Заев: Со Бугарија го славиме нашето минато и ќе ја градиме нашата заедничка иднина


Скопје, 10 август, 2018 - 10:14 (META) 

Немајте дилема – пријателството меѓу Македонија и Бугарија е искрено. Заедно ќе го славиме и чествуваме нашето минато и на темелите на тоа минато ќе продолжиме да ја градиме нашата заедничка иднина, напиша утрово премиерот Зоран Заев на социјалната мрежа ,,Фејсбук” како реакција на дебата која што се отвори деновиве во Бугарија околу односите на двете земји.

,,Гледам во пријателска Бугарија се отвори јавна дебата и се постави дури и прашањето за тоа дали ние двете земји и двата народи градиме искрено пријателство и соработка. Сакам да им порачам на сите граѓани, дури и на критичарите во Македонија и во Бугарија, да немаат дилема дека пријателството и соработката се искрени. Ние повеќе од една година чествуваме заеднички делови од историјата меѓу двата народи, неколку пати заедно одбележуваме историски настани. Драги пријатели и браќа од Бугарија, верувајте, искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство“, напиша Заев.

Тој потсетува дека бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева се бореле за Македонија во Министерскиот Совет на ЕУ и во Советот на Европа, за Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.

„Никогаш нема да го заборавиме тоа пријателство кое е докажано на дело. Ние сме благодарни и многу го почитуваме тоа. Затоа заедно ќе го славиме и чествуваме нашето минато и на темелите на тоа минато ќе продолжиме да ја градиме нашата заедничка иднина. Заедно ќе бидеме како едно семејство во заедништво со сојузниците од Европската Унија и НАТО”, порачува премиерот Заев.

Препукувањата помеѓу власта и опозицијата во Бугарија ги предизвика премиерот Зоран Заев со неговата изјава за време на празникот Илинден кога рече дека Илинденското востание е Македонско, ако некој граѓанин од Бугарија сака да го чествува – нека го чествува.

Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, одговори на повиците на претседателката на бугарската опозициска партија БСП, Корнелија Нинова, која побара од Борисов да реагира на изјавата дадена од Заев во која тој вели дека Илинденското востание е македонско.

Захариева возврати дека нема да прифати совети „од партијата која ги предаде коските на Гоце Делчев на Титова Југославија“.

– Во врска со прозивките на Нинова до премиерот итно да ги одбрани бугарските национални интереси од премиерот на Македонија, Зоран Заев, кој ги тестираше кревките темели на доброто соседство. Да, Илинденското востание географски може да се рече дека е македонско и тракијско, но историски е бугарско. Госпоѓо Нинова бидете мирни, Владата ги штити нашите национални интереси – порача таа.


Заев и Борисов ќе ја одбележат годишнината од Илинденското востание во Благоевград


Скопје, 1 август, 2018 - 11:23 (META) 

Македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов утре во Благоевград заедно ќе ја одбележат 115 – годишнината од Илинденското востание, соопшти владината прес-служба.

Двајцата премиери ќе учествуваат на церемонијата на положување венци и цвеќе на споменикот на Гоце Делчев, на плоштадот „Македонија“ во Благоевград.

Ова ќе биде втора заедничка прослава, по потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и соседство помеѓу Република Бугарија и Република Македонија пред една година.

На одбележувањето на годишнината, ќе присуствуваат и министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, како и вицепремиерот и министер за одбрана на Република Бугарија, Красимир Каракачанов.