!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата ги повика институциите да гарантираат слободни и фер избори


Скопје, 16 септември, 2017 - 14:14 (META) 

Во пресрет на локалните избори, Владата на својата 26. седница донела декларација за заложби за слободни и фер избори и усвоила упатства за постапување на министерствата и на инситуциите за време на изборен процес.

„Со упатствата се утврдуваат и насоките за начинот на постапување на министерствата, другите органи на државна управа и управни организации во врска со користењето на движните и недвижните предмети во државна сопственост за време на изборниот процес“, стои во соопштението од Владата.

Владата ги повикува сите органи на државната управа да ги преземат сите неопходни законски мерки, како и политички и институционални чекори за да го гарантираат неприкосновеното избирачко право на секој граѓанин.

„Со донесената декларација, Владата ги повика и вработените во органите на државната управа да пријавуваат евентуални случаи на притисок до надлежните органи, а доколку се утврдат злоупотреби ќе се преземат соодветни мерки“, се додава во соопштението.


Беса: Владата разочара во првите 100 дена, отсега нема простување


Скопје, 6 септември, 2017 - 18:26 (META) 

Новата Влада во првите 100 дена покажа дека продолжува да работи по стариот терк – на штета на граѓаните, а во интерес на сопствените политички цели. Ова е ставот кој денеска го соопшти партијата Беса по повод стоте дена од формирањето на Владата.

Од партијата велат дека оваа влада, како и претходната, продолжила да ги партизира институциите на државата и наместо форсирање на професионализмот, партијата на власт продолжила да биде биро за вработување во институциите.

Според Беса, со ребалансот на буџетот повторно не дошол до израз интересот на граѓаните, а со него особено биле оштетени регионите со мнозинско албанско население. Законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура, според Беса, е „резултат на намерата на вледејачките партии да профитираат политички, но не и навистина да го решат проблемот со албанскиот јазик во Македонија“.

Од партијата реагираат и дека парламентарното мнозиство и Владата го кршат Изборниот законик со негирање на правото на Беса да има свој член во Државната изборна комисија.

„Досега се трудевме да бидеме максимално конструктивни, особено сакавме да ги почитуваме првите 100 дена на Владата, меѓутоа отсега Движењето Беса нема да му прости во ниту еден момент на ова мнозинство за штетата што тоа ќе им ја нанесе на граѓаните, а особено за манипулацијата што ја прави со Албанците“, велат од Беса.


Заев: Ќе има нула толеранција за изборни злоупотреби


Скопје, 6 септември, 2017 - 12:41 (META) 

Испраќам порака до владините и до државните институции дека ќе има нула толеранција за изборни злоупотреби, рече премиерот Зоран Заев на денешната конференција „Одвојување на државата од политичките партии“, во организација на Граѓанската асоцијација „Мост“.

– Владата на Македонија гради институции за и на граѓаните и има цел на претстојните локални избори да ги заштити граѓаните од партиски злоупотреби. Вршителите на јавните функции нема да ги злоупотребуваат своите надлежности за партиски цели. Нема да има уцени, закани и заплашувања за партиски цели. Одвојувањето на партијата од државата е даден збор на новата влада. Врвен приоритет ни е одржувањето на фер и демократски избори. Владата ќе донесе мерки со кои ќе ги спречи кандидатите за градоначалници да користат државни средства – рече Заев.

Шефот на Делегацијата на Европска Унија, Самуел Жбогар, на лидерите на политички партии им порача да ги искористат локалните избори за да покажат демократски вредности.

– Примарно е политичките лидери што ги спроведуваат кампањите за изборите, да ги спроведуваат без насилство, заплашувања и без етнички тензии. Лидерите да го користат изборниот процес за да покажат демократски вредности. Изборите да бидат чекор напред во евроинтеграциите – вели Жбогар.

Во минатото имаше доволно примери за непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата, смета Дарко Алексов, извршниот директор на „Мост“, кој порача дека сите сакаат да видат дека власта може и поинаку да се практикува.

– Треба прекршувањата на принципот на одвојување на државата од партијата да бидат истражени и соодветно санкционирани – додаде Алексов.


Почнува двосменското работење во институциите и во градинките


Скопје, 1 септември, 2017 - 10:27 (META) 

Од денеска повеќе државни институции почнуваат со двосменско работење, во согласност со одлуката што ја донесе Владата. Управата за јавни приходи, Царинската управа, градинките, Управата за водење матични книги, службите за издавање лични карти и пасоши во МВР и одделенијата за одбрана во градовите и во општините во рамките на Министерството за одбрана се првите кои почнуваат со работа во две смени.

