Со 62 гласа против, Собранието не изгласа недоверба на Владата


Скопје, 12 април, 2018 - 9:44 (META) 

По целодневната дебата исполнета со жестоки обвинувања на двете спротивставени страни, Собранието вчера не изгласа недоверба на Владата, на четвртото гласање од овој тип во самостојна Македонија.

Со 62 гласа „против“, 40 „за“ и Мерал Узеири Ферати од ДПА и Реџеп Мемеди од Беса кои беа воздржани, по десет часа расправа, на половина час пред истекот на рокот, пред полноќ, Владата ја доби довербата да продолжи со својот мандат.

Во долгата расправа пратениците од опозицијата обвинуваа за назадување во сите сфери, партиски диктат во државната управа, како и за криминал, додека нивните колеги од владејачката коалиција порачуваа дека резултатите на оваа Влада се одлични, со оглед на фактот дека владее 10 месеци, а морала да се справува со низа катастрофални штети што претходната власт ги нанела во многу сфери во државата.

Последен од пратениците говореше поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој го обвини премиерот Зоран Заев дека е посветен исклучиво на прашањето за промена на името, дека се занимава со маргинални прашања, наместо со конкретни иницијативи и побара од него да се повлече од политиката „пред да направи поголема штета“.

Одговарајќи му, Заев, кој говореше последен на собраниската седница, ја повтори програмата на неговата Влада, го потенцираше катастрофалната состојба која ја затекнале во институциите кога ја превземале власта и му порача на својот опонент Груевски дека завршило неговото време.

– Никола Груевски, ти си минато, Македонија чекори напред, Македонија расчисти со тебе, ти си дел од темното минато. Затекнавме општа катастрофална состојба, ограбена држава. Наследивме тотален колапс, блокирани институции. Се соочуваме со коруптивни договори, кои не можат да бидат прекинати поради тоа што ќе нанесат штета врз буџетот. За да се создадат услови за темелна промена, неопходна е вклученост на сите политички фактори. Системот мора да се регенрира во самите институции. Без исклучок, чекориме кон тоа да ги оствариме стратешките интереси на граѓаните и државата, тоа е ЕУ и НАТО. Оваа можност беше прифатена од опозицијата -, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Барањето за гласање на доверба на Владата беше поднесено во неделата, со потписи на 41 пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.


Обвинувања за прекршени ветувања и „кршење вратови“ на интерпелацијата во Собранието


Скопје, 11 април, 2018 - 16:10 (META) 

Расправата на пратениците и репликите на министрите на денешната собраниска седница за интерпелацијата за Владата, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се вратија во Собранието, попладнево се одвиваше со многу метафори, но со малку нови работи од двете страни.

Во дискусијата предничеше пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кои првин обвинуваше дека „многу луѓе што ги сретнал во периодот околу велигденските празници се разочарани“, а „по 3-4 членови на СДСМ кинат партиски книшки“.

Пратеничките Милева Ѓорѓиева и Лидија Тасевска од СДСМ и Соња Мираковска од НСДП, излегоа со контраобвинувања дека Македонија денес е во оваа состојба поради огромните напори на власта да ги поправи катастрофалните грешки и криминални дејствија на власта на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 11 години. Мираковска, интерпелацијата поднесена од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, ја нарече непримерно однесување и му рече на Ѓорчев дека ќе треба тој и неговите колеги подолго да поседат на левата страна на собраниската сала за да научат како треба да се владее, за разлика од претходно, кога, како што рече, премолчувале „мноштво страшни работи“.

– Колега, одамна сме тука и вие и јас. И сигурно ви е јасно зошто сте тука, на левата страна. Сигурно ви е јасно дека она што и го направите на Македонија не може да се среди за 10 месеци. Мислам дека е последен момент да помогнете за реформите. Затоа, мислам  дека е непримерно вашето однесување со оваа интерпелација – рече Мираковска.

Таа праша зошто пратениците од сегашната опозиција 11 години молчеле, кога „овозможивте семејството на вашиот премиер да краде, дозволивте да ги купи или украде сите добри бизниси“ и им порача дека ќе мора да поседат во опозиција за да ја научат лекцијата како „се владее со срце и се работи за државата без калкулација“.

