!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Младите во регионот имаат негативен став кон имигрантите


Подгорица, 24 октомври, 2017 - 14:37 (META) 

Младите од земјите од Западен Балкан имаат негатив став кон имигрантите иако повеќето од нив никогаш не биле во контакт со некој имигрант. Главна причина за негативните ставови што младите ги имаат кон имигрантите е негативната перцепција кон исламската религија.

Тоа го покажа истражувањето за перцепцијата и за ставовите на младите за исламофобија и за радикализација, кое е спроведено преку интернет во периодот од крајот на јули до средината на септември, на примерок од 1.152 млади лица од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од четири држави од ЕУ – Белгија, Италија Унгарија и Германија.

Анџелија Лучиќ од Центарот за демократска транзиција (ЦДТ) вели дека истражувањето е спроведено за системски да се анализираат потенцијалните извори на дискриминаторски ставови и да послужат како појдовна основа за понатамошен развој на активности и програми насочени кон превенција и сузбивање на дискриминаторските практики.

Според резултатите од истражувањето, ислмофобијата кај младите, на вкупниот примерок, на скала од 1 до 5, изнесува 2,75.

Младите од земјите од Западен Балкан се помалку исламофобични од своите врсници од Европа. Нивото на исламофобија кај младите од Западен Балкан изнесува 2,5, додека кај младите од земјите од Европа е 2,9.

Иако исламофобијата првенствено се поврзува со прашањето за религијата, истражувањето покажало дека силата на националниот идентитет, а не степенот на религиозност има поголема улога во развојот на исламофобијата.

Според Лучиќ, клучна улога во превенцијата на исламофобијата има едукацијата, додека за намалувањето на стигмата кон бегалците најважен е директниот контакт.


Градоначалникот го прогласи Чикаго за „зона без Трамп“


Чикаго, 7 септември, 2017 - 21:27 (META) 

Рам Емануел, градоначалникот на Чикаго, го прогласи градот за „зона без Трамп“ во знак на револт од одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, да ја укине програмата што ги штитеше од депортација децата на нелегалните имигранти.

Програмата беше воведена од претходниот американски претседател, Барак Обама, за да се заштитат од депортација младите имигранти кои пристигнале во САД нелегално како деца, односно, како што се наречени „сонувачи“. Програмата им овозможуваше да студираат и да добиваат дозволи за работа иако немаат дозволи за престој.

– На сите „сонувачи“ во оваа просторија и во градот Чикаго им порачувам: добредојдени сте во Чикаго. Ова е ваш дом и нема зашто да се грижите. Чикаго, нашите училишта и нашите соседства, нашиот град, поради она што го рече претседателот Трамп, ќе станат „зона без Трамп“. Сакам да знаете дека не треба да се грижите. Продолжете да се борите за своите соништа – рекол Емануел на средбата со „сонувачи“ во едно училиште во Чикаго.


Сè потешко до виза за Австралија, се укинуваат привремените визи


Канбера, 18 април, 2017 - 13:45 (META) 

встралијаАвстралија ќе ги укине привремените визи популарни кај странците и ќе ги замени со визи за кои е потребно подобро познавање на англискиот јазик и професионални вештини, соопшти денеска премиерот на Австралија, Малколм Турнбул.

Тој ги отфрли обвинувањата дека измените се донесени на барање на десничарските партии, како Една нација, за посилна националистичка политика. Но, на својот профил на „Фејсбук“, Турнбул сепак потоа напиша: „Нашите реформи ќе имаат едноставен фокус – Работа за Австралијците и австралиски вредности“.

Тој вели дека промената на визите ќе привлече поквалификувани работници и повеќе вработувања на Австралијците, за разлика од досега, кога во земјата со старите „визи 457“ доаѓаше евтина работна сила. Ваква виза сега имаат околу 95.000 странци.

