!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Македонија има 1,44 милиони корисници на интернет, а еден милион се на „Фејсбук“


Брисел, 17 мај, 2017 - 10:49 (META) 

Вкупно 69,1 од проценетата бројка на 2.083.308 жители на Македонија се поврзани на интернет, односно 1.439.089, а еден милион користат „Фејсбук“, покажуваат пресметките за март годинава на специјализираната статистичка веб-страница „Интернет ворлд стат“.

Од земјите во регионот, по користењето интернет во март годинава пред Македонија биле Косово (со 80,4 отсто) Словенија (72,8 проценти), Хрватска (74,4 проценти), БИХ (69,3 отсто). Зад Македонија се Србија (66,2 проценти), Грција (64,9 проценти), Албанија (62,6 отсто), Црна Гора (61 отсто) и Бугарија (59 отсто).

Во Европа од проценети 822,71 милиони жители, интернет користат 637 милиони луѓе, а „Фејсбук“ – 328 милиони.

Според „Интернет ворлд стат“, во светот во март годинава од 7,52 милијарди луѓе, интернет користеле 3,73 милијарди.


„Википедија“ блокирана во Турција


Анкара, 29 април, 2017 - 18:08 (META) 

Мрежата за надзор на цензура на интернет соопшти дека Турција ја блокирала бесплатната интернет-енциклопедија „Википедија“.

– Губењето достапност е поврзано со интернет-филтрите што се користат за цензура на содржината во земјата – наведе турската мрежа за надзор.

Веб-страницата на „Википедија“ е блокиран со привремена административна наредба, без судски налог.

Турските власти не соопштија зошто веб-страницата ее блокирана, додека турските медиуми наведуваат дека причината е „содржина поврзана со тероризам“.

Весникот „Дејли хуриет“ јавува дека Турција е во контакт со „Википедија“ за отстранување содржини кои промовираат тероризам и ја претставуваат Турција како поддржувач на тероризмот.

Доколку турските барања бидат исполнети и содржината е отстранета, веб-страницата повторно ќе биде достапна, наведуваат турските медиуми.


Роботите ќе ги потиснат и директорите на компаниите, тврди првиот човек на „Алибаба“


Шангај, 25 април, 2017 - 11:24 (META) 

Првиот човек на најголемата кинеска продажна веб-страница „Алибаба“, Џек Ма, вели дека светот треба да се подготви за болни промени во економијата, кои ќе ги предизвика интернетот.

– Светот мора да го промени системот на образование и да се учи како се работи со роботите за да може да се ублажат ударите што ќе бидат зададени од автоматизацијата и од интернет-економијата – изјави Ма на една конференција за претприемништво во Кина.

Тој предупреди дека во следните 30 години светот ќе доживее многу повеќе болка отколку среќа.

– Пред 15 години одржав 200-300 говори за тоа како интернетот ќе промени сè, но не ме слушаа бидејќи бев никој и ништо – додаде Ма.

Според него, вештачката интелигенција најверојатно ќе влијае на тоа луѓето да живеат подолго, но и ќе доведе до намалување на бројот на работни места. Роботите, според него, ќе ги потиснат од работа дури и генералните директори на компаниите.


Во германско-полска рација уапсени 14 лица поради педофилија


Варшава, 6 април, 2017 - 13:38 (META) 

Во заедничка операција на германската и на полската полиција, по претрес во Полска се уапсени 14 лица поради педофилски содржини во компјутери и во мобилни телефони. Вкупно 29 лица се осомничени за ширење порнографија со деца на интернет.

– Вкупно 29 лица имаат статус на осомничени. Обвиненијата ќе зависат од прегледот на содржините на компјутерите, што го вршат вештаците. Некои без да го чекаат вештачењето ја признаа вината – соопшти портпаролот на главната команда на полската полиција, Маријуш Чарка.

Во соработка со германската полиција, полските полициски сили добиле ИП-адреси на полски корисници во поголема педофилска мрежа, која ширела педофилска порнографија со мали девојчиња.

Полската полиција упаднала во 33 куќи, привела 14 лица, од кои две лица се задржани во затвор, запленила 61 компјутер, лаптоп и таблет-уред, 42 хард дискови, повеќе од 2.000 компактни дискови, дигитални видеодискови и мобилни телефони.

Од приведените, 11 лица веднаш ја признале вината и изјавиле дека преку интернет ширеле порнографија со малолетници и педофилска содржина.


Конгресот на САД ја поништи регулацијата за приватност на интернет


Вашингтон, 29 март, 2017 - 10:53 (META) 

Претставничкиот дом на американскиот конгрес ги отфрли правилата за приватност на интернет, со што им се овозможи на интернет-провајдерите да ги продаваат податоците на корисниците на трети лица.

За поништување на предлог-регулацијата што ја воспостави Комисијата за федерална комуникација во октомври, за време на претседателот Барак Обама, гласаа 215 конгресмени, додека 205 беа против.

Претходно предлогот во Сенатот мина со 50 гласа „за“ и со 48 гласа „против“.


Русија ќе ги казнува провајдерите кои нема да блокираат интернет-страници


Москва, 22 февруари, 2017 - 16:13 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се воведуваат казни за интернет-провајдерите што одбиваат да го ограничат пристапот до информации на интернет што ги забрануваат властите.

Сите интернет-провајдери претходно биле обврзани да го укинат пристапот до интернет-извори од црната листа на Кремљ во рок од 24 часа откако одреден извор ќе се најде на листата која ја изготвува руското регулаторно тело за медиуми, Роскомнадзор.

