Азески: Потребно е итно зајакнување на индустријата за одржлив економски раст


Сарево, 18 мај, 2018 - 9:42 (META) 

Македонија треба итно да ја зајакне основата на својата индустрија со цел да се овозможи одржлив раст на вкупната економија, рече претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески на 13. Меѓународен симпозиум за корпоративно управување на тема: „Дигитална економија – двигател на економскиот раст“, во Босна и Херцеговина.

Тој додаде дека иднината треба да се гради врз ефикасноста на технолошката опременост, за што, главен предуслов се инвестициите.

„Во Македонија постојат повеќе иницијативи кои во моментов се реализираат и кои имаат за цел да ги поддржат бизнисите во остварувањето на забрзан технолошки развој и воведување иновации, каде целта на ваквата поддршка е создавање нови работни места, економски раст и развој, како и подобрување на бизнис-климата преку развој на конкурентските способности на компаниите“, изјави Азески.


Традиционалниот Меѓународен металуршки конгрес ќе се одржи во Охрид, од 30 мај


Скопје, 14 мај, 2018 - 12:55 (META) 

Традиционалниот Меѓународен металуршки конгрес „Металургијата, материјалите и заштитата на животната средина“ ќе се одржи од 30 мај до 3 јуни во Охрид.

Претседателот на Здружението на металурзите при Стопанската комора на Македонија, Свето Цветковски истакна дека целта на овој конгрес е најновите научни достигнувања да се доближат до индустријата.

– Добро е да се види кои се новите научни достигнувања, а ќе биде организирана и тркалезна маса за продлабочување на соработка помеѓу начуните институции и компаниите. Соработката треба да се негува и да биде на повисоко ниво. Технолошко-металуршкиот факултет треба да биде сервис на индустриите кои ќе ги користат придобивките од научните истражувања. Индустријата без наука на оди – рече Цветковски.

На конгресот ќе бидат презентирани 30 научни труда, но ќе има и презентација на фирми. Ќе учествуваат гости од Турција, Србија, Бугарија, Романија, Шведска, Австрија и Украина.


Кочовски: Индустријата ќе претрпи огромни штети од мерките на ЕУ за увоз на челик


Скопје, 10 април, 2018 - 13:12 (META) 

Македонските производители на челик и челични производи се под сериозна закана од мерките на Европската Унија за ограничување на увозот на челични производи на европскиот пазар, информираше денеска претседателот на Здружението на металурзи при Стопанската комора, Митко Кочовски.

Тој додаде дека заштитните мерки кои ги најавува Европската Унија се резултат на ограничувањата кои претходно САД ги воведе за увоз на челични производи.

– Посебно силен одраз би имале мерките на ЕУ за заштита од увоз на одредени челични производи, како и извоз на старо железо, поради фактот што македонската челична индустрија најголемиот дел од извозот го реализира на европскиот пазар. Истото важи и за увозот на старото железо, од каде речиси комплетно се снабдува индустријата – изјави Кочовски.

По објавата на овие мерки од страна на Европската комисија, компаниите од Македонија кои извезуваат на европскиот пазар треба да пополнат прашалник преку кој ќе ја потврдат конкурентноста врз пазарни основи, односно ќе докажат дека со количините кои ги извезуваат и цените по кои продаваат, не го загрозуваат европскиот пазар.

– Извозот од Македонија учествува со 0,87 отсто во увозот во Европа, односно се извезуваат вкупно 256.000 тони производи, што никако не може да влијае на пореметување на европскиот пазар. Бараме нашите економски дипломати да укажат на последиците од воведувањето на оваа царинска заштита од ЕУ по македонската економија. Што се однесува до нас компаниите, ние ќе ги пополниме прашалниците, бидејќи нема никакви сомнежи дека со нашиот извоз ги нарушуваме пазарните цени – додаде Кочовски.

Здружението на металургија бара од надлежните министерства и од амбасадите да делуваат за македонската челична индустрија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ за ограничување на увоз на челични производи, бидејќи не е фактор што може да го загрози нивниот пазар.  Кочовски додаде дека веќе има примери за изземање од таквите мерки, на држави кои се многу поголеми извозници на челик на европскиот пазар од Македонија.

Во САД тоа може да се направи преку амбасадата на САД во Македонија или преку нашата амбасада таму, а за во ЕУ, комапниите веќе се обврзани да го пополнат прашалникот, но државата да влијае во Брисел.

– Европа дава поддршка преку различни грантови, но ако навистина сака да и помогне на економијата, треба да има сенс за овој проблем чии последици би се почувствувале за шест месеци – додаде Кочовски.

Тој објасни сè додека стапат на сила овие мерки, Европската Унија може да воведе количински или царински ограничувања, а ниту едното и ниту другото, не им оговара на македонските компании.

Штетите кои компаниите би ги претрпеле од овие мерки би чинеле околу 128 милиони евра. Но засегната би била и македонската економија, бидејќи металската индустрија учествува со 5,7 отсто во домашниот бруто-производ.

Кочовски додаде дека на почетокот на оваа година имало изгледи за заживување на пазарот, цените биле поволни, имале и нарачки со што би ги компензирале загубите во изминатите 10 години.


Компаниите ги кажаа забелешките, законот за инвестиции влегува во владина процедура


Скопје, 5 март, 2018 - 15:57 (META) 

Компаниите, членки на Стопанската комора на Македонија, на средбата денеска со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши ги кажаа забелешките за Законот за поддршка на инвестициите кој наскоро ќе влезе во владина процедура.

