Прифаќањето на дигиталните сертификати во регионот ќе биде во фокусот на Самитот


Софија, 27 март, 2018 - 13:23 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во рамки на меѓународната конференција на тема „ИТ Хаб Конект 2018 – иновации, регулатива, инвестиции“, што се одржува во Софија, се сретна со еврокомесарката за дигитална економија и општество, Мариа Габриел и министерот за иновации и технолошки развој на Србија, Ненад Поповиќ.

Манчевски на Габриел и ги претставил активностите кои МИОА ги превзема во делот на мапирање на територијата за широкопојасен интернет, подготовката на стратегија за сајбер-безбедност, како и заложбите за вклучување на трет мобилен оператор во Македонија.

„Што се однесува до поддршката во делот на драстично намалување на цените за роаминг, ова останува да биде високо на агендата на еврокомесакрата, и ќе биде една од главните теми за кои ќе се разговара на престојниот Дигитален самит, што ќе се одржи на 18 и 19 април во Скопје“, информираат од МИОА.

Состанокот со српскиот министер, Поповиќ бил посветен на соработката и размената на искуства помеѓу двете држави во делот на технолошкиот парк и иновациите.

Двајцата министри се согласиле дека Дигиталниот самит е одлична можност каде ќе можат да се разговара за поврзаност во иновациските системи, како и организирање на заедничка конференција во регионот, посветена на предизвиците во ИТ-сферата.

„Прифаќањето на дигиталните сертификати во регионот ќе биде во фокусот на Дигиталниот самит. На состанокот, министерот Манчевски и министерот Поповиќ се согласија дека Македонија и Србија можат да бидат државите каде ќе се развие пилот-проект, што понатаму ќе биде превземен како успешна приказна и во другите земји во регионот“, се додава во соопштението.


Манчевски: Дигитализацијата во ИКТ-сферата е еден од приоритетите на ЕK


Скопје, 16 март, 2018 - 15:53 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на настанот „Самит на малите земји – нови трендови во бизнисот“, ја отвори панел сесијата „Што ќе донесе дигиталната трансформација во секојдневието на бизнисот“.

Манчевски се осврна на дигиталната трансформација, на која што работи МИОА, со поддршка од бизнис-заедницата, регионот и Европската комисија.

– Дигитализацијата и реформите во ИКТ-сферата во Западен Балкан во моментот е еден од приоритетите на Европската комисија. Со воспоставување на единствен дигитален пазар од сите шест земји на Западен Балкан, се очекува да придонесе во развој на дигиталнотот општество, но и економски раст во регионот, зголемување на иновациите, системски реформи во администрацијата и институциите. Тоа ќе придонесе и до зголемување и подобрување на квалитет на животот на граѓаните во сите сфери – истакна Манчевски.

Тој додаде дека со цел да се постигне целосна дигиталната трансформација во моментов се работи на повеќе проекти од оваа област како што се  е-услуги за граѓаните, креирање на национален портал, портал за отворени податоци, отворање на технолошки парк, стратегија за широкопојасен интернет.

– Во креирање на тековни активности, но и идни планови на МИОА, активно се вклучени  ИКТ-компаниите. За целосна дигитална трансформација, и доближување на Македонија до Европската унија, потребни се не само јаки институции, туку и јак приватен сектор, силни компании кои заедно со нас ќе работат на ова поле – додаде Манчевски.


Владата формираше Национален совет за информатичка и компјутерска технологија


Скопје, 9 февруари, 2018 - 21:02 (META) 

Владата формираше Национален совет за информатичка и компјутерска технологија кој ќе изготви и ќе ја имплементира Националната стратегија за ИКТ, информираат од владината прес-служба.

