!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Повеќе од 40 сомалиски мигранти убиени во близина на брегот на Јемен


Сана, 18 март, 2017 - 10:57 (META) 

Повеќе од 40 сомалиски мигранти, меѓу кои имало жени и деца, биле убиени ноќеска во близина на брегот на Јемен, додека биле превезувани со чамец, јавуваат светските агенции.

Чамецот, со околу 140 мигранти од Сомалија, бил погоден од лесно оружје во близина на пристанишниот град Ходеда, на западниот брег на Јемен, соопштила канцеларијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). Чамецот, и покрај нападот, успеал да доплови до пристаништето, кое е под контрола на бунтовниците Хути.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападот. Бунтовниците за нападот ја обвинуваат арапската коалиција, која, пак, ги отфрла ваквите наводи.

Во чамецот, како што објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Јемен, биле пронајдени телата на 42 лица.

Според управата на пристаништето, преживеаните мигранти заедно со тројца јеменски шверцери биле уапсени.


Осум жени и едно дете убиени во воздушен напад кај Сана


Сана, 16 февруари, 2017 - 10:57 (META) 

Најмалку осум жени и едно дете се убиени синоќа за време на воздушен напад извршен во селото Шарах, кое се наоѓа на 40 километри од јеменскиот главен град Сана.

Како што соопштија медицински извори, нападот бил изведен во зона под контрола на бунтовниците.

Шиитските бунтовници Хути, кои го држат под контрола главниот град Сана и поголем дел од северен Јемен, ја обвинија арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија, се одговорни за нападот во кој се ранети уште 10 жени.

Портпаролот на арапската коалиција засега не ги коментира ваквите обвинувања.

Пробунтовничката новинска агенција „Саба“, соопшти дека нападот бил насочен врз куќата на Мохамед ал Наки, во која се одржувал помен.


Бунтовниците од Јемен истрелале ракета кон Мека


Мека, 28 октомври, 2016 - 10:04 (META) 

Саудиска Арабија денеска соопшти дека бунтовниците во Јемен истрелале балистичка ракета кон светиот муслимански град Мека.

Саудиската војска навела дека пресретнала и уништила ракета на 65 километри од Мека, каде се наоѓа Каба, градба кон која сите муслимани се вртат кога се молат пет пати дневно.

Како што е наведено, ракетата не причинила штета.

Арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија од март 2015 година се бори против јеменските шиитски бунтовници познати како Хути.

Медиумите блиски до Хутите пренеле дека ракетата што била истрелана во четвртокот била насочена кон аеродромот во Џеда.


Најмалку 4 лица загинаа, а 12 се ранети во експлозија во Јемен


Сана, 14 октомври, 2016 - 19:01 (META) 

Најмалку четири лица загинаа, а 12 се ранети при експлозија која се случила за време на погреб во јеменскиот град Марибу, источно од главниот град Сана.

Експлозијата се случила за време на оддавање на почест на починатиот Абдуралаб Шададиј, кој бил воен заповедник и бил убиен пред неколку дена во борбите против бунтовниците Хути.

Непријателствата во Јемен се зголемија по неуспешните мировни преговори на Обединетите нации во Кувајт во август минатата година. Борбите се концентрирани околу градот Сана, во делот на земјата кои го контролираат Хути.

Тензиите се зголемија по воздушниот напад на коалицијата на чело со Саудиска Арабија кој се случи на 8 октомври, со цел да ги потисне бунтовниците Хути и нивните сојузници, кои и понатаму ја имаат контролата во главниот град.

 


Бројот на загинати во нападот на Јемен достигна 231 лице


Сана, 9 октомври, 2016 - 12:23 (META) 

Бројот на загинати во нападот во главниот град на Јемен, Сана, за време на погребна церемонија, достигна 231 лице, јавуваат светските медиуми.

Претставници на шиитските бунтовници, Хути, кои присуствувале на церемонијата, изјавиле дека врз зградата каде што се одржувал настанот, имало воздушни напади од страна на арапската коалиција. Арапската коалиција, пак, која е предводена од Саудиска Арабија, негираше вмешаност во нападите.

Во Јемен постојано се случуваат напади откако коалицијата на чело со Саудиска Арабија почна воздушна кампања за да ги потисне бунтовниците Хути и нивните сојузници, кои и понатаму ја имаат контролата во главниот град.