Законот кој Путин денеска го потпиша, воведува парични кази за тие што се не придржуваат од одредбите.

Казните изнесуваат од 87 до 1.730 долари.


Порталите паднаа, „Унет“ тврди дека проблемот бил технички, а не хакерски напад


Скопје, 19 ноември, 2016 - 10:38 (META) 

Утринава голем дел од македонските портали паднаа, поради проблеми на провајдерот „Унет“, кој е техничка поддршка на овие медиуми.

Пристапот е оневозможен до веб-страниците на „фокус.мк“, „новатв.мк“, „либертас.мк“, „сдк.мк“, „локално.мк“, „плусинфо.мк“, „мкд.мк“ како и на електронските изданија на дневните весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вечер“.

„Мета“ разговараше со неколкумина главни уредници на портали и веб-страници кои не информираа дека од утринава нивните медиуми не функционираат.

Главниот и одговорен уредник на „Плусинфо“, Бранко Героски вели дека од провајдерот му било кажано дека се работи за технички проблем.

– Ме информираа дека станува збор за технички проблем. Не можам да навлезам во позадината се додека не добијам повеќе прецизни информации. Само ми кажаа дека се работи на проблемот кој за кратко време треба да биде решен – изјави Героски.

Главниот уредник на „сдк.мк“, Горан Михајлоски рече дека не знае за што се работи и исто така добил информација дека станува збор за проблем со провајдерот.

Антони Пешев, директорот на „Унет“ кој ги опслужува сите овие медиуми за „Мета“  категорично тврди дека не се работи за никаков хакерски напад туку за класичен технички проблем.

– Проблемот се случил синоќа додека сообраќајот на порталите бил мал затоа и не се активирале заштитните механизми. Се работи за линковски проблем и некако не станува збор за сајбер-напад. Работиме на проблемот и се надеваме дека за кратко време ќе биде решен. Потенцирам дека не станува збор за никаков напад – изјави Пешев.


Русија го блокираше „Линкдин“


Москва, 17 ноември, 2016 - 14:17 (META) 

Руската регулаторна агенција им наложи на интернет провајдерите да го блокираат „Линкдин“ затоа што рускиот суд пресудил дека американската компанија го крши законот за заштита на приватноста.

Агенцијата „Роскомнаџор“ истакна дека одлуката е донесена за да се заштитат податоците на руските интернет-корисници.

Рускиот закон налага интернет-страниците што собираат податоци од руските граѓани да го прават тоа на руски сервери, што „Линкдин“ не го прави.

„Линкдин“ со седиште во САД, во Русија има повеќе од шест милиони регистрирани корисници.

Од „Линкдин“ не ја коменитираа одлуката на руските власти, но претходно месецов предупредија дека милиони руски корисници, вклучувајќи и компании, ќе останат без пристап до мрежата што ја користат за нудење и за барање работа.


Еквадор призна дека му го ограничи интернетот на Асанж


Лондон, 19 октомври, 2016 - 12:44 (META) 

Властите на Еквадор признаа дека на Џулијан Асанж привремено му го ограничиле пристапот до интернет во својата амбасада во Лондон, каде основачот на „Викиликс“ се наоѓа четири години, откако на веб-страницата објави електронски пораки од шефот на изборниот птаб на кандидатката на демократите за претседател на САД, Хилари Клинтон.

Еквадорското МНР соопшти дека и понатаму останува на одлуката да му гарантира азил на Асанж, но оти не сака да се меша во странски избори, ниту да поддржува некој кандидат.

Во соопштението се наведува дека одлуката не е донесена под притисок од странство.

„Викиликс“ во саботата потврди дека американскиот државен секретар, Џон Кери, лично интервенирал и побарал од Еквадор да го запре Асанж да објавува документи за Хилари Клинтон.

Министерството не го прецизираше опсегот на ограничувањето на интернет, наведувајќи само дека ограничувањето на неговата работа нема да влијае на можноста на „Викилиск“ да ги врши своите новинарски активности.

„Викиликс“ вчера соопшти дека властите на Еквадор во саботата попладне му го ограничиле пристапот до интернет на Асанж, кој од 2012 година се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон, каде е засолнет избегнувајќи да се појави во Шведска заради истрага за силување што таму се води против него. Тој се сомнева дека шведските власти ќе го екстрадираат на САД поради објавување тајни воени документи за војните во Ирак и во Авганистан.


Еквадор му го прекина интернетот на Асанж во амбасадата во Лондон, обвини „Викиликс“


Лондон, 18 октомври, 2016 - 10:48 (META) 

„Викиликс“ денеска ги обвини властите на Еквадор дека го прекинале пристапот на интернет на нивниот основач, Џулијан Асанж, кој се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон повеќе од четири години.

Организацијата на Асанж, како што јавуваат светските медиуми, за прекинот на интернетот првично обвини државна институција, без да наведе за која станува збор. Подоцна „Викиликс“ на „Твитер“ напиша дека во прашање е Еквадор, а дека интернет-врската била прекината во саботата.

Министерството за надворешни работи на Еквадор, во кратко соопштение, ја потврдило претходно донесената одлука дека ќе му дадат азил на Асанж, но не навело ништо за прекинот на интернетот.

Асанж се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон повеќе од четири години, каде се засолни за да ја избегне екстрадицијата во Шведска, каде се бара поради наводни сексуални напади.

Тој од амбасадата го продолжи објавувањето документи, меѓу кои последните беа за електронската пошта на шефот на изборниот кабинет на кандидатката на демократите за претседател на САД, Хилари Клинтон.