!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хрватска попушти, ги враќа старите цени за контрола на овошјето и на зеленчукот


Загреб, 10 август, 2017 - 13:15 (META) 

Хрватскиот министер за земјоделство, Томислав Толушиќ, се откажал од зголемувањето на надоместокот за фитосанитарна инспекција на овошјето и на зеленчукот што се увезува во Хрватска од Македонија, Србија, БИХ и од Црна Гора, јави хрватскиот „Т-портал“.

Со тоа, цената на контролата по производ ќе изнесува 90 куни (12 евра) како и досега, наместо 2.000 куни (274 евра) по производ, како што предвидуваше новиот правилник усвоен на 15 јули годинава.

Македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со колегите од другите земји, реагираше до Толушиќ. Завчера двајцата разговарале по телефон, а Николовски бил во постојан контакт со надлежните министри од Република Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, по состанокот што се одржа претходниот ден во Сараево.

Како што пишува „Т-портал“, во хрватското министерство се разговарало инспекцијата да поскапи на 750 куни, односно 100 евра, што Србија и БИХ го прифатиле, но и од тоа се откажале, оти така би поскапел и извозот на хрватските фирми во другите земји.

Поскапувањата предвидени со новиот хрватски правилник усвоен на 15 јули се однесуваа само на земјите што не се членки на ЕУ, додека за тие во европската заедница беа предвидени дотогашните цени за фитосанитарна контрола.


Николовски: Ќе реагираме на поскапувањето на контролите за увоз на храна во Хрватска


Скопје, 3 август, 2017 - 16:45 (META) 

Со новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук што Хрватска го донесе на 15 јули, значително се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук, што ќе влијае врз зголемување на крајната цена на производите.

Оттука, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, информираше дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе достави нота до хрватското министерство за земјоделство и до Европската комисија.

– Со овој правилник трошоците за контрола на квалитет на овошјето и на зеленчукот се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 евра) по производ, на 2.000 куни (274 евра) по производ. Со такви зголемени цени, македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на пазарот. Сметаме дека со носењето на овој правилник се воведува нетарифна бариера од страна на Република Хрватска за заштита на хрватскиот пазар од увоз на свежо овошје и зеленчук – рече Николовски.

Тој најави дека в понеделник надлежните министри на Република Македонија, Република Србија и на Босна и Херцеговина ќе се сретнат во Сараево за да изградат заеднички став и за заедничка реакција до хрватската страна.

– Република Хрватска, како земја членка на Европската Унија, треба да ја почитува Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) која Република Македонија ја има склучено со Европската Унија. Во согласност со Спогодбата, односно член 27, точка 1, укинати се царинските давачки и другите давачки што имаат ист ефект за увозот на земјоделските производи со потекло од Република Македонија – посочи македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Република Хрватска е значаен трговски партнер на Република Македонија во трговијата со земјоделско-прехранбени производи, односно втора од земјите членки на Европската Унија, бидејќи Македонија таму извезува земјоделско-прехранбени производи од околу 36 милиони евра годишно. Во однос на увозот од Хрватска, тој изнесува 37 милиони евра.

Вредноста на извозот на овошје и на зеленчук од Македонија во Хрватска е околу 5 милиони евра годишно. Најмногу се извезуваат свежи пиперки, зелка, домати, краставици, трпезно грозје и лубеници.

Од Република Хрватска најмногу се увезуваат месо од живина, шеќер, чоколади, цигари, сирење, конзервирана риба и други производи.