Работното време во овие институции ќе биде од 7 до 14.30 часот и од 14 до 21.30 часот, а ќе се работи и првата сабота во месецот, но само во една смена, од 8 до 16 часот.

Втора смена се воведува и во градинките, кои ќе загрижуваат деца до 21.30 часот.

Од денеска почнува и примената на одлуката за флексибилно работно време во Владата, министерствата и во органите на државната управа.

Како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација, секој вработен во Владата и во министертствата може да пристигне на работа помеѓу 7.30 и 8.30 часот и да замине од работа во периодот меѓу 15.30 и 16.30 часот.

За спроведување на мерката, секоја институција треба да обезбеди систем за евиденција на работното време, за контрола при влез и излез на вработените.

Од денеска на сила стапуваат и промените во Агенцијата за катастар на недвижности, каде покрај намалување на цените на услугите за 50 отсто, се укинува и плаќањето за повторно поднесување пријава во Агенцијата.

Од понеделник со ново работно време почнуваат и судовите и обвинителствата, кое ќе трае од 7.30 до 15.30 часот, наместо како досега – од 8.30 до 16.30 часот.


УЈП, МВР и Царина се меѓу првите институции што ќе воведат двосменско работење


Скопје, 31 август, 2017 - 10:23 (META) 

Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење матични книги, Министерство за внатрешни работи, подрачните единици во Секторот за управно-надзорни работи, Министерството за одбрана први ќе почнат да работат во две смени, информираат од Министерството за информатичко општество и администрација.

Работното време на овие институции ќе биде од 7 до 14.30 часот и од 14 до 21. 30 часот, а ќе се работи и првата сабота од месецот, но само во една смена од 8 до 16 часот.

Што се однесува до флексибилното време кое ќе се воведе, работниот ден ќе трае 8 часа, со што почетокот на работното време ќе биде помеѓу 7.30 и 8.30 часот, а завршувањето помеѓу 15.30 и 16.30 часот.

Од утре, втора смена се воведува и во градинките, кои ќе згрижуваат деца до 21.30 часот. Работна ќе биде и секоја прва сабота од 8 до 16 часот.


Хелсиншки: Најмногу дискриминација поради етничката и политичката припадност


Скопје, 24 август, 2017 - 11:01 (META) 

Најчести основи за кои граѓаните на Македонија сметаат дека биле дискриминирани се етничката припадност и политичката припадност, здравствениот статус, полот и попреченоста, покажува годишниот информатор на Хелсиншкиот комитет за човекови права за дискриминацијата во 2016 година.

Според податоците најчести области во кои граѓаните биле дискриминирани се работните односи, здравството, образованието и пристапот до добра и услуги.

Извештајот, како што наведуваат од Хелсиншкиот комитет, ги претставува збирните податоци добиени од здруженијата на граѓани и институциите во областа на дискриминацијата за минатата година.

Од Хелсиншки истакнуваат дека во покренувањето на свесноста за постоењето на дискриминацијата најактивни се здруженијата на граѓани, поради што, сметаат оттаму, неопходна е поголема активност од институциите, во делот на превенцијата и заштитата од дискриминација, особено од страна на Комисијата за заштита од дискриминација.

„Сметаме и дека јавните функционери мора да започнат со осуда на дискриминаторскиот и вознемирувачки говор во медиумите“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Во однос на системското следење на дискриминацијата и водењето на статистика, оттаму сметаат дека системите за собирање на податоци на надлежните институции сè уште немаат посебна статистика за случаите на дискриминација.

„Во овој дел препорачуваме судовите да започнат да водат одвоена статистика за судските постапки иницирани за заштита од дискриминација, а Народниот правобранител да започне да води одвоена статистика за случаите на соодветна и правична застапеност и случаите на дискриминација“, велат од Хелсиншки и препорачуваат донесување на измени на Законот за спречување и заштита од дискриминација во најбрзо време, кои ќе овозможат поголема ефикасност во целокупниот систем за заштита од дискриминација.


Милошоски ја обвини власта за незаконско поставување на кадри


Скопје, 19 август, 2017 - 15:36 (META) 

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денеска на прес-конференција ја обвини власта за незаконско поставување на кадри во Управните и Надзорните одбори, директори на јавни претпријатија и внатре на раководните позиции во државните институции.

