!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нема хунта – има легална власт!


Скопје, 22 декември, 2017 - 10:58 (META) 

Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ во насока дека власта е хунта и дека лицата поврзани со настаните од 27.04.2017, кои се притвор, таму се ставени неосновано, не се нови, но, бидејќи се повторуваат во континуитет, оправдано е да се оцени нивната вистинитост, пишува „Вистиномер“.

Зборот „хунта“ е специфичен збор со шпанско потекло, Junta, кој, пак, потекнува од латинскиот израз junctus… Ова, според онлајн речникот Мерием-Вебстер означува „совет или комитет за политички или владини цели“; „група на луѓе кои ја контролираат владата посебно после револуционерно преземање на власта“.

Ако тргнеме по постоечките дефиниции, ВМРО-ДПМНЕ со овој израз кажува дека сегашната власт во Македонија е дојдена со државен удар и со помош на некакви милитантни групи (во војска, полиција или парамилитантни) и владее со Македонија делумно од 28 април, а целосно од 31 мај кога е изгласана владата на Зоран Заев.

Раководните поединци на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, иако можат да користат во јавниот политички речник секакви зборови и да тврдат што сакаат – по проверката на „Вистиномер“ на потеклото и значењето на зборот „хунта“ и на тврдењето дека притворените лица за настанот од 27 април се во притвор само затоа што си ја сакаат државата и не се согласуваат со политиките на власта и Зоран Заев – можеме да оцениме дека станува збор за невистинити тврдења, односно дека станува збор за невистина.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


Андонов: Власта го лажеше народот дека ќе владее демократски, сега покажува насилство


Скопје, 6 декември, 2017 - 20:37 (META) 

Оливер Андонов од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот протест пред Министерството за правда рече дека „власта го лажела сопствениот народ дека демократски ќе владее, но сега покажува терор, насилство и уништување на човечки судбини и животи“.

– Знам дека на тие што го тероризираат сопствениот народ, ништо не им значи оваа држава. Очигледно е дека покрај недостигот од патриотизам, имаат недостиг и од човечко чувство, етичност. Ќе ве повикам на максимална храброст во справувањето со тие луѓе, кои не се луѓе, на хунтата на Заев, на нивните платеници – изјави Андонов.

Тој ги повика граѓаните да се солидаризираат со пратениците и со уметниците што се во притвор и да излезат на протести.

На вечерашниот протест беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но и поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски. ВМРО-ДПМНЕ најавија протест и за утре пред Министерството за правда.


ЛП: Нема хунта, нема пуч


Скопје, 2 февруари, 2015 - 13:26 (META) 

„Со саботното излагање за наводниот пуч, премиерот направи значаен чекор кон заострување и продлабочување на политичката криза во Македонија. Оваа криза ги исцрпува политичките ресурси на државата и ги истакнува и заострува спротивностите по сите точки, каде веќе постои конфликт и истиот го проширува“, се вели во реакцијата на Либерална партија на Македонија.

„Либералната партија смета дека и во вакви драматични состојби се потребни иницијативи за ослабување на конфликтноста и на решавање на кризата. Со кривични пријави за политичките противници, се оди во спротивен правец. Сметаме дека пуч немало. Истовремено, предупредуваме дека до пуч може да дојде со развојот на настаните, кој води кон наметнување на некоја „хунта“ како нелегитимна владејачка сила. Затоа, сè поочигледно е дека оваа власт не е во состојба да се справи со кризата, туку е нејзин главен креатор“, стои во соопштението.

 


Маршот против хунтата во сенка на политичка и економска неизвесност


Атина, 17 ноември, 2014 - 13:19 (META) 

Во клима на општествено незадоволство, политичка неизвесност и на страв од нови мерки за штедење, Грција денеска ја одбележува 41-годишнината од настаните на атинската Политехника, денот кога е задушена студентската револуција против воената хунта. Ако грчките студенти, на денешен ден во 1973 година, се најдоа очи в очи со воените тенкови кои безмилосно ги рушеа портите на Политехничкиот факултет, бастионот на борбата на студентите против стегите на милитаристичкиот режим, и газеа сè пред себе за да се замолчи гласот на отпорот, денес, четири децении подоцна, излегуваат на улици во знак на незадоволство против мерките за штедење и политиката на владата на Нова демократија и на ПАСОК.

Полицијата стравува од можни насилни немири, поради што, како и секоја година, центарот на Атина ќе биде под силно полициско обезбедување за ноемврискиот марш. Од пладне ќе бидат затворени сите централни метро-станици, а низ целиот центар од Политехничкиот факултет, Парламентот, па сè до амбасадата на САД, каде завршува маршот за Политехника, ќе бидат распоредени повеќе од 7.000 претставници на специјалните сили на полицијата.

Грчката влада деновиве е во трка да обезбеди мнозинство од 180 пратеници за изборот на претседател во март. Медиумите се полни со вести за заткулисни преговори и за обиди на премиерот Самарас и на вицепремиерот Евангелос Венизелос да обезбедат поддршка во парламентот. Владиното дуо се чини дека флертува со пратеници од десничарската Независни Грци, но и со левичарската Демократска левица на Фотис Кувелис. Коалицијата на ПАСОК и на Нова демократија има минимална поддршка од 154 пратеници во собранието, а според сегашните пресметки, со неколку пратеници од Независни Грци, Демократска левица и дел од независните пратеници, можеби би успеале да дојдат до потребното мнозинство за да се избегнат предвремени избори.

Грчкиот весник „Катимерини“ посочува дека нов удар за политиката на владата е грешката со олеснителната мерка за исплаќање на заостанатите долгови во 100 рати, во која првично беше предвидено да биде опфатен и новиот данок за недвижности, за потоа одлуката да биде повлечена и исплаќањето на оваа голема рана за грчкото општество да остане и натаму голем проблем.
М.П.