„Еуромакс ресорсис“ ја објави структурата на 488 работни места во Иловица-Штука


Гевгелија, 23 мај, 2018 - 14:54 (META) 

„Еуромакс ресорсес“ објави список на 488 директни работни места во проектот Иловица-Штука, за кои ќе организира конкурси откако ќе ги добие потребните дозволи за експлоатација, информираат од компанијата.

Од таму додаваат дека опсегот на работните места е усогласен со потребите објавени во Физибилити студијата за проектот, а земени се предвид сугестиите од локалните засегнати страни.

„Еуромакс има стратешка определба за вработување на локалното население во проектот. Компанијата ќе организира серија Саеми за вработување и други настани од отворен тип за да објасни како потенцијалните вработени можат да аплицираат за работните места откако ќе ја добие потребната дозвола за експлоатација. Процесот на одбирање ќе се одвива со индивидуален пристап со цел на кандидатите да им се помогне да го најдат најдоброто работно место за себе. „Еуромакс“ ќе обезбеди и сеопфатна обука за работните места во рамките на Проектот, директно или преку своите изведувачи“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека со почетокот на работењето на рудникот во Иловица – Штука, ќе се отворат и три пати повеќе дополнителни индиректни работи места за локалните добавувачи, како резултат на определбата на компанијата да соработува со локални компании.


„Еуромакс рисорсис“ смета дека доставила сè што можело за Иловица


Скопје, 13 април, 2018 - 14:08 (META) 

„Еуромакс рисорсис“, компанијата со инвеститори од Канада, САД и Велика Британија, денеска се огласи со реакција за одлуката на Владата на нејзината 63, седница, со која го задолжи Министерството за економија да ја продолжи постапката со која од компанијата – концесионер на рудникот за бакар и и злато на локалитетот Иловица, треба цда ја докомплетира документацијата.

Компанијата смета дека доставила сè што можела, а за некои работи попречила политичката криза.

„Компанијата смета дека ги има доставено сите неопходни документи што произлегуваат од концесијата, а кои можеа да се достават, имајќи предвид дека одредени процеси доцнеа поради политичката криза во Македонија и ограничената моќ на одлучување на техничката Влада која беше поставена поради државната Комисија за борба против корупцијата“, се вели во реакцијата од „Еуромакс рисорсис“.

„Еуромакс рисорсис“ вели дека со инвестиција од 343 милиони евра проектот за развој на рудникот за бакар и злато во Иловица – Штука е една од најголемите инвестиции во Македонија од осамостојувањето до денес. Компанијата вели дека одлучила да се откаже од употребата на цијанид, употребувајќи модерна рударска технологија, а преку работата на рудникот ќе  придонесе за развој на економијата што ќе резултира со раст на бруто домашниот производ од 3% на годишно ниво.

„Во текот на изградбата на рудникот, во првите две години, проектот ќе создаде над 3.200 директни и индиректни работни места. Просечната нето плата во рудникот ќе биде 16.000 евра по вработен на годишно ниво. Изградбата на рудникот ќе биде во вредност од 180 милиони евра, а локалните компании ќе можат да работат на овој проект во период од две години колку што е планирана изградбата на рудникот. Со стартот на операциите на проектот, за различни економски активности во следните 22 години ќе бидат потрошени 1,6 милијарди евра во локалната и во националната македонска економија или 74 милиони евра на годишно ниво. Дополнително, по основ на даноци и концесиски надомест од проектот во Македонија ќе се инкасираат 528 милиони евра или просечно на годишно ниво околу 24 милиони евра“, велат од канадската компанија.