!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хрватска ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, порача Грабар-Китаровиќ


Загреб, 22 ноември, 2017 - 11:19 (META) 

Mинистерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и хравстаката претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, денеска во Загреб ги потврдија одличните билатерални односи меѓу двете земји и поддршката од Хрватска за интеграција на Македонија во НАТО и во Европската Унија.

– Имате сили, имате многу пријатели, имате искрена и безрезервна поддршка од Хрватска на вашиот евроатлантски пат – изјави Грабар-Китаровиќ на средбата.

Министерката Шекеринска ги истакнала приоритетите на Владата и актуелните политички, општествени и одбранбени реформи во Република Македонија.

– Ние не го бараме членството како подарок. Посветено работиме да го заслужиме нашето членство во НАТО и во ЕУ. Максимално сме фокусирани на унапредување на состојбите преку решавање на отворените прашања, а не нивно избегнување – истакна Шекеринска.

И двете соговорнички се согласиле за потребата од интензивирање на соработката во регионот и од негова понатамошна евроатлантска интеграција. Претседателката Грабар-Китаровиќ упатила поддршка за реформски ориентираната влада на Република Македонија и за нејзините напори за исполнување на потребните критериуми во евроатлантските интегративни процеси.


Шекеринска – Крстичевиќ: Македонија има безрезервна поддршка од Хрватска за членство во НАТО


Загреб, 21 ноември, 2017 - 15:51 (META) 

Стабилен, безбеден и просперитетен регион е можен само доколку земјите аспиранти за членство во НАТО бидат целосно интегрирани во Алијансата, изјави денеска министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во Загреб, на средба со нејзиниот хрватски колега, Дамир Крстичевиќ.

Министрите заклучиле дека Македонија и на збор и на дело покажува дека членството во НАТО е нејзин врвен приоритет, а за тоа има и безрезервна поддршка од Република Хрватска.

Крстичевиќ посочил дека Македонија во Хрватска има партнер и пријател подготвен да го отстапи своето знаење и искуство.

– Подготвени сме да дадеме помош и совети во спроведувањето на реформите, зајакнувањето на стабилноста и во процесот на интеграцијата. Имаме одлична билатерална соработка, особено во областа на образованието, а нашите војници соработуваат и во мисијата на НАТО во Авганистан – рече Крстичевиќ.

Министерката нагласи дека и македонската и хрватската влада имаат исти цели за идната година – зголемување на буџетот на одбраната и подобрување на животните услови на војниците, подофицерите и на офицерите, зашто без задоволни војници нема ни добра армија.

Шекеринска додаде дека Хрватска и Македонија ќе продолжат да соработуваат и во однос на користењето на Регионалниот центар за односи со јавноста во Македонија, и воено-образовните капацитети во Хрватска.


Голема акција за апсење во Хрватска поради аферата „Агрокор“


Загреб, 16 октомври, 2017 - 11:41 (META) 

Уапсени се четворица од поранешните клучни раководители на концернот „Агрокор“ во Хрватска, во акцијата што почна рано утрово, а во чии рамки е претресена и „Кулмеровата палата“ во Загреб, сопственост на основачот на „Агрокор“, Ивица Тодориќ.

Според информациите во хрватските медиуми, Ивица Тодориќ не е во Хрватска.

Уапсени се поранешниот шеф на финансии на „Агрокор“, Иван Црњац, поранешниот член на надзорниот одбор на концернот, Томислав Лучиќ, поранешната членка на управата на компанијата, Пирушка Цањуга, и поранешната потпретседателка на „Агрокор“, Љерка Пуљиќ.

Според Државното јавно обвинителство, се води голема истрага под сомнеж за стопански криминал и за фалсификување. Издадени биле повеќе од 60 налози за претрес, а во акцијата се вклучени повеќе од 300 полицајци, велат неслужбените информации.

Во седиштето на „Агрокор“ веќе неколку месеци се државните обвинители и форензичари, кои ја проверуваат документацијата поради сомнежите дека финансиските извештаи и биланските на „Агрокор“ биле лажирани, односно дека концернот вреди 290 милиони евра помалку од тоа што се прикажувало.

Владиниот повереник за „Агрокор“, Анте Рамљак, минатата недела поднесе кривична пријава против одговорните во оваа компанија поради неправилности во работењето, утврдени со ревизијата на финансискиот извештај. Ивица Тодориќ веднаш потоа објави дека ниту едно евро не е отуѓено или скриено.


