Антикорупциска се ситни, по Тантуровски и Миленков, оставки и на Халили, Алиу и Дамчевска


Скопје, 7 март, 2018 - 12:05 (META) 

Вкупно петмина членови на Антикорупциска комисија веќе поднесоа оставки. Сејди Халили, кој вчера ја најави, денеска ја поднел својата оставка, а освен него, денеска оставки поднеле и членовите Фарие Алиу и Жаклина Дамчевска, пишува порталот „Порталб“.

Халили вчера изјави дека оставката ја поднесува, бидејќи не може да го трпи притисокот од јавноста, но и да се отвори пат за реализација на новите политики во борбата против корупцијата.

Оставки од Антикорупциска комисија поднесоа претседателот, Игор Тантуровски како и Горан Миленков.


Претседателот на Антикорупциска комисија, Тантуровски поднесе оставка


Скопје, 6 март, 2018 - 12:17 (META) 

Претседателот на антикорупциската комисија, Игор Тантуровски, официјално поднесе оставка од својата функција, дознава „ТВ21“.

Во документот Тантуровски вели дека оставката ја поднесува од здравствени и семејни причини.

Тантуровски е втор антикорупционер кој се одлучи на ваков чекор, по вчерашната оставка на членот и поранешен претседател на ДКСК, Горан Миленков.

Извори од антикорупциска за „ТВ21“ велат дека оставки најавиле и членовите Жаклина Дамчевска и Сејди Халили.

Оставките следуваат неколку дена по скандалозниот извештај од внатрешната ревизија направена во комисијата, која покажува дека дел од членовите фалсификувале патни налози за да земат повисоки суми за патни трошоци и ненаменски трошеле буџетски средства.

Актуелниот состав на комисијата е именуван на 14 април 2015-та година.


Тантуровски: Нема да поднесам оставка затоа што не чувствувам одговорност


Скопје, 2 март, 2018 - 14:21 (META) 

Јас не чувствувам одговорност, не бев посочен како одговорен ниту во извештајот и од тие причини немам намера да поднесам оставка, изјави за „А1 он“, претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Игор Тантуровски, по обелоденувањето на скандалот за трошењето во Комисијата.

– Извештајот беше направен за интерна употреба, но целта на неговото објавување во јавноста беше единствено да се дискредитира Комисијата и нејзините членови. Тоа што беше објавено е парафразирано и е далеку од вистината. Целта на извештајот беше да се дадат препораки за тоа како да се постапува за одредени недоследности – рече Тантуровски.

Тој тврди дека случувањата во последните денови се политички притисок врз него и работата на Комисијата. Тој гарантира дека нема корупција во Антикорупциската комисија. Тантуровски рече дека извештајот не може да биде официјално споделен со јавноста.

Ревизорскиот извештај на УЈП за работата на Комисијата, што беше објавен во медиумите, покажа дека некои од членовите користеле неверодостојни патни налози за кои им биле исплаќани патни трошоци.

Дополнително, како ненаменско трошење буџетски пари се посочуваат и трошоците за ручеци и вечери во ресторани, што членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување стан.

Ревизијата се однесува на составот на Комисијата на чело со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова-Аџикотарева и Сејди Халили, кои на оваа функција во ДКСК се од април 2015.


Невладините бараат власта и институциите да ја испитаат работата на Тантуровски и на ДКСК


Скопје, 4 јуни, 2017 - 16:17 (META) 

Власта и институциите да ја проверат основаноста на контролите во невладините организации и да ја истражат злоупотребата на службената должност за политички притисок и дискриминација од сите засегнати раководители кои се дел од прогонот. Ова денеска повторно го побараа 22 граѓански организации и фондации во кои изминатите шест месеци Управата за јавни приходи (УЈП) и Финансиската полиција вршат контроли иницирани од Државната комисија за спречување на коруција (ДКСК).

Организациите велат дека се револтирани од изјавите на претседателот на Антикорупциската комисија, Игор Тантуровски, во кои, според нив, тој покажува целосно непознавање за начинот на нивното функционирање и работа.

„Ако подобро ја познава работата на НВО-секторот, тогаш Тантуровски ќе знае дека секој домашен и странски донатор што одлучил да поддржи проект и дал финансиска поддршка на невладина организација, пропишал правила според кои грантистите се обврзуваат да му подготвуваат детални месечни, квартални и годишни наративни и финансиски извештаи. На тој начин се следат трошењата на парите од страна на грантистите. Дополнително, организациите на крајот на проектите најчесто ангажираат надворешни ревизори чија лупа детално го котролира начинот на трошење. Тантуровски и неговите антикорупционери како државно тело имаат начини како да ги проверат средствата доколку им се сомнителни и притоа воопшто да не ги малтретираат организациите. Антикорупционерите само треба да ги земат податоците од Централниот регистар или од Управата за јавни приходи каде се евидентирани сите проекти за да ја проверат работата, наместо да иницираат повеќемесечни контроли кои ги чинат пари и организациите и граѓаните“, стои во заедничкото соопштение на 22 невладини организации.

