!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Министерство за финансии: Намалена каматата на хартиите од вредност


Скопје, 10 јануари, 2017 - 16:28 (META) 

И покрај политичката пропаганда на СДСМ, кој настојува да ги прикаже државните хартии од вредност како нешто ненормално во јавноста, иако самите ги воведоа, довербата на инвеститорите во економските политики е огромна, што продонесе за намалување на каматата на државните хартии од вредност, се вели во реакцијата на Министерството за финансии на соопштението на СДСМ за задолжувањето.

Во него се додава дека инвеститорите побарале државни хартии од вредност во износ кој надминувал 5 милијарди денари, а Министерството запишало 1,9 милијарди денари во согласност со понуденото во проспектот.

– Како резултат на големата побарувачка на државните хартии од вредност на пазарот на капитал, каматата, односно цената што ја плаќа Министерството за финансии на инвеститорите е намалена за 0,2 процентни поени, што воедно е и најниската камата последниве години – се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Во него се додава дека со буџетот за 2017 година предвидено е буџетскиот дефицит да се покрива и од домашни извори.

– Во моментот на пазарот на капитал има голема побарувачка за државните хартии од вредност, што значи дека тие можат да се издадат со пониска камата, односно со помала цена на капиталот – додаваат од министерството.


Вучиќ даде отчет за работењето по повод 100 дена од формирањето на српската Влада


Белград, 19 ноември, 2016 - 12:56 (META) 

По повод 100 дена од формирањето на Владата на Србија, српскиот премиер Александар Вучиќ, изјави дека оваа држава може да се пофали дека ги сочувала економската и политичката стабилност како и добрососедските односи, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

„Србија е стабилна и е на добар пат економски да напредува,“ изјавил Вучиќ на прес-конференција на која присуствувале сите членови на владата.

Тој додал дека Србија е еден од столбовите на регионалната стабилност, дека се наоѓа на добар економски пат, чувајќи ја својата независност, сувереност и има добри односи со своите пријатели како Русија, Кина, Турција, САД и други земји.

Зборувајќи за борбата против корупција, тој навел дека Србија е сигурна земја и дека за само 100 дена биле откриени 335 кривични дела во кои имало корупција. Како најважно достигнување за 100 дена работа на Владата, ја навел фискалната стабилност, напредокот на српската економија и додал дека Србија нема дефицит, туку суфицит.

Вучиќ истакнал дека Владата се грижела за работниците и за најсиромашните и дека стапката на невработеност се намалила на нешто повеќе од 15 отсто, дека е зголемена минималната цена на работа, како и тоа дека Србија значително напредувала на листата на „Дуинг бизнис“.

Тој додал дека, во Србија има заинтересирани инвеститори како никогаш досега и најавил неколку кои сакале да инвестираат.

Владата на Србија беше избрана на 11 август по вонредните парламентарни избори одржани на 24 април. Како најголем успех на Владата во првите 100 дена, економистите ја издвојуваат фискалната консолидација, буџетскиот дефиците е двојно помал од планираниот што може да го сопре зголемувањето на јавниот долг.


Во септември издадени 297 одобренија за градење


Скопје, 11 ноември, 2016 - 14:31 (META) 

Во септември се издадени 297 одобренија за градење, односно за 6 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5.088.315.000 денари, што е за 21,7 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 196 (66 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 23 (7,7 проценти) за објекти од нискоградба и 78 (26,3 проценти) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 297 објекти, на 203 (68,4 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 94 објекти (31,6 проценти) инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 1.009 станови, со вкупна корисна површина од 78.143 квадратни метри.


Пад на берзите по победата на Трамп, поскапува само златото


Вашингтон, 9 ноември, 2016 - 11:10 (META) 

Светските финансиски пазари веднаш и тоа негативно реагираа на веста за победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори. Берзите покажуваат драматичен пад, а се зголемува само цената на златото, што е вообичаена ракција на инвеститорите во време на неизвесност и на криза.

Американскиот долар исто така изгуби од својата вредност, како и европските валути, меѓу кои и руска рубља.

За време на кампањата, Трамп се закани дека ќе ги поништи трговските договори и дека ќе ги врати работните места во САД.

