!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Биљали: Очекувам брз прием на Македонија во НАТО, а потоа решавање на спорот за името


Скопје, 13 август, 2017 - 12:14 (META) 

Меѓународната заедница ќе инсистира Македонија првин да добие покана за членство во НАТО, без да има промена на името, а потоа да се даде рок за преговори за изнаоѓање решение за спорот со Грција, вели универзитетскиот професор Мерсел Биљали во неделното интервју за македонскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

– Колку што јас имам информации, меѓународната заедница или главните креатори на НАТО ќе инсистираат на некакво соломонско решение, Македонија да добие покана за членство во НАТО без да има промена на името, па потоа да се даде некој рок,  да се даде можност да се преговара. Од прилика така ќе оди и интеграцијата во ЕУ и не мислам дека толку брзо ќе ѝ се даде толку големо значење на неминовна промена на името кое може да има негативни ефекти кај нас – вели Биљали.

Во врска со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, од чие потпишување денеска се одбележуваат 16 години, тој вели дека недостасува срповедување на практичниот дел од договорот, за што дел од вината ја лоцира кај албанскиот субјект.

– Од нормативен аспект многу е имплементирано, меѓутоа во практичниот дел многу работи останаа неимплементирани. За жал тука вината е и кај самиот албански субјект. Наша рак рана е партизацијата на институциите и на општеството како целина. Наместо Рамковниот договор да стане инструмент на една граѓанска рамноправност на луѓе со еднакви можности, стана инструмент на партизирани односи и партиски интереси – вели Биљали.


Жбогар: Не сум загрижен за конкретната имплементација на планот „3-6-9“


Струга, 25 јули, 2017 - 18:43 (META) 

Евроамбасадорот Самуел Жбогар при денешната посета на Струга изрази оптимизам во однос на имплементацијата на реформскиот владин план „3-6-9“.

– Од сите страни слушаме заложби и посветеност, од страна на државните институции на Владата и од Собранието, дека тие се посветени да ги направат сите промени поврзани со законските решенија. Јас во моментот не сум загрижен за конкретната имплементација на планот „3-6-9“, особено затоа што проблемот никогаш не бил во врска со усвојување на новата легислативата, туку секогаш бил во имплементација на легислативата – изјави Жбогар, одговарајќи на новинарско прашање за владиниот реформски план.

Во врска со работата на Собранието, тој кратко одговори дека засега законодавниот дом добро си ја врши својата работа.

Жбогар, во однос на законот за јазиците, рече дека очекува сите политички партии да го поддржат, но исто така додаде дека очекува и албанската заедница да покаже разбирање за ставовите на другата страна.

– Што се однесува до употребата на јазиците и на албанскиот јазик, тоа е прашање кое е од огромна важност за албанската заедница во вашата земја бидејќи албанската заедница чувствува дека со усвојување на овој закон, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор ќе биде целосна. Ако етничките заедници се обидат да се сослушаат меѓу себе, зошто некој има потреба или бара некои права да му се реализираат, истото важи и за албанската заедница да ја сослуша другата страна и нејзините стравови. Мислам дека ако се има ист приод од сите страни, на крај решението ќе биде поддржано од сите – рече Жбогар.


ЕК воведува нова алатка за укажувачите полесно да пријавуваат злоупотреби


Брисел, 18 март, 2017 - 10:59 (META) 

Европската комисија воведува нова алатка која треба да ги охрабри укажувачите (whistleblowers) и да им олесни пријавување на случаи на прекршување на антимонополската регулатива и за тајни картели. Новата алатка, во која има електронска-адреса, телефонски број и енкриптиран (шифриран) интернет-формулар ќе им овозможи на луѓето анонимно да ги пријавуваат манипулациите со цените на бизнис-картелите и анти-конкурентните практики.

– Доколку луѓето се загрижени од бизнис-практиките за кои мислат дека не се во ред, можат да помогнат работите да се исправат. Инсајдерските информации може да бидат моќна алатка кои ќе ѝ помогнат на Европската комисија во откривањето на картели и други практики со кои се нарушува конкурентноста. Со нашата нова алатка е возможно да се даде информација и да се задржи анонимноста – вели Маргрет Вестагер, комесар за политика на конкурентност.

Комисијата, како што информираат оттаму, претходно се потпираше на програмата за дојави која им овозможува на фирмите да пријават картели во кои тие се вклучени, а за возврат да добијат намалување на казната.

Досега во 2017 година ЕК казни со по 200 милиони евра фирми инволвирани во два каретли кои работејќи заеднички зголемувале цени на производи, вклучувајќи системи за климатизација на автомобили.

Законот за заштита на укажувачите во Македонија беше донесен во ноември, 2015 година, како еден од пакетот закони што произлегоа од Договорот од Пржино.

