!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Алкалоид“ инвестираше повеќе од 2,5 милиони евра во три нови производствени погони


Скопје, 11 јануари, 2018 - 10:53 (META) 

Компанијата „Алкалоид АД Скопје“ пушти во употреба три нови погони, а инвестицијата изнесува 2,5 милиони евра, соопштија од компанијата.

Од таму велат дека, новите производни одделенија, се простираат на површина од 1.000 метри квадратни, а при изведбата на сите овие проекти, имплементирани се најсовремените стандарди за добра производна пракса (GMP).

– Присуството на компанијата на пазарите во над 30 земји во светот и постојаното тежнеење кон отворање нови пазари и нови перспективи, налага внимателно следење на трендовите од областа на здравството и фармацијата и нивно имплементирање во секојдневното работење. За таа цел, инвестициите во нови капацитети, технологија, знаење и кадар ќе продолжат да бидат императив во нашите секојдневни операции – изјави генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“, Живко Мукаетов по повод официјалното пуштање во употреба на новите инвестициски проекти.


Отворена фабриката „Адиент“ во ТИРЗ – Струмица


Струмица, 15 јуни, 2017 - 16:39 (META) 

Премиерот Зоран Заев, американскиот амбасадор Џес Бејли,  директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо, и Владимир Теплик од компанијата „Адиент“ денеска ја отворија оваа фабрика во технолошко-индустриската развојна зона во Струмица. Инвестицијата изнесува 20 милиони американски долари и ќе вработи повеќе од 1.300 лица.

Заев истакна дека отворањето на американската фабрика „Адиент“ значи отворање на нови работни места и поради тоа е од огромно значење за граѓаните.

– Инвеститорот ќе остварува приход и профит, граѓани на Македонија ќе бидат вработени, а државата ќе наплаќа данок. Сето тоа е добро и корисно за сите и тука сум да испратам порака дека ние, како сериозна и одговорна влада, го поддржуваме овој значаен проект. Инвестициите ѝ се потребни на Македонија и поради тоа ќе посветиме големо внимание на развивањето поволна деловна клима во државата – изјави Заев.

Тој додаде дека со исполнувањето на условите за ЕУ и за НАТО, тоа ќе биде охрабрување за странските инвеститори, но и за домашните фирми.

– Конкуренцијата помеѓу фирмите ќе стимулира квалитет во работењето, ќе поттикнува конструктивна конкуренција во обезбедувањето подобри услови за работа во Македонија, поголема грижа за работниците, повисоки плати. На овој начин ќе обезбедиме поволна деловна клима во целата држава – додаде Заев.


Струја за 60.000 домаќинства: Ветерниците во Богданци се најисплатливата инвестиција


Гевгелија, 24 април, 2017 - 12:50 (META) 

Од почетокот на работата на ветерните електрани „Богданци“ во 2014 година, предвиденото производство на струја е надминато за 25 проценти, информираше генералниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски, при посетата на ветерниот парк.

Според него, станува збор за најисплатливата инвестиција досега, при што се произведени 300 гигават-часови електрична енергија. Во него се  произведува струја за околу 60.000 домаќинства или за три града, односно за Гевгелија, Богданци и за Дојран.

– Резултатите што се постигнати ги сметаме за извонредно добри и успешни и придонесуваат позитивно во тековната ликвидност на компанијата. Тоа ни дава надеж за реализација на втората фаза, но и за имплементација на слични проекти во околината на Богданци и на други територии во Македонија – изјави Мицкоски.

Првата фаза на овој проект се градеше од 2011 до 2014 година и беа инвестирани 55,5 милиони евра.

За втората фаза, во која е предвидено инсталирање на уште шест ветереници, потребна е инвестиција од 24 милиони евра од кои 18 милиони евра кредит, а другите од сопствени средства на ЕЛЕМ.

– Целата административна и логистичка поддршка за втората фаза е завршена. Обезбедено е финасирањето, но за реализација неопходно е задолжување за кое е потребна разврска на политичката ситуација – вели Мицкоски.

Просечната брзина на ветерот во ветерниот парк „Богданци“ е 7,1 метар во секунда и работи во 30 отсто од деновите во текот на една година, што е подобро од европскиот просек што се движи околу 25 отсто.


