Димова: Владата се задолжува со пари што може да ги троши без контрола


Скопје, 8 јули, 2016 - 15:52 (META) 

„Оваа криминално-корупциска власт намерно бега од ИПА-фондовите и од достапните европски пари, за да може да се задолжува со пари што може да ги троши без контрола“, истакна пратеничката на СДСМ, Лидија Димова, на денешната прес-конференција, по повод одлуката на Владата за издавање еврообврзница во износ од 650 милиони евра.

Според неа, парите од ИПА-фондовите е тешко да се користат без контрола на европските институции.

– Тоа што Европската комисија одлучи да скрати 96,1 милиони евра од средствата од ИПА за Македонија, е јасен сигнал дека европските институции покажуваат недоверба кон намерите на оваа власт, која работи спротивно на интересите на граѓаните. Исто така, очигледно дека Европската комисија покажува недоверба во капацитетите на институциите што ги раководи оваа власт за успешно и за транспарентно користење на парите од ИПА-фондовите во проекти од интерес за граѓаните – вели Димова.

Според неа, десетгодишната власт на Никола Груевски не создаде институционален капацитет за користење на средствата од ИПА од Европската Унија.


Димова: Кратењето на ИПА-фондовите укажува дека не знаеме како да ги користиме


Скопје, 7 јули, 2016 - 15:49 (META) 

Кратењето на околу 100 милиони евра од фондовите ИПА 2, пари кои се наменети за развој на неколку сектори, веќе утврдени меѓу Владата и Европска комисија уште во 2014 година, е резултат на тоа што како држава ништо не сме направиле за да се искористат тие пари, смета пратеничката на СДСМ, Лидија Димова.

Според неа, за развој на секој од тие сектори, потребно е да се направи стратегиски и акциски план и среднорочен седумгодишен буџет, без што не може да се одобрат средства, односно да се добие финансиска согласност за користење на европските пари.

– Ако како држава немате стратегиски план, кој треба да му го дадете на специјален државен службеник, а кој треба да изработи проект врз основа на што ќе се користат европските пари и притоа не изработувате среднорочен буџет од седум години како што ви се бара, упатувате порака дека немате волја за искористување на тие пари, а ниту имате државен и административен капацитет да ги искористите понудените пари. Фондовите ИПА 2 се со временска рамка од 2014 до 2020 година и голем дел од проектите не се влезни ниту во административна процедура за да почнат да се реализираат – појаснува Димова.

Таа додава дека ако како држава се испраќа порака дека не сте способни да ги апсорбирате ИПА-средствата, кредитите од другите финансиски институции ќе бидат поскапи, а кажувате и дека сте ризични како држава за кредитирање.

– Главната причина е неискреноста на власта во процесот на евроинтеграциите. Неискористувањето на европските фондови е индикација за движење на работите во државата. Се испраќа порака дека Владата нема административен и апсорпционен капацитет за да ги искористи европските пари, што негативно влијае врз имиџот на државата. Во тој случај и кредитите што ќе ги земете како држава ќе бидат поскапи и кредиторите ќе ве сметаат како ризично подрачје за да ви даваат кредити. Доколку имате голема искористеност на ИПА-фондовите, ќе имате и помалку кредити – вели Димова.

Таа прашува ако државата не може да искористи 640 милиони евра, колку што изнесува сумата за фондовите ИПА 2 (2014-2020 година), тогаш колкава ќе биде неискористеноста за 10 милијарди евра што би ги добила како полноправна членка на ЕУ.


Тунтев: Власта крати средства за основните потреби на граѓаните


Скопје, 4 јули, 2016 - 15:27 (META) 

„Оваа власт крати на основите потреби на граѓаните и со тоа продолжува да ги осиромашува и да го кочи развојот на економијата. Со ребалансот на буџетот се кратат 45 милиони евра за капитални инвестиции“, изјави пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев, на денешната прес-конференција.

Според него, во првиот квартал реализирани се само 13 проценти од предвидените инвестиции во инфраструктурата.

– Само за пример, во последните шест години, на криминален начин од буџетот се потрошени најмалку 630 милиони евра за споменици и за фасади, додека 75 проценти од средствата за реконструкција и за одржување на патиштата се од заеми и од кредити. Затоа еден километар автопат во Македонија чини трипати повеќе отколку во другите земји од регионот – вели Тунтев.

