!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Иванов за ХРТ: Целта е да бидеме преодна фаза во создавање на трета албанска држава


Скопје, 7 април, 2017 - 10:53 (META) 

Целта на платформата на албанските партии не е да се обедини Македонија, туку Македонија да биде преодна фаза во создавањето на трета албанска држава, изјави претседателот на државата во синоќешното интервју во емисијата „Еден на еден“, на Хрватската радиотелевизија (ХРТ).

За платформата Иванов вели дека нејзината намера е албанскиот јазик да се изедначи со македонскиот и да се промени уставниот амандман кој произлегува од Охридскиот рамковен договор, со кој заедниците во Македонија своите права ги добиваат врз основа на нивната застапеност од 20 отсто.

– Суштината на платформата е да се смени уставното уредување на Република Македонија. Тоа значи, Македонија од мултиетничко општество и од унитарна држава да стане биетничка. За споредба би можеле да кажеме, Македонија да стане еден Кипар, само што Македонија не е остров – рече Иванов.

Прашан дали Европската Унија може да помогне во решавањето на политичката криза во земјава, македонскиот претседател изјави дека на министерскиот совет на ЕУ било отворено прашањето за платформата, но тоа јавно не се соопштува бидејќи со тоа би се направиле проблеми на албанскиот премиер Еди Рама, кога тој би се повлекол од платформата.

Околу прашањето дали нови избори се решение за кризата, Иванов вели дека состојбата сега на некој начин е блокирана и дека треба здрав разум, да се седне и да се разговара, порачувајќи им на парламентарните партии дека мора да најдат начин прво да изберат претседател на Собранието за да се отстрани правната пречка за определување на мандатот.


Груевски за ХРТ: Со албанската платформа е извршен државен удар во Македонија


Загреб, 5 март, 2017 - 21:42 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за хрватската државна телевизија ХРТ вели дека „со албанската платформа е извршен државен удар во Македонија“.

– Па, на некој начин е државен удар кога по изборите ќе се донесе платформа во друга држава, а ќе се однесува на вашата држава, во случајот на нашата држава, Република Македонија. Кога таа платформа не е изнесена пред граѓаните на избори и кога граѓаните не се согласуваат, кога таа платформа е спротивна на Уставот на државата и кога политичарот што ја прифаќа таа платформа е уценет. Граѓаните не гласаа за таа платформа, тие не знаеја за таа платформа само месец или два пред изборите дека Зоран Заев ќе прифати таква платформа, и со таа платформа мнозинството ќе се однесат во опозиција за малцинството Македонци и мнозинството Албанци во Македонија да ја донесат таа платформа. Така гледано може да се каже дека е еден вид државен удар – вели Груевски.

На прашањето зошто т.н. албанската платформа е спорна кога тој во 2008 година потпишал нешто слично, Груевски негира дека станува збор за слична работа.

– Не, воопшто не. Ова што сега се прави е спротивно на Уставот на Македонија. Се оди кон бинационална држава, се занемаруваат другите етнички заедници во Македонија, како што се Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите, Хрватите, зошто да не? Така што сите се ставаат во една споредна позиција, а се фаворизира само една, се фаворизира албанската етничка заедница, а тоа се прави неуставно, тоа се прави без да се најави на изборите, со платформа потпишана во друга држава под покровителство на друг премиер, на премиерот Еди Рама. Тоа вчера беше потврдено и од една од партиите која учествуваа таму, партијата Беса, која јавно кажа дека целата идеја и целото пишување на платформата било под покровителство на државата Република Албанија – вели Груевски.

Тој негира дека целата ситуација е обид да се продолжи мандатот на СЈО и оти тоа е само еден од изговорите на СДСМ како да му објасни на народот зошто ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа ова.

На прашањето дали ја разбрал пораката од високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, Груевски вели дека „она што го кажа госпоѓата Могерини го разбравме исто како што го разбираме и тоа што го кажуваат стотици илјади граѓани на Македонија секој ден“.
Груевски вели дека постојат два излези од кризата и дека ВМРО-ДПМНЕ тоа веќе го има јавно соопштено.

– Постојат два начина да се реши кризата кои ние јавно ги понудивме. Едното е да има предвремени избори во мај, заедно со локалните, на кои Заев ќе излезе со оваа платформа, а вториот начин е Заев да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, да се откаже од платформата, а да добие малцинска влада со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.


Заев за ХРТ: Не очекувам насилства и судири


Скопје, 4 март, 2017 - 21:24 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зорав Заев, во интервју за Хрватската државна телевизија (ХРТ) вели оти не верува дека ќе дојде до судири и до крвопролевања во земјава и дека ако тоа требало да се случи ќе се случело порано.

– Тоа како страв постои и сите се плашиме од таа работа, но јас сум уверен дека нема да дојде до тоа. Ако требаше да дојде до тоа, ќе се случеше многу порано. Со многу трпение, посветеност и внимателност, на зелена маса преку преговори дојдовме до тука… Во моментот, мојот политички опоненет поддржан од претседателот на државата, алудира на поделби, на федерализации, на уништување на унитарниот карактер на државата. Ако јавно ги нападнете граѓаните кои што се повеќе од 20 отсто во Македонија тие ќе се бранат и тогаш настануваат поделбите. Ако заедно ги сплотите луѓето, бидете единствени, тогаш државата е посилна. Нашиот концепт е „Едно општество за сите“, нивниот е „Македонија на Македонците“. Не, Македонија е на сите граѓани кои што живеат во Македонија. И оттука нашата улога сега е трпение, внимателност и претпазливост во се што правиме – вели Заев во интервјуто.

На прашањето дали ги предал националните интереси со прифаќањето на барањата на албанските партии, лидерот на СДСМ вели дека за претседателот на државата Ѓорге Иванов било спорно тоа што пишува дека „се бара да се отвори дебата за државните симболи, како грбот, знамето и химната“ и „формулацијата каде што се осудуваат војски од минатито век кои што убивале цивилно население“.

– Тие бараат дебата (албанските партии н.з.), ниту бараат одлуки, ниту укажуваат како. Како чинители во ова наше заедничко општество во кое што живееме, сакаат да ги кажат и своите мислења. Ако сме демократска земја, не треба да се плашиме од дебата. И таму има една формулација каде што се осудуваат војски од минатиот век кои што убивале цивилно население. Нема ништо лошо во тоа. Некои алудираат дека тоа биле српски војски, некои викаат дека биле германски, некои италијански или бугарски, за време на фашизмот или втората балканска војна. Но, осудата дека војски убивале цивили не е нешто страшно. Така што изговорот што го најде дека некој и мисли лошо на Македонија е без основ – вели Заев.