– Ние сме имиграциска земја, но фактите остануваат – австралиските работници мора да имаат предност при вработувањето во земјава. Нема повеќе да дозволуваме „визите 457“ да бидат пасош за работни места што би можеле да ги добијат Австралијци – вели премиерот на земјата.

„Визата 457“ беше воведена за да се пополни недостигот од квалификувана работна сила и им дозволуваше на имателите на визата да ги донесат членовите на своите семејства во Австралија. Но, во последно време има многу обвинувања дека некои работодавци увезуваат работна сила поради тоа што може да даваат ниски плати, а не за да се пополни недостигот од работна сила.


Повеќе од 100 странци починале во мигрантските центри во Малезија


Куала Лумпур, 30 март, 2017 - 14:25 (META) 

Повеќе од 100 странци починале од разни болести и од непознати причини, во изминатите две години во мигрантските центри за притвор, покажуваат податоците на малезиската Национална комисија за заштита на човековите права.

Во текот на 2015 година се забележани 83 смртни случаи, додека во текот на 2016 година, завршно до 20 декември, починале 35 лица.

Повеќе од половина од починатите се од Мјанмар, муслимани кои од земјата бегаат од властите и од мнозинското будистичко население.


Швајцарците на референдум гласаат за олеснување на процедурите за државјанство


Берн, 12 февруари, 2017 - 11:06 (META) 

Гласачите во Швајцарија денеска излегуваат на референдум на кој треба да одлучат дали земјата треба да ги олесни строгите правила за добивање на државјанство за третата генерација имигранти.

Швајцарските закони, како што принесува „Би-би-си“, не гаранираат доколку некој е роден во земјата дека по автоматизам ќе добие швајцарско државјанство, а имигрантите мора да чекаат 12 години за да аплицираат за државјанство.

Исто така се бараат тестови и интервјуа, што може да биде многу скапа инвестиција.

Новиот предлог за чие прифаќање или отфрлање Швајцарците денеска ќе гласаат им овозможува на имигрантите од третата генерација во земјата да избегнат дел од бирократијата за добивање на државјанство.

Поддржувачите на овој план за поедноставување на процедурите велат дека е „смешно“ на луѓето родени и кои цел живот живеат во Швајцарија да им се бара да докажат дека се интегрирани во општеството.

Противниците пак наведуваат дека мерките за олеснување на процедурите ќе им овозможат на имигрантите, кои сочуваат 25 отсто од популацијата, на многу лесен начин да добијат државјанство.


Американскиот апелациски суд ја отфрли жалбата на Трамп


Сан Франциско, 10 февруари, 2017 - 10:23 (META) 

Американскиот федерален апелациски суд ја потврди претходната одлука со која забраната за влез во САД на граѓани од седум држави со мнозинско муслимански население се става надвор од сила.

Со оваа потврда администрацијата на претседателот Доналд Трамп доби уште еден удар за помалку од еден месец откако ја презеде должноста, коментираат светските медиуми.

Советот, кој го сочинуваат тројца судии од Сан Франциско, одлучи дека нема да ја блокира претходно донесената одука со која забраната е ставена надвор од сила. Судиите ја отфрлиле жалбата на администрацијата на Трамп, во која се тврдело дека федералниот суд нема јурисдикација над одлуките на претседателот на државата.

Одлуката е испратена и акцентот е ставен на обвиненијата поради религиска дискриминација.
По одлуката на апелацискиот суд, американскиот претседател Трамп на „Твитер“ напиша: „Се гледаме на суд, безбедноста на нашата нација е во прашање!“

На администрацијата на Трамп сега на располагање ѝ е последната инстанца, Врховниот суд на САД.
Федералниот судија Џејмс Робат ја суспендираше забраната за државјаните на седумте држави со мнозинско муслиманско население.