Тој додава дека ситуацијата дополнително ќе се влоши со скратувањето на средствата од ИПА-фондовите, што ќе се одрази врз слабиот инфраструктурен развој.


СДСМ: Европската комисија точно ја лоцираше одговорноста за кратење на фондовите


Скопје, 3 јули, 2016 - 14:16 (META) 

Европска комисија точно го адресираше виновникот за кратењето на ИПА-фондовите во неспособноста и во немањето капацитет на Владата за спроведување на реформите, за кои постојано се алармираше преку меѓународни извештаи направени со скенирање на состојбите во Македонија, одговори членот на извршниот одбор на СДСМ, Љупчо Николовски, на прашањето дали одлуката на Брисел за кратење на ИПА-фондовите е политичка.

Според него, десет години власта на ВМРО-ДПМНЕ имала можност да го потврди капацитетот за искористување на сите средства од ЕУ.

– Да се потсетиме на разговорите од „Вистината за Македонија“, каде што поранешниот министер за финансии разговараше и точно лоцираше како не се потребни овие средства да влегуваат во буџетот, за да не се врши контрола на начинот на којшто ВМРО-ДПМНЕ и оваа криминална власт ги трошат парите – додаде Николовски.

За ставот на Владата дека СДСМ е виновна за блокирање на институциите поради што и не можеле да се искористат фондовите, Николовски вели дека во ниту еден момент немале можност за каква било блокада.

– Од првиот ден, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство алармиравме за неискористеноста на овие средства кои стојат на располагање од ЕУ. Конкретно, се работи за случајот со неискористеноста на ИПАРД-фондовите. Учеството на СДСМ во институциите беше за да се зголеми капацитетот и на министерствата и на администрацијата, сè за да се користат овие средства од ЕУ – вели Николовски.


Владата смета дека кратењето на ИПА-фондовите не е санкција од ЕУ


Скопје, 2 јули, 2016 - 17:14 (META) 

Откако Европската комисија официјално потврди дека ќе се скратат 27,1 милион евра од ИПА-фондовите за Македонија, од Владата соопштија дека не станува збор за санкции, туку за намалување на програмските средства.

– Има два аспекти, внатрешен и надворешен. Внатрешниот е поврзан со фактот дека повеќе од една година се очекуваше спроведувањето избори. Во тој период институциите беа политички хендикепирани преку блокирачки механизми во неколку клучни министерства, вклучително и Министерството за финансии – се вели во соопштението на Владата.

Оттаму додаваат дека најголемата опозициска партија фокусот го ставила на блокирање на институциите и на правење што поголема штета за државата.

– Надворешниот фактор, пак, е поврзан со искуствата на Европската комисија со претходните процеси на проширување, поради што со новите инструменти се предвидени повеќе рестрикции кои ги ограничуваат обемот и областите на прилив на европски фондови – велат од Владата.

Партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека „политичката криза во која Зоран Заев ја турна Македонија, придонесува за одлуки кои се на штета на граѓаните“.

– Тоа е целта на тие што посакуваат проблеми во Македонија, а бегаат од демократско соочување со народот на избори – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Коцијанчич: Обврските се неисполнети, ЕУ ја крати финансиската помош за Македонија


Брисел, 2 јули, 2016 - 14:30 (META) 

Влошениот политички амбиент е една од причините зошто Владата и администрацијата не беа во можност или немаа волја да ги исполнат обврските за реформа или да ја покажат потребната подготвеност да ги планираат потребните реформи и да ги имплементираат фондовите на ЕУ, одговори портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, на прашањето на „Мета“ зошто Европската комисија скрати 27 милиони евра од ИПА-фондовите.

Таа потврди дека кратењето на финансиската помош за Македонија ќе изнесува и повеќе од 27 милиони евра.

– Последните неколку години, а особено минатата година, Европската комисија неколкупати ја објасни својата загриженост до надлежните органи во врска со недостигот од подготвеност, зрелост во планирање во клучните сектори, како и со недостигот од политичка посветеност за реализација на потребните секторски и општи реформи. Како резултат на тоа, Комисијата мораше да ја намали финансиската помош на ЕУ за 2016 година, како и да одлучи да не продолжи со уште еден проект – додаде Коцијанчич.

Портпаролката на Европската комисија, исто така, смета дека државата треба да се фокусира на мерки кои ќе обезбедат одржливост на големи инвестиции во инфраструктурата.