„Транспаренси интернешнл“ во извештајот од проектот, насловен „Законот за заштита на сведоци – искуства и предизвици“, поддржан од Кралството Холандија, кој беше презентиран на средината на ноември минатата година, наведува дека законот многу малку или речиси воопшто не се спроведува во институциите, а нема ниту интерес и политичка волја кај надлежните за негова имплементација и по една година од неговото донесување.


Адеми во Братислава: ЕУ не треба да ја заборави политиката на проширување


Братислава, 25 јули, 2016 - 13:34 (META) 

Вицепримерот задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, на покана на Словачкото претседателство со Европската Унија, учествувал на неформалниот состанок на министри за европски прашања, организиран во рамките на Советот за општи работи на Европската Унија, кој се одржал во Братислава на 24 и на 25 јули.

На состанокот, како што информираат од кабинетот на вицепермиерот Адеми, учествувал и евокомесарот за проширување Јоханес Хан и сите министри за европски прашања и нивни претставници од земјите кандидати од Западниот Балкан и Турција.

Претседавачот на состанокот, Иван Корчак, во име на Словачкото претседателство со ЕУ, истакнал дека проширувањето останува во фокусот на Европската Унија, додека комесарот Хан посочил дека во „последните неколку недели има сериозен напредок во процесот речиси во сите земји од регионот“.

За Македонија, Хан нагласил дека добрите вести за постигнатиот политички договор сега „треба да се материјализираат преку целосна имплементација на договореното, без одложување“.

Вицепремиерот Адеми, во своето обраќање на состанокот, се задржал на сериозните предизвици со кои се соочува Европската Унија во моментов, како Брексит, настаните во Турција, терористичките и безбедносните закани и можноста за ескалација на мигрантската криза.

„Вицепремиерот Адеми нагласи дека не треба да се заборави на политиката на проширување, која може и треба да биде дел од решението за овие предизвици. Во поглед на актуелната политичка ситуација во државата, вицепремиерот Адеми подвлече дека несомнено позитивен чекор во насока на смирување на политичката криза во земјата е постигнувањето на договорот меѓу политичките партии, но дека во овој момент е круцијална целосната имплементација на договореното. При тоа вицепремиерот Адеми информираше подетално за планираните и преземни чекори во последните неколку денови“, стои во соопштението од кабинетот на Адеми.

Тој, исто така, меѓудругото посочил дека унапредувањето и зајакнувањето на односите и соработката со соседните земји остануваат приоритет на Македонија и оти се очекува регионалната соработка, особено низ Берлинскиот процес, да даде и конкретни резултати како поттик за економскиот развој и за просперитетот на регионот.

Вицепремиерот за европски прашања остварил средби и со шефовите на делегациите на Германија, Рајнхард Силберберг, и на Австрија, Михаел Линхард, на кои се дискутирало за евроинтегративните перспективи на Македонија.


Бејли предупреди да се задржи фокусот на имплементирање на договореното


Скопје, 21 јули, 2016 - 15:04 (META) 

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, пред малку на својот твитер-профил го сподели договорот што вчера го постигнаа политичките партии и напиша:

„Договор од 20 јули – партии, медиуми, институции – само 42 дена за да успее – задржете го фокусот“, напиша Бејли.

Претходно Бејли го поздрави постигнатиот договор и напиша дека тој е можност за демократија.


Пломп: Треба да се почне со имплементација на реформите


Скопје, 2 јуни, 2016 - 16:46 (META) 

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп денеска на настанот „Кафе-пауза“ организиран во соработка со Секретаријатот за европски прашања, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека сè што е ставено на хартија во форма на договор, треба да се исполни.

Како што рече Пломп, мора да се почне со имплементација на тие реформи, но најбитно сега е да се фокусираме на три принципи на процесот – инклузивност, односно вклучување на сите страни, транспарентност и одговорност.

Тој истакна дека соработката меѓу двете земји е интензивирана поради претседателството на Холандија со ЕУ, но и поради грижата за иднината на Македонија.

– Холандија го прави ова бидејќи сме загрижени за Македонија и најмногу бидејќи сакаме да ја видиме Македонија да успее на патот на евроатлантската интеграција и да стане членка на ЕУ и на НАТО – рече Пломп.

Според амбасадорот, во врска до тоа дали Македонија ќе се најде на агендата на ЕУ, ќе се реши во следните недели.

 


Граѓански организации утре пред Делегацијата на ЕУ ќе му упатат заедничко писмо на Хан


Скопје, 13 јануари, 2016 - 19:20 (META) 

Утре напладне, пред Делегацијата на Европската унија во Скопје, претставници на повеќе од 70 граѓански организации, платформи и иницијативи ќе одржат прес-конференција.

Граѓанските здруженија на прес-конференцијата ќе ја презентираат содржината на заедничко писмо упатено до еврокомесарот Јоханес Хан и до други меѓународни фактори што помагаат во решавањето на политичката криза во Македонија.

