!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Наградата на Охридската академија за хуманизам за Јиржи Свобода


Охрид, 5 јануари, 2017 - 15:10 (META) 

Светската награда за хуманизам за 2017 година, на Охридската академија на хуманизам, му e доделeна на Јиржи Свобода, култно име на чешката и на светската кинематографија.

Доделувањето на наградата ќе се одржи во Охрид на 18 јануари, на празникот Богојавление, Водици, во Куќата на Уранија на МАНУ, со почеток во 19 часот.

– Неговиот исклучителен животен и творечки опус, чијашто уметничка круна беше остварена минатата година со филмското ремек-дело посветено на Јан Хус, го вброи меѓу големите имиња на светската хуманистичка мисла кои изминативе години ја збогатија духовната меморија на Охрид, градот на вечно живите македонски просветители свети Климент и свети Наум, ученици на апостолите на сесловенската култура светите Кирил и Методиј, заштитници на Европа – се вели во образложението на интернационалното жири.

 


Дарко Гашпаровиќ во Охрид ја прими Светската награда за хуманизам


Охрид, 19 јануари, 2016 - 14:54 (META) 

Синоќа во Куќата на Уранија во Охрид беше доделена Светската награда за хуманизам, годинава на светски познатиот екуменист, славистот Дарко Гашпаровиќ.

Наградата ја доделува Охридската академија за хуманизам, додека лауреатот со беседа го претстави основоположникот на академијата, Јордан Плевнеш.

– Токму во твоја чест, Дарко Гашпаровиќ, и хрватската духовна меморија, она што ти го растајни во твојата книга за писмото низ вековите, со твојата анализа дека почнува новата ренесанса на европската цивилизација од времето на Свети Климент, ти ја доделуваме оваа награда – посочи Плевнеш.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кажа дека со доделувањето на оваа награда, во Охрид се продолжува делото на свети Климент.

– Љубовта и хуманизмот се вредностите за кои годинава Академија за хуманизам, го наградува академик Дарко Гашпаревиќ, кој се истакнува со неговото децениско творештво и несебично знаењето го дели со целиот човечки род. Луѓето како господинот Гашпаровиќ, чие дело му пркоси на времето, се во вечната потрага по убавото и по доброто – рече градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Славистот Дарко Гашпаровиќ смета дека никогаш како денес хуманизмот не доживува тешки денови.

– Поставен во средиштето на Исусовата наука, како божје творение, присутен уште во античкото време, во доцниот среден век се издигнува во своите парадигми, хуманизмот постојано го остава прашањето кој е и што е човек. Човекот во себе носи и создавање и деструкција, добрината која ја дава убавината, но и злото. Стои пред нас секојдневно, со полна драматичност. Институцијата Охридска хуманистичка академија, цврсто ја пропагира идејата за хуманизам, како светска вредност, која има пресудно значење за човековото постоење – рече Гашпаровиќ.

Поранешниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере, ја искористи можноста да искаже дека секоја година му претставува чест да дојде во Охрид.

– Оваа награда навистина ја рефлектира душата и срцето на самиот Охрид. Исто така ја отсликува европската определба на градот Охрид. Сите лауреати со нивната заложба знаат да ја зацврстат довербата во светот – рече Фуере.


Хрватскиот славист Гашпаровиќ – добитник на Светската награда за хуманизам за 2016 година


Охрид, 27 ноември, 2015 - 16:17 (META) 

Дарко Гашпаровиќ, хрватски славист, член на хрватската Акaдемија на науки и уметност, книжевен теоретичар и театролог со меѓународно реноме и светски познат екуменист, е добитник на Светската награда за хуманизам за 2016 година, која по десетти пат ја доделува охридската Академија на хуманизам.

По одлуката на седумчленото интернационално жири, чиј претседател е ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш, Гашпаровиќ истакна дека наградата особено му значи, бидејќи следната година Македонија, целокупниот словенски свет, како и цела меѓународна јавност, ќе ја одбележат илјада и сто годишнината од смртта на Св. Климент Охридски, основачот на првиот словенски универзитет и ученик на Св. Кирил и Методиј, кои беа прогласени за заштитиници на Европа.

Наградата ќе му биде доделена за време на празнувањето на Водици 2016 година, во куќата Уранија на МАНУ.

Во исто време на Долна Порта во Охрид ќе биде промовиран проектот „Охрид град на светскиот хуманизам” од Академик Светлин Русев од Бугарија, кој е и еден од досегашните добитници на ова високо светско признание.

Носители на ова признание, десега, биле Даисаку Икеда, Маноел Де Oливеира, Александар Солженицин, Рави Шанкар, Питер Брук, Вида Огњеновиќ, нобеловката Херта Милер, Светлин Русев и Џон Ралстон Сол.


Џон Ралстон Сол во Охрид ја доби Светската награда за хуманизам


Охрид, 19 јануари, 2015 - 17:51 (META) 

Претседателот на Интернационалниот ПЕН и едно од водечките имиња на светската литература и есеистика, Џон Ралстон Сол, е деветтиот добитник на Светската награда за хуманизам, што ја доделува Охридската академија за хуманизам.

Тој изјави дека е почестен да се вброи во плејадата големи имиња од светската култура што ја добиле оваа награда, која доаѓа од градот Охрид, кој е олицетворение на хуманизмот низ вековите.

Признанието му го додели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, во куќата на Уранија (објект на МАНУ) во Охрид, во присуство на Јордан Плевнеш, претседателот на Интернационалното жири на Охридската академија на хуманизмот.

Академијата е основана во 2007 година, во Охрид, градот на УНЕСКО, во духот на Светиклиментовата прва средновековна школа за хуманизам во Европа. Истовремено, ги следи духовните визии на светите Кирил и Методиј, заштитниците на Европа и нивните ученици свети Климент и свети Наум.

Светската награда за хуманизам, како меѓународно признание, се издигна во светски рамки со престижните добитници кои ја пренесоа славата на Охрид, како словенски Ерусалим на сите меридијани. Досега ја добиле Даисаку Икеда од Јапонија, Маноел де Оливеира од Португалија, Александар Сложеницин од Русија, Рави Шанкар од Индија, Питер Брук од Велика Британија, Вида Огњеновиќ од Србија, Херта Милиер од Германија и Светлин Русев од Бугарија.