!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Османи: На Балканот има оптимизам за влез во Европската Унија


Салцбург, 24 септември, 2017 - 18:25 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, присуствуваше на 13. Конференција на европски градови и региони на тема „Наредната генерација на нови земји – членки на ЕУ“, што се одржа во Салцбург.

На конференцијата се говорело за перспективите на земјите од Западен Балкан во контекст на политиката на проширување на ЕУ, а говорник бил и еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан.

На почетокот од конференцијата, Османи и министрите од регионот задолжени за ЕУ имале неформална средба со еврокомесарот.

Османи го информирал Хан за напредокот на Македонија во откочувањето на евроинтегративните процеси, имплементацијата на планот „3-6-9“, како и за напредокот на земјата во односите со соседите.

„Напредокот на Република Македонија во евроинтегративните процеси не го гледам како изолиран случај на Балканот, туку како составен дел од еден нов европски оптимизам во регионот, кој е проширен и во земјите членки на Унијата“, истакнал Османи во своето обраќање.


Заев – Илдем: Охрабрувачка порака за интеграција на Македонија во НАТО


Скопје, 19 јули, 2017 - 19:44 (META) 

Премиерот Зоран Заев попладнево се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Таџан Илдем, придружуван од шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија, Горазд Бартол.

Високиот претставник на НАТО пренел охрабрувачка и поддржувачка порака од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, до премиерот Заев и до новата влада.

„За краток период направен е напредок на Република Македонија кон евроинтеграциските процеси и за стабилизација на државата на мирен и демократски начин. Генералниот секретар Столтенберг ви честита и го охрабрува начинот на кој сте посветени на реформите. Ве уверувам, ве поддржуваме во НАТО-аспирациите“, била пораката што ја пренел Илдем.

Од Владата информираат дека на средбата било констатирано дека планот „3-6-9“ ќе донесе резултати во евроинтеграциите, кои се еднакво значајни и за НАТО-интеграциите.

На средбата било посочено и дека од големо значење се реформите во делот на доброто владеење и владеење на правото, а станало збор и за реформите во одбраната и за можноста за зголемување на буџетските средства за одбраната, зголемено учество на Македонија во меѓународните мировни мисии и за почитувањето на Охридскиот рамковен договор.

Илдем денеска се сретна и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.


Едногласно усвоена предлог-декларацијата за забрзување на процесот за зачленување на Македонија во ЕУ и во НАТО


Скопје, 14 јули, 2017 - 17:35 (META) 

Собраниската Комисија за европски прашања денеска ја усвои предлог-декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во ЕУ и во НАТО.

Комисијата бара предлог-декларацијата да биде ставена на дневен ред на посебна наредна седница.

Во документот се наведува дека се потврдува натпартиската сплотеност околу заедничките напори за обезбедување позитивна клима за реализирање на стратешката определба за членство во ЕУ и во НАТО. Исто така, се поттикнува Владата на доследно, неодложно и итно спроведување на итните реформи. Комисијата со документот, исто така, бара заложба за независно судство, транспарентност и ефикасност на судовите, професионализација на администрацијата, зајакнување на регулаторните тела, како и на социјалната кохезија и меѓуетничките односи и унапредување на односите со соседството.

Со предлог-декларацијата се повикуваат членките и институциите на ЕУ да дадат засилена поддршка за членство во ЕУ и во НАТО. Со документот, кој пратениците би требало да го усвојат на следната седница, се повикува Владата редовно да го информира Собранието за сите аспекти на интегрциите во ЕУ и во НАТО. Докуметот ќе биде испратен до Европскиот парламент (ЕП), претседавачот со Советот на министри на ЕУ, претседателот на Европски совет, генералниот секртетар на НАТО, како и до претседателот на Европската комисија и до земјите членки на ЕУ.


Иванов – Бејли: Потребен е нов импулс за членството на Македонија во НАТО


Охрид, 13 јули, 2017 - 14:52 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана“ во Охрид имал средба со амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, на која истакнал оти очекува дека ќе продолжи американската поддршка и ангажман околу членството на Македонија во Европската Унија и во НАТО.

„Македонскиот претседател истакна дека е неопходно да се создаде нов поттик и дополнителен импулс за членството на Република Македонија во НАТО, посочувајќи дека реализација на нашата евроатлантска интеграција ќе придонесе за долгорочен мир, стабилност, безбедност и за просперитет на целиот регион“, стои во соопштението од кабинетот на Иванов за средбата.

Бејли на својот твитер-профил напиша дека имал „конструктивна средба со претседателот Иванов во Охрид“ и дека „партнерството помеѓу САД и Македонија останува цврсто“.