Капетан Драган осуден на 15 години затвор за воени злосторства


Сплит, 26 септември, 2017 - 19:32 (META) 

Драган Васиљковиќ, попознат како Капетан Драган во војната во Хрватска, кога предводеше паравоени единици, денеска во Жупанискиот суд во Сплит е прогласен за виновен за воени злосторства во Хрватска и е осуден на 15 години затвор.

Делата за кои се товари се воено злосторство во тврдината во Книн во јуни и во јули 1991 година врз притворени хрватски војници, полицајци и цивили, како и при нападот на Глина во јули 1991 година. Поради недостиг од докази, беше ослободен од обвинението дека наредил убиство на двајца непознати заробени хрватски војници во Брушка кај Бенковац во февруари 1993 година.

Васиљковиќ (62), кој е државјанин и на Австралија и на Србија, во Австралија заминал на 14-годишна возраст, а во Југославија се вратил пред почетокот на конфликтот на деведесеттите години на минатиот век, кога властите во Белград во 1991 година го испратиле во Хрватска, да биде командант на центарот за обука на специјалната паравоена единица на Србија.

Во 15 години затвор што му се досудени денеска, судот го пресмета и времето што тој го поминал во екстрадицискиот притвор во Австралија, како и во хрватскиот истражен притвор – речиси 11 години. Според хрватскиот закон, сите осудени лица можат да бараат ослободување по истекот на две третини од казната, што значи дека Васиљковиќ наскоро би можел да биде ослободен.


Немало прислушување политичари и бизнисмени во Хрватска, вели министер од БИХ


Сараево, 26 септември, 2017 - 18:48 (META) 

Директорот на Безбедносно-разузнавачката агенција на Хрватска, Даниел Маркиќ, денеска се сретнал со својот колега од БИХ, Осман Мехмедагиќ, откако хрватските медиуми објавија дека Разузнавачко-безбедносната агенција на БИХ (ОСА) прислушувала хрватски бизнисмени и политичари од Хрватска и од БИХ.

По средбата, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ, рече оти челниците на разузнавачките агенции на БИХ и на Хрватска заклучиле дека немало незаконско прислушување на хрватски политичари и бизнисмени.

– Нема никаква разузнавачка афера и сите служби работат во рамките на законот. Констатирано е дека соработката меѓу двете служби е многу добра и ќе продолжи и во иднина. Исто така е констатирано дека на некој начин треба да се „спушти“ медиумски испровоцираната анкета – вели Мектиќ.

Хрватскиот неделник „Национал“ неодамна објави документи кои наводно потекнуваат од ОСА, за прислушување на хрватски бизнисмени и политичари. „Национал“ наведе дека ОСА веќе подолго време илегално спроведувала мерки за следење и за прислушување. Весникот тврди дека врз основа на увидот во повеќе тајни извештаи на ОСА, имаат докази дека таа служба „води специјална војна против Хрватска, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и надворешната политика на хрватската Влада, но и хрватскиот народ во БИХ“.


Отстранети билбордите во Загреб што ја изнервираа Меланија Трамп


Загреб, 20 септември, 2017 - 10:59 (META) 

Рекламните билборди на училиште за странски јазици во центарот на Загреб на кои беше првата дама на САД, Меланија Трамп, се отстранети, а училиштето се извини откако доби закана за тужба од словенечкиот адвокат на Меланија.

На билбордот на „Амерички институт“ со кој се рекламираат курсеви по англиски јазик, покрај фотографијата на Меланија Трамп пишуваше „Замислете си колку далеку може да стасате со малку познавање англиски јазик“ (Just imagine how far you can go with a little bit of English). Билбордите биле отстранети вчера.

Наташа Пирц-Мусар, адвокатка на првата дама на САД, вели дека е задоволна од извинувањето на училиштето и од признавањето дека го прекршиле законот, како и од повлекувањето на билбордите.

Ивис Буриќ, портпарол на училиштето, се извинила за билбордите и рекла дека намерата била тие да звучат позитивно. Сепак, кампањата била успешна, оти билбордите привлекле големо внимание, појаснила Буриќ за медиумите.


Дождот го изгасна големиот пожар во Хрватска кај Омиш, предизвикувачот е приведен


Омиш, 8 септември, 2017 - 13:50 (META) 

Дождот кој заврна утринава, помогна да биде речиси изгаснат големиот пожар кај градот Омиш во Хрватска, кој бил подметнат, јавуваат хрватските медиуми. Екипите од пожарникари, војници и локално население уште се борат со поединечни жаришта, односно внимаваат да не почне ново разгорување.