Тој, исто така, се закани дека ќе воведе трговски бариери и дека ќе го блокира увозот од земји како што се Мексико и Кина.

Германското здружените на индистријалците го предупреди Трамп да не воведува протекционистички мерки кои ги вети за време на кампањата, порачувајќи му дека тоа може да ѝ наштети и на американската економија и на германскиот извоз.


Опозицијата ги злоупотребува аукциите на државни записи за пропагандни цели


Скопје, 8 ноември, 2016 - 16:48 (META) 

„Со пласирање невистини и полувистини во јавноста, опозицијата ги злоупотребува аукциите на државни хартии од вредност во пропагандни цели. Доказ за тоа е што и дополнителниот заменик-министер за финансии Наумов и одредени медиуми, во настојувањето да прикажат дека државата се задолжува, испуштија да споменат дека вчера во стопанството се вратени 12,2 милиони евра врз основа на државни хартии од вредност“, се вели во реакцијата на Министерството за финансии на соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

– Секаде во светот економиите издаваат државни хартии од вредност и тие се значаен дел од пазарот на капитал. Доколку опозицискиот СДСМ смета дека овој фискален инструмент е негативен, тогаш зошто го вовеле во 2004 година и организирале аукции – се вели во соопштението на Министерството за финанасии.

Оттаму велат дека државните хартии од вредност се најсигурни хартии од вредност на пазарот на капитал и затоа и побарувачката за нив е голема.

– Големата побарувачка од страна на инвеститорите е доказ за нивната доверба во домашната економија и во економските политики што се спроведуваат од Владата. Сите средства од нето-повлекувањето со државни хартии од вредност остануваат на депозитната сметка – се додава во соопштението.


Македонија е на 10. место во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка


Вашингтон, 26 октомври, 2016 - 9:26 (META) 

Македонија се наоѓа на 10. место во извештајот на Светска банка „Дуинг бизнис“ за 2017 година и е за две места подобро рангирана од лани.

Во рамките на овој извештај се истражуваат законите што ја зголемуваат бизнис-активноста и оние што ја ограничуваат.

Македонија е највисоко рангирана во категоријата почнување бизнис и е на 4. место во светот. Во категоријата плаќање даноци сме на 9. место, додека во категоријата заштита на малцинските инвеститори сме на 13. место. За издавање градежни дозволи  сме рангирани на 11. место во светот.

Најлоши оценки оваа година имаме во категоријата регистрирање имот, во која сме рангирани на 48. место.

Лани, угледниот меѓународен неделник „Економист“ даде сериозни забелешки во однос на рангирањето на земјите во извештајот „Дуинг бизнис“ (Doing Business) на Светската банка, изразувајќи загриженост поради одредени негови недостатоци.

Според овој магазин, поголем број земји кои високо котираат или, пак, имаат брз подем на листата „Дуинг бизнис“, во суштина се – сиромашни.

Ова е 14. извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка, во кој се рангираа 190 економии во светот.


Цените на акциите на светските берзи во пораст по дебатата Клинтон – Трамп


Њујорк, 27 септември, 2016 - 13:31 (META) 

По вчерашната прва дебата на претседателските кандидати на САД, Хилари Клинтон и Доналд Трамп, цените на светскиот пазар денеска се зголемија.

Инвеститорите ја следеа дебатата на Доналд Трамп и на Хилари Клинтон, барајќи ја, како што велат аналитичарите, помалку лошата опција за пазарот.

Во работата на европските берзи, францускиот индекс се зголеми за 1,5 отсто, германскиот и англискиот за 0,2 отсто, а зголемување се очекува и на Волстрит.

Индексот на берзите се зголеми и на азискиот пазар, како и во Нов Зеланд и во Тајланд.

Нафтата денеска поевтини и еден барел амриканска сурова нафта чини 45,34 долари, што е за 1,28 отсто помалку од вчера.


Форум за бизнисмени од дијаспората организираше „Македонија 2025“


Скопје, 21 јули, 2016 - 14:28 (META) 

Платформата „Македонија 2025“ организираше форум за бизнисмени од дијаспората со поддршка од Агенцијата за иселеништво на Македонија. На настанот учествуваа повеќе од 130 гости од кои голем број луѓе кои живееле во дијаспората и се вратиле во нашата земја за да отворат своја компанија или да продолжат веќе постоечка соработка со компанија во странство.