Изградбата на ски-центарот на Кожуф пропадна, компанијата оди под стечај


Скопје, 23 ноември, 2016 - 14:44 (META) 

За компанијата „Ски Кожуф“, која е требаше да го гради ски-центарот на Кожуф во Основниот суд Велес е отворена стечајна постапка, јавува порталот „Дума“.

За стечаен управник е именуван Богољуб Макревски, а испитното рочиште и извештајното собрание се закажани за 11 јануари 2017 година.

Изградбара на ски-центарот на Кожуф почна во 2000 година, а во него се инвестирани околу 20 милиони евра.

Овој центар, исто така, не проработе бидејќи патот од страната на Кавадарци и на Демир Капија никогаш не се изгради, а патот од Гевгелија не се одржуваше и не се чистеше зиме.


ВМРО-ДПМНЕ: Здравството во времето на СДСМ беше еден од најзапоставените ресори


Скопје, 31 октомври, 2016 - 20:20 (META) 

Петре Шилегов нема капацитет да разбере дека ВМРО-ДПМНЕ ја добива поддршката од граѓаните токму поради проектите што ги нуди и на кои напорно работи да се реализираат, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на портпаролот на СДСМ.

„Кога е здравството во прашање, СДСМ не отстапува од залудните очајнички обиди стопати да каже лага и да се надева дека ќе успее да ја протне како вистина. Здравството беше еден од најзапоставените ресори кога ВМРО-ДПМНЕ ја доби честа и одговорноста од народот да ја предводи Владата на Република Македонија. Децениски старите објекти, недостигот од најосновна опрема и апарати, користењето застарени апарати повеќето добиени како донација, неупотребливи апарати и долги листи на чекање, корупција, вклучувајќи и корупција за најелементарни работи (доаѓање на ред за прегледи и за третмани), недостиг од лекови, континуирано запоставување на кадровски план. Набавката на нова опрема продолжи и во периодот на најголемата политичка криза, затоа што навистина има многу да се надомести“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од владејачката партија истакнаа дека ги исполнувале ветувањата што им ги давале на граѓаните и дека ќе го исполнат и ова ветување во здравството.


СДСМ: Се грижиме за дијаспората и мотивираме соработка


Брисел, 9 октомври, 2016 - 17:08 (META) 

Членовите на извршниот одбор на СДСМ, Едмонд Адеми и Аднан Џафероски, се сретнале со македонски државјани во Брисел кои живеат и работат во Белгија.

На средбата се разговарало за актуелната политичка состојба во Македонија, за фокусираноста на СДСМ на организирање и на одржување регуларни избори во декември.

На средбата Адеми и Џафероски соопштиле и повеќе мерки со кои се отвора шанса за граѓаните кои заминале од Македонија да можат да се вратат. Една од нив е директна поддршка од државата на третина од инвестицијата на повратник од странство, ако со неа бидат вработени најмалку 10 лица.


Германска текстилна компанија отвори погон во Велес


Велес, 9 октомври, 2016 - 15:06 (META) 

Германската компанија „СТС Текстајлс“ отвори погон во Велес во кој првично ќе бидат вработени 50 лица. Министерот Џери Наумоф и управителот на германската компанија Маркус Туц денеска го потпиша договорот за инвестирање во Велес.

Според министерот Наумоф, компанијата ќе почне со работа за една-две недели во реновиран објект, а произведениот индустриски текстил за автомобилската и за техничка индустрија ќе се извезува во Полска, Франција и во Германија.

Производствените капацитети на германската компанија ќе бидат сместени во поранешната фабрика „Нонча Камишева“, позната како поранешната „Свилара“ во Велес.

Почетната инвестиција изнесува четири милиони евра, а понатаму се очекува да бидат вработени 1.000 лица.


Новиот рудник за гранит ја вжешти политичката сцена во Битола


Битола, 2 јули, 2016 - 15:39 (META) 

Дебатата за новиот рудник за експлоатација на минерална суровина гранит на локалитетот Билбил kамен, ја вжешти политичката сцена во Битола.

Рудникот кој е оддалечен околу два и пол километри од централното градско подрачје и околу 800 метри од првото населено место, ги спротивстави власта и опозицијата во еден од најзагадените градови во земјава.

Главното прашање, дали рудникот ќе има штетни последици по здравјето на битолчани, денеска го постави потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски.

