Општините ќе може да апицираат за 5 милиони евра за подобрување на услугите


Скопје, 11 јуни, 2018 - 15:34 (META) 

Општините ќе може да аплицираат со капитални проекти за средства од Проектот за подобрување на општинските услуги, информираше министерот за финансии, Драган Тевдовски  на отпочнувањето на градба на општинската зграда на Oпштина Арачиново.

Тој најави дека ќе биде објавен јавен оглас за 5 милиони евра заеми преку проектот и ги повика градоначалниците кои што имаат добар проект да аплицираат за средствата.Општинската зграда во Арачиново e финансирана со грант средства од ИПА во износ од 260.000 евра.

– Голема благодарност до Светската банка и Европската унија, кои финансиски го поддржуваат Проектот за подобрување на општинските услуги. Станува збор за вкупен фонд за заеми од 81,1 милиони евра од Светска банка и 20,6 милиони евра грант-средства од ЕУ преку ИПА-фондовите – рече министерот.

Проектот за подобрување на општински услуги е наменет за финансирање на капитални инфраструктурни проекти во општините. Тој поддржува проекти од типот на локална патна инфраструктура, изградба на детски градинки, зелени пазари, водоснабдување, енергетска ефикасност, комунални како и други општински услуги.

Досега се склучени 72 договори со 56 општини за заем преку проектот, додека за ИПА грантовите се склучени договори со сите 78 општини за 133 проекти.


Потребна е поголема искористеност на ИПА-средствата за поврзување на регионот


Скопје, 1 ноември, 2017 - 19:25 (META) 

Наша обврска е што повеќе да ги искористиме средствата предвидени за инфраструктурно и за енергетско поврзување на земјите од Западен Балкан, рече вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на координативниот министерски состанок на Националниот ивестициски комитет (НИК).

Како национален координатор за ИПА-фондовите, тој даде насоки за условите за успешно функционирање и за користење на средствата од фондовите ИПА2, особено регионалните фондови во делот на инфраструктура во транспорт, енергетика и животна средина.

НИК е советодавно тело кое е формирано за подобро да се планираат проектите, да се одредува нивниот приоритет и да се распределуваат средствата за транспортната инфраструктура и за енергетска поврзаност на земјата со земјите од Западен Балкан во рамките на инвестициската рамка за Западен Балкан.


Тевдовски: Македонија нема да искористи 119,7 милиони евра од фондовите ИПА 1


Скопје, 22 август, 2017 - 15:44 (META) 

Македонија нема да искористи 119,7 милиони евра од фондовите ИПА 1, а новата Влада прави напори до крајот на годината да се искористат 30 милиони евра, бидејќи доколку не се реализираат проектите ќе треба да се финансираат со буџетските средства за 2018 година, изјави денеска на прес-конференција министерот за финансии, Драган Тевдовски кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, информираа за искористувањето на ИПА-средствата.

До крајот на годината, околу 30 милиони евра треба да се искористат за да се финансира изградбата на граничниот премин Белановце-Станчич, пречистителната станица во Прилеп, реконструкцијата на пругата Битола-Кременица, како и систем за интероперабилност во МВР и МНР.

– Овие проекти ги ставаме во ургентни приоритети што ги адресиравме со новиот мастер план на кој треба да се стави посебен фокус од Владата и администрацијата. На дел од проектите веќе се работи. За граничниот премин Белановце-Станичич постоеја правни проблеми кои се надминати со потпишан протокол и од денеска се преземаат конкретни чекори. Истото се однесува и на другите проекти како тој во Прилеп – изјави Османи.

Покрај фондовите ИПА 1, во тек е реализација на фондовите ИПА 2 за период од 2014 до 2020 година, со кој се ставени на располагање 644 милиони евра.

Од нив, како што рече Османи, 445 милиони или 67 проценти веќе се програмирани, односно се утврдени проекти за реализација, но над 40 милиони евра се изгубени во фазата на програмирање поради непостоење квалитетни проекти.


Османи: Се подготвува план за подобро искористување на ИПА-средствата


Скопје, 20 август, 2017 - 10:47 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи се сретна со Никола Бертолини, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје (ДЕУ). На средбата разговарале и размениле податоци за состојбите околу реализацијата на проектите и искористувањето на ИПА-средствата.

Османи го известил Бертолини дека се подготвува обемен мастер-план, кој ќе биде поделен според итноста на мерките, а со кој се планира ревизија и унапредување на работата на ИПА-структурата, со цел подигнување на искористеноста на ИПА-средствата.