Иванов и Бејли размениле мислења и за соработката на полето на безбедноста и на одбраната, преку реализација на заеднички обуки и вежби за припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) и војската на САД. Во овој контекст, било поздравено учеството на АРМ на мултинационалната вежба „Сејбер гардијан 2017“, а било разговарано и биле разменети информации и за претстојната вежба на АРМ и на Армијата на САД во Европа, „Драгон рајд“, која ќе се одржи од 28 јули до 8 август, на воениот полигон Криволак.


Османи – Суомалаинен: Изборната реформа е меѓу клучните приоритети на Владата


Скопје, 15 јуни, 2017 - 18:56 (META) 

Изборната реформа останува меѓу клучните приоритети на Владата, вклучително и имплементацијата на препораките наведени во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР, истакнал вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на денешната средба со амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалаинен.

Османи нагласил дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје обезбедува важна помош за Македонија, особено во областа на владеењето на правото и на изборните реформи и дека состанокот доаѓа во вистински момент, имајќи ги предвид престојните локални избори.

Вицепремиерот посочил дека долгата политичка криза била резултат на статус кво состојбата, предизвикана од застојот во евроатлантските интеграции на земјата.

„Новата Влада има можност да го искористи позитивниот момент на новиот евроинтегративен импулс и повторно да го активира процесот на реформи во согласност со стандардите на ЕУ, кои се и во согласност со принципите и заложбите на ОБСЕ. Владата ќе се фокусира и на имплементација на Охридскиот рамковен договор и решавање на отворените билатерални прашања со соседите, како важни елементи за напредок во процесот на евроатлантска интеграција“, истакнал Османи на средбата.

Амбасадорката Суомалаинен на состанокот искажала подготвеност да обезбеди поддршка и помош за реформскиот процес, особено во областите во кои имаат експертиза и веќе работат во земјава, односно за реформите во судството, медиумите и изборите, но и други области кои се од интерес за интеграцијата на Македонија во Европската Унија.


Хојт Ји: Од новата влада очекуваме соработка, реформи и решавање на спорот со Грција


Вашингтон, 3 јуни, 2017 - 10:48 (META) 

„Очекуваме од новата влада да биде партнер со меѓународната заедница, со Европската Унија и со САД, со земји – долгогодишни партнери на Македонија, во насока на спроведување на потребните реформи за да може да напредува. Да ги реши прашањата со соседите, вклучувајќи ја и Грција“, изјави заменик-помошникот на американскиот државен секретар за Европа и за Евроазија, Брајан Хојт Ји, во интервју за босанската редакција на „Гласот на Америка“.

– Ме радува тоа што министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, подаде рака на пријателство до другата страна во Македонија, изразувајќи подготвеност за средби и за разговори во насока на унапредување на односите помеѓу двете земји, што се надеваме ќе доведе до договори кои ќе го одблокираат патот на Македонија кон евроатлантските интеграции – вели Хојт Ји.

Формирањето на новата влада на Македонија, предводена од Зоран Заев, американскиот дипломат го оцени како мошне позитивен чекор и позитивен пример за регионот.

– Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да му го додели мандатот на Зоран Заев е показател дека демократијата во Македонија е издржлива и цврста. И покрај тоа што имаше тешки моменти, како настаните во Собранието во април, кои беа надминати, и покрај одложувањата и неизвесноста, сега има влада и тоа е мошне позитивен чекор. Воедно ова е и позитивен пример за другиот дел од регионот, за тоа како тешкотиите и политичките кризи можат да се надминат со политичка волја – рече високиот претставник на Стејт департментот.

Тој во интервјуто истакнува дека политиката на САД на Балканот не е променета, бидејќи се „базира на американските интереси за регион што се движи напред, кон интеграција во Европа и нејзините институции, кон подобра клима на инвестиции од европски и од американски бизниси и воопшто – за подобар живот на граѓаните“.


Германското МНР очекува брзо формирање влада и спроведување на реформите


Берлин, 17 мај, 2017 - 20:08 (META) 

„Добро е што претседателот Иванов попушти и престана да го блокира формирањето на новата влада. Оваа одлука требаше одамна да се случи и конечно го рефлектира исходот од изборите во земјата во декември во 2016 година“, се вели во пишаната изјава на Министерството за надворешни работи на Германија, а по повод давањето на мандатот од страна на претседателот Ѓорге Иванов на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во неа исто така се вели дека претседателот на СДСМ, Зоран Заев, сега го има мандатот за формирање влада и тоа може да биде важен прв чекор во насока на надминување на политичката криза во која земјата се наоѓа со месеци.

„Ги повикуваме сите учесници во политичкиот процес во Скопје сега конструктивно да соработуваат, а тоа важи и за претстојните преговори помеѓу коалициските партнери. Граѓаните не заслужуваат политички интриги да се водат врз нивниот грб. Тоа што ѝ е потребно на земјата и тоа што нејзините граѓани со право го очекуваат, е брзо формирање на нова влада, која бргу ќе се зафати со целосно спроведување на Договорот од Пржино и на реформските приоритети. Потребни се длабоки реформи за државата да продолжи по патот кон евроатлантските интеграции. Германија и понатаму ќе ја поддржува земјата на тој пат“, се вели во изјавата на германското МНР.