– Дали е направена соодветна студија за оправданост на експлоатацијата, а доколку има студија зошто таа не е доставена на увид на советниците во Советот на Општина Битола? Дали сообраќајното решение е соодветно со оглед дека рудникот излегува на магистрален пат, кој во иднина е планиран за експресен пат? Знаејќи дека Општина Битола поради РЕК-Битола е еден од најзагадените градови, овие дилеми на граѓаните се повеќе од оправдани – рече Кирацовски.

Со новиот рудник стопанисуваат лица блиски до бизнис-елитата на партијата на власт во Битола, велат опозиционерите.

– Бидејќи сите овие прашања се отворени, а знаејќи на кој начин се добиваат дозволи за работа и концесии кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, бараме од компанијата „Стентон градба“ и друштвото за производство, трговија и услуги „Стентон увоз-извоз“, како и од Општина Битола, во најскоро време да приложат соодветна документација и испитувања со кои ќе се потврди влијанието на рудникот врз неговата околина – рече Кирацовски.

Портпарлот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Валентина Марковска, пак, вели дека иако насекаде во светот искористувањето на рудните богатства во функција на економски развој е приоритет, за СДСМ тоа е само тема за собирање политички поени.

– Оваа инвестиција нуди и нови работни места, кои за СДСМ изгледа и не значат ништо. За нив најдобро би било кога работите би останале исто како во нивно време, да не се менуваат, бидејки нивната цел е манипулација на јавноста и ширење паника – рече Марковска.

На прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски, со писмено соопштение се огласија од „Стентон градба“, од каде што тврдат дека рудникот за експлоатација на минерална суровина гранит на локалитетот Билбил камен нема штетно влијание врз здравјето на граѓаните, за што, како што велат, имаат потврда од соодветни испитувања, и ја повикуваат јавноста да се увери во тоа.

– Договорот за концесија на минерална суровина гранит од локалитетот Билбил камен од Министерството за економија е доделен преку соодветна документација, запазувајќи ја целосната законска процедура – велат од „Стентон градба“.

Концесијата за стопанисување со овој рудник е издадена на 30 години.

 


Автопатот Миладиновци-Штип ќе биде готов за една година


Штип, 25 мај, 2016 - 16:11 (META) 

Најголем дел од автопатот Миладиновци-Штип односно 95 проценти се пробиени, 9,5 километри се асфалтирани, а се работи на изградба на мостови, надвозници и подвозници.

За ова денеска информираше техничкиот премиер Емил Димитриев кој направи увид во градежните активности.

Димитриев информираше дека целосната реализација на автопатот во должина од 47 километри се очекува да заврши за една година, а вредноста на инвестицијата изнесува 206 милиони евра.

Автопатот го гради кинеската компанија „Синохидро“,  додека подизведувачи се „Гранит“ и „Бетон“.


Германската компанија „Ес-ти-ес текстајлс“ ќе отвори погон во Демир Хисар


Скопје, 29 февруари, 2016 - 14:29 (META) 

Германската компанија „Ес-ти-ес текстајлс“ (STS Textiles) ќе инвестира во Демир Хисар. Изградбата на погонот ќе почне следните неколку месеци и за почеток се планирани 150 вработувања. За време на целиот инвестициски процес бројот на вработени се очекува да достигне 1.500.

– По Германија, Македонија е второ место каде што ќе имаме производство. Ги посетивме Холандија, Бугарија и Романија, но се одлучивме за овде. Како семејна компанија, се потпираме на сопствените одлуки. Ги охрабруваме жителите на Демир Хисар да се пријават за вработување – изјави првиот човек на компанијата, Маркус Тучс.

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, истакна дека е значајно што во место каде што невработеноста е релативно висока, се донесе нова инвестиција.

– Компанијата е позната по тоа што е технолошки напредна и имаат иновативни технологии при производство на текстил. Оттука ќе се овозможи трансфер на знаења, вештини кои ќе ги научат локалното население. Од германското списание „Менаџер“ оваа компанија беше прогласена за најиновативна во Германија во нивниот сегмент на работење – изјави Пешевски.

Тој, исто така, додаде дека и покрај тоа што Владата е техничка, таа останува максимално посветена на развојот на економијата, која не треба да биде во втор план поради политичката криза.

– Најважна за граѓаните е егзистенцијата и оттука максимално сме посветени на прашањата поврзани за економијата, како во овој период, така и по 5 јуни – изјави Пешевски.