„Остварив работни средби со министерствата, градоначалниците и други претставници на институции, со цел директно да се информирам за предизвиците и пречките во реализација на проектите финансирани од ИПА“, изјавил Османи.

За овие реформи, Османи очекувал поддршка како од делегацијата на ЕУ во Скопје, така и од институциите задолжени за ИПА во рамките на Европската Унија.

Двајцата соговорници констатирале дека искористеноста на ИПА-фондовите во Македонија може значително да се подобри.


Договорот за добрососедство со Бугарија помина на владина седница


Скопје, 26 јули, 2017 - 11:10 (META) 

Владата доцна синоќа на посебна седница го прифати извештајот за извршените преговори за текстот на договорот за пријателство, добрососедство и за соработка со Бугарија и го прифати усогласениот текст, соопшти владината прес-служба.

„Владата донесе одлука со која се определува претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, да го потпише Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. За ова ќе следуваат конкретни информации за јавноста“, стои во соопштението.

Премиерот и министрите синоќа, исто така на одделна седница, ја разгледале имплементацијата на реформскиот план „3-6-9“, при што е заклучено дека таа се одвива со добра динамика, имајќи предвид дека за три недели, од вкупно 73 мерки предвидени за тримесечниот временски период, реализирани или адресирани се 23.

На седницата била усвоена и Национална програма за усвојување на правото на ЕУ, со која треба да се направи усогласувања во делови на владеење на правото, јавна администрација и зајакнување на административни капацитети, слободно движење на капитал, финансиски услуги, енергетика, образование, животна средина.

Владата, исто така, констатирала дека е потребно институциите кои досега не покажале интерес и капацитет за користење на ИПА-фондовите, да се посветат посериозно на средствата од овие фондови, кои се однесуваат на реализација на реални потреби на граѓаните.

На седницата, Владата ја разгледала и ја усвоила информацијата за ратификување на Договорот за климатски промени од Париз, кој треба да придонесе за заштита на животната средина. Од владината прес-служба наведуваат дека процесот за ратификување на договорот бил почнат, но не бил завршен, поради што побарано е Министерството за животна средина и просторно планирање да го достави до Министерството за надворешни работи оригиналниот текст на Договорот од Париз, со предлог за почнување постапка за негова ратификација и образложение, најдоцна во рок од 15 дена.


„ЕУ за тебе“ утре во Штип


Штип, 25 април, 2017 - 10:50 (META) 

Утре шефот на Делегацијата не Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, ќе го посети Штип како дел од кампањата „ЕУ за тебе“.

Кампањата има цел да ја подигне свесноста и да ја информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата. Во Штип, амбасадорот ќе се сретне со градоначалникот, Илчо Захариев.

Амбасадорот Жбогар ќе се обрати до претставниците на цивилното општество за неодамнешниот отворен повик за предлози за програмата ИПА ЦСФ 2016-2017. ИПА ЦСФ е алатка за поддршка на граѓанските организации во нивното активно учество во осигурување на демократски практики во земјите на Западен Балкан и во Турција.

Под овој проект, кој изнесува 5 милиони евра, 19 проекти добија финансиска поддршка. Овие проекти ќе бидат активни во голем број области кои се потребни во процесот на националните реформи што ќе ја доближат земјата кон ЕУ во процесот за пристапување.

Поголемиот дел од овие проекти имаат цел да придонесат во подобрување на животните услови на граѓаните.

Прашањата што ги разработуваат се: поддршка и подобрување на основните права на граѓаните, реформа на јавната администрација за да се овозможи подобар квалитет на услуги за луѓето и поддршка на инклузивноста на ранливите групи, вклучувајќи ги и Ромите, во општеството, давајќи им нови можности.


Кучи побара поддршка од Словенија за подобро искористување на ИПА-фондовите


Скопје, 7 октомври, 2016 - 14:07 (META) 

Министерот за економија, Дритон Кучи, се сретна со новоименуванот амбасадор на Словенија во Македонија, Милан Јазбец.

Министерот Кучи истакна дека Словенија е еден од позначајните трговски партнери, кој постојано е позициониран меѓу првите 20 земји со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена.

Кучи и Јазбец изразија задоволство од досегашната соработката во сферата на туризмот, бизнис-секторот, енергетиката, а министерот Кучи побара поддршка од Словенија во делот на подобро искористување на ИПА-фондовите.


Адеми и Даниелсон разговарале за изборите, реформските приоритети и за ИПА-фондовите


Брисел, 16 септември, 2016 - 11:10 (META) 

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, се сретна со генералниот директор на Директоратот за проширување и за соседска политика на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, со кој разговарал за актуелната политичка состојба во земјата, претстојните парламентарни избори, реформските приоритети, како и за ИПА-фондовите.

