Камчев и осомничените во „Империја“ добија нови 30 дена притвор


Скопје, 10 декември, 2018 - 14:47 (META) 

Кривичниот суд во Скопје им определи нови 30 дена притвор на осомничените во случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство.

СЈО до судот доставило предлог со кој бара на осомничените да им биде продолжен притворот за нови 30 дена, поради тоа што сè уште опстојуваат причините поради кои им била првично изречена оваа мерка за обезбедување присуство.

Бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, Цветан Панделески – директорот на комбинатот „Пелагонија“ и Тодор Мирчевски, директорот на контроверзната компанија „Ексико“, остануваат уште еден месец во притвор. За екс шефот на УБК, Сашо Мијалков СЈО дополнително побара притвор за овој случај.

Камчев, Мијалков и другите се обвинети за злосторничко здружување, оштетување и повластување доверители, злоупотреба на службената положба, измама и перење пари.


Истрагата „Империја“ на СЈО ја сопре градбата на Клиничката болница во Штип


Штип, 6 декември, 2018 - 16:32 (META) 

Штипски „Бетон“, кој ја гради Клиничката болница во Штип, е дел од фирмите, каде удел до пред некој месец имаше и бизнисменот Орце Камчев и фирмата „Ексико“. Истрагата на Специјалното јавно обвинителство под името „Империја“,  ја стопираше работaта на болницата. И пред истрагата на СЈО, работите на Клиничката болница се одвива со забавено темпо, по информациите дека „Бетон – Штип“ има ненаплатени обврски за завршени работи за проектот „Скопје 2014“. Неодамна во фирмата влегоа извршители, кои во име на неколку македонски банки треба да наплатат долг од близу еден милион евра.

За да се увери во текот на градежните работи на Клиничката болница, кои ги изведува „Бетон“ денеска во Штип дојде министерот за здравство, Венко Филипче. При тоа, министерот уверуваше дека министерството добило потврда од грчката компанија, носител на тендерот и која го ангажирала „Бетон – Штип“, дека првичните проблеми со градбата се надминати.

– Во секојдневен контакт сме со луѓето со кои имаме потпишано договор, фирмата „Интеркат“ од Грција, кои што имаат одредени проблеми во соработката со подизведувачот „Бетон – Штип“. Меѓутоа, според последните информации, нашле соодветно решение и токму затоа, сега сакаме да се увериме на терен како е, кои работници се тука и во текот на следната недела ги синхронизираме работите согласно новиот динамички план – рече министерот Филипче.

Најавите на министерот се дека болницата комплетно би требало да биде завршена кон средината на 2020-та година. На поставувањето на камен темелникот, тогашниот премиер Никола Груевски, најави дека болницата ќе биде предадена во употреба во 2018 година. Вредноста на овој проект, на почетокот изнесуваше 30 милиони евра. Пред два месеци имаше реструктуирање на буџетот, но, за тоа колкави се пресметките и колку ќе чини изградбата на болницата, засега никој не кажува.

„Бетон – Штип“ работеше на седум објекти од „Скопје 2014“. Според податоците, има ненаплатени обврски од 14 милиони евра. Фирмата беше преземена од четири други компании, кои влегоа со удели и освен „Ексико“ удел има и фирмата „Пелистерка“, чиј сопственик е исто така предмет на истрагата за „Империја“. На оваа листа е и актуелниот директор на „Бетон “ Ванче Мијалчев. Осомничени се за сторени кривични дела „злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело“.


Мијалков останува во притвор, одбиена жалбата на одбраната


Скопје, 5 декември, 2018 - 16:48 (META) 

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ја одби жалбата на поранешниот директот на УБК, Сашо Мијалков за притворот во случајот „Империја“.

Судиите оцениле дека постои опасност Мијалков да избега и да влијае врз сведоци и го потврдија решението на судија на претходна постапка, кој му одреди триесетдневен притвор за случајот „Империја“.

„Постапувајќи по жалба на одбраната на обвинетиот С.М. изјавена против решение на судија на претходна постапка со кое се прифаќа предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите за определување мерка притвор во предметот од обвинителството означен како „Империја“, кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 во текот на вчерашниот ден, одржа јавна седница во присуство на странките. По произнезување на странките како и ценење на фактите и доказите во жалбата, советот донесе решение со кое ја одби жалбата и го потврди решението на судија на претходна постапка, на начин што определи мерката притвор да продолжи да опстојува поради постоење на причините предвидени во член 165 ст.1 т.1 од ЗКП“, соопшти Кривичниот суд.

За Мијалков има четири обвиненија и тоа за предметите „Таргет-Тврдина“, „Тортура“, „Трезор“ и „Титаник 2“.


Кривичниот совет ги потврди притворите за петмината од „Империја“


Скопје, 14 ноември, 2018 - 17:01 (META) 

Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1 ги одби жалбите на адвокатите на петмината притворени во случајот „Империја” што неодамна го отвори Специјалното јавно обвинителство. Во притвор се Орце Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Тодор Мирчевски и Зорица Арсовска.

Според судот, на јавна седница Кривичниот совет ценејќи ги фактите и доказите во предлогот од СЈО за притвор и во изјавените жалби од адвокатите, донел решение за одбивање на жалбите и потврда на решенијата за притвор донесени од судијата на претходна постапка.


Судот привремено го замрзна имотот на обвинетите во „Империја“


Скопје, 12 ноември, 2018 - 16:07 (META) 

Специјалното јавно обвинителство побарало привремено одземање на имотот заради обезбедување, а судот определил привремени мерки и забрани за отуѓување и располагање со уделите на фирмите за кои постои основано сомнение дека била прибавена имотна корист со кривичните дела за кои се води постапката за случајот „Империја“.

„Воедно судија на претходна постапка, постапувајќи и по два предлога на надлежното обвинителство за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции на правните лица за кои постои основано сомнение дека со кривичните дела, лицата опфатени во конкретниот предмет, прибавиле имотна корист, судијата ги прифати предлозите и со решенија наложи на повеќе банки да го запрат одливот на парични средства од сметките на предметните правни лица“, соопштуваат од судот.

Од судот информираат дека одбраната на обвинетите доставила жалби за решенијата на судијата на претходна постапка за определување мерки за обезбедување присуство и дека Кривичниот совет дополнително ќе одлучува по нив.


СЈО отвори нова истрага „Империја“, осомничени Мијалков и семејството Камчеви


Скопје, 9 ноември, 2018 - 13:45 (META) 

Специјалното јавно обвинителство отвори нова истрага под кодното име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски. Тие се осомничени за кривичните дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и „други приноси од казниво дело“.

Од СЈО преку соопштение до јавноста информираат дека во соработка со МВР биле извршени 12 претреси и лишени од слобода биле пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство.

„Во текот на предистражната постапка обезбедени се доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост. Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела, а во насока на обезбедување на имотно – правните барања од оштетените лица и обезбедување на предметите кои потекнуваат од кривичните дела ќе бидат побарани и мерки за привремено обезбедување на имот“, велат од СЈО

Во истрагата се преземени десетина предмети кои се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои воспоставена е надлежност на СЈО.