Припадници на хрватската армија беа испратени како помош на пожарникарите во гаснење на големиот пожар во близина на Омиш, а вклучени беа и четири канадери и еден хеликоптер.

Пожарот беснееше и вчеравечер и ноќеска, а на а терен се наоѓаа 143 пожарникари со 44 возила од сплитското, шибенското, задарското и дубровничкото подрачје.

Како виновен за предизвикување на пожарот претпладнево бил приведен 29-годишен маж, соопшти хрватската полиција.


Хрватска и официјално објави дека го повлекува новиот правилник за увоз


Скопје, 10 август, 2017 - 15:36 (META) 

Веста за повлекување на новиот и за враќање на стариот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, е објавена на официјалната веб-страница на Министерството за земјоделство на Хрватска, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Со враќањето на стариот правилник, трошоците за контрола на квалитет на овошјето и на зеленчукот од трети земји остануваат 12 евра по производ.

– Одлуката на Хрватска за враќање на старите цени за инспекциски контроли за увоз на зеленчук и на овошје од трети земји, е позитивна за македонските компании кои извезуваат во Хрватска – велат од МЗШВ.

Одлуката на Хрватска доаѓа по само три дена од заедничкиот состанок на надлежните министри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, кој се одржа во понеделникот во Сараево. На состанокот беа донесени заеднички заклучоци и тие беа испратени до Европската комисија и до Хрватска.

Следниот месец е договорен состанок на надлежните министри од регионот во Скопје, на кој ќе се разговара за тоа како да се отстранат бариерите што ја загрозуваат слободната трговија.


Хрватска попушти, ги враќа старите цени за контрола на овошјето и на зеленчукот


Загреб, 10 август, 2017 - 13:15 (META) 

Хрватскиот министер за земјоделство, Томислав Толушиќ, се откажал од зголемувањето на надоместокот за фитосанитарна инспекција на овошјето и на зеленчукот што се увезува во Хрватска од Македонија, Србија, БИХ и од Црна Гора, јави хрватскиот „Т-портал“.

Со тоа, цената на контролата по производ ќе изнесува 90 куни (12 евра) како и досега, наместо 2.000 куни (274 евра) по производ, како што предвидуваше новиот правилник усвоен на 15 јули годинава.

Македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со колегите од другите земји, реагираше до Толушиќ. Завчера двајцата разговарале по телефон, а Николовски бил во постојан контакт со надлежните министри од Република Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, по состанокот што се одржа претходниот ден во Сараево.

Како што пишува „Т-портал“, во хрватското министерство се разговарало инспекцијата да поскапи на 750 куни, односно 100 евра, што Србија и БИХ го прифатиле, но и од тоа се откажале, оти така би поскапел и извозот на хрватските фирми во другите земји.

Поскапувањата предвидени со новиот хрватски правилник усвоен на 15 јули се однесуваа само на земјите што не се членки на ЕУ, додека за тие во европската заедница беа предвидени дотогашните цени за фитосанитарна контрола.


Толушиќ до Шаровиќ: Хрватска ќе ги намали таксите за извоз на овошје и зеленчук


Сараево, 8 август, 2017 - 14:57 (META) 

Таксите за извоз на овошје и зеленчук во Хрватска, од земји кои не се во ЕУ, ќе бидат намалени, му соопштил денеска хрватскиот министер за земјоделство, Томислав Толушиќ, на босанскиот министер за надворешна трговија и економски односи, Мирко Шаровиќ.

Како што јавува „Радио Слободна Европа“, сепак, засега не се знае дали Хрватска ќе ги задоволи барањата на земјите од регионот, Македонија, Србија, Црна Гора и БИХ, за таксите да бидат усогласени со европскиот правилник. Одговорот на ваквите барања ќе биде познат на состанокот кој во следните недели ќе се одржи во Подгорица и во Дубровник.

Босанскиот министер Шаровиќ за РСЕ рече дека преговорите со Хрватска продолжуваат и во следните денови, имајќи предвид дека и самиот министер Толушиќ рекол дека „цените на таксите се превисоки“.

И македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска телефонски разговарал со својот хрватски колега Толушиќ, поради зголемените хрватски такси. Толушиќ, како што соопштија од македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, покажал интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем.