ЕЛЕМ: Условите во тендерот за ископ на јаглен бараат само сериозни фирми


Скопје, 13 април, 2018 - 16:00 (META) 

АД ЕЛЕМ, државниот производител на струја, кој од генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, денеска беше обвинет дека ги мести условите за учество на новиот тендер на РЕК Битола вреден 320 милиони денари за да победи фирма блиска до врвот на СДСМ, ги отфрли обвинувањата.

Во соопштение, АД ЕЛЕМ порачува дека условите во тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола гласат „Економскиот оператор во последните 3 години да има извршено ископ на најмалку 900 илјади тони јаглен или 1 милион кубни метри јаловина (земјени или карпести маси) или руда”, од каков било вид.

„Условите во тендерот овозможуваат поголема можност за пријавување на што повеќе економски оператори, а од друга страна, условите се и натаму доволно ригорозни да овозможат пријавување само на фирми кои имаат технички и кадровски капацитет и референци за изведување на одговорна задача, како што е ископот на јаглен во РЕК Битола, од што зависи стабилноста на производствениот процес на електрична енергија за потребите на Р.Македонија. Сакаме да нагласиме дека ВМРО ДПМНЕ неколку дена и дава на јавноста неточни информации и лажни конструкции во врска со јавни набавки во РЕК Битола, кои се демантираат со документацијата која АД ЕЛЕМ и вчера и денеска ја става на увид на целата јавност и исто така на опозицијата“, гласи соопштението од ЕЛЕМ.


Јанушев: ЕЛЕМ го мести тендерот за РЕК Битола за фирма блиска до врвот на СДСМ


Скопје, 13 април, 2018 - 14:04 (META) 

Постои сомнеж дека државниот производител на струја АД ЕЛЕМ ги мести условите за учество на новиот тендер на РЕК Битола вреден 320 милиони денари за да победи фирма блиска до врвот на СДСМ, обвини денеска Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

– Согласно тендерската документација – економскиот оператор во последните 3 години треба да има ископано 900.000 тони јаглен, а таква фирма во Република Македонија според информациите со кои што располагаме има само една, тоа е фирмата која важи за блиска до врвот на СДСМ – „Пелистер“ ДОО Битола. Ако тоа е така, другите компании кои се занимаваат со оваа дејност од старт се елиминирани, а со тоа однапред се знае кој ќе го добие тендерот.  Сомнежот е дека oваа тендерска постапка е однапред договорена работа – рече генералниот секретар на најголемата опозициска партија.

ВМРО-ДПМНЕ бара тендерската постапка да биде поништена и да биде распишан нов оглас, со еднакви услови за учество. Јанушев обвини дека власта сакајќи да овозможи простор за нелегални активности смислено го укинала Советот за јавни набавки.

– На површина излегоа причините поради кои беше укинат Советот за јавни набавки, кој беше гарант за законитоста и чувар на јавниот интерес при постапките за јавни набавки. Советот за јавни набавки беше трн во очите на власта, пречка за сите коруптивни шеми, и затоа беше укинат. Цената на неговото укинување сега ја плаќаат граѓаните, од чии пари се полнат сметките на фирми блиски до оваа криминална власт – рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, напоменувајќи дека вчера партијата обелоденила дека фирмата „Пелистер“ со склучен договор во четири очи во изминатиот период вршеше ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола „по цени двојно поголеми од првично предвидените, со што државата плати 1 милион евра повеќе“.


Јанушев: СДСМ и ДУИ се натпреваруваат кој ќе направи поголема отстапка за името


Скопје, 10 февруари, 2018 - 18:33 (META) 

СДСМ и ДУИ како да се натпреваруваат кој ќе направи поголема отстапка без да се направи проценка за последиците врз највисоките национални интереси, порача денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

– Пратеникот Артан Груби се пофали дека формата на новото име била договорена. Истиот јавно кажа дека на медијаторот ќе му понудел дополнителни идеи кои ги добил, ни помалку, ни повеќе, туку од грчки авторитети. Да не беше трагично ќе беше смешно македонски претставник да нуди идеи добиени од грчки авторитети. Најзагрижувачки е самиот факт што самиот Груби откри дека не бил најголем проблем само формата на името, туку другиот дел од договорот кој се однесувал на идентитетот, јазикот, националноста, употребата и преводот. Кој лаже? Заев и министерот за надворешни работи Димитров кога велат дека за идентитетот не се преговара или Артан Груби и ДУИ кога велат дека се договара решение за идентитетот, јазикот и националноста – праша Јанушев.

Македонија и македонскиот народ не заслужиле ваков однос од Зоран Заев и владеачката гарнитура, порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Стандардот на граѓаните е загрозен, економскиот развој стагнира


Скопје, 4 февруари, 2018 - 15:51 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот, Владо Мисајловски и генералниот секретар, Игор Јанушев денеска се сретнале со претседателите на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. На состанокот, како што информираат од партијата, била разгледувана политичката состојба во државата, внатрепартиските состојби и активности, како и размена на мислења и сугестии за понатамошното делување.

Мицкоски посочил дека „стандардот на граѓаните е загрозен и дека владата демонстрира неспособност со справување на економските предизвици.“

„Нема никакви странски ниту поголеми домашни инвестиции, а економскиот развој целосно стагнира, што негативно се одразува врз економската моќ на граѓаните која е во надолен тренд“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

На состанокот било посочено дека „очекувањата на граѓаните се изневерени и дека постојат сериозни предизвици во повеќе сфери и области, вклучително и здравството, образованието, земјоделието.“

„Политичкиот прогон продолжува, а партискиот реваншизам по институциите станува основно средство за дејствување на власта“, со додава во соопштението.

Било истакното и дека „државата бележи застој и во реформските чекори врзани за евроатланските интеграции во клучните области: судството, борбата против корупцијата, медиумската сфера, економскиот сектор.“