Останките на Амелија Ерхарт идентификувани на мал пацифички остров


Вашингтон, 9 март, 2018 - 11:58 (META) 

Коските пронајдени во 1940 година на островот Никумароро во Тихиот Океан најверојатно се од познатата пилотка и авантуристка Амелија Ерхарт, се вели во нова форензичка студија објавена во едно од научните списанија во САД.

Ерхарт, нејзиниот навигатор и авионот во којшто биле, исчезнале без трага во 1937 година некаде над Тихиот Океан, а во новата студија објавена во списанието „Forensic Аnthropology“, со наслов „Амелија Ерхарт и коските од Никумароро“, која била спроведена од професорот Ричард Јанц од Универзитетот на Тенеси, се вели оти со 99 отсто може да се каже оти тие коски се од Ерхарт и се отфрла мислењето на еден истражувач од 1941 година дека коските се од маж.

Коските се пронајдени во 1940 година, три години од исчезнувањето на Ерхарт. Покрај нив биле пронајдени женски обувки, кутија за секстант каков што користел навигаторот Френ Нунан, кој во 1937 година исчезнал заедно со Ерхарт, како и шише слично на тоа што авијатичарката често го носела.

Кога остатоците биле првпат пронајдени, се сметало дека ѝ припаѓаат на Амелија. Но во 1941 година доктор Дејвид В. Хадлс од Фиџи заклучил дека коските му припаѓаат на маж и таа теорија важеше сè досега.

Островот Никумароро се наоѓа на околу 2.900 километри југозападно од Хаваи, а со голема сигурност може да се каже дека Ерхарт била многу блиску до островот пред да исчезне во текот на нејзиниот обид да го прелета светот.


Хелсиншки комитет: Новиот закон за азил има недостатоци во примената на ЕУ-директивите


Скопје, 18 декември, 2017 - 12:04 (META) 

Новиот закон за меѓународна и привремена заштита, кој се однесува на баратели на азил и признаени бегалци, има одредени позитивни, но и негативни измени, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Таа додава дека забележани се одредени недостатоци при имплементација на принципите и стандардите поставени во ЕУ-директивите. 

Во соопштението на Хелсиншкиот комитет се истакнува дека, позитивен исчекор е направен кај причините за прогон, каде што сега се вметнува и сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Во него се додава дека, во добра насока е и отстранувањето на лошите законски измени донесени во 2016 година.

Проблеми во праксата се јавуваат со целосното остварување на правата на барателите на азил, поради идентификационата исправа што тие ја добиваат. Во исправата за идентификација, од Хелсиншки наведуваат не постои единствен матичен број, кој е предуслов за остварување на правата од социјална и здравствена заштита, како и од работните односи.

Новина во законот е можноста за ограничување на слободата на движење. Хелсиншкиот комитет укажува дека овој предлог е целосно спротивен на основните човекови права и слободи.

Предлог-законот за меѓународна и привремена заштита, кој се однесува на баратели на азил и признаени бегалци и кој ќе го замени сегашниот закон за азил и привремена заштита, во моментот е во подготовка, а Хелсиншки комитет за човекови права поднесе коментари со цел подобрување на конечниот текст.


МВР ги идентификувало лицата што го отвориле главниот влез на Собранието


Скопје, 2 мај, 2017 - 14:53 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје доставил три нови известувања за неколку лица во врска со истрагата за насилствата во Собранието на Република Македонија од минатиот четврток.

Известувањата биле пратени откако по прегледот на видеоматеријалите од безбедносните камери на Собранието биле идентификувани лица кои учествувале во отстранувањето на блокадата на вратата од главниот влез на законодавниот дом, од внатрешната страна, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Во неделата, СВР Скопје поднесе кривична пријава против вкупно 15 лица, кои се товарат за кривичните дела учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство и учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

Претходно ОЈО Скопје побарало распишување на централна потерница за приведување на сите 15 осомничени.

„На 30 април 2017 г. од слобода беа лишени осум лица, кои беа изведени пред судија на претходна постапка, кој за петмина од нив изрече мерка притвор од осум дена, за едно лице – мерка домашен притвор, а за две лица – мерка претпазливост.

Од МВР додаваат дека СВР Скопје во координација со ОЈО Скопје продолжува интензивно да работи на понатамошна идентификација на лица кои биле учесници во насилствата од 27 април.


Извлечено телото на пилотот на рускиот авион кој се урна во Црно Море


Сочи, 26 декември, 2016 - 19:21 (META) 

Нуркачите го извлекоа на површина телото на Роман Волков, пилотот на авионот „ту-154“, кој вчера падна во Црно Море две минути по полетувањето, при што загинаа 92 лица.

Според извори од местото на акцијата, нуркачите што учествувале во операцијата за извлекување на телата на жртвите и на деловите на авионот, пронашле уште едно тело, а кога го извлекле на површина, врз основа на униформата заклучиле дека се работи за Волков.

