!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Емануел Макрон застана на чело на Франција


Париз, 14 мај, 2017 - 18:18 (META) 

Новиот француски претседател, Емануел Макрон, со емотивен говор по преземањето на претседателската должност во Елисејската палата вети дека на „Французите ќе им ја врати верата во животот, бидејќи Франција долго беше ослабена“, и оти сака да ја ревитализира Европската Унија.

– Франција ги избра надежите и духот на победата, а јас нема да потклекнам ниту пред едно политичко ветување. Европа, каква што ни е потребна, ќе биде обновена на нови вредности и ревитализирана, бидејќи ни дава заштита. Французинките и Французите кои се чувствуваат заборавени во овој глобализиран свет ќе бидат подобро заштитени. Сакам да работам на помирувањето и на обединувањето – изјави центристот Емануел Макрон, кој е на 39-годишна возраст и најмладиот претседател на Франција досега.

Макрон и неговиот претходник, Франсоа Оланд, се ракуваа на црвениот тепих во претседателската резиденција пред неколку стотини гости и многубројни фотографи и новинари од светските медиуми, како и телевизиски екипи кои присуствуваа на примопредавањето на претседателската должност.

Првата активност на Макрон ќе биде неговата посета на Германија утре, што е уште една потврда за неговата намера да ја обнови француско-германската оска.


Инаугурацијата на Макрон ќе се одржи в недела


Париз, 8 мај, 2017 - 14:30 (META) 

Францускиот претседател во заминување, Франсоа Оланд, денеска изјави дека инаугурацијата на неговиот наследник, Емануел Макрон, ќе се одржи в недела на 14 мај. Како што се наведува, церемонијата ќе биде одржана во Елисејската палата.

На изборите за претседател на Франција, проевропски ориентираниот Емануел Макрон освои 66,10 отсто од гласовите, а кандидатката на екстремната десница, Марин ле Пен, освои 33,90 отсто од гласовите. Овие конечни резултати денеска ги соопшти француското министерство за внатрешни работи.

Конечниот број на луѓе кои не излегоа на гласање е 25,44 отсто од впишаните во избирачкиот список, што е рекорд за француските избори.


Трамп ги обвини медиумите дека лажат за бројката на присутни луѓе на инаугурацијата


Вашингтон, 22 јануари, 2017 - 13:18 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги обвини медиумите дека се „нечесни“ околу проценките за бројот на луѓе што присуствувале на неговата инаугурација пред Капитол хил, јавува „Би-би-си“.

Новиот претседател на САД реагирал на фотографиите објавени во медиумите, со кои се споредува бројот на граѓани што биле присутни на неговата и на инаугурацијата на претходниот претседател на САД, Барак Обама, во 2009 година.

Трамп тврди дека во петокот, додека го држел инаугуративниот говор пред Капитол, „изгледало како да има“ околу 1,5 милиони луѓе, остро негирајќи ги извештатите на медиумите, според кои, на церемонијата присуствувале најмногу 250.000 луѓе.

Подоцна, како што пренесува британскиот национален сервис, прес-секретарот на Белата куќа, Шон Спајсер, изјавил дека во петокот „имало најмногу публика која досега била видена на една инаугурација, и точка“. Сепак, ниту Трамп, ниту Спајсер не понудиле докази за своите тврдења.

Фотографиите, на кои реагирал Трамп, како што може да се види, покажуваат многу поголем број на граѓани на инаугурацијата на Обама во 2009 година.

За бројот на присутните нема официјален податок, но, според проценките, на инаугурацијата на Обама во 2009 присуствувале околу 1,8 милиони луѓе, а во 2013 околу еден милион.


Заев: Придонесот на САД за демократијата во Македонија е од огромно значење


Скопје, 21 јануари, 2017 - 15:36 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска упати честика до претседателот на САД, Доналд Трамп, по повод неговата инаугурација, во која изрази надеж дека САД ќе продолжат со поддршката за земјава на нејзиниот пат за евро-атлантска интеграција.

