!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ФК „Тетекс“ во сериозна криза, му се заканува згаснување


Тетово, 21 април, 2017 - 14:44 (META) 

Фудбалскиот клуб „Тетекс“ се наоѓа во најтешка ситуација од своето формирање. Од раководството на клубот велат дека функционираат поради добрата волја на играчите, на кои не можат да им ги платат ниту патните трошоци.

Од клубот уште еднаш побараа помош од фирмите, за да не се случи, како што велат, најлошото, односно згаснување на клубот.

– Се бориме за да опстанеме, немаме пари да платиме струја за просториите каде се тушираат нашите играчи, немаме пари и за патни трошоци за играчите кои играат за нас, а се од Скопје и од тетовските села. И лани се најдовме во ваква ситуација, но на нашиот апел за помош се одзваа повеќе спонзори и фирми. Сега, пак, тие спонзори и фирми нè напуштаат. Затоа уште еднаш апелирам да се помогне на клубот, во спротивно може да згасне – изјави Ивица Јовановски, шеф на стручниот штаб на ФК „Тетекс“.

Утре „Тетекс“ игра натпревар со фудбалскиот клуб „Скопје“. Освоениот бод од овој натпревар е многу важен за опстанок на ФК „Тетекс“ во Втората македонска фудбалска лига. Моментално клубот е последен на табелата од Втората македонска фудбалска лига.


„Би-би-си“: Како може Брексит да влијае на најелитната фудбалска лига во светот?


Лондон, 24 јуни, 2016 - 12:52 (META) 

Одлуката за излегување на Европската Унија, што вчера ја донесоа британските граѓани, освен што ќе влијае на финансиите и на социјалните услови на островот, можно е да ја погоди и најелитната фудбалска лига во светот – англиската Премиер-лига, оценуваат телевизиските куќи „Би-би-си“ и „Скај њуз“.

Лигата, велат анализите, најпрво ќе биде погодена од околноста што фудбалерите што доаѓаат од континенталниот дел на Европа одново ќе мораат да минуваат низ процесот на добивање визи, додека процесот на добивање работни дозволи во Велика Британија дополнително ќе ги комплицира работите.

Еден од првите услови за добивање на работните дозволи кои мораат да ги исполнат играчите доколку не доаѓаат од земја членка на ЕУ е да имаат одреден број настапи за националните тимови.

Ова го доведува во прашање, пишуваат медиумите, доаѓањето на Антони Марсијал и Н’Голо Канте како засилувања на тимот на Манчестер јунајтед, односно на Лестер Сити.

Случувањата во најава, за кои известуваат телевизиите, ги предвиде претсдателот на клубот Вест Хем, кој минатата година испрати писмо до клубовите во Англија, Шкотска и во Велс, во кое предупреди на „разорните последици по фудбалот доколу Велика Британија ја напушти ЕУ“.

Од друга страна, постои можност британската влада да ја ублажи ситуацијата, со промена на правилата за добивање на дозволите, но доколу тоа не се случи, прогнозите се дека цената на англиските интернационалци ќе стане многу висока, ситуација од која профит ќе имаат клубовите од другиот дел на Европа.


Навивачи на ФК „Шкупи 1927“ нападнале играчи на ФК „Вардар АД Младинци“


Скопје, 16 април, 2015 - 13:19 (META) 

Навивачи на фудбалскиот клуб „Шкупи 1927“ вчера физички нападнале играчи на екипата на ФК „Вардар АД Младинци“, по завршувањето на натпреварот меѓу двете екипи на стадионот „Чаир“, информира полицијата.

Според полицијата, по завршувањето на мечот околу 18 часот, во моментот кога играчите излегувале од теренот, неколкумина навивачи на ФК „Шкупи 1927“ ја прескокнале железната ограда, влегле на стадионот и нападнале четворица играчи на ФК „Вардар“.

Од полицијата велат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.


„Фенербахче“ нема да игра сè додека не се пронајде напаѓачот


Истанбул, 6 април, 2015 - 20:28 (META) 

Турскиот фудбалски клуб „Фенербахче“ соопшти дека нема да игра сè додека не се пронајде сторителот на вооружениот напад на автобусот со кој се превезуваат неговите играчи, а во кој немаше повредени играчи, но возачот беше ранет.

„Немаме намера да играме сè додека случајот не се реши целосно“, рече претставникот на клубот, Денис Тојга Ајторе.

„Фенербахче“ вчера бараше да се прекине шампионатот на Турција сè додека не се најдат тие што го извршиле нападот.

Нападот се случи во саботата кога играчите се враќале во Истанбул по победничкото гостување на „Ризеспор“. Играчите од градот Ризе тргнале на аеродром во соседниот град Трабзон.

Нападот беше осуден од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и од труските клубови.