На форумот свои обраќања имаа околу 20 претприемачи и деловни луѓе кои оствариле инвестиции во разни области, како ИТ, туризам, градежништво, производство и обновливи енергии.

Бизнисменот Хасан Мазлум, кој потекнува од Дебарско, а е вратен во Македонија од Италија, ги повика промотерите во дијаспората да промовираат можности за инвестирање во руралните средини.

„Во Македонија е потребно да се воведат школи за занает, за да можат да функционираат инвестициите. Нереално е секој да работи како менаџер“, изјави Мазлум.

Митко Бојковски, повратник од Австралија, инвестирал во компанија што произведува трикотажа и индустриски штофови. Тој ги повика релевантните институции да ја подобрат инфраструктурата во помалите градови, каде постојат бизнисмени кои самите работат на привлекување инвестиции од странство и од диајспората.

Анкетата на „Македонија 2025“ покажува дека испитаниците би инвестирале во ИТ, туризам, земјоделство и висока технологија.

Дополнително „Македонија 2025“ апелираше дека промоцијата на Македонија како земја со евтина работна сила земјата е некоректно. Инвеститорите бараат квалификувана и образована работна сила и земјата треба да се профилира како дестинација со стручен кадар, а не со најевтин кадар.


Министерство за финансии: Процесот на издавање на еврообврзницата е кристално чист


Скопје, 14 јули, 2016 - 22:53 (META) 

Издавањето на еврообврзницата е кристално чисто од законски аспект, велат од Министерството за финансии, по одложувањето на постапката и додаваат дека македонската опозиција повторно се обидела да ѝ нанесе штета на државата, со оспорување на процесот.

„Македонската опозиција во својот познат стил на деструкција, се обиде повторно да нанесе штета на Република Македонија преку обид неосновано и целосноно нерационално и без никаков аргумент да го оспори овој процес преку пишување писма со невистинита содржина и без никаква основа, факт или аргумент. Овие писма доведоа до привремен и краткотраен застој на процесот, но сакаме да истакнеме дека овој процес не е стопиран и тој ќе продолжи и многу бргу ќе има завршница“, стои во соопштението од Министерството.

Оттаму додаваат дека Министерството за финансии во брз рок ќе ги обајсни сите состојби на потенцијалните инвестотори и „ќе ги разбие дилемите и забуните што СДСМ се обидува да ги наметне“.

„Сакаме да апелираме за смиреност кај јавноста и упатуваме целиот процес да се следи со особено внимание за да може уште еднаш граѓаните да се уверат во штетните потези на СДСМ и да направат разлика на тоа однесување со нашите заложби за обезбедување услови за пораст и за развој на македонската економија и за реализација на ветените проекти“, се вели во соопштението.


Заев: Апелирам банките да не ја купуваат еврообврзницата


Охрид, 8 јули, 2016 - 18:40 (META) 

Одлуката за емитување на нова еврообврзница од 650 милиони евра е финансиско злосторство врз младите, смета лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

Во неговото обраќање на летниот камп на СДММ во Охрид, тој истакна дека „безобразието од страна на власта е толку големо што таа не се обидува транспарентно да го презентира расходниот дел на тие пари“.

– Не смееме да го дозволиме бесрамното ново задолжување од 650 милиони евра. Од тие причини јавно апелирам, власта да ја промени одлуката за задолжување од 650 милиони евра, на не повеќе од 250 милиони евра. Овие 250 милиони евра кредит треба да се земат бидејќи државата ќе банкротира. Но, 650 милиони евра ново задолжување на граѓаните, тоа е недозволиво – изјави Заев.

Тој апелираше до „Сити банка“, до „Дојче банка“ и до сите потенцијални купувачи на еврообврзницата, да не ја купуваат, во името на децата, на граѓаните и на иднината на Македонија.

–  Ако овој процес не го спречиме преку емитување, ќе го спречиме преку трошењето на парите. Затоа што и на малите деца и на врапчињата им е јасно дека оваа банда е во заминување, а државата останува на граѓаните – додаде Заев.