Тој кажа дека „незаконските дејствија се одвивале преку делигитимирање на институциите и поставување на луѓе со несоодветно образование.“

– Во Управни и Надзорни одбори се поставуваат луѓе со несоодветно образование и познавање на проблематиката. Особено загрижува фактот што не се почитуваат законите, каде што, законски е определено од кои институции треба да има членови на Управни и Надзорни одбори во одредени агенции како што се Агенцијата за недвижности и катастар и Централниот регистар. Генералниот секретар на владата заедно со неговиот кум, кој што има адвокатска канцеларија, потпишувал решенија за незаконски поставени лица на овие места во Управни и Надзорни одбори – изјави Милошоски.

Тој додаде дека „сето ова се прави надвор од законски предвидените рокови односно по распишувањето на локалните избори, кога де-факто не смее да има прераспределувања, смени, именувања и назначувања.“

– На 3 август наводно се донесени решенија за именувања и разрешувања, а дел од нив после седум дена се објавени во Службен весник. Дел од нив не се ни објавени во Службен весник, а препорачани пратки со решенија за разрешување се пратени на 11 август до одредени лица кои што се разрешени од одредени позиции, и тоа значи, после датумот на кој што се распишани локалните избори- додаде Милошоски.

Според него, „за ваквото незаконско постапување Генералниот секретар на владата, Драги Рашковски зад себе оставил докази кои ќе бидат употребени против него во рамките на правната процедура и ќе бидат поднесени сите пријави кои што законот ги овозможува.“


Владата денеска ќе расправа за јавниот долг и ќе менува раководители


Скопје, 9 август, 2017 - 11:34 (META) 

Владата на Република Македонија на својата 22. седница денеска ќе расправа за повеќе точки, меѓу кои и смена на раководители на институции.

Членовите на владата ќе ја разгледаат информацијата на Центарот за управување со кризи за активностите поврзани со кризната состојба на дел од територијата на земјава, за периодот откако е донесена мерката до денеска, како и информацијата на Министерството за здравство во однос на препораките од Комисијата за превенирање на последиците од топлотни бранови.

На дневен ред се и извештаите за работата на Судскиот буџетски совет и за реализација на судскиот буџет за 2016 година, како и годишниот извештај за управување со јавниот долг на Република Македонија за 2016 година. Ќе се разгледува и информацијата од Министерството за економија во врска со формирање работни групи за подготовка на нацрт-текст за нов закон за енергетика.


СДСМ: Стратегијата за бегалците е продолжение на таа што беше донесена во 2008 година


Скопје, 7 август, 2017 - 16:43 (META) 

„Граѓаните можат да бидат спокојни. Македонија е декларирана како држава за транзит на бегалци, а со усвојувањето на стратегијата се почитуваат меѓународните стандарди и Конвенцијата за правата на бегалци од 1994 година што Македонија ја има ратификувано“, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за стратегијата за мигрантите.

Од партијата велат дека се работи за документ што служи како патоказ и нема обврзувачки акти кон кое било министерство или институција.

– Предлог-стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027, со која денеска ВМРО-ДПМНЕ ги плаши граѓаните, е само продолжение на иста таква стратегија за периодот 2009–2015 година, донесена од тогашната влада предводена токму од ВМРО-ДПМНЕ – велат од СДСМ.


СДСМ: Сите надлежни институции се на терен за побргу да се изгаснат пожарите


Скопје, 5 август, 2017 - 14:38 (META) 

Криминалното и расипничко владеење на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ зад себе оставија нефункционален систем за справување со кризни ситуации, застарена и запуштена механизација и стара и дотраена опрема во службите задолжени за заштита, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека дури и авионите за гаснење на пожар не биле функционални сè до доаѓањето на новата власт.

„Сепак, дури и во такви тешки услови, сите ангажирани лица на терен, пожарникарите, припадниците на армијата и доброволците, заедно со надлежните министерства и институции, даваат сè од себе за што е можно побрзо локализирање и целосно гаснење на активните пожари, од кои за дел постои сомневање дека се подметнати намерно“, се вели во соопштението.

Од СДСМ порачуваат ВМРО-ДПМНЕ да ги остави надлежните институции да ја работат својата работа и да престане да шири паника помеѓу граѓаните.