Вакцините се безбедни, нивниот квалитет е гарантиран (инфографици)


Скопје, 19 ноември, 2018 - 14:10 (META) 

Имунизацијата на населението е значајна здравствена, социјална и економска придобивка. Вакцините штитат од тешки заразни заболувања, а со тоа се создава колективен имунитет и заштита од епидемии на целата заедница.

Во Македонија, согласно законската регулатива континуираната вакцинација кај децата од 0-18 години е задолжителна. Опфат над 95 отсто може да создаде колективен имунитет и заштита на населението од појава на заразна болест во епидемиска форма. Она што е значајно да се истакне е дека право на секое дете е да биде заштитено и вакцинирано против тешки заразни заболувања, а обврска на родителот е да му го овозможи тоа право.

Невакцинираните деца ги загрозуваат останатите

Епидемиолозите со кои разговаравме нагласуваат дека децата кои не се вакцинирани го загрозуваат здравјето на останатите.

– Оние деца кои имаат намален имунитет заради примарна имунодефициентна болест, малигно заболување, хронична терапија со кортикопрепарати не може да се вакцинираат. Децата кои не се вакцинирани, ги доведуваат во опасност овие деца, Првите не смеат да се вакцинираат зашто кај нив постои контраиндикација за вакцинација, така што децата кои не се вакцинирани ако заболат може лесно да им пренесат болест. Затоа потребно е опфатот на вакцинирани деца да е што поголем, на тој начин ќе се создаде колективен имунитет и ќе се намали можноста децата кои не може да се вакцинираат да заболат – предупредува д-р Катерина Ставридис, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

Последните години државата прави напори за промоција на вакцинацијата во јавноста и зголемување на свесноста за бенефитите од вакцинацијата, но тоа не е доволно.

Да се влијае на свеста во континуитет

Секоја година во Македонија се одбележува Неделата на имунизацијата со бројни активности и настани поврзани со вакцинацијата. Но, тоа не треба да се прави не само во текот на таа недела, туку треба да биде континуиран процес. Иако епидемиолозите се организираат на секаков начин да го намалат отпорот кај родителите, сепак е потребна подобра и поактивна комуникација со родителите. И не само кај родителите, потребно е зголемување на свесноста и на здравствените работници: матичните лекари, педијатарите, гинеколозите за значењето и бенефициите на имунизацијата, како и за безбедноста на вакцините, затоа што тие најдобро може да ја промовираат вакцинацијата.

Безбедноста е гарантирана Вакцините што се користат во државата се квалитетни, а здравствените власти го гарантираат тој квалитет. Првиот човек на ресорот здравство во државата, министерот Венко Филипче во интервју за „Мета“ потенцира дека родителите не треба да се грижат околу безбедноста на истите бидејќи истите тие вакцини што се набавуваат, се користат и во земјите-членки на Европската Унија. – Во целост се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите се од реномирани производители од земји на Европска Унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди. Вакцините од производител до краен корисник – децата, се транспортираат, складираат и чуваат на соодветна температура од 2-8 степени. Секоја пратка се прима и проверува од страна на претставници од Министерство за здравство и Агенција за лекови, а Агенцијата за лекови по опсежните анализи издава одобрение за пуштање во промет. Да напоменам дека овие вакцини се употребуваат и во земјите каде се произведуваат – рече Филипче. Да не се одложува вакцинирањето Во Македонија, сепак опфатот со вакцинација не е на задоволително ниво и тоа главно е резултат на лобирањата на антиваксерите кои најчесто не вакцинираат поради недовербата во здравствениот систем, стравот од компликации по примањето на вакцините, како и поради стравот од небезбедноста на вакцините. Дека е тоа така, показател е падот на опфатот со првата доза на МРП вакцината е силно поврзан со влијанието на антивакциналното лоби кое зема засилен замав и во нашата земја, па многу родители или ја одбиваат МРП вакцинацијата или ја одложуваат до постигнување на поголема возраст на своите деца. Податоците до кои дојде „Мета“ покажуваат дека во однос на вакцинацијата со прва доза на МРП вакцина која се дава на возраст од 12 месеци, во 2017 е регистриран опфат од 82,6 oтсто што незначително се разликува во однос на 2016 година кога опфатот бил 82,1 отсто. Но, почнувајќи од 2014 година, се бележи континуирано намалување на опфатот, а последните три години, опфатот со МРП вакцинацијата континуирано е под 90 отсто. За разлика од опфатот со првата доза, опфатот со втората доза кај деца на 6 годишна возраст односно во прво одделение е значително повисок. Во 2017, опфатот со втората доза на МРП вакцината е 97 отсто, кој е повисок од опфатот во 2016 кога бил 93,3 отсто, како и од просечниот опфат за изминатиот петгодишен период кој изнесува 94,8 отсто. Многумина оваа вакцина ја поврзуваат со аутизмот, што можеби е и главната причина зошто се избегнува. Но, студијата направена во 1998 покажала некаква поврзаност со аутизмот е побиена, а трудот во кој била изнесена оваа студија бил повлечен од списанието во кое бил објавен. Оттогаш се направени бројни студии во кои биле споредувани стотици илјади деца кои ја примиле МРП вакцината со деца кои никогаш не ја примиле вакцината, при тоа е утврдено дека ризикот за појава на аутизам е еднаков во двете групи, што ја отфрла теоријата дека МРП вакцината предизвикува аутизам.

