DOCU.TECH ќе ги собере на едно место младите иноватори и ентузијасти за технологија


Скопје, 17 мај, 2018 - 16:50 (META) 

На 9 и 10 јуни во Креативниот центар „Термокис“ во Приштина неколку десетици ентузијасти за технологија и млади иноватори ќе имаат можност да разменуваат идеи, да дискутираат и да добијат совети на DOCU.TECH 2018 еден од најголемите технолошки настани на Балканот.

Организатори на овој настан се Фондот за Западен Балкан, кој обезбедува и дел од финансиите, како и Фондацијата Шеар од Србија и ДОКУФЕСТ од Косово.  Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“  во соработка со Фондацијата ИПКО од Косово, оваа година овозможува покривање на сите трошоци за одреден број на млади учесници од Македонија.

„Метаморфозис“ на 23 мај со почеток во 13 часот во училницата 101 на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово ќе организира Инфо-ден. Потоа веднаш ќе почне и пријавувањето, со испраќање на мотивациско писмо на англиски јазик и биографија на docutech@metamorphosis.org.mk.

ДОКУ.ТЕК е одлична можност за студентите и младите да дознаат за новите технолошки трендови, како и да сретнат еминентни говорници од целиот свет, односно познати имиња од областа на технологиите и бизнисот. Повеќе за овој настан може да прочитате на следниот линк.


Компаниите можат да ја користат мрежата ЕЕН за да го зголемат извозот на европскиот пазар


Скопје, 20 февруари, 2017 - 12:55 (META) 

44 македонски компании склучиле деловни договори со странски компании со помош на Европската мрежа за бизнис можности (Enterprise Europe Network) ЕЕН, што претставува ЕУ-инструмент за  поддршка за интернационализација на малите и средни претпријатија, информираа денеска во Стопанска комора на Македонија.

Со помош на оваа мрежа, македонските компании можат да ги пронајдат потенцијалните потрошувачи на европскиот пазар, каде што има 450 милиони консументи.

– Одговорите на голем дел од прашањата на македонските компании за тоа како да стигнат до европскиот пазар и да го зголемат извозот, кои се измените на европската легислатива, кои нови технологии се користат, како да аплицираат за европските фондови, ги нуди оваа мрежа. Таа функционира во 60 земји и нуди услуги на барањата на малите и средните претпријатија за зголемување на извозот. Средствата се обезбедени од ЕУ и 40 проценти од Владата – изјави советникот на управниот одбор на Стопанска комора на Македонија, Софче Јовановска.

Таа информираше дека досега 9.605 компании дознале за услугите на мрежата, 139 компании добиле совети за интернационализација на нивните бизниси, 88 компании побарале информации за анализа на странски пазари, а 182 странски побарале соработка со македонски компани.

Според проект-менаџерот на ЕЕН Македонија, Виктор Стојмановски, оваа мрежа е поддршка и за македонските истражувачи и иноватори.

– Мрежата во Македонија е исклучтелно економски ефикасна. 44 склучени договори значат дека просечно по еден договор месечно бил склучен. Вложените средства се исплатливи преку финансиските придобивките кои подоцна ги имаат компаниите и истражувачите кои ги оствариле идеите преку мрежата. Во рамките на оваа најголема меѓународна мрежа, 44 проценти од компаниите го зголемиле годишниот обрт, многу компании почнале нови бизниси, истражувачите стекнале контакти за да учествуваат на проекти – изјави Стојмановски.

Тој упати апел до македонските компании да ја користат оваа алатка, за да се информираат за можностите на европскиот пазар, за зголемување на технолошките капацитети, да добијат идеи за производство и да се информираат какви технологии се користат.

Македонските научни истражувачи преку овој инструмент можат да најдат контакти со субјекти преку кои можат да ги остварат своите идеи. Досега се склучени 22 технолошки договори за партнерства.