!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ИДСЦС: Граѓаните се против избори на 5 јуни


Скопје, 16 мај, 2016 - 17:23 (META) 

Дури 63 отсто од граѓаните сметаат дека не треба да има избори на кои нема да учествуваат сите партии, а за 31 процент таквите избори се прифатливи, покажаа резултатите од истражување на јавното мислење на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Истражувањето е спроведено телефонски на репрезентативен примерок од 1.016 испитаници во периодот од 6 до 11 мај 2016 година.

„Вкупно 55 отсто од граѓаните сметаат дека владата која треба да ја надмине политичката криза треба да биде составена од непартиски експерти или од сите парламентарни политички партии, додека за 36 отсто од испитаниците влада составена преку избори на 5 јуни е решение за надминување на кризата. Граѓанските организации и движења треба да бидат вклучени во партиските преговори за надминување на кризата, сметаат 61 отсто од анкетираните, а за 27 отсто од испитаниците граѓанските организации и движења не треба да се вклучат во преговорите. Одлуката на претседателот за аболирање на 56 лица не ја оправдуваат 76 отсто од испитаници, а 16 отсто сметаат дека помилувањата се оправдани“, пишува во соопштението.

Секој трет граѓанин, односно 30 отсто, ги поддржуваат протестите на „Протестирам“ и „Шарената револуција“, а поддршка за ГДОМ дава секој осми граѓанин, односно 12 отсто од испитаниците.

„Граѓаните се поделени во оценувањето на улогата на САД и на ЕУ во решавањето на политичката криза: 45 отсто нивната улога ја оценуваат негативно, а 42 отсто позитивно. Сепак, мнозинство граѓани, односно 53 проценти, сметаат дека САД и ЕУ имаат одлучувачка улога во решавањето на политичката криза“, пишува во соопштението на ИДСЦС.

На прашањето за ставот кон политичките лидери, преовладуваат негативни ставови: 55 отсто кон Али Ахмети, 52 отсто кон Никола Груевски и 48 отсто кон Зоран Заев.


ИДСЦС: Граѓаните сметаат дека тендерите во општините не се доделуваат праведно


Скопје, 27 мај, 2015 - 16:30 (META) 

Повеќе од 60 отсто од граѓаните сметаат дека процесот на вработување во општинската администрација во нивната општина е достапен за луѓе блиски на партијата на власт во таа општина. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење за судирот на интереси и за корупцијата на локално ниво на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, спроведено во рамки на проектот „Граѓанска мрежа за спречување конфликт на интереси во јавната администрација“.

„Истражувањето открива дека во јавноста преовладуваат негативни перцепции за нивото на транспарентност на единиците на локалната самоуправа. Во периодот меѓу 2014 и 2015 година, се бележи пад на перцепцијата за транспарентност на општинската администрација.
Половина од граѓаните сметаат дека тендерите во општините не се доделуваат праведно, а четвртина од граѓаните не се доволно запознаени со тој процес. Исто така, четвртина од граѓаните целосно се согласуваат со изјавата „фирмите блиски до општинската власт секогаш имаат предност при тендерите“. Речиси две третини од сите граѓани сметаат дека процесот на вработување во општинските администрации е отворен и достапен само за луѓе блиски на партијата на власт во општините. Речиси половина од граѓаните целосно се согласуваат дека во Македонија никој не може да се вработи ако не е член на политичка партија, повеќе од половина целосно се согласуваат дека државата е одговорна да обезбеди работа за граѓаните, а 4 од 10 граѓани целосно се согласуваат дека во Македонија практиката „услуга за услуга“ е широко развиена појава“, велат од ИДСЦС.

Истражувањето било спроведено теренски на македонски и на албански јазик, од 19 февруари до 2 март годинава, на примерок од 1.603 испитаници.


ИДСЦС бара граѓански организации да учествуваат на лидерските средби


Скопје, 15 мај, 2015 - 15:01 (META) 

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) повика на следните лидерски средби организирани за преговори за излез од политичката криза, покрај претставниците на меѓународната заедница, како набљудувачи да бидат вклучени граѓански организации и движења.
„Улогата на граѓаните е важна во осигурување дека потребните реформи за демократизација на општеството ќе бидат одржливи и долготрајни. Сметаме дека граѓаните се засегната страна во процесот на демократска трансформација и мора да бидат вклучени. Потсетуваме дека суверенитетот во Република Македонија произлегува и им припаѓа на граѓаните“, се вели во соопштението од ИДСЦС.
Според ИДСЦС, политичките партии кои во наредниот период ќе треба да ја градат Републиката и да спроведат длабоки реформи, мора да ја прифатат значајната улога која граѓаните, нивните движења и граѓанските организации ја имаат во истиот тој процес. Тие сметаат дека граѓанските организации можат да помогнат со совети и со набљудување на процесот на реформите кои што претстојтат.
„Предлагаме на лидерските средби, како и идните форми на разрешување на политичката криза, да присуствуваат двајца претставници на граѓанските организации и на граѓанските движења. Предлагаме, овие претставници да ротираат од оние кои се занимаваат со демократизација, добро управување и со човекови права. Причината за ваквиот избор е бидејќи во овие сектори треба да се направат првите клучни чекори и најдлабоките реформи. Ги повикуваме организациите што се заинтересирани да учествуваат во овој процес да не контактираат, а од листата на пријавени ИДСЦС ќе состави редослед по случаен избор и ќе го објави и достави до повиканите политички лидери и амбасадори“, велат од институтот и изразија надеж дека политичките лидери ќе разберат дека уште од овој момент граѓаните мора да бидат вклучени во разрешување на кризата.


И партиите и Амбасадата на САД забрзано анкетираат


Скопје, 13 март, 2015 - 15:13 (META) 

Агенциите кои прават сондажи на јавното мислење деновиве имаат полни раце работа.

Според извори од агенциите, и партиите, но и Амбасадата на САД во земјава прават анкети за расположението на граѓаните за предвремени избори, за преодна влада и за рејтинг на партиите и на политичарите.

– Сите анкети се „приватни“, односно нарачателите сами одлучуваат дали ќе ги објават резултатите. Никој не нарачува анкети за „јавно објавување“ – велат од агенциите.

Според нив, најчесто сондажите ги прави ВМРО-ДПМНЕ, поретко – СДСМ, но велат дека и ДУИ има нарачано анкета, повторно за свои потреби.

Последната објавена анкета беше на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со телевизија „Телма“, кои во периодот од 19 февруари до 2 март 2015 година спроведоа истражување на јавното мислење за аферата „Прислушување“.

Истражувањето е објавено на 6 март.

Последната, пак, странска анкета е онаа на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон, спроведена во Македонија во периодот од 9 до 15 декември минатата година, врз репрезентативен примерок од 1.105 испитаници, а во медиумите беше презентирана два и пол месеци подоцна – на 26 февруари.