Советот денеска одржал прв состанок на кој било одлучено со него да претседава Владимир Цветковиќ, советник за ИКТ на премиерот Заев, а заменик претседател е министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Членови на советот се министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, министерот за здравство Венко Филипче, министер за финансии, Драган Тевдовски, министерот за правда, Билен Саљији, министерката за образование, Рената Дескоска – Тренеска, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов и Сашо Димитријоски, директорот на Агенцијата за електронски комуникации.

Членовите на Националниот совет за ИКТ треба да направат детална анализа на постојната состојба во однос на информатичко – компјутерската технологија во ресорите со кои раководат, но и анализа за нивните потреби.

Врз основа на податоците кои ќе ги даде анализата, Советот ќе изготви, а потоа и ќе ја следи имплементацијата на Националната ИКТ стратегија.

-Постои голема хаотичност, како во министерствата, така и во сите други институции. Оваа стратегија ќе дава јасни патокази каде грешиме и во од ќе можеме да ги решаваме проблемите – вели Манчевски.


Заев се сретна со претставници од „Хуавеи“, компанијата сака да инвестира во ИКТ-секторот


Скопје, 4 октомври, 2017 - 15:32 (META) 

Премиерот Зоран Заев, денеска примил во посета претставници на информатичката и на телекомуникациска компанија „Хуавеи“ од Кина.

Од Владата информираат дека претставниците на компанијата биле заинтересирани за интензивна соработка во сферата на развојот на информатичкото општество и новите информатички технологии во Македонија.

Во соопштението се вели дека тие го запознале премиерот со потенцијалите на компанијата, како на глобално така и на локално ниво, и ја нагласиле подготвеноста да ги имплементираат своите планови и во насока на локалниот развој во земјава, преку инвестициските и иновативни стратегии на компанијата.

Премиерот Заев кажал дека Владата има интерес и желба да го модернизира општеството и дека соработката со „Хуавеи“ би била одлична можност да се почне со тој процес.


Во соработка помеѓу МАСИТ и УСАИД, се обучуваат кадри за ИКТ-секторот


Скопје, 19 мај, 2017 - 12:26 (META) 

Вкупно 40 кандидати денеска почнуваат со обуката во рамки на проектот на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ за „Преквалификација на кадри“, во соработка со УСАИД.

Од МАСИТ информираат дека по спроведеното истражување меѓу компаниите – членки на комората, констатиран е дефицит на кадри во ИКТ-секторот, од профилите за програмирање.

„Како резултат на ова почна проектот за „Преквалификација на кадри“, каде целта е млади луѓе до 35 години, без претходно ИТ-предзнаење да се преквалификуваат и да почнат кариера во ИКТ-светот. Во согласност со потребите на компаниите, се организираат обуки и за други програмери“, информираат од МАСИТ.

Обуката која денеска ја почнуваат 40-те кандидати, планирано е да трае до септември, а потоа ќе следи пракса во некоја од ИТ-компаниите членки на МАСИТ.

Крајната цел на проектот, по посета на програмата, е лицата да се вработат во ИКТ-компании на јуниорски програмерски позиции или други позиции поврзани со ИКТ-сферата. Програмата за преквалификација ќе трае околу пет месеци.


Земјоделците треба да ја подобрат технологијата за да ги намалат трошоците


Скопје, 23 ноември, 2016 - 13:49 (META) 

Земјоделците треба да применуваат современи технолошки решенија доколку сакаат да бидат конкуретни на пазарот, беше истакнато на конференцијата „ИКТ во агробизнисот“, што денеска беше отворена во хотелот „Александар палас“.

Конференцијата треба да понуди можности за поврзување на ИКТ-секторот со агросекторот за да им се помогне на земјоделците да ги намалат трошоците и да ги зголемат приносите.

Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, истакна дела земјоделството како економска гранка зазема 11 проценти од домашниот бруто-производ, но додаде дека доколку земјоделците не го транформираат својот бизнис дигитилно, нивната иднина е сосема неизвесна.

Конференцијата ќе продолжи утре.