Едукација и повеќе вакцинални тимови на терен

Што се однесува до опфатот на вакцинација, бројките од извештајот за имунизација на Институтот за јавно здравје покажуваат дека има разлика во одредени општини која е значителна. Она на што треба да се работи е подобра информираност и едукација на населението од полезноста на вакцините, како и работа на терен во смисла на повеќе тимови за вакцинација.

Она што е потребно се што повеќе превентивни тимови на терен со цел да се зголеми колективниот имунитет. Во моментов постои недостиг на кадар и недоволна вклученост на нови вакцинални тимови, на кои укажуваат епидемиолозите. За да се зголеми опфатот, потребна е и поголема контрола од институциите, но и континуирано и навремено снабдување со вакцини.

Пишува: Антонија Поповска


За три години, тројно се намалени пријавите за несакани реакции од вакцини (инфографик)


Скопје, 31 октомври, 2018 - 13:54 (META) 

За три години, тројно е намален бројот на пријави од граѓани за несакани реакции од вакцините, покажува евиденцијата на Институтот за јавно здравје. Во 2015 година, регистрирани се 48 пријави за несакани ефекти од вакцини, додека во 2016 се регистрирани 16, а во 2017 само 13 пријави.

Значителното намалување на несаканите реакции може да се поврзе со воведувањето на поливалентните вакцини од пред три години. Со поливалентните вакцини компонентата на ацелуларната вакцина против голема кашлица ја замени целуларната вакцина која во минатото била причина за повеќе од 90 отсто несакани реакции после вакцинацијата, во исто време се намали и бројот на убоди, а со тоа е намалена и можноста за локална реакција на местото на апликација на вакцината.

Опфатот со вакцината против хуман папилома вирусот (ХПВ) која беше воведена во 2009 година,  досега во просек за сите години наназад, е 48 отсто. Според бројките во извештајот за имунизација, може да се заклучи дека ХПВ вакцината има најнизок опфат од сите вакцини. Вакцината е безбедна според епидемиолозите, но како и сите медицински средства може да предизвика несакани реакции кои се ретки и обично многу лесни, локални реакции како болка, црвенило и оток на местото на убодот.

Досега во Институтот не се пријавени несакани реакции предизвикани од оваа вакцина. Вакцината против ХПВ се употребува во многу земји во светот, но кај нас одзивот за вакцинација е се` уште слаб.

Ако се погледнат подетално бројките од извештајот на Институтот за јавно здравје, се забележува дека вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања причинети од ХПВ во државата изнесува 48 отсто. Опфатот се движи од 12,1 отсто во Битола, до 100 отсто на територијата на само неколку подрачни единици – Кавадарци, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Кратово, Дебар и Пробиштип. Опфат понизок од вкупниот опфат во земјата (48 отсто) е регистриран во Тетово, Гостивар, Струмица, Охрид, Скопје и Битола.

Maкедонија е една од првите земји во регионот кои ја имаат воведено во редовниот календар за вакцинација.


Колективниот имунитет „опаднат“, државата со вакцини ќе го зголемува (инфографик)


Скопје, 18 октомври, 2018 - 10:20 (META) 

Минатата година, опфатот на вакцинација на ниво на држава бил помал од 95 отсто, колку што е препораката на Светската здравствена организација, освен за „бе-се-же“ (БСГ) вакцината, покажуваат последните бројки на Институтот за јавно здравје. Има 2.800 деца на возраст од 13 месеци кои не ја примиле „ем-ер-пе“ (МРП) вакцината, а дури 2.400 од нив се од Скопје. Опфатот на вакцинирани со оваа вакцина е само 66 отсто.

– Разликата во вакцинацијата е значителна. Тоа се должи на повеќе фактори кои што ги прават ваквите разлики, а се однесуваат на информираноста на населението односно дезинформираноста за безбедноста на вакцините – вели Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом.

Министерот за здравство Венко Филипче за „Мета“ веќе најави мерки за зголемување на опфатот со вакцинација.

– Согласно Акцискиот план, приоритетни области за дејствување, во кои е вклучена и нашата држава се набавка на квалитетни вакцини, ефикасна контрола врз процесот на имунизација, пристапност до вакцините и континуирана промоција и едукација на бенефитите од вакцинацијата – изјави министерот.