Во воздушните напади почнати во март лани, досега се убиени повеќе од 6.700 лица, повеќето цивили.

 


Саудиска Арабија разменила 109 бунтовници за девет Саудијци


Ријад, 28 март, 2016 - 12:15 (META) 

Властите во Саудиска Арабија денеска соопштија дека коалицијата која ја предводат во борбите против шиитските бунтовници во Јемен разменила 109 бунтовници за девет Саудијци заробени на таа територија.

Во соопштението не се прецизира како и кога саудиските државјани биле заробени во Јемен, иако јеменските власти објавија дека тие биле заробени за време на операциите во близина на границата на Саудиска Арабија.

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признаената влада во Јемен и се бори против шиитските бунтовици, познати како Хути.

Во двегодишните судири настрадаа повеќе од 6.000 лица, а милиони биле принудени да ги напуштат своите домови.

Двете страни се согласиле на прекин на огнот на 10 април на полноќ, во пресрет на мировните преговори кои на 18 април ќе почнат во Кувајт.


Ракетирана болница на „Лекари без граници“ во Јемен, најмалку четворица загинати


Сана, 10 јануари, 2016 - 16:08 (META) 

Најмалку четири лица загинале во ракетен напад на болница на меѓународната хуманитарна организација „Лекари без граници“, во северниот дел на Јемен, јавуваат светските медиуми.

Од организацијата соопштиле дека во нападот на болницата во провинцијата Сада, која е упориште на бунтовниците Хути, биле ранети уште десетина луѓе.

Засега, како што соопштиле од „Лекари без граници“, е нејасно дали болницата е погодена при воздушен напад од авиони на колацијата предводена од Саудиска Арабија или, пак, ракетата била истрелана од земја. Оттаму додаваат дека за време на нападот биле забележани авиони над местото.

Бунтовниците Хути, инаку, се борат против јеменската влада и нејзините сојузници, меѓу кои и Саудиска Арабија.

Од „Лекари без граници“ велат дека тројца од повредените во нападот се лица од нивниот персонал, од кои двајца биле во критична состојба.

Хуманираната организација жестоко го осуди нападот, додавајќи дека „станува збор за трет тежок инцидент во последните три месеци“.

„Нашите тимови секојдневно се обидуваат да осигураат почитување на здравствените установи. Им повторуваме на сите страни во конфликтот дека пациентите и медицинските установи мора да се почитуваат“, велат од организацијата.


Нов ракетен напад на бунтовниците во Јемен


Сана, 22 декември, 2015 - 13:40 (META) 

Коалицијата предвидена од Саудиска Арабија денеска им се закани на бунтовниците од шиитската група Хути дека жестоко ќе одговори на нападите, по вчерашното пресретнување на балистички ракети на територија на Јемен.

Како што пренесуваат светските медиуми, саудиските сили уништиле платформа од која биле испукани проектилите кон пограничниот саудиски град Јазан.

Тоа бил петти ракетен напад на Хутите од петокот.

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија од март ги бомбардира позициите на шиитските бунтовници.

Прекинот на огнот стапи на сила на 15 декември, кога во Женева почнаа мировните преговори.

Независни извори пренесуваат дека борците на двете страни го кршат прекинот на огнот.


Јемен: Шест жртви во судирите со Хутите


Таиз, 13 август, 2015 - 18:39 (META) 

Шест цивили денеска се убиени во артилериски напад на бунтовниците Хути во Таиз, третиот град по големина во Јемен, соопштија претставниците на земјата.

Според зборовите на претставниците, кои не биле овластени да даваат изјави, бунтовниците го нападнале Таиз за да ја сочуваат контролата во градот.

Според истите извори, бунтовниците се повлекуваат од југот на Јемен, каде се забележани бројни воздушни напади на провладините сили, поддржани од Саудиска Арабија.


Хутите извршија напад за време на примирјето во Јемен


Сана, 27 јули, 2015 - 10:35 (META) 

Шиитските бунтовници Хути утринава нападнале град во провинцијата Таез на југот на Јемен, набргу по стапувањето на сила на хуманитарното примирје од пет дена, соопштија очевидци.

Бунтовниците испукале тенковски гранати на станбеното подрачје на градот Џебел Сабр. Нема информации за жртви во нападот.

Со исклучок на овој напад, примирјето се почитува во другите делови на Јемен.