Анѓушев рече дека досегашните забелешки добиени преку јавните дебати биле вградувани во законот, но и дека денеска слушнале неколку корисни сугестии.

– Ценам дека конечно добивме текст кој ќе биде применлив и лесно имплементирачки и ќе даде резултат во развојот на економијата – изјави Анѓушев по средбата.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески посочи дека компаниите се задоволни со мерките од Планот за економски пораст и дека стопанството изразува поддршка за побрзо донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

– Очекуваме брза постапка и поддршка од сите засегнати страни, за донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, за да компаниите бидат поттикнати на нови инвестиции и зголемување на бројот на вработени – рече Азески.

Според последните проценки, околу 8.000 компании ќе имаат корист од програмата.


НБРМ: Економијата закрепнува по падот во првата половина од 2017 година


Скопје, 14 февруари, 2018 - 18:08 (META) 

Економијата во четвртиот квартал од 2017 година закрепнала со подобро темпо во однос третиот, било заклучено на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка.

„Во однос на активноста во економијата, по падот во првата половина на 2017 година и умереното закрепнување во третиот квартал, во четвртиот има закрепнување со нешто подобро темпо. На ваква констатација посочуваат податоците за најновите остварувања во индустријата и трговијата, додека градежната активност продолжи да се намалува. Анкетните истражувања укажуваат на натамошно задржување на довербата на економските субјекти“, се вели во соопштението на Народна банка.

Во него се додава дека инфлацијата е во рамки на проекциите.


Индустриското производство во ноември е зголемено за 4,1 отсто во однос на лани


Скопје, 27 декември, 2017 - 19:52 (META) 

Индустриското производство во ноември, е зголемено за 4,1 отсто во однос на истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика.

Од јануари до ноември пак, индустриското производство е зголемено минимално, од 0,5 проценти во однос на истиот период лани.

Зголемување на производството има кај преработувачката индустрија каде што се бележи пораст од 5,7 проценти. Во овој сектор, најголемо зголемување на производството има кај прехранбените и фармацевтски производи, потоа производство на производи од гума и друго.


Просечната нето-плата во октомври изнесувала 23.356 денари


Скопје, 22 декември, 2017 - 13:48 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2017, изнесува 23.356 денари и е зголемена за четири проценти во однос на истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика.

Просечната месечна исплатена бруто-плата во октомври пак, е 34.266 денари и е зголемена за 3,8 проценти во однос на октомври лани.

Ваквото зголемување се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите уметност, забава и рекреација (29,3 отсто), рударство и вадење на камен (10,5 отсто) и преработувачка индустрија (7,9 отсто). Во октомври, 1,6 отсто од вработените, не зеле плата.


Николовски: Науката е важна за креирање на развојните политики на земјоделство


Скопје, 19 октомври, 2017 - 14:14 (META) 

Земјоделството е еден од најважните сектори кој во вкупниот домашен бруто-производ (БДП) учествува со 13 отсто, вклучително и во преработувачката индустрија, и е трет по големина сектор во земјата, по услугите и по индустријата, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на Меѓународен симпозиум за земјоделство и за храна на Факултетот за земјоделски науки.

Тој додаде дека земјоделството обезбедува приходи и вработување на приближно 17 отсто  од работната сила во државата, иако реалниот придонес го надминува овој процент.

– Модернизирањето на земјоделското производство преку воведување нови современи технологии, зголемување на обработливите земјоделски површини, производство на конкурентни производи со висока додадена вредност, зголемување на извозот, се дел од стратешките цели на политиките на Владата во тековниот период – додаде Николовски.

Тој рече дека во исполнувањето на овие зацртани цели и во креирањето на развојните политики за земјоделството, од голема важност е учеството на македонската наука, односно на стручниот кадар од Факултетот за земјоделски науки и храна, кој годинава слави 70 години.


Состојбите во економијата се подобруваат, има оптимизам кај фирмите, велат од Комората


Скопје, 2 октомври, 2017 - 14:06 (META) 

Падот на индустриското производство во август за 5,3 проценти во однос на истиот месец лани не е загртижувачки податок, бидејќи состојбата со производството се следи кумулативно, одговори на новинарско прашање директорката на дирекција во Стопанска комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ.

Според неа, падот на индустриското производство за осум месеци е незначително мал во однос на истиот период лани.

– Рударството е важен сектор и таму падот е незначително мал. Производство на облека има кумулативен пад од 17 проценти, но тоа не е веродостоен податок бидејќи реалноста е сосема поинаква. Постои оптимизам кај компаниите, состојбите се подобруваат и очекуваме позитивни трендови – додаде Пеева-Ѓуриќ.


СДСМ: Зголемувањето на минималната плата е прв чекор во спиралата за пораст на платите


Скопје, 19 септември, 2017 - 10:03 (META) 

Со усвојувањето на законот за минимална плата веќе од следниот месец на работниците ќе им се исплаќа повисока плата од 12.000 денари, а фирмите ќе бидат финансиски поддржани од државата во реализацијата на оваа мерка, се вели во утринското соопштение на СДСМ.

Во него се додава дека ова е првиот значаен чекор со кој се отвора спиралата на севкупен пораст на платите, а ефектите директно ќе ги почувствуваат околу 130.000 работници кои ќе добиваат повисока плата.

„Со овој закон се исправа долгогодишната неправда кон работниците од кожарската и од текстилна индустрија кои, исто така, ќе земаат минимална плата во висина од 12.000 денари, за разлика од претходно кога земаа плата пониска од минимално утврдената“, се додава во соопштението.