„За граѓаните на Македонија од огромно значење е придонесот на САД во развојот на демократските процеси и почитувањето на човековите слободи и права во земјава. Исто така, од големо значење е поддршката на САД за безбедноста на Република Македонија и на целиот регион. Иднината на Македонија како држава е во НАТО и во Европската Унија и се надевам дека САД ќе продолжат со политиките на поддршка на евро-атлантска интеграција“, вели Заев во честитката до Трамп.


Трамп потпиша указ против „Обамакер“


Вашингтон, 21 јануари, 2017 - 13:55 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, веднаш по преземањето на функцијата во Белата куќа, потпиша указ против законот за здравствена реформа, познат како „Обамакер“, донесен од неговиот претходник Барак Обама.

Со указот, Трамп им наредил на државните агенции да го сведат на минимум „финансиското влијание на овој закон“.

Законот за реформи во здравствената заштита што го донесе Обама, а кој им дава можност на сите Американски да имаат здравствено осигурување, беше честа мета на критики од страна Трамп за време на неговата предизборна кампања.

Доналд Трамп вчера и официјално стана 45. претседател на САД.

„Проблемите со сиромаштијата, здравството, образованието, криминалот и дрогата сега ќе завршат. Заклетвата што денеска ја положувам е за Американците. Секоја одлука за даноците, надворешната политика, имиграцијата ќе биде во согласност со интересите на Американците. Никогаш нема да ве изневерам“, рече Трамп во својот инаугуративен говор.


Ахмети и Груевски го нагласија стратешкото партнерство со САД во честитката до Трамп


Скопје, 20 јануари, 2017 - 20:57 (META) 

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, му ја честитаа инаугурацијата на Доналд Трамп за 45. претседател на Соединетите Американски Држави.

– Посакувајќи добро здравје и успех во неговата нова задача, остануваме уверени дека Соединетите Aмерикански Држави ќе продолжат да бидат стратешки партнер на Македонија, Албанците и на Балканот, и поддржувач на нашиот незапирлив евроатлантски пат – наведе Ахмети во честитката што ја упати до Трамп од свое и од име на партијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, му честиташе на Трамп на неговиот профил на „Твитер“.

– Честитки претседателе Трамп. Нова енергија за стратешкото партнерство и пријателство помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави – напиша Груевски на „Твитер“.

 


Албанскиот претседател Нишани му ја честиташе инаугурацијата на Трамп


Тирана, 20 јануари, 2017 - 20:43 (META) 

Претседателот на Албанија, Бујар Нишани, му ја честитал инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД и му посакал успех во извршувањето на обврските, јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.

Во својата изјава тој се заблагодарил за сето она што САД, повеќе од еден век, го направиле за Албанците и изразил убедување дека стратешкото партнерство меѓу двете земји уште повеќе ќе се зајакне.

Нишани нагласил дека за Албанија, САД остануваат едни од главните пријатели и стратешки партнери, уверувајќи го Трамп дека Албанците ќе продолжат да бидат на нивна страна во борбата против ИД и тероризмот.


Доналд Трамп и официјално стана 45. претседател на САД


Вашингтон, 20 јануари, 2017 - 18:43 (META) 

Доналд Трамп положи заклетва и официјално стана 45. претседател на САД. Неговата инаугурација во Капитол хил ја следеа 900.000 луѓе.

Откако положи заклетва над Библијата, Трамп се поздрави со семејството и го почна својот говор, во кој, меѓу другото, зборуваше и за проблемите со кои се соочуваат Соединетите Американски Држави.

– Проблемите со сиромаштијата, здравството, образованието, криминалот и дрогата сега ќе завршат. Заклетвата што денеска ја положувам е за Американците. Секоја одлука за даноците, надворешната политика, имиграцијата ќе биде во согласност со интересите на Американците. Никогаш нема да ве изневерам. Ќе ги вратиме нашите работни места, граници, богатство. Аеродроми и патишта ќе изградиме со наши раце – истакна меѓу другото Трамп на инаугурацијата.