„Двајцата соговорници констатираа дека оценката на политичките лидери дека се исполнети условите за организација на парламентарните избори е позитивен исчекор. Во претстојниот период потребно е да се вложат напори да се организираат демократски, веродостојни и инклузивни избори чии резултати ќе бидат широко прифатени. Од аспект на реформските приоритети, Адеми нагласи дека е потребно да се продолжи со реализација на предвидените мерки и активности, имајќи предвид дека станува збор за области кои се од суштинско значење за реформите поврзани со процесот на европска интеграција на земјата“, соопштуваат од кабинетот на вицепремиерот Адеми.

Соговорниците, исто така, се согласиле дека треба да продолжи поддршката за работата на Специјалното јавно обвинителство, како и практиката на блиска соработка и координација меѓу државните институции и Европската комисија.


СДСМ: Ставрески се жалел од Миноски до Владата за ИПА-програмата


Скопје, 21 јули, 2016 - 13:10 (META) 

„Министерот за финансии Кирил Миноски напразно се труди да се оправда за кратењето на ИПА-фондовите, за што има вина како поранешен директор на Управата за јавни приходи. Во документот од Министерството за финансии со потпис и со печат од тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески, испратен до Владата, се укажува на директни слабости од УЈП, чиј директор тогаш беше Миноски поради што ИПА-програма не може да се реализира“, соопштија од СДСМ.

Оттаму додаваат дека станува збор за проект тежок 126 милиони евра средства од ИПА-фондовите, што сè уште не е реализиран.

– Ставрески напишал до Владата дека УЈП под тогашно раководство на Миноски не работи доволно посветено, доцни со усвојувањето на актите за систематизација и на договорите за збратимување, градежни работи и за набавки повеќе од очекуваното, поради што задолжителните резултати и планираните услови не можат да бидат постигнати – велат од СДСМ.

Од опозициската партија додаваат дека „поради ваквиот однос на Груевски и на неговите послушници, Македонија веќе изгуби речиси 100 милиони евра од ИПА-програмата“.


СКСМ: Еврообврзницата е за задржување на социјалниот мир, а не за развој на економијата


Скопје, 11 јули, 2016 - 13:43 (META) 

Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСМ) изрази загриженост по повод намерата на државата да издаде еврообврзница во износ од 650 милиони евра и смета дека тие пари се за купување социјален мир, а не за внесување свеж капитал во стопанството.

Според СКСМ, еврообврзницата ќе се искористи за покривање на тековните обврски, односно за исплата на плати и на пензии, а стопанството како и досега нема да има голема полза.

– Досега од задолжувањата не сме виделе вистинско искористување на средствата за капитални инвестиции и за суштински развој на економијата. Ако парите се користат за пензии, плати, социјални трансфери, тоа не е свеж капитал за економијата, туку задржување на социјалниот мир – изјави директорот на СКСМ, Фатмир Бикиќи.

Бикиќи истакна дека своите ставови ги пренеле и на Министерство за финансии, кое го обвинија дека во соопштението за средбата со претставници од трите најголеми комори ја извртеле вистината за поддршката на политиките на Владата од страна на трите најголеми комори.

– Не дадовме поддршка за зголемување на долгот и за непродуктивните расходи. Спротивно на нашите забелешки, Министерство за финансии излезе со став дека коморите бланко ја поддржале работата на Владата – изјави Бикиќи.

СКСМ смета дека со овие политики, Владата по секоја цена сака да се достигне јавен долг од 67 проценти од домашниот бруто-производ. Додаваат дека аранжманите со Меѓународниот монетарен фонд обезбедуваат поповолни кредити, но задолжувањето преку еврообврзницата ќе им овозможи поголем комодитет во трошењето на тие пари.

– Секоја година имаме финансиски јаз од 580 милиони евра, кој се покрива преку издавање еврообврзница. Потребен ни е пораст од пет проценти и воопшто да не се задолжуваме, а во спротивни по 2020 година нè чека грчко сценарио – додаде потпретседателот на СКСМ, Менди Ќира.

Во однос на ребалансот на буџетот, од СКСМ сметаат дека не може да станува збор за развоен кога се кратат парите за капиталните проекти важни за развој на економијата, а се запазени социјалните аспекти и тесните партиски интереси.

Тие ја прашуваат Владата од каде ќе најде пари за изградба на Коридорот 8 кој е важен за компаниите, а ЕУ скрати 69 милиони евра за него од ИПА-фондовите.