!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

НБРМ: Состојбите во економијата во третиот квартал се подобруваат


Скопје, 13 декември, 2017 - 17:01 (META) 

По падот на економската активност во првата половина од годината, податоците за домашниот бруто-производ (БДП) покажуваа умерен пораст на годишна основа од 0,2 проценти, се вели во соопштението на Народна банка.

„Порастот на активноста во третиот квартал се должи на извозната и на личната потрошувачка, додека инвестициската активност продолжи да се намалува, но со побавно темпо, споредено со претходното тримесечје. Показатели упатуваат на нешто подобра состојба во економијата, во однос на претходниот квартал“, се додава во соопштението.

Просечната годишна стапка на инфлација во првите единаесет месеци изнесува 1,3 проценти и таа се движи во рамки на проекциите.


Богов: Зголемувањето на акцизата нема да има голем директен ефект врз инфлацијата


Скопје, 2 ноември, 2017 - 13:54 (META) 

Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, смета дека зголемувањето на акцизата на нафтата нема да има голем директен ефект врз инфлацијата следната година.

Прашан за денешната одлука на Министерство за финансии за зголемување на акцизата на нафтата и на нафтените деривати за 3,54 денари, Богов рече дека направиле некои брзи проценки кои покажуваат дека директниот ефект нема да биде голем, а за индиректниот не можат да проценат во овие моменти.

– Сепак, остануваме на проекцијата од околу 2 проценти инфлација во 2018 година и нема да има некое позначително нарушување – додаде Богов.

Народна банка предвидува економскиот пораст за оваа година од 0,5 проценти, што е надолна проекција споредено со таа од април оваа година, кога се предвидуваше пораст од 2,5 отсто.

Гувернерот Димитар Богов објасни дека ова се должи на негативните резултати од првиот квартал, но и на продолжување на трендот заклучно со третиот квартал, односно на падот на индустриското производство и на градежништвото.

Тој очекува дека четвртиот квартал ќе биде со подобри економски показатели и ќе извлече пораст на економијата од 0,5 проценти.

– За следната година се очекува стабилен амбиент и исцрпени ефекти од домашната политичка криза. Се очекува подобрување на надворешното опкружување, што ќе се услови зголемување на извозот, забрзување на инвестициите во инфраструктурата и зголемување на странските инвестиции, како и зголемена доверба на домашните субјекти – рече Богов.

Тој предвидува дека со зголемувањето на довербата кај домашните субјекти, ќе се зголеми и личната потрошувачка.

– Стабилниот домашен амбиент покажува потенцијал за солиден економски пораст, стабилни цени и солиден депозитен и кредитен пораст – додаде Богов.


Тевдовски: Акцизата на нафтата нема сериозно да ја зголеми инфлацијата


Скопје, 2 ноември, 2017 - 12:20 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека не очекува сериозно зголемување на инфлацијата иако во предлог-буџетот за 2018 се предвидува зголемување на акцизата за нафта и за нафтени деривати.

– Во индекост на цените на мало, сите енргенти вкупно учествуваат со 10 проценти, а ние зголемуваме само мало делче од тие 10 проценти, односно нафтата и нафтените деривати во согласност со препораките на Европската Унија – рече Тевдовски.

Во предлог-буџетот за 2018 година се предвидува стапка на инфлација од 1,7 отсто, главно под влијание на светските цени.

Во презентацијата на предлог-буџетот за 2018 година, Тевдовски најави дека се планира зголемување на акцизата на нафтата за 3 денари, односно на 3,54 денари со ДДВ.

– Зголемувањето на акцизата за нафтата за 3 денари ќе има повеќекратни ефекти. Повисоки буџетски приходи за финансирање на нови расходи, усогласување со европските стандарди и со регулативите на ЕУ, како и заштита на животната средина, односно намалување на загадувањето. Препораката на ЕУ е акцизата за нафтата да изнесува 0,33 евроценти, а во Македонија е 0,20 евроценти. Во моментов цената на еден литар нафта во Македонија изнесува 0,8 евра, а со зголемувањето би изнесувала 0,86 евра, при што повторно малопродажната цена на дизел-горивото ќе остане најниска во регионот – рече Тевдовски.


Инфлацијата нема да надмине 2 проценти, велат од Народна банка


Скопје, 27 јули, 2017 - 13:39 (META) 

Во текот на вториот квартал на годината, порастот на домашните цени очекувано забрза и достигна 1,2 отсто на годишна основа, наспроти 0,5 отсто во претходниот квартал, објави Народна банка.

Од таму велат дека ова претставува мало надолно отстапување во однос на априлските проекции, што во најголема мера се должи на понискиот остварен годишен пораст на цените на енергијата од очекуваниот.

„За цела 2017 година, не се очекуваат позначајни отстапувања на инфлацијата од априлската проекција, при што и понатаму се очекува пораст на цените од 1,3 отато, кој умерено би забрзал до два проценти во 2018 година“, се вели во кварталниот извештај на Народна банка.


НБРМ: Инфлацијата се засилува, слаб пораст на економијата


Скопје, 12 јули, 2017 - 12:58 (META) 

Констатирано е одредено засилување на инфлацијата во јуни, ликвидноста на банките благо се зголемила, а економијата забележала слаб пораст. Износот на благајничките записи, пак, ќе се намали.