„Целта на обраќањето e, ние, граѓанските организации, платформи и иницијативи, да го искажеме нашиот став во однос на испoлнувањето на условите од Договорот од Пржино и од итните реформски приоритети за одржување фер, слободни и демократски избори. Во име на граѓанските организации, платформи и иницијативи, ќе се обратат Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, Фани Каранфилова-Пановска од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија и Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование“, пишува во соопштението на организациите.

За петок е најавена посета на еврокомесарот Хан, кој со лидерите на политичките партии треба да разговара за имплементацијата на Договорот од Пржино.


Иванова: Во игра се и попис и пребројување од врата на врата


Скопје, 28 јули, 2015 - 10:59 (META) 

Активна регистрација на гласачите, попис и пребројување од врата на врата се опциите кои се на маса на работните групи што треба да го имплементираат Договорот од Пржино.

Според Цветанка Иванова од СДСМ, која вчера беше дел од работната група на оваа партија, се разговара за сите опции, но сè уште не се навлезени во детали за тоа кој предлог би се прифатил.

– Ако зборуваме за активна регистрација на гласачите, ние се залагаме таа да биде задолжителна. Сепак, има повеќе опции во игра, а нашиот краен став ќе го изнесеме откако ќе ги разгледаме сите можности – вели Иванова за „Мета“.

Таа информира дека СДСМ се согласува дијаспората да гласа и понатаму, но да има изедначување на гласовте.

Како што вчера информиравме, на средбата на работните групи во Клубот на пратеници се разговарало за активна регистрација со отпечаток на прст на гласачите за следните парламентарни избори, кои треба да се одржат во април идната година.

Според неофицијални информации, тоа значи неколку месеци пред изборите граѓаните да се регистрираат, со што би се создал нов избирачки список.

Изворите тврдат дека копјата се кршат околу тоа дали регистрацијата да биде задолжителна или доброволна.


Хан: Договорот од Пржино мора да се спроведе во целост и без одложување


Брисел, 25 јули, 2015 - 10:48 (META) 

„Дозволете да бидам кристално јасен: Европската унија (ЕУ) не посредуваше за краткорочен договор за стабилизација. Нашата цел е да ѝ помогнеме на земјата на нејзиниот евроатлантски пат и во зацврстувањето на демократијата, отворенотo општество и на владеењето преку избори и одржливи реформи“, пишува еврокомесарот Јоханес Хан во напис објавен на неговиот блог, посветен на Договорот од Пржино, во кој, меѓу другото, им порачува на лидерите на партиите потписнички на договорот дека „нема време за губење“ и дека „тој мора да биде спроведен во целост, со добра волја и без одложување“.

„Сериозните прашања во однос на владеењето на правото, кои излегоа на виделина преку скандалот со прислушување, но, исто така, и настаните во Куманово, покажаа дека земјата е на работ на бездна, како од политички, така и од економски аспект, што претставуваше ризик земјата да излезе од патот кон евроатлантските интеграции. Немаше време за губење. ЕУ не може да дозволи нестабилни зони на нејзините граници. Но, тоа што е најбитно е дека граѓаните на земјата заслужуваат нешто подобро“, пишува Хан.

Според Хан, фактот дека политичките партии успеале да постигнат договор во раните утрински часови на 15 јули, по 13 часа преговарање без прекин, е пред сè успех за земјата.

„Нејзините лидери конечно сфатија дека мора да направат компромиси, да ги стават интересите на земјата и на нејзините граѓани на прво место и да се договорат за излез од кризата преку предвремени, слободни и фер избори. Заедничките напори за посредување на Европскиот парламент, неговите земји-членки, САД и самиот јас беа во насока на премостување на јазот помеѓу нив. Но, прво и најважно е што овој договор е потпишан од лидерите на главните политички партии и тие сега мораат да го спроведат во целост, со добра волја и без одложување“, пишува еврокомесарот.

Договорот сам по себе не остава простор за сомнеж, ниту по неговата содржина, ниту во однос на времето, пишува Хан.

„Уште поважно, овие чекори одат рака под рака со многу прецизните препораки дадени од Европската комисија, кои се составен дел од политичкиот договор и кои лидерите се обврзаа да ги спроведат во целост. Тие, пред сè, се однесуваат на неопходните реформи во областа на владеењето на правото, правосудството и на јавната администрација, медиумскиот сектор, каде што последните случаи на напади врз новинари се причина за сериозна загриженост и за претпазливост. Ова прашање го истакнав еднаш на Советот за асоцијација оваа недела и нема да се двоумам истото да го сторам и повторно“, пишува еврокомесарот, повторно нагласувајќи дека работата на реформските приоритети мора да почне сега, а нивната имплементација ќе биде разгледана на состанокот на Пристапниот дијалог на високо ниво, што ќе се одржи во септември, со сите политички партии и со претставници на невладиниот сектор.

Според Хан, клучниот тест за европската перспектива на земјата ќе биде Извештајот на комисијата за напредокот на земјата, што ќе биде објавен кон средината на октомври.