Тие велат дека е смешна и неиздржана изјавата на Тантуровски дека „тој се исплашил од влезот на пари за тероризам во Македонија преку граѓански организации и фондации“.

„Образложението на Тантуровски, иако е апсурно смешно, покажува на сериозен проблем дека ДКСК наместо да ја врши работата за која е платена од народни пари и да трага по стотиците веќе откриени коруптивни скандали на политичари, државни институции или јавна администрација, се вплеткува во спроведувањето на груевистичките методи за линч на неистомислениците“, велат од НВО.

Од организациите велат дека сега, токму од Антикорупциската комисија очекуваат да се ангажира и да спроведе постапка за граѓански организации кои добивале пари од владата и да провери како тие ги трошеле народните пари во последните години.

„Тантуровски може да почне од последната распределба, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ на 23 мај, вредна токму 800.000 евра дадени на граѓански организации главно непознати во Македонија“, се вели во соопштението.


Тантуровски уште една година ќе биде прв антикорупционер


Скопје, 13 април, 2017 - 15:08 (META) 

Членовите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница едногласно му дале уште еден едногодишен мандат на актуелниот претседател на Комисијата, Игор Тантуровски.

„На денешната 182. седница на Државната комисија за спречување на корупцијата, во согласност со Законот за спречување на корупцијата и со деловникот за работа на комисијата, поради истекот на мандатот на претседателот, се спроведе избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата едногласно за претседател повторно го избраа д-р Игор Тантуровски“, стои во соопштението на Антикорупциската комисија.

Претседателот на ДКСК се избира од редот на постојните членови на комисијата, со мандат од една година и со право на уште едно именување.


Донатор на ВМРО-ДПМНЕ не може да биде на чело на Антикорупциска комисија


Скопје, 22 април, 2016 - 13:15 (META) 

Назначувањето на Игор Тантуровски за нов претседател на Комисијата за спречување на корупцијата е уште една потврда дека нема вистинска борба против корупцијата и криминалот туку обиди да се покријат криминалите на власта, обвинуваат од СДСМ.

„Тантуровски самиот потврди дека во 2012 година донирал 60.000 денари за ВМРО-ДПМНЕ, со што не го исполнува највисокиот услов – да биде партиски независен. Со тоа уште еднаш на дело се гледа дека не постои одвојување на партијата од државата, што е еден од клучните услови за кредибилни избори. Наместо да бидат избрани квалитетни и стручни луѓе кои професионално ќе  ја извршуваат работата и навистина ќе се борат со корупцијата, ВМРО-ДПМНЕ назначува свои полтрони преку кои ја уништи институцијата која требаше да биде симбол на искоренување на корупцијата“, пишува во соопштението на СДСМ.

9aa3a874-2f20-454d-b937-6babb6222f4f


Игор Тантуровски е нов претседател на ДКСК, на Миленков му заврши мандатот


Скопје, 20 април, 2016 - 13:09 (META) 

Горан Миленков повеќе не е претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) откако му истече едногодишниот мандат како прв човек на комисијата. Од ДКСК соопштија дека на негово место е избран Игор Тантуровски, член на актуелниот состав на комисијата.

„Државната комисија за спречување на корупцијата, поради завршување на мандатот на претседателот на ДКСК, Горан Миленков, во согласност со членот 48 од Законот за спречување на корупцијата, за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата едногласно го избра д-р Игор Тантуровски. Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата се избира од редот на постојните членови на ДКСК, со мандат од една година“, стои во соопштението од ДКСК.

Членовите на комисијата, според Законот за спречување на корупција, ги именува Собранието со мандат од четири години. Актуелниот состав е именуван на 14 април 2015 година.

Досегашниот претседател Миленков стана актуелен во јавноста неодамна, откако не им дозволи целосен увид на новинарите во анкетниот лист на поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Однесувањето на Миленков и златниот накит што го носеше на прес-конференцијата, го предизвикаа вниманието и на експертите за протокол, кои ваквата негова појава ја оценија, во најмала рака, како несоодветна за функцијата што ја извршува.