнирана во согласност со капацитетите на руралните општини во кои ќе се спроведува.

– Дефинитивно постои потреба да бидеме иновативни и прагматични. Капацитетите во руралните области се ограничени и затоа условите за користење на мерката мора да бидат едноставни и остварливи – посочи Орав, подвлекувајќи дека паралелно мора да се инвестира и во обучување на општините.

И директорот на Платежната агенција, Тони Димовски, се согласи дека е потребно воспоставување ефикасна административна инфраструктура на локално ниво за што поголемо и поуспешно апсорбирање на европските пари.