!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Искршени врата и излог на штаб на СДСМ, во Опила расправии за плакати


Скопје, 3 октомври, 2017 - 16:27 (META) 

Вчера, засега непознат сторител ги скршил стаклото од излогот и стаклото од влезната врата на изборен штаб на СДСМ во скопското село Инџиково. Според полицијата, се работи на откривање на сторителите.

Во друг инцидент, за кој извести МВР, завчера во општина Ранковце имало проблеми при лепење плакати.

Според полицискиот билтен, независниот кандидат за градоначалник на општина Ранковце, Ивица Тошевски, вчеравечер пријавил дека претходниот ден, додека негови активисти поставувале плакати на автобуските постојки во селата Петралица и Опила, дошол Роберт Симоновски, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата, и не им дозволувал да ги поставуваат плакатите. Тие, сепак, го сториле тоа, а откако вчеравечер Тошевски забележал дека поставените плакати биле искинати, пријавил во полиција.


Нападнат и ограбен жител на Инџиково


Скопје, 16 април, 2017 - 15:11 (META) 

Триесет и деветгодишниот Б.Д. од скопското село Инџиково вчера попладне бил нападнат од четири лица. Го натепале и му ги одзеле паричникот во кој имало 4.000 денари, документите и мобилниот телефон.

Настанот се случил околу 15 часот, кога Б.Д. во паркот „16 Маченици“ наишол на паркирано возило од кое излегло едно непознато лице со медицинска маска, капа и со очила и му побарало запалка по што го фатило за рака и го турнало во возилото, каде биле другите три непознати лица, исто така маскирани. Еден од разбојниците имал и нож во раката.

Лицето кое го турнало Б.Д. во возилото почнало да го удира со тупаници во пределот на главата, при што Б.Д. добил видливи повреди. Во меѓувреме, друго лице му ги одзело паричникот, документите и мобилниот, по што го истуркале од возилото и го напуштиле местото на настанот.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


Пуштен натпатникот што ги поврзува Хиподром и Инџиково


Скопје, 8 декември, 2015 - 14:52 (META) 

Пуштен е во употреба новиот пешачки натпатен премин преку автопатот Скопје – Петровец, што ги поврза населбите Хиподром и Инџиково, во општината Гази Баба.

Натпатникот, за чија изградба Градот Скопје вложу околу 38 милиони денари, е долг 63 метри, широк 5,4 метри, а површината за движење е широка 3,1 метри.

Новиот натпатник е изграден од челично-бетонски столбови, челични скали и челични рампи, со кој се овозможи безбеден премин на пешаци, пешаци со велосипеди и на лица со посебни потреби. По должината на натпатникот е поставена ограда висока два метра, изработена од челични профили и од челична мрежа, како и конзоли за инсталации.

За пристап кон натпатникот, односно кон скалите и рампите, од двете населени места, изградени се пешачки патеки со ширина од три метри. За одведување на атмосферските води од натпатникот, изведена е атмосферска канализација. Новиот натпатник е осветлен од 12 канделабри, а осветлени се и рампите.


Град Скопје: Натпатникот во Инџиково ќе биде изграден


Скопје, 17 ноември, 2014 - 14:28 (META) 

Градот Скопје реагира на, според соопштението на институцијата, невистините и обвинувањата изнесени на денешната прес-конференција на СДСМ, од Инџиково, а на која се зборуваше за натпатникот што треба да ги поврзе населените места Инџиково и Хиподром.

„Почитувани, Вие најверојатно ја читате интернет-страницата на Бирото за јавни набавки, каде што пишува дека е во тек тендерот на Град Скопје за избор на изведувач за изградба на овој пешачки натпатник. Претходно, за овој натпатник беше направен проект и беше завршена целокупната документација. Реализацијата на овој проект треба да почне по завршувањето на законските процедури за избор на изведувач. Изградбата на овој натпатник стои и во предизборната програма на градоначалникот Коце Трајановски, што, всушност, е доказ дека она што е ветено во предизборниот период се остварува“, стои во реакцијата од Град Скопје.

 


СДСМ: Власта вети пешачки мост во Инџиково, ама се пишмани


Скопје, 17 ноември, 2014 - 13:47 (META) 

Граѓаните во Инџиково веќе неколку години чекаат изградба на пешачки мост преку автопатот што ги поврзува населените места Инџиково и Хиподром. За да го преминат автопатот, граѓаните користат див премин, на кој секоја година гине најмалку по еден наш сограѓанин, истакна Дејан Ристиќ, претседател на ОО на СДСМ Гази Баба.

– Овој пешачки мост е ветување и на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и на градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски. До ден-денес, ветувањето не е реализирано. ВМРО-ДПМНЕ и Коце Трајановски потрошија милиони евра за споменици, барок и за бронза за „Скопје 2014“, а на неколку километри од градот граѓаните ги немаат основните потреби за нормален и достоинствен живот – рече Ристиќ.

СДСМ бара власта на ВМРО-ДПМНЕ што поскоро да се зафати со решавање на овој горлив проблем.