!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ: Заврши изолацијата на земјата и молчењето за разговорите


Скопје, 23 јуни, 2017 - 12:28 (META) 

СДСМ реагираше на обвинувањата од утринското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ денеска. Владејачката партија порачува дека завршило времето на криење на битните работи од граѓаните.

„Заврши времето на изолација и на конфликти со демократскиот цивилизиран свет, во која ВМРО-ДПМНЕ ја држеше Македонија заробена цели 11 години. Дојде крајот на тајното преговарање и на држењето на јавноста и на граѓаните во информативен мрак во врска со односите што ги воспоставува нашата земја со соседните земји и со меѓународната заедница“, се вели во реакцијата на владејачката партија.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев трет ден не кажува што договорил во Софија


Скопје, 23 јуни, 2017 - 9:28 (META) 

„Заев трет ден молчи и бега од одговор, одбивајќи да ѝ каже на македонската јавност што точно договорил во Софија. Заев има обврска за транспарентно и инклузивно работење, особено кога станува збор за прашања од највисок национален интерес“, порача ВМРО-ДПМНЕ во своето редовно утринско соопштение.

„Граѓаните на Република Македонија се вознемирени бидејќи не знаат што точно прифатил Заев во договорот чие потпишување го најави за 2 август. Зоран Заев треба да им одговори на македонските граѓани кои делови од учебниците по историја ќе ги брише и кој ќе одлучи што да се брише? Дали ги прашал за тоа македонските граѓани на кои им ветуваше дебата за секое позначајно прашање?“, се вели во соопштението.

Опозициската партија порачува дека истовремено „гласни се поединци од Бугарија, кои со восхит гледаат на дејствијата на Заев, според кои македонскиот јазик е пишана форма на бугарски дијалект, а македонската историја е бугарска“.

Од партијата прашуваат дали целта на Заев е Македонија, нејзиниот јазик, култура и историја да бидат негирани.


ВМРО-ДПМНЕ: Конфузна и незрела изјава на Димитров предизвика лавина реакции


Скопје, 14 јуни, 2017 - 10:07 (META) 

„Една конфузна и незрела изјава на новиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во „Фајненшл тајмс“, предизвика лавина реакции во меѓународните медиуми кои сериозно ги подриваат тешко градените позиции во спорот со Грција“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „Фајненшл тајмс“, „Гардијан“ и „Тагесцајтунг“ се само дел од влијателните светски медиуми што пишуваа дека Македонија е подготвена и размислува за промена на името.

„Истите позиции ги пренесуваат и други весници, а сето тоа се злоупотребува од нашите соседи. Бугарскиот историчар Божидар Димитров срамно лицитира со имиња од типот „југозападна Бугарија“, а СДС упорно молчи наместо да ги штити угледот и честа на македонскиот народ и држава“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека сега, бидејќи ги води владата и Министерството за надворешни работи, СДСМ има обврска да се бори и да го брани македонскиот идентитет.


Откриен е идентитетот на напаѓачот од Манчестер


Манчестер, 23 мај, 2017 - 15:38 (META) 

Лицето за кое се сомнева дека е бомбашот-самоубиец од Манчестер е идентификувано како Салман Абеди, јавува „Си-би-ес“.

„Си-би-ес њуз може да потврди дека осомничениот за терористичкиот напад во Манчестер е 23-годишниот Салмаб Абеди“, соопшти медиумската куќа.

Абеди наводно од претходно и бил познат на британската полиција. Засега нема официјална потврда на информацијата.
Претходно британската премиерка Тереза Меј изјави дека безбедносните служби го знаат идентитетот на осомничениот бомбаш.


Откриен идентитетот на напаѓачот од Лондон


Лондон, 23 март, 2017 - 20:38 (META) 

Британската полиција го откри идентитетот на напаѓачот од Лондон. Станува збор за 52-годишниот Халид Масуд, кој од претходно ѝ е познат на полицијата.

Полицијата го уби Масуд откако со автомобил прегази пешаци и со нож прободе полицаец.

Иако не бил под истрага, ниту против него се водела некаква постапка, на полицијата ѝ бил познат по претходни прекршоци. Од Скотланд јард велат дека не бил поврзан со терористи и оти полицијата не го следеа поради сомнежи за терористички активности.

Во неговото досие има пријава за напад, нанесување тешки телесни повреди, поседување оружје и за кршење на јавниот ред и мир. Првите проблеми со законот ги имал уште во 1983 година, а последен пат е казнет во 2003 година поради нелегално поседување оружје.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев избира меѓу интересите на Македонците и намерите на Села


Скопје, 18 март, 2017 - 11:17 (META) 

Заев избира меѓу интересите на мнозинството Македонци и намерите на Зијадин Села, кој од позиција на влада сите Македонци во Струга сака да ги избрка од работа и да ги прогласи за технолошки вишок, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Регионалните министерства тука во Струга нема да имаат вработени 20 отсто Албанци или 10 отсто или ниту еден, туку 65 отсто ќе бидат Албанци, Македонците ќе излезат како технолошки вишок, затоа што ги имаат зафатено нашите места. Ова е изјава од изборен митинг на Зијадин Села, човекот од кого ќе зависи идното парламентарно мнозинство на СДСМ во парламентот. Ова е агендата што ќе ја реализира Села доколку дојде на власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека лидерот на Алијанса на Албанците отворено го негира македонскиот идентитет и не ги признава македонското знаме и химна и истите планира да ги смени, а лидерот на СДСМ, Зоран Заев, молчи и не ја отфрла „тиранската платформа“.