Вучиќ ја повика ЕУ да реагира на изјавите на Рама и на Тачи


Белград, 20 април, 2017 - 15:00 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска апелираше до политичките претставници на Албанците да не излегуваат во јавност со изјави дека е потребно сите Албанци во регионот да формираат единствена држава доколку биде запрен процесот на европските интеграции.

„Ние ги молиме, повторувам, ги молиме, бидејќи тоа не придонесува за добри односи во регионот, ниту за создавање атмосфера на соработка и за заедничка соработка на важните проекти“, рече Вучиќ пред новинарите во владата на Србија, додавајќи дека „такво нешто, без обзир на нечии желби, нема да биде дозволено“.

Вучиќ ги повика претставниците на Европската Унија да реагираат на ваквите изјави, истакнувајќи дека тој, кога би изјавил дека сите Срби треба да живеат во една држава, најверојатно ќе биде закачен во Брисел на јарбол, на местото на некое од знамињата што висат таму.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, завчера изјави дека не исклучува унија на Косово и на Албанија, доколку ЕУ ја „затвори вратата“ за земјите од Западен Балкан, а претседателот на Косово, Хашим Тачи, вчера изјави дека во таков случај, сите Албанци од регионот ќе живеат во една единствена држава за да се продолжи со интеграцијата во европското семејство.


Федерика Могерини доаѓа на почетокот на март


Брисел, 22 февруари, 2017 - 14:00 (META) 

Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, на почетокот на март ќе допатува во посета на Македонија, како дел од нејзината мини-турнеја во земјите од Западен Балкан, соопшти Европската комисија.

Како што информираат од ЕК, Могерини од 1 до 4 март ќе ги посети Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија.

Целта на посетата е, како што вели Могерини, да се осигура дека процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан е неповратен.

– За Европската Унија, работата со Западен Балкан, регионот кој е во срцето на Европа, е клучен приоритет. Би сакала да ги видам секој од партенерите од Западен Балкан како напредуваат на реформскиот пат кон Европската Унија и да се осигурам дека тој процес е неповратен. Регионалната соработка и добрите меѓусоседски релации остануваат од суштинско значење во овој процес – вели Могерини во пресрет на најавената турнеја на Западен Балкан.

За време на посетата на регионот, Могерини ќе се сретне со политичките власти, вкучувајќи претставници на владите на земјите, на политичките партии и на националните парламенти.

Предвидено е за резултатите од посетата, Могерини да ги брифира министрите за надворешни работи на ЕУ, на состанок закажан за 6 март.


Курц: Конечните одлуки треба да ги донесат партиите, а ние нема да се мешаме


Скопје, 12 февруари, 2017 - 20:57 (META) 

Македонските политички партии треба да ги донесат одлуките кои што се носат по избори, а од наша страна нема да има мешање во понатамошниот тек на настаните, изјави шефот на австриската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Себастијан Курц, кој денеска е во посета на земјава.

Тој истакна дека интересот на Австрија е во Македонија и понатаму да има силен партнер и дека се надева оти земјата ќе ги спроведе потребните реформи и ќе продолжи по патот кон европските интеграции.

– Партиите треба да ги донесат одлуките кои што се носат по избори, како во другите држави, така и во Македонија. Претходно имаше тешка ситуација, тоа е точно, но изборите беа одржани успешно, беа фер и демократски, тоа е позитивно и треба да се истакне. Нашата цел како Австрија е во Македонија и понатаму да имаме силен партнер, да посакуваме стабилност во оваа држава и да се надеваме дека реформите и европскиот курс на земјата ќе продолжат и понатаму. Освен тоа, од наша страна нема да има мешање во натамошниот тек на настаните – рече Курц.

Неговиот домаќин, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски истакна дека најголемата помош што Македонија може да ја добие од Европската Унија е да се остави волјата на граѓаните изразена преку мандатите во парламентот да одлучи по кој пат ќе оди земјата.

– Би рекол дека најголемата помош која може да ни се даде во услови на успешно спроведени демократски избори, за кои сите имаме ист став дека се кристално чисти, е да се остави волјата на граѓаните преточена преку мандатите во парламентот да одлучи за тоа како во иднина ќе ги носиме одлуките. Ова ќе биде најправилно и на крајот на краиштата ќе биде единственото решение кое го должиме на граѓаните на Република Македонија кои масовно излегоа на последните избори да го кажат својот збор и својот избор. Понатаму треба да се одлучи во овој парламентарен состав од 120 пратеници по кој пат ќе одиме – рече Попоски.

Претходно Попоски и Курц ја посетија „котата 59“ на македонското-грчката граница кај Гевгелија.