Тоа се главните сознанија од комисијата за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Во поглед на редовното преиспитување на ликвидноста на банките,  по зголемувањето на бројот на благајничките записи од почетокот на март до првата декада на јуни, е донесена одлука на денешната аукција на вакви записи да се понудат помалку записи од достасаниот износ.

По стагнацијата во првото тримесечје од годинава, констатирала комисијата, високофреквентните показатели покажале засилување на економијата во месеците од април до јуни, што се должи на порастот на индустриското производство и на порастот кај трговијата. Сепак, овој заклучок се темели на нецелосни податоци, се предупредува во соопштението од НБРМ.

Констатирано е и дека во јуни инфлацијата умерено се засилила во однос на предвидената стапка од 1,5 отсто, при што во првата половина од годинава цените просечно се зголемиле за 0,9 отсто. Цените на храната најмалку учествувале во тој пораст, односно тие или минимално се зголемиле или, пак, останале на исто ниво или се намалиле.

Значителна промена е забележана и кај вкупните депозити на месечна основа во јуни, наспроти нивното намалување во првите пет месеци од годинава.

Кредитната активност на банките во претходниот месец бележи пораст.


Инфлацијата во Британија највисока во последните четири години


Лондон, 13 јуни, 2017 - 14:47 (META) 

Инфлацијата во Велика Британија во мај годинава се зголемила на 2,9 отсто, што е највисока инфлациска стапка во последните четири години.

Британската Канцеларија за национална статистика соопшти дека зголемувањето на цените за рекреативни и за културни добра и услуги, како што се игрите и хобијата, најмногу придонеле за пораст на индексот на потрошувачките цени.

Инфлацијата во Велика Британија е во пораст во последните месеци, поттикната од падот на вредноста на фунтата по минатогодишниот референдум за излез од Европската Унија. Фунтата во еден момент изгуби петина од својата вредност во однос на другите валути, со што увозните производи поскапеа.


НБРМ: Каматната стапка на благајничките записи останува 3,25 проценти


Скопје, 12 април, 2017 - 13:51 (META) 

Каматната стапка на благајничките записи се задржува на нивото од 3,25 проценти, во услови на сè уште присутни ризици од домашните политички случувања, информираат од Народна банка.

„Објавените податоци за порастот на домашниот бруто-производ (БДП) за 2016 година од 2,4 проценти беа во согласност со проекцијата на Народна банка од 2,3 проценти. За првиот квартал од годината се очекува задржување на позитивната динамика на пораст на БДП. Воедно, некои од показателите во економијата се движат во различни насоки, поради што се зголемува неизвесноста околу оцената за состојбата во првиот квартал од годината“, велат од Народна банка.

Мартовските податоци за движењето на цените во домашната економија покажуваат годишен пораст на инфлацијата од 0,6 отсто.


Стапката на инфлација во еврозоната е највисока во последните три години


Брисел, 4 јануари, 2017 - 14:07 (META) 

Официјалните бројки покажуваат дека инфлацијата во државите што припаѓаат на еврозоната, во декември се зголеми на највисоко ниво во последните три години, главно поради зголемување на трошоците за енергија.

Европската статистичка агенција (Евростат) соопшти дека годишната стапка на инфлација се зголемила на 1,1 процент во декември од 0,6 отсто во ноември.

Декемвриската стапка е највисока од септември 2013 година, кога инфлацијата исто така изнесувала 1,1 процент.

Бројката е во прилог на Европската централна банка, која настојува да ја намали инфлацијата под два проценти.


Во Венецуела се продолжува вонредната економска состојба


Каракас, 14 јули, 2016 - 11:09 (META) 

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ја продолжи за два месеци т.н. економската вонредна состојба, која во земјата е воведена во средината на јануари годинава поради економската и политичката криза.

Вонредната состојба се продолжува за 60 дена поради околностите што влијаат врз националната економија, се наведува во претседателскиот указ потпишан во вторникот, а објавен вчера во службен весник.

Првиот таков указ беше потпишан 14 јануари, кога беше воведена економска вонредна состојба, која оттогаш двапати е продолжена.

Венецуела, која беше голем производител на нафта со најголеми резерви на тој енергент во светот, падна во сериозна криза поради падот на цената на нафтата, која придонесува со 96 проценти во нејзиниот вкупен приход.

Венецуела лани имаше инфлација од 180 проценти и пад на домашниот бруто-производ (БДП) од 5,7 отсто.

– Живеевме како луѓе, денес немаме пари за ниту еден оброк, а камоли за три. Мораме да се снаоѓаме, храната ја бараме во отпад – изјавил граѓанин на Каракас.


Одржување на ниска и стабилна инфлација една од целите на Народна банка


Скопје, 26 мај, 2016 - 14:06 (META) 

Oдржување ниска и стабилна инфлација преку одржување на стабилен курс на денарот во однос на еврото, одржувањето на финансиската стабилност како составен елемент на макроекономската стабилност и предуслов за остварување економски раст и просперитет, ќе бидат главните активностите на Народната банка, информираат од таму.

– Стратегискиот план за 2017 – 2019 година претставува продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во спроведувањето на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари, платните системи, статистиката и истражувачката дејност – велат од Народна банка.