„Човекот што без срам ја отвори вратата за дебатирање и оспорување на македонскиот идентитет, како и федерализација на Република Македонија е аболираниот Зоран Заев. Дебатата почна да се реализира на дело. Питер Ванхауте под маската на дипломат отворено зборуваше за редефинирање на Република Македонија. Албанската пратеничка Месила Дода јавно пред сите се закани дека доколку Заев отстапи од платформата, тогаш сите Албанци ќе се ангажираат околу остварување на сонот за Илирида. Зоран Заев и СДСМ ниту еднаш не ги осудија овие изјави, молчеа и сè уште молчат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека остануваат на својата „принципиелна понуда“, односно доколку СДСМ се откаже од „тиранската платформа“, ВМРО-ДПМНЕ да му даде поддршка на Заев за состав на влада, а во спротивно СДСМ да прифати нови парламентарни избори, заедно со локалните.


Утврден идентитетот на напаѓачот кај „Лувр“


Париз, 4 февруари, 2017 - 12:07 (META) 

Француските власти го идентификувале лицето што вчера со мачета нападна војници пред влезот на парискиот музеј „Лувр“, јавуваат француските медиуми.

Напаѓачот кој извикал „Алах е голем“ и веднаш бил ранет е идентификуван како египетски државјанин кој пристигнал во Франција кон крајот на јануари.

Полицијата кај напаѓачот, кој носел две торби, пронашла мобилен телефон со СИМ-картичка регистрирана на име на 29-годишниот Египќанец, Абдула ел Хамами. Француските истражители стапиле во врска со египетските колеги за разјаснување на случајот.

Извори блиски до истрагата посочуваат уште дека напаѓачот не им бил непознат на француските безбедносните служби и оти легално влегол во државата на 26 јануари со лет од Дубаи, со валидна шенген-виза.

Обвинителот на Париз, Франсоа Молан, синоќа соопшти дека идентитет на напаѓачот е познат, но дека не е „формално утврден“.

Истрагата ќе треба да ги утврди мотивите за нападот и дали напаѓачот дејствувал сам или по нечија наредба.


Папа Франциск: Уште е рано да го оценам Трамп, прво да видам како работи


Рим, 22 јануари, 2017 - 11:31 (META) 

Папата Франциск вели дека првин ќе почека да види како работи новиот претседател на САД, Доналд Трамп, пред да каже што мисли за него, јавуваат светските агенции.

Поглаварот на Римокатоличката црква во интервју за неделното издание на шпанскиот весник „Паис“, рекол дека не сака прерано да суди за луѓето.

„Мораме да почекаме. Ќе видиме како ќе се однесува, што ќе преземе и дури тогаш ќе стекнам мислење за него. Но, човек да се плаши или да се радува за нешто што допрва би можело да се случи, не е мудро“, вели папата Франциск.

Прашан како ја коментира појавата на популистички лидери во САД и во Европа, папата рекол дека во кризни времиња луѓето бараат спасители кои ќе го вратат индентитетот и се бранат со подигнување ѕидови и бодливи жици кон другите луѓе.

Според него, и Адолф Хитлер во 1930-тите години бил избран од страна на луѓе кои барале спасител во време на економска и на политичка криза, а подоцна тој ги уништил.

„Кризите предизвикуваат страв, а мислам дека најочигледниот пример за тоа е популизмот во Германија во 1933 година. Луѓето кои беа во криза бараа идентитет, сè додека не се појави харизматичен лидер (Адолф Хитлер, н.з.) и им вети дека ќе им го врати идентитетот. Сите знаеме што се случи потоа“, вели папата Франциск.


Напаѓачот од Берлин користел 14 различни идентитети


Берлин, 5 јануари, 2017 - 15:37 (META) 

Германските власти утврдиле дека напаѓачот кој на божиќниот панаѓур во Берлин со камион уби 12 лица, Тунижанецот Анис Амри, користел 14 различни идентитети, соопшти германската полиција.

Како што се наведува во соопштението, Амри дошол во Германија на средината на 2015 година и набргу успеал да се најде на листата на потенцијално опасни исламистички екстремисти, а против него паралелно е водена истрага поради остварување права под два различни идентитета.

Според наводите на началникот на полицијата на Северна Рајна – Вестфалија, Дитер Шуерман, властите не нашле цврсти докази дека планира напад.
Амри (24) на 19 декември со камион влета меѓу посетителите на традиционалниот божиќен панаѓур во Берлин и уби 12 лица, а на 23 декември беше убиен во пресметка со италијанската полиција во Милано.


Утврден идентитетот на напаѓачот од ноќниот клуб во Истанбул


Анкара, 4 јануари, 2017 - 12:50 (META) 

Идентитетот на напаѓачот од ноќниот клуб во Истанбул е утврден, соопшти денеска шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.

Напаѓачот, кој побегна по нападот во кој загинаа 39 лица, и понатаму е во бегство.

Чавушоглу, сепак, не сакаше да го соопшти името на напаѓачот.

Досега 20 лица се приведени во рамки на истрагата за нападот кој се случи во ноќен клуб за време на новогодишната ноќ.

Истовремено, турската полиција денеска во Измир уапси пет осомничени припадници на Исламска држава, поради сомнеж дека се поврзани со терористичкиот напад, за кој одговорност презеде ИД.