Во сличен дух зборуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која на обвинувањата од опозицијата реплицираше дека не можеле никако да го почнат владеењето „со петта брзина“ кога некој сакал „да им ги искрши вратовите“.

– Дали почнавме во 5-та брзина? Вие да почнете во 5-та брзина, кога овој дел во салата не да ни ги скрши нозете, ама се обиде да ни го скрши вратот…. Не можеше да се почне во петта брзина поради други работи. Кога почнавте вие да владеете во 2006 година, требаше да плаќате 36 милиони евра камати, а ние мораше во првиот месец да плаќаме 133 милиони евра камати за долгови што вие ги создадовте. 1,6 милијарди требаше само во декември да се платат за долговите што ги направивте со вашето „Скопје 2014“ – рече Шекеринска.


Според Рангелова министерката Царовска е најслабата алка во Владата


Скопје, 11 април, 2018 - 14:41 (META) 

По паузата од еден час, пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжија со расправата по интерпелацијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ но и со меѓусебни расправања дали оваа владејачка коалиција добро ја води државата или не.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, рече дека на оваа влада и на премиерот Зоран Заев треба да му се изгласа недоверба затоа што дозволил Мила Царовска да го води Министерството за труд и социјална политика.

– Министерката Мила Царовска ја препознаваме по бројните скандали, со многу малку работа, многу одржани прес-конференции, малку проекти, празни ветување и немање грижа на совест. Прва причина поради која треба да си замине е поради ужасот кој што се случи во домот за штитеници „25 мај“. Владата треба да си оди затоа што не ја смени министерката Царовска затоа што три девојчиња беа силувани а министерката не презема одговорност. Немате умеење, немате желба за работа, имате само страст за власт. Оставка веднаш. Вие не сте способни ни во градинка да одите а камоли министерство за водите – рече Рангелова.

На ова реплицираше министерката Царовска која рече дека таа во МТСП наследила уништен систем од претходната влада и дека сите центри кои биле под надлежност на ВМРО-ДПМНЕ не само што биле уништени туку и покрадени.

Рангелова ја обвини Царовска дека лаже и дека не си ја врши својата работа затоа што на секој семафор има Ромчиња што просат и ја праша дали таа на работа патува со авион.

Расправата по интерпелацијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ ќе трае до полноќ, а пред гласањето, во 23.20 часот се очекува свое обраќање да има и премиерот Зоран Заев.


ВМРО-ДПМНЕ се врати во Собранието, порача дека оваа влада е најкриминалната досега


Скопје, 11 април, 2018 - 12:29 (META) 

Оваа влада е најнеспособната и најкриминалната вада во историјата на Македонија и треба да биде минато, рече Драган Данев координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во излагањето за интерпелацијата која опозициската партија ја поднесе за работењето на Владата.

-Заев е предводник на најнеработливата влада. Оваа влада покажа и докажа дека нема капацитет на водење на институции и наместо да се зафатите со решавање на реалните проблеми како што ветувавте, вие работите исклучиво за остварување на партиски и лични интереси и за одржување на климавата коалиција со ДУИ. Сериозно ги подривте и националните и државните интереси на Македонија. Во државата повеќе нема демократија, туку е држава во која претставниците на власта се и судии и обвинители и бизнисмени. Има нагло партизирање на сите институции. Има партизирано судство и луксузирање на владините претставници – рече Данев.

Во неговото излагање тој потенцираше дека има назадување во секое поле, дека политичкиот систем е деградиран, а дека кршењето на уставот е секојдневие. Според него животот дошол, но само за партиските функционери на СДСМ и ДУИ и за никој друг.

-Го скршивте Деловникот на Собранието, законите и Уставот со процедурата на носење на Законот за употреба на јазиците. Вакво неодговорно однесување мора и треба да биде санкционирано. Ги замолувам пратениците кои што се поддржувачи на оваа влада, кога ќе дојде времето за гласање пред сè да ги имаат интересите на граѓаните и да кажат „не“ на ваквото владеење, а не да ги води партискиот и личниот интерес– додаде Данев.