Интернационални бизнис-средби за фирмите од ИТ-секторот во Скопје


Скопје, 17 ноември, 2016 - 11:48 (META) 

Вториот интернационален настан за деловни средби помеѓу фирми од секторот на информациони технологии „Гоу интернешнал – опен иновејшн ин ИКТ“ (Go International – open innovation in ICT”) ќе се одржи денеска и утре во Скопје.

На дводневниот настан ќе учествуваат повеќе од 50 фирми од ИКТ-секторот кои доаѓаат од 13 земји. Фирмите преку одржување деловни средби ќе се обидат да формираат нови интернационални партнерства за освојување нови пазари. Деловните средби ќе се реализираат утре на Скопски саем (Дипломатик сала), со почеток во 11 часот.

Денеска на работилницата на тема „Отворени иновации во ИКТ-секторот“ ќе предава експерт и предавач од Универзитетот од Холандија „Аванс“, Том Спанјард.

Настанот е во организација на Фондација за менаџмент и индустриско истражување и е поддржан од Централноевропската иницијатива (CEI) и од Мрежата на бизнис-можности (Enterprise Europe Network.)


Просечната плата во ИКТ-индустријата е 738 евра


Скопје, 15 јули, 2015 - 14:31 (META) 

Просечната плата во ИКТ-индустријата е 738 евра и Македонија е меѓу најдобрите 10 земји што најмногу напредувале во периодот 2012 – 2015 година во поглед на развој на ИКТ. Во моментов таа се наоѓа на 47. место од 140 земји по развој на ИКТ.

Ова беше истакнато на јавната расправа за краткорочната ИKТ предлог-стратегија за 2016-2017 година во Стопанската комора.

Вкупниот број вработени во ИКТ е околу 16.000. Тоа претставува 2,4 проценти од вкупниот број вработени во земјава, кои придонесуваат со 4,1 отсто во додадената вредност.

ИКТ-секторот на европско ниво учествува со пет проценти во градењето на БДП годишно, со 20 проценти во порастот на БДП и со дополнителни 30 проценти во инвестициите во ИКТ-секторот.


Ивановски: ИКТ-секторот придонесе 450 милиони евра и бележи најмногу вработувања


Скопје, 15 јули, 2015 - 12:57 (META) 

Во 2013 година ИКТ-секторот придонесе со 450 милиони евра, а од 2010 до 2013 година бележи и најмногу вработувања, 138 проценти повеќе. Овој споредбен период од три години покажува и дека од вкупниот извоз во 2013 година, 120 милиони евра, најголем дел е развој на софтвер и на услуги.

Ова го истакна министерот за информатичко општество и администарција, Иво Ивановски, пред јавната расправа за краткорочната ИKТ предлог-стратегија за 2016-2017 година во Стопанската комора.

– Дури 95 проценти од колачот за извозно-ориентираните информатички технологии, се однесуваа на услуги. Тоа уште еднаш докажува дека Македонија е добра дестинација за компаниите кои доаѓаат. Моментно сме во преговори и, се надевам, странски инвестиции ќе продолжат да доаѓат за максимално искористување на нашиот талент за извоз на услуги кон ЕУ – истакна Ивановски.

 

 


Јавна расправа за ИКТ-стратегијата 2016-2017


Скопје, 13 јули, 2015 - 17:01 (META) 

Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со претставници на јавниот, приватниот и на академскиот сектор, изработи Краткорочна ИКТ (информациски и комуникациски технологии за развој) предлог-стратегија 2016-2017.

Целта на стратегијата е развој на ИКТ-индустријата, односно зголемување на придонесот на ИКТ-индустријата во насока на одржлив економски развој и поддршка на создавање работни места во рамките на ИКТ и други поддржани индустрии.

Министерството за информатичко општество и администрација в среда, во 10 часот, во Стопанска комора на Македонија ќе организира јавна расправа на која ќе се дискутира по предлог-верзиите на стратегијата и нејзиниот акциски план.