Опфатот на вакцинација со МРП е мал заради стравот дека вакцината има врска со појава на аутизам. Родителите ја одложуваат, чекајќи децата да прозборуваат и проодаат, па потоа ги носат на вакцина.

Здравствените власти во неколку наврати досега потенцираа дека нема причини за одложување на оваа вакцина затоа што има научни докази дека вакцината нема врска со аутизам.
Најмалку вакцинирани деца против морбили има во Скопје. Лекарите упатија апел до родителите дека и оваа вакцина е безбедна и со години се употребува, нема причина да ја одложуваат вакцинацијата.

Филипче нагласи дека во целост се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите, како што рече, се набавуваат од реномирани производители од земји на Европска унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди.

Тој во интервјуто за „Мета“ истакна дека вакцините од производител до краен корисник – децата, се транспортираат, складираат и чуваат на соодветна температура од 2 до 8 Целзиусови степени.

– Секоја пратка се прима и проверува од страна на претставници од Министерство за здравство и Агенција за лекови, а Агенцијата за лекови по опсежните анализи издава одобрение за пуштање во промет. Да напоменам дека овие вакцини се употребуваат и во земјите каде се произведуваат – рече тој.


Димовски: Ставот за поддршка на планот „3-6-9“ е променет поради политичкиот реваншизам


Скопје, 3 декември, 2017 - 13:25 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека ставот на партијата за поддршка на владините реформи од планот „3-6-9“ е променет, јавува телевизија „Алсат-М“.

Димовски додаде дека на оваа промена влијаеле последните случувања, односно одземањето на имунитетот на шесте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ покажа дека нема потреба од опозиција во Собранието. Отсега понатаму сè е можно. Нашиот став е променет многу поради политичкиот реваншизам“, вели Димовски.

Собранието на 1 декември, на пленарна седница го одобри барањето на Основниот суд Скопје за одземање на имунитетот и за притворање на пратениците Крсто Муковски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, поради нивното учество во насилствата што се случија на 27 април годинава во Собранието.

Претходно, ставот на опозицијата беше дека ќе ги поддржи реформите на Владата што ќе го забрзат процесот за интеграција на државата во НАТО и во Европската Унија.


Повторно одложена седницата на Комисијата за финансирање и буџет


Скопје, 1 декември, 2017 - 12:11 (META) 

Собранието извести дека и денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, која требаше да почне во 11 часот, е одложена.

Денеска беше четвртиот обид да почне првото продолжение на 20. седница на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на која на дневен ред е расправата за предлог-буџетот за 2018 година, но таа повторно се одложи без дополнително објаснување.

Еден од членовите на Комисијата за финансирање и буџет е и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, кој во вторникот беше уапсен заедно со уште дваесетина лица поради основано сомневање за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, од член 313 од Кривичниот законик.

Денеска на пленарна седница во Собранието, пратениците треба да одлучат по барањето на Основниот суд Скопје 1 да им се одземе имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, поради учество во насилството на 27 април годинава во Собранието.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение, најави дека нема да учествува на седницата.


ВМРО-ДПМНЕ: Нема да учествуваме во денешната политичка фарса во Собранието


Скопје, 1 декември, 2017 - 12:00 (META) 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение информираше дека нема да учествува на денешната собраниска седница, на која на дневен ред пред пратениците е барањето од Кривичниот суд за одземање на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, поради учество во насилството во Собранието на 27 април годинава.

„Ова е политичка фараса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите што мислат поинаку. Главна и единствена работа која СДСМ ја спроведува е политички реваншизам, прогон и хајка. СДСМ очигледно не сака во Македонија да постои опозиција, која што со свест и со совест треба да се спротиставува на штетни политики. СДСМ е тргнат и не запира во намерата да уништува животи, да гази луѓе, да монтира случаи и да прави политички прогон само и само за себе да си обезбеди апсолутно неограничено и неконтролирано владеење“, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија додаваат дека ги разгледуваат сите опции за да се спротивстават и да се стават во заштита на луѓето кои неправедно се дел од политички монитрани процеси.


Собранието напладне ќе одлучува за имунитетот на шестeмина пратеници


Скопје, 1 декември, 2017 - 9:34 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за дененска напладне ја закажа пленарната седницата на која ќе се одлучува за одземањето на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, во врска со барањето на Кривичниот суд за нивно притворање.

Шестемина пратеници се дел од 36-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април оваа година. Нив, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги товари за терористичко загрозување на уставниот предок и на безбедноста на државата.

Џафери ја закажа седницата откако вчера Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања едногласно, со пет гласа „за“ и без воздржани или против, го одобри барањето на судот и донесе заклучок да му предложи на Собранието да им се одземе имунитетот на шестемина пратеници.

