!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Делев: Тевдовски ја задолжи државата за 43,9 милиони евра за да покрие буџетски дупки


Скопје, 15 август, 2017 - 16:54 (META) 

Владата на СДСМ за овој период ниту еднаш не се обиде да го намали јавниот долг како што ветуваше туку напротив, се повеќе долгот се продлабочува, обвини Христијан Делев на партиска прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

–  Владата на СДС и Тевдовски денес се задолжија за нови неверојатни 2,7 милијарди денари односно 43,9 милиони евра.  Заедно со денешната аукција за овие три месеци министерот Тевдовски има издадено државни хартии во вкупна вредност од 145 милиони евра. Средствата се собираат директно од македонските банки, кои наместо да се користат за кредитирање на македонското стопанство,  се користат за покривање на буџетската дупка – рече Делев.

Тој рече дека владата на СДСМ го покажала вистинското лице со ребалансот на буџетот, којшто предвидува дополнително задолжување од 150 милиони евра, а згора на тоа, почнале да ги намалуваат и девизните резерви.

– Владата на Заев мора да запре со неконтролираното задолжување и да одговори на македонската јавност каде парите ќе бидат искористени – порача Делев.


Граѓаните не видоа бенефит од задолжувањето од 100 милиони евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 9 август, 2017 - 15:23 (META) 

СДС, откако е на власт, за два месеци, само врз основа на аукции на државни хартии од вредност, ја задолжи државата за повеќе од 100 милиони евра, од кои граѓаните не видоа никаков бенефит, изјави на прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека со тие пари не се почнала изградба на нови училишта, ниту се почнала изградба на нови градинки, канализации, водоводи или слично.

– Напротив, со ребалансот тие дури и предвидоа кратење на овие проекти. Оттука, отворено се прашуваме за што новата влада на СДС ги потроши овие пари? Дали овие 100 милиони евра се за партиски вработувања, договорни услуги и за вдомување на шарени револуционери, твитер-ликови и комедијанти за дебели хонорари? – изјави Делев.


Делев: ВМРО-ДПМНЕ ја воведе минималната плата, СДСМ да продолжи со мерките


Скопје, 13 јуни, 2017 - 16:02 (META) 

„Минималната плата е воведена и утврдена од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во директен дијалог со работодавците и со синдикатите“, изјави денеска на прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потсети дека Законот за минимална плата пред донесувањето беше огромен хендикеп за огромен број работници.

„Со утврдувањето на минималната плата, повеќе до 65.000 работници си го решија долгогодишниот проблем, бидејќи им се исплатуваше плата пониска од предложениот износ. Очекувањата на граѓаните се да продолжи и понатаму трендот на воведување мерки и реализирањето проекти за зголемување на минималната плата, подобрување на квалитетот на животот, како и на нивниот животен стандард“, изјави Делев.

Тој додаде дека граѓаните очекуваат СДСМ да ги исполни ветувањата и да овозможи нови 64.000 работни места и просечна плата од 30.000 денари, како и минимална плата од 16.000 денари во првата година од мандатот.


Николовски: Делев незаконски го ослободил АК „Џумајлија“ од плаќање закупнина


Скопје, 30 март, 2016 - 19:42 (META) 

Скандалите поврзани пуленот на Груевски, заменик министерот за економија Христијан Делев се редат како на лента, обвини денеска дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски.

„Малку беа 334 хектари, малку беа дополнителните 3.220 хектари, додека бил заменик министер за економија, Христијан Делев го ослободил АК „Џумајлија“ од плаќање закупнина за 5.642 хектари. По кој закон и кој му дал овластување на Делев да потпише анекс договор со АК „Џумајлија“ со што го ослободува комбинатот од плаќање на закупнина за 5.642 хектари? Каде е ВМРО-ДПМНЕ да даде одговор за овој скандал на актуелниот заменик министер за економија , Христијан Делев? Каде е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да одговори какво е ова самоволие на функционерите на власта да отпишуваат законска обврска на фирми додека на земјоделците им се укинуваат субвенциите и еден ден ако задоцнат со плаќање на закупнина или друга давачка кон државата?“ – рече Николовски.

Дополнителниот заменик министер побара надлежните институции веднаш да преземат соодветни законски мерки против заменик министерот за економија Христијан Делев за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Христијан Делев на ова реагираше велејќи дека прес-конференциите Николовски очигледно му служат само за манипулации и ширење невистини во јавноста. Делев најави кривична пријава и рече дека до 2006 година СДСМ наплатувала закупнина едвај 600.000 евра, а сега се плаќа над три милиони евра годишно.

– Досега неколкупати ги демантирав лажните наводи на Николовски, но веројатно не му одговара или не сака да сфати дека нема ништо незаконски во анексите на договорите за закуп на државното земјоделско земјиште, ниту пак ослободување од плаќање закупнина“, рече Делев.

 


Македонија и Словачка ќе ја продлабочат економската соработка


Скопје, 23 февруари, 2016 - 16:03 (META) 

Четири мешовити работни групи за енергетика, за инвестиции, за индустрија и за земјоделство во изминатите два дена договорија насоки за идна соработка меѓу Словачка и Македонија.