Истиот извор наведува дека претходно на површина извлечени биле уште 70 посмртни остатоци на жртвите на несреќата.

Во Москва утринава пристигна првиот авион со телата на загинатите и почна процесот на нивна идентификација.


Завршена идентификацијата на телата на загинатите во авионската несреќа


Скопје, 10 септември, 2016 - 18:46 (META) 

Од 19 часот синоќа, кога во Институтот за судска медицина во Скопје пристигнале роднините на загинатите во авионската несреќа кај селото Кожле, до 5 часот утрово траела постапката на идентификација на загинатите преку ДНК-анализа, потврди Институтот за судска медицина, пренесува „Телма“.

Со споредба на примерок од ДНК од роднините и од жртвите е утврден идентитетот на шестмината италијански државјани што настрадаа во падот на „пајперот“. Како што пренесоа медиумите, станува збор за лицата чии имиња претходно беа објавени.

Во процедура е подготовката на транспортот на телата на петте италијански државјани во нивната земја, додека косовскиот државјанин со италијански пасош, Висар Бегај, ќе биде погребан во Косово.

Истрагата за утврдување на причините за несреќата продолжува понатаму, со анализи на прибраните докази.

Авионската несреќа се случи во вторникот оваа недела, околу 17.40 часот, во близина на селото Кожле. Авионот од типот „пајпер“ летал од Тревизо за Приштина, а на скопскиот аеродром бил пријавен за дополнување гориво.


Снимките од дрон за падот на „пајперот“ се готови, се чека идентификацијата на жртвите


Скопје, 8 септември, 2016 - 14:50 (META) 

Вчера завршило снимањето со дрон на местото на авионската несреќа, кај селото Кожле, Скопско, во која загинаа шест лица, а снимките се испратени во Основното јавно обвинителство за понатамошна постапка, соопшти денеска Јавното обвинителство.

„Снимките во корелација со другиот прибран доказен материјал ќе бидат предмет на анализа на јавните обвинители и на стручните лица од формираниот тим за истрага на авионската несреќа“, велат од обвинителството.

Во текот на вчерашниот ден, во Институтот за судска медицина биле пренесени телата на шесттемина починати патници од авионот.

„По наредба на јавен обвинител, ќе биде спроведена постапка за нивна идентификација преку ДНК-анализи“, стои во соопштението.

Екипите, како што информираат од обвинителството, и денеска се на местото на несреќата, каде работат на подигнување и на пренесување на остатоците од авионот кои вчера во текот на увидот биле означени и обезбедени.

„Остатоците и другиот материјал ќе бидат пренесени на локација обезбедена од Основното јавно обвинителство Скопје, каде стручни лица ќе извршат неопходно вештачење. Поради обемноста на материјалот и потребите на истрагата, подигнувањето и пренесување на материјалот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.


Пронајдени сите тела на патниците во „пајперот“


Скопје, 7 септември, 2016 - 16:26 (META) 

Увидните екипи, кои се на местото каде вчера се урна италијанскиот авион, од типот „пајпер“, ги пронашле телата на сите шест починати патници, соопшти Јавното обвинителство.

„Станува збор за пет мажи и за една жена. Телата се подготвени за пренесување во Институтот за судска медицина, каде во наредниот период по налог на јавен обвинител ќе следува постапка за идентификација“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Италијанските медиуми претходно објавија дека авионот го управувал пилотот Франческо Монтањер, претседател на аероклубот во Тревизо, а во него биле уште потпретседателот на клубот, Дарио Бастасин, како и Лука Дале Муле, Италијанката Илариа Берти, Ангело Калегари и Косовецот со италијански пасош, Висар Бегај.

Од Јавното обвинителство денеска информираа дека се врши распит на двајца пилоти од Италија кои со други две летала слетале на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, а било повикано и стручно лице, „компетентно за овој вид несреќи“. Оттаму соопштија дека бил обезбеден и дрон кој треба да изврши снимање од воздух на теренот каде што се случила авионската несреќа, а снимките треба да помогнат за утврдување на динамиката на движењето на леталото и начинот на кој дошло до несреќата.

Авионот, кој вчера околу 17.40 часот исчезна од радарот на скопскиот аеродром „Александар Велики“, летал од Тревизо за Приштина. На скопскиот аеродром бил уредно пријавен за дополнување гориво.


МФ: Граѓаните од поплавените подрачја да посочат во која банка да им се исплатат средствата


Скопје, 19 август, 2016 - 19:11 (META) 

Министерството за финасии ги повикува граѓаните од поплавените подрачја да посочат во која банка да им се исплати авансната паричната помош.

– Со цел да се изврши авансната исплата на паричната помош на лицата од подрачјата зафатени со поплавите кои се случија на 6 август, Министерството за финансии ги повикува лицата што биле евидентирани од страна на Комисијата за проценка на штети да дадат известување во која деловна банка сакаат да им се исплати паричниот надоместок – се вели во повикот на Министерството за финансии.