– Има многу недостатоци во транспортниот сектор, кои спречија правилно планирање и координација во тој сектор – вели Коцијанчич.


СДСМ: Парите од ИПА-фондовите ги загубивме поради погрешните политики


Скопје, 2 јули, 2016 - 13:48 (META) 

„Социјалдемократскиот сојуз со години наназад укажуваше на погрешните политики и на неискористувањето на претпристапните фондови што ги дава Европска Унија. Парите во овие фондови остануваат, па Европската Унија ги повлекува назад“, изјави претседателот на комисија за транспорт и врски и член на СДСМ, Благој Бочварски.

На прашањето како СДСМ ја коментира одлука на Европската комисија да повлече 27 милиони евра од ИПА-фондовите, тој додаде дека преку тие претпристапни фондови, Македонија можела да гради инфаструктура, меѓутоа поради погрешните политики, тие пари се загубени.

 


Европска комисија скрати 27,1 милион евра од ИПА-фондовите за Македонија


Брисел, 2 јули, 2016 - 10:55 (META) 

Европска комисија одлучила да скрати 27,1 милион евра од ИПА-фондовите за Македонија, јавува „Алсат М“.

Европската комисија ја известила Владата на РМ, а, според информациите на овој медиум, планирано е кратење и на останатите 50 милиони евра од ИПА-фондовите.

Европската канцеларија што е надлежна за истраги поврзани со измами при Европската комисија, ОЛАФ, потврди дека води истрага за злоупотреба на средствата од ИПА-фондовите во Македонија.

Отаму додаваат дека додека трае истрагата, не можат да говорат за детални информации за тоа за колкави суми се води истрага.

Вчера, канцеларијата на Меѓународниот моментарен фонд (ММФ) во Македонија информираше дека со завршувањето на мандатот на постојаниот претставник Патрик Гитон, ММФ нема да назначи нов претставник на негово место.


ОЛАФ води истрага за злоупотреба на ИПА-фондовите


Скопје, 29 јуни, 2016 - 18:03 (META) 

Европската канцеларија што е надлежна за истраги поврзани со измами при Европската комисија, ОЛАФ, потврдува дека води истрага за злоупотреба на средствата од ИПА-фондовите во Македонија, јавува „МКД.мк“.

Може да ви потврдиме дека ОЛАФ спроведува истрага за ИПА фондовите во Македонија. Истрагата е во тек, па не можеме да одиме во детали. Сето тоа е за да ја заштитиме доверливоста на тековните и на можните следни истраги, последователните судски истраги, личните податоци и процедуралните права“, потврдија од прес-службата на ОЛАФ.

Отаму додаваат дека додека трае истрагата, не можат да говорат за детални информации, како, на пример, за тоа за колкави суми се води истрага. Според прес-службата, фактот дека ОЛАФ го истражува прашањето за ИПА-фондовите не значи и дека лицата или институциите вклучени во истрагата извршиле злоупотреба или нерегуларности.

„ОЛАФ целосно ја почитува презумцијата на невиност и правото на одбрана на лицата, односно институциите, опфатени со истрагата“, појаснуваат од Европската канцеларија, надлежна за истраги поврзани со измами при Европската комисија.

Неофицијално, истрагата ќе трае уште неколку месеци, по што ќе се знае дали и колкави злоупотреби се направени. Доколку има сознанија за злоупотреби, има две можни разврски. Едната е препорака за отстранување на системските слабости и проблеми ако ги има, а другата е преземање мерки од страна на европските институции за враќање на парите, при што земјата може да заврши и пред некој од меѓународните судови, доколку се утврди дека има кривично дело.

Истрагата што ја води ОЛАФ во моментов оди на рака на размислувањата на ЕУ за кратење на парите од ИПА-фондовите како санкција за Македонија.


Се спроведува истрага за искористување на средствата од ИПА-фондовите


Брисел, 6 април, 2016 - 13:40 (META) 

Европската канцеларија надлежна за истраги поврзани со измами при Европската комисија (ОЛАФ) ќе спроведе истрага за искористување на средствата од ИПА-фондовите во Македонија, потврдиле од канцеларијата за „Радио Слободна Европа“.

Истрагата е во тек и сè уште не можат да кажат за колкава сума се работи.

Белгискиот експерт Питер Ванхауте во интервју за „Мета“ изјави дека „има екстремно високо ниво на корупција, па дури и во ИПА-фондовите“.