!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Сигурноста и приватноста – главни теми на Форумот за управување со интернет


Женева, 5 јануари, 2018 - 14:26 (META) 

Приватноста и сигурноста на интернет, но и влијанието на лажните вести и користењето на дигиталните технологии за манипулација на јавното мислење, заедно со проблемот на намалената доверба кон медиумите и државните институции, беа една од главните теми на 12-от состанок на Форумот за управување со интернет – IGF (Internet Governance Forum), кој се одржа во Женева од 18 до 21 декември.

Околу 2.500 учесници од цел свет, на оваа средба на различни чинители од целиот свет, организирана од Обединетите нации, се обидуваа да формулираат решенија за дигиталната иднина на почитувањето на правата на луѓето, како и соодветни одговори за предизвиците што се среќаваат на интернет.

Во тие рамки беше упатена и порака дека владите треба  повеќе да инвестираат во дигиталната писменост.

На Форумот учествуваше и Бардил Јашари, извршниот директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Bardil Jashari Geneve dek17 - negova– Приватноста и сигурноста на интернет беа, како и досега, поважните теми на форумот, со тоа што оваа година се дискутираше исто така за влијанието на лажните вести и користењето на дигиталните технологии за манипулација на јавното мислење. Дополнително се нагласи и намалената доверба кон медиумите и државните институции. Голем дел од учесниците истакнаа дека владите имаат важна улога и одговорност во процесот на враќање на довербата и наместо да создаваат нови институции, закони и политики, треба да бидат поотворени, повеќе да соработуваат со невладините организациии да инвестираат во образованието и во медиумската писменост – вели Јашари.

Женевскиот форум, на кој учествуваа владини претставници, невладини организации, експерти, фирми и медиуми, упати до глобалната заедница неколку препораки под името „Женевски пораки“.

– Се заклучи дека не треба само да се зборува за ризиците и прекумерно да се фокусира на нив, туку треба акцентот да се стави на афирмацијата и промоцијата на позитивните аспекти на дигитализацијата – истакна Јашари.