Исплатата на средствата ќе се изврши во готово, на шалтерите на онаа деловна банка за која лицето ќе се определи. Банките ќе ја вршат исплатата врз основа на документ за идентификација, лична карта и патна исправа.

Премиерот Емил Димитриев  денеска најави дека секое семејство од поплавените подрачја ќе добие по 30.000 денари. Сумата за авансно обесштетување на поплавените семејства ќе се зголеми од 1,5 на 2,5 милиони евра, а за целосно обесштетување ќе се издвојат две милијарди денари, кои според Димитриев ќе бидат обезбедни преку кредити.

 


Без обдукција на загинатите во поплавата прекршени се меѓународните протоколи


Скопје, 8 август, 2016 - 18:17 (META) 

Министерството за внатрешни работи соопшти дека на поплавените подрачја пронашле и идентификувале 21 починато лице. Но за ниедно од овие лица не е направена обдукција ниту пак се знае како била извршена идентификацијата на телата, со што се прекршени меѓународните протоколи за масовни несреќи.

„По извршениот претрес на терен, а по претходно договорена динамика за работење, од страна на екипите на терен, а во согласност со насоките од дежурен јавен обвинител за подрачјето на Град Скопје, екипа во состав од ЕУМНА, крим полиција-насилен криминал и тим од погребално Бутел. беа пронајдени и идентификувани 21 починато лице сите македонски државјании, а сите се пронајдени на подрачје на општина Гази Баба“, се вели во официјалното соопштение од МВР

Институтот за судка медицина и криминалистика е институцијата каде жртвите треба да бидат пренесени и да се направи обдукација, но тоа не беше случај жртвите од поплавите во скопскиот регион.

„Препознавањето на жртвите не може да биде единствена и сигурна метода. За секое тело мора да има причина за смрт утврдена со обдукција. Се другото е импровизација“ велат од Институтот за Судска медицина за „Телма“.

АД „Бутел“ бара од надлежен државен орган да издаде документ за причините на смртта на 14-те тела кои се згрижени во капелите за да може да им ги предаде на семејствата за погреб, објави „Плусинфо“.

Оваа процедура се бара поради тоа што телата се донесени во Бутел со усна наредба на јавното обвинителство и без документи за околностите во кои настапила смртта. Без ваков документ не ќе може починатото лице да се внесе во Изводот на книгата на умрените во МВР. Ниту еден од овие 14 лица нема да биде погребан на градските гробишта Бутел. Телата, пак, на седум загинати, семејствата си ги земале од самото место каде што биле најдени.

Од Основното јавно обвинителство пак велат дека немаат ингеренции да постапуваат во услови на елементарни непогоди и во случаи каде нема сомнение за сторено кривично дело.
„Според Законот за кривична постапка. преглед и обдукција на леш ќе се преземе кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело. Со оглед на тоа што во случајот не постоеше сомнение за сторено кривично дело, надлежен јавен обвинител не издаде наредба за обдукција туку даде насока телата на починатите да се однесат во капелата во Бутел за идентификација и потоа да се предадат на семејствата за погреб. Секако, според насоките дадени од јавниот обвинител, за секоја спорна смрт и за лица на кои не може да се утврди идентитетот дополнително ќе се изврши обдукција“, соопштија од ОЈО.

Професорката Мирјана Најчевска на својот фејсбук-профил вели дека обдукција на телата морало да има, за да се види дали може да се утврдат пропусти во делувањето на државата, за да не се случи некој да искористи и да си убие некого и да го подметне како жртва на невремето и за да не дојде до кражба односно замена на идентитети.


Идентификуван напаѓачот во Ница


Ница, 15 јули, 2016 - 12:52 (META) 

Напаѓачот кој во Ница усмрти 84 лица е Мохамед Лахуаеј Булел (31), кој имал двојно државјанство, на Франција и на Тунис, и живеел на северот на Ница, објави весникот „Ница матен“.

Како што се наведува, Булел пред нападот работел како возач во курирската служба, татко е на тригодишно дете и на полицијата ѝ е познат по „деликвентно однесување“. Според полициската документација, тој не бил означен како личност која поминала низ радикализација.

Неговиот стан бил претресен рано утринава, а полициските тимови се обидуваат да утврдат дали имал помагачи. Неколку негови роднини се приведени на сослушување.

Медиумите наведуваат дека Булел бил роден во Тунис, но дека долго време живеел во Ница. Властите во Тунис соопштија дека напаѓачот не е на нивните листи на лица поврзани со тероризам.

Полицијата по нападот пронајде документи на две лица во камионот. Едната лична карта му припаѓала на Булел, но не е познато чија е другата лична карта.

Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, прогласи тридневна жалост, а знамињата ќе бидат спуштени на половина копје, информираше Елисејската палата на „Твитер“.