За одземање на имунитет на пратеник се гласа со просто мнозинство, односно потребни се 61 глас.

Oд пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагираа на одлуката на Комисијата, која ја нарекоа „гола желба за политички реваншизам“.

Од опозициската партија велат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија не сака да дава легитимитет на противуставните одлуки на партиската комисија на СДСМ.

Инаку, според објавените материјали за седницата, од Кривичниот суд до претседателот на Собранието пристигнале две барање за одобрување притвор. Едното барање се однесува на барањето за одборување притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски и е потпишано од судијката на претходна постапка Весна Димишкова, а другото е за пратениците Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, потпишано од судијата на претходна постапка, Ненад Савески.


Собранието утре напладне ќе одлучува за имунитетот на шестемина пратеници


Скопје, 30 ноември, 2017 - 17:35 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за утре напладне ја закажа пленарната седницата на која ќе се одлучува за одземањето на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, во врска со барањето за нивно притворање што до законодавниот дом го испрати Кривичниот суд во Скопје.

Шестемина пратеници се дел од 36-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април оваа година. Нив, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ги товари за терористичко загрозување на уставниот предок и на безбедноста на државата.

Џафери ја закажа седницата откако денеска Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања едногласно, со пет гласа „за“ и без воздржани или против, го одобри барањето на судот и донесе заклучок да му предложи на Собранието да им се одземе имунитетот на шестемина пратеници.

За одземање на имунитет на пратеник се гласа со просто мнозинство, односно потребни се 61 глас.

Oд пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагираа  на денешната одлука на Комисијата, која ја нарекоа „гола желба за политички реваншизам“.

Од опозициската партија велат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија не сака да дава легитимитет на противуставните одлуки на партиската комисија на СДСМ.

Инаку, според објавените материјали за седницата, од Кривичниот суд до претседателот на Собранието пристигнале две барање за одобрување притвор. Едното барање се однесува на барањето за одборување притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски и е потпишано од судијката на претходна постапка Весна Димишкова, а другото е за пратениците Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, потпишано од судијата на претходна постапка, Ненад Савески.


ВМРО-ДПМНЕ: Приведувањето на пратениците е врвен доказ за непостоење на правен систем


Скопје, 30 ноември, 2017 - 15:23 (META) 

Денешната одлука на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не е базирана на факти и на аргументи, туку на голата желба за политички реваншизам на СДСМ кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата, но и кон многу граѓани кои покажале лична доблест и свест да проговорат јавно против политиките на СДСМ, реагираат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем и за непочитување на Уставот на Република Македонија. Пораката што СДСМ ја испрати со денешната одлука на партиската Комисија за мандатно-имунитетни прашања е дека СДСМ не сака да постои опозиција на нивното владеење ниту во Собранието, ниту надвор од него“, стои во партиското соопштение.

Од опозициската партија велат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија не сака да дава легитимитет на противуставните одлуки на партиската комисија на СДСМ.

„Денес, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го премолча и го аминуваше прекршувањето на Уставот и на деловникот за работа на Собранието. На СДСМ не му приоритет ништо освен политички реваншизам“, додаваат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.


Собраниската комисија едногласно одобри да им се одземе имунитетот на пратениците


Скопје, 30 ноември, 2017 - 13:01 (META) 

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања едногласно, со пет гласа „за“ и без воздржани или против, го одобри барањето на судот и донесе заклучок да му предложи на Собранието да им се одземе имунитетот на пратениците Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска.

На комисиската расправа не присуствуваа членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Тарчуловски и Мукоски, кои, исто така, се дел од ова собраниско тело.

Расправата за одлучување по оваа точка траеше кратко и единствен што се пријави за збор беше пратеникот од владејачкото мнозинство, Александар Кирацовски, кој рече дека насилството во Собранието на 27 април било напад врз демократијата и претставувало обид да се загрози животот на пратениците.

– Институциите имаат обврска и должност да го расветлат случајот докрај, за правдата да излезе на виделина и за ова никогаш да не се повтори. Ситуацијата е многу чиста, фактите се јасни, аргументите се поголеми од сите нас. Законот мора да важи за сите, па дури и за пратениците. Владејачкото мнозинство ќе гласа за овој предлог – рече Кирацовски.

Комисијата има обврска во рок од два дена да го достави извештајот од седницата до претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој, пак, треба да свика пленарна седница.

Како што дознава „Мета“ од собраниските служби, пленарната седница веројатно ќе се одржи утре.

МВР, по налог на Основното јавно обвинителство, завчера приведе 36 лица, поради насилствата во Собранието од 27 април годинава. Меѓу приведените се и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски. Сите се товарат за загрозување на уставниот поредок и на безбедноста. Судот на дел од приведените им одреди 30-дневен притвор, а на дел куќен притвор.