Во делот на индустријата предложено е зајакнување на соработката преку потпишување меморандум за соработка меѓу националните асоцијации од винската индустија, текстилната, автомобилска индустрија и од ИТ-секторот.

– Словачка има огромен потенцијал, особено во делот на автомобилската индустрија, што за нас отвара нови форми за заемна соработка. Договоривме наскоро македонските деловни субјекти што произведуваат делови за автомобилската индустрија, да ги претстават таму своите деловни можности за соработка. Воедно, изразивме желба за размена на искуства во искористувањето на европските фондови, за што словачката страна има одличен процент на искористеност – истакна заменик-министерот за економија, Христијан Делев.

Во делот на енергетиката, беше изразен интерес за проекти наменети за развој на геотермална енергија и за надзор на енергетска ефикасност. Воедно, македонската страна ги презентираше планираните инвестиции во гасната инфраструктура, развој и реконструкција на далекуводниот систем, термоелектраните и централите на биогас.

– Особено се радувам што на овој прв состанок дефинираме и проекти и фирми за понатамошна соработка. Со оглед на нашата експертиза и искуство во енергетските проекти, заинтересирани сме за учество на јавните повици, особено во делот на термоцентралите, хидроцентралите и на далекуводите, како и за можностите за изградба на централи на биогас. Искрено се надевам дека на вториот состанок на оваа мешовита комисија, чии домаќини треба да бидеме ние, веќе ќе бидеме и во фаза на реализација на овие проекти – изјави заменик-министерот за економија на Словачка, Растислав Чованец.

Во поглед на инвестициите, беа презентирани условите за инвестирање во Македонија, како и поволностите што ги нудат технолошко-индустриските развојни зони, индустриските и зелените зони и можностите за браунфилд-инвестиции.


Премиерот Груевски ја посети компанијата „Хуавеи“


Шензен, 26 ноември, 2015 - 11:26 (META) 

Во рамки на посетата на Кина, премиерот Никола Груевски оставрил повеќе средби со сопственици на компании, а го посетил и седиштето на глобалната компанија за информатичка комуникациска технологија „Хуавеи“.

Владината делегација, која ја сочинуваат и вицепремиерот Владимир Пешевски и заменик-министерот за економија Христијан Делев, остварила средба со раководството на компанија и со генералните менаџери, Џим Лу и Џорџ Жанг.

Груевски ги запознал претставниците на компанијата со условите за водење бизнис во Македонија.

Компанијата „Хуавеи“ има своја канцеларија за врски во Скопје, а со раководството било разговарано за разгледување на можностите за понатамошна продлабочена соработка и за можностите за проширување на македонскиот пазар.

Компанијата „Хуавеи“ е водечки бренд нa телекомуникацискиот пазар, која се рангира меѓу 500 најголеми компании на „Глобал форчн“ (Global Fortune).

 


Делев: Реагиравме до Хрватска и до Брисел за проблемот со камионџиите


Скопје, 24 септември, 2015 - 21:10 (META) 

Членките на ЦЕФТА, земјите потписнички на договорот за слободна трговија во Централна Европа, разговарале за итен состанок во земјата-претседавач Молдавија, доколку до вторник не биде тргната забраната за влез на камионите во Хрватска, информираше заменик-министерот за економија, Христијан Делев.

Делев изјави дека како и ЦЕФТА, така и сите релевантни институции во Брисел се исконтактирани и запознаени со проблемот на македонските камионџии, кои неколку дена се заглавени на српско-хрватската граница.

– Ние реагиравме и им укажавме на хрватските власти, дека ова е надвор од сите меѓународни договори за протек на луѓе и на стоки. Покрај со институциите во Брисел и со ЦЕФТА, контактиравме и со нашите колеги во Србија, Косово, Албанија и во Турција, кои се засегнати со овој проблем – изјави Делев.

 


Делев: Не треба да се крева прав дека фирмите се казнуваат


Скопје, 16 септември, 2015 - 17:06 (META) 

Казните и глобите секогаш биле најмалиот генератор на приходи во вкупниот буџет на Македонија.

Ова денеска го истакна заменик-министерот за економија, Христијан Делев.

– Од вкупно изречените санкции во делот економија, вклучувајќи ги сите инспекторати и институции под нејзина надлежност, наплатени се 1,5 проценти, што е минорна бројка – рече денеска Делев, на седницата на собраниската Комисија за економски прашања.

Членовите на Комисијата расправаа за предлог-измени и дополнувања на 16 законски решенија, а измените главно се однесуваа на усогласувањето со Законот за прекршоци.

– Не треба да се крева прав дека се казнува многу, бидејќи не е така – истакна Делев.

Пратениците од опозицијата ги поддржаа измените на законите само зашто со нив се намалуваат казните за компаниите и за граѓаните, но, како што нагласија, ќе интервенираат со амандмани за уште поголемо намалување, најмалку до 50 проценти.