Координаторот на пратеничката група на владејачката СДСМ, Томислав Тунтев, како одговор на излагањето на Данев рече дека интерпелацијата е големо разочарување, затоа што преставува очаен обид да се најде оправдување ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во Собранието.

-Беше очекувано да се вратат да разговараме за пакетот реформски закони затоа што за 10 дена од денеска очекуваме позитивен и безусловен извештај од Европската комисија безусловен. Овие пратеници што поднесоа интерпелација се истите кои што пред три години ги чуја бомбите и слушаа како криминално се владеело и кои сведочеа на извештајот на Прибе и договорот од Пржино – рече пратеникот од СДСМ.

Тунтев потенцираше дека во интерпелацијата не постои критика на министерствата на ДУИ, туку само за СДСМ, и дека тоа е очигледно обид за политичко додворување, иако ВМРО-ДПМНЕ имале шовинистички и националистички наратив.

-Наместо поделби и омраза, дајте да зборуваме за едно општество, дајте заедно да носиме закони кои ќе ги растеретат граѓаните, дајте економската пропаст да ја замениме со економски раст. Дајте заедно да обезбедиме повисоки плати. Не дека нема грешки, но дајте да ги исправаме заедно. Нема иднина во раздор, ширење на омраза и поделби – додаде Тунтев.


Во Собрание денеска ќе се гласа за интерпелација на владата


Скопје, 11 април, 2018 - 9:37 (META) 

За денеска во 11 часот Собранието е закажана седницата за интерпелација на Владата.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во барањето за интерпелација наведува дека Владата предводена од СДСМ и ДУИ во изминатиот период покажала дека нема капацитет за водење на институциите кои се под извршната власт. Во документот во кој се потпишаа 41 пратеник, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека единствени проекти коишто ги спровела владата се партизирање на институциите и нивно деградирање, заробено судство, како и луксузирање на владините функционери со парите на граѓаните и политички реваншизам.

„Оваа Влада наместо да се зафати со решавање на реалните проблеми и потреби на граѓаните на Република Македонија како што ветуваа во предизборието, тие работат исклучиво за остварување на партиските потреби и интереси“, се истакнува во барањето на ВМРО-ДПМНЕ за интерпелацијата.

Според Деловникот за работа на Собранието по поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата.

Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.
Претседателот на Владата и пред гласањето има право да му се обрати на Собранието.

За да биде изгласана недоверба на Владата потребно е мнозинство од вкупниот број пратеници , или најмалку 61 глас.


Данев очекува 61 глас на утрешното гласање за интерпелација на Владата


Скопје, 10 април, 2018 - 13:45 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се подготвени со дискусија да ги изнесат сите факти и аргументи против 10-месечното владеење на актуелната Влада, изјави денеска координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, откако за утре во 11 часот беше и официјално закажана седницата за доверба на Владата, на барање токму на опозициската партија.

Данев апелираше до сите пратеници на утрешното гласање пред себе да го стават интересот на сите граѓаните на Република Македонија, а не партиските и личните интереси.

– Ако тие интереси ги водат, убеден сум дека ќе имаме над 61 глас – рече Данев.


Тунтев: Поразително е за ВМРО-ДПМНЕ да бара изговори да се врати во Собрание


Скопје, 10 април, 2018 - 13:14 (META) 

Координаторот на владејачката партија СДСМ во Собранието, Томислав Тунтев вели дека е поразително за една голема политичка партија како ВМРО-ДПМНЕ да бара изговор како што е интерпелацијата и да најде погрешен начин за да се врати во работата на Собранието.

– Ако ова е големата врата за враќање на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, тогаш навистина сме малку разочарани. Барањето е сосема легитимно и всушност нам ни отвора простор да ги реафирмираме сите позитивни политики на оваа Влада во последните 10 месеци – рече Тунтев.