Суд во Сиетл привремено го блокира указот на Трамп за имигрантите


Вашингтон, 4 февруари, 2017 - 11:47 (META) 

Федералниот суд на САД во Сиетл синоќа привремено го сопре спроведувањето на указот на американскиот претседател Доналд Трамп, со кој на државјаните на седум доминантно муслимански држави им се забранува влез во САД. Одлуката на федералниот судија од Сиетл, Џејмс Робарт, важи за целата територија на САД.

Судијата Робарт ја донесе ваквата одлука по жалбата против указот на Трамп која ја поднесе јавното обвинителство на сојузната американска држава Вашингтон. Во жалбата се бараше указот на Трамп да се прогласи за противуставен.

Претставниците на американската администрација ја оспоруваа надлежноста на судот да решава по претседателскиот указ. Сепак, судијата Робарт ги отфрли ваквите аргументи и истакна дека обвинителството ги доставило „неопходните докази дека документот нанесува непоправливи штети“.

Администрацијата на Трамп најави дека ќе ја обжали пресудата во најкус можен рок.

Трамп минатата недела потпиша указ со кој се забранува издавање визи за влез во САД на државјаните на седум претежно муслимански земји од Блискиот Исток и од Африка, со образложение дека би можеле да преставуваат терористичка закана за националната безбедност.


„Пју“: Од Македонија до 2015 година се иселиле 520.000 жители


Скопје, 11 ноември, 2016 - 14:56 (META) 

Американскиот истражувачкиот центар „Пју“ објави истражување за миграцијата и според нивните резултати, до 2015 година околу 244 милиони луѓе во светот се иселиле од своите матични земји поради различни причини.

Податоците кажуваат дека во девет земји, 20 проценти од луѓето родени таму, па дури и повеќе, сега живеат во друга земја.

Резултатите велат дека од Босна и Херцеговина, Албанија, Јамајка и од Ерменија, се иселиле една четвртина од нивните популации или повеќе, и сега живеат во странство, а од Казахстан, Сирија, Тринидад и Тобаго, Македонија (520.000 граѓани) и од Португалија, околу 20 отсто од населението кое е родено во матичната земја сега живее во друга земја.


Трамп: Кога ќе станам претседател, ќе протерам стотина илјади луѓе


Вашингтон, 28 август, 2016 - 10:34 (META) 

Претседателскиот кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп, вети дека ќе избрка стотина илјади луѓе без документи првиот ден од својот претседателски мандат.

– Првиот ден ќе почнам да ги протерувам криминалните илегални мигранти во оваа земја, а особено тие стотина илјади кои се пуштени на слобода од администрацијата на Обама и на Клинтон – изјави Трамп во Ајова, на собирот што го организираше локалната републиканска сенаторка Џони Ернст.

Републиканскиот кандидат за Белата куќа повтори дека ќе изгради голем ѕид на границата со Мексико и дека ќе ја зајакне контролата за пронаоѓање лица без документи кои се обидуваат да добијат социјални бенефиции и оние чии визи се истечени.

– Ако не го контролираме датумот на истекување на визата, нашите граници стануваат отворени. Еден глас за Трамп е глас за правна држава, а еден глас за Хилари Клинтон е глас за отворени граници – рече Трамп.

Милијардерот се обврза да ги поништи указите со кои претседателот Барак Обама привремено го регулираше престојот на стотина илјади луѓе.


За 24 часа во Македонија влегле 1.919 мигранти


Скопје, 13 февруари, 2016 - 15:29 (META) 

Во текот на вчерашниот ден, издадени се потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил на вкупно 1.919 странски државјани, од кои 605 од машки и 380 од женски пол, 924 деца што го придружуваат носителот на потврдата и 10 деца што патувале без родител.

Како што соопшти МВР, според државјанството, 867 потврди се издадени на државјани на Сирија, 590 на државјани на Авганистан и 462 на државјани на Ирак. Во истиот период не се поднесени барања за признавање право на азил.

Од почетокот на годинава заклучно со вчерашниот ден се издадени потврди на вкупно 79.149 странски државјани.