Според него, пратениците од владејачките партии на утрешната седница ќе ја потсетат опозицијата на, како што кажа, криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во последните 10 години, зошто оваа држава се наоѓа на ова дереџе, а исто така ќе потсетат дека во овие 10 месеци Владата ги презела сите активности за да ги отстрани и ублажи погубните политики што години наназад ги воделе поранешните влади.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери седницата за доверба на Владата на барање на ВМРО-ДПМНЕ претпладнево ја закажа за утре во 11 часот. Сите активности во Парламентот денеска се одложени. Дел од седниците се префрлени за в четврток, тоа се главно со реформски закони, а другите активности делумно поради исказот што во Судот го дава Џафери во врска со настаните поврзани со насилствата од 27 април минатата година.


Собранието за во четврток го одложи гласањето на реформските закони


Скопје, 10 април, 2018 - 10:54 (META) 

Собранието ги одложи 22, 34 и 35 собраниска седница кои требаше да почнат денеска во 11 часот, а на дневен ред беа реформските закони за правосудството.

Од Собранието информираат дека седниците ќе продолжат на 12 април, четврток, во 11 часот.

Според агендата, на 22 седница треба да се гласа за измените и дополнувањата на законот за заштита на сведоци, по скратена постапка, на 34-тата седница има една точка на дневен ред – реформскиот закон за судовите, а на 35-та се дополнувањата на законот за јавното обвинителство и законот за кривична постапка, во второ читање.

За утре се очекува да се одржи седница за гласање доверба на Владата, откако деновиве опозицијата го достави барањето до Собранието. Ова, според ВМРО-ДПМНЕ, беше еден од мотивите за враќање на опозицијата во собранието.


На координација кај Џафери одлучено на 10 април да се гласа за интерпелација на владата


Скопје, 2 април, 2018 - 14:37 (META) 

Седницата на Собранието на која ќе се најдат реформските закони треба да се одржи на 10 или 11 април.

Ова е еден од заклучоците на денешната средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи, на која не присуствуваше претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Враќањето на опозицијата во работата на Парламентот беше најавено синоќа од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, но како што посочуваат од пратеничката група, тие ќе се вратат во Собранието со една точка, а тоа е интерпелацијата на Владата.

Очекувањата се дека деновиве ВМРО-ДПМНЕ ќе го изготви предлогот, но не се знае кога ќе биде доставен до архивата на Парламентот. Седницата треба да биде закажана најдоцна во рок од три дена по поднесувањето.

Од ВМРО-ДПМНЕ, сепак, велат дека нивните очекувања се дека седницата за недоверба на Владата би била по велигденските празници.

Мицкоски синоќа рече дека речиси се усогласени и дека дали ќе учествуваат на седницата со реформските закони зависи од тоа претходно да се одржи седницата за интерпелација на Владата.

Тоа би значело дека, доколку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата за интерпелација на Владата пред Велигден, седницата да биде закажана на 10 април, а веднаш потоа на 11 април да биде закажана седницата за реформските закони.

Од владејачкото мнозинство брифираат дека сакаат овие закони да бидат донесени до 13 април, пред Извештајот за напредокот за земјата на 17 април.


ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието и ќе поднесе интерпелација за владата


Скопје, 2 април, 2018 - 9:35 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот Централен комитет на партијата донесе одлука да се врати во Собранието, соопшти лидерот Христијан Мицкоски.

Тој најави дека веднаш по враќањето во Собранието ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за работата на владата на премиерот Зоран Заев.

– Првиот чекор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде покренување на прашање за гласање на недоверба на владата, затоа што од она што досега видовме се работи за влада со изгубен кредибилитет, влада која не работи за граѓаните и ја турка државата во амбис. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во детали ќе изложат аргументи зошто оваа антинародна и антидржавна влада треба што поскоро да замине. Колку побрзо толку подобро за државата. Оваа криминална влада станува запаметена како најнеспособната досега од осамостојувањето на Република Македонија – изјави Мицкоски.

Тој потврди дека преговорите за реформските закони се влезени во финалната фаза и дека е постигната согласност за поголемиот дел на закони како и дека биле прифатени голем дел од нивните забелешки за законите.

– По целосното финализирање кое што се надевам дека ќе биде готово во следните денови ќе инсистираме за тоа да се добијат и писмени гаранции -рече Мицкоски.