!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕЛЕМ минатата година за плати и за хонорари потрошиле 56,8 милиони евра


Скопје, 12 септември, 2017 - 20:11 (META) 

Премиерот и министрите денеска расправаа за затекнатата состојбата во АД „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) во периодот од почетокот на оваа година до 1 август, соопшти владината прес-служба.

Според анализа што била доставена до Владата, производството на електрична енергија во ЕЛЕМ е во континуирано опаѓање, додека потрошувачката на јаглен и на мазут, по произведен мегават електрична енергија, е во постојан пораст.

Според Владата, таквата нелогичност во работењето на ЕЛЕМ се должи на несоодветната ревитализација на соодветните капацитети за електрична енергија, како и на недомаќинското работење со склучување скапи договори со надворешни компании од поранешното раководство.

„Карактеристика во затекнатото работење на АД ЕЛЕМ е прекумерната и непродуктивна превработеност, а за платите и за хонорарите на повеќе од 5.489 вработени и на ангажираните лица со авторски договори, во 2016 година биле потрошени 56,8 милиони евра. Како исклучително високи трошоци за разни услуги, највисоки се оние за услугите на адвокатски канцеларии во земјата и во странство, кои за три години изнесуваат 2,5 милиони евра“, стои во соопштението.

Владата му препорача на новото раководство на ЕЛЕМ, да предложи излезни решенија за оваа ситуација во која се наоѓа компанијата, да ги стави во употреба сите капацитети за да го зголеми производството на електрична енергија за да се избегнат евентуални проблеми со недостигот на струја и за да се избегне фактот кој навестува најниско производство на електрична енергија во историјата на компанијата.

Владата побара да се подготви сеопфатна информација за јавноста да се информира во каква состојба е затекна компанијата на 1 август, кога е поставено новото раководство.


ССНМ: Одлуката за штрајк на новинарите на МПМ останува за 17 февруари


Скопје, 8 февруари, 2017 - 16:53 (META) 

И покрај делумно исполнетото барање за исплата на декемвриската плата, одлуката за штрајк во организација на Сојузот на синдикати на новинарите на Македонија (ССНМ) во редакциите на „Медиа принт Македонија“ останува, информираат од ССНМ.

Оттаму додаваат дека доколку не дојде до преговори и до исполнување на барањата, штрајкот ќе почне како што е планирано, на 17 февруари.

– Со оглед на тоа што не се исплатени хонорарите, содржани во првото барање и во очекување на исполнување на другите два услови – исплата на јануарската плата и хонорари до 15 февруари, како и информација за плановите на менаџментот за следните шест месеци, штрајкувачките одбори на „Утрински весник“, „Дневник“ и на „Вест“ остануваат на одлуката за штрајк – додаваат од ССНМ.


Словенечката министерка за образование поднесе оставка


Љубљана, 6 март, 2015 - 20:05 (META) 

Словенечката министерка за образование, Станка Сетникар-Цанкар,  денеска поднесе оставка на функцијата откако во медиумите беше објавено дека во последните 11 години на име хонорари заработила 636.000 евра.

Станува збор за хонорари што таа ги добивала паралено со платата од љубљанскиот Факултет за јавна управа, сè до изборот за министер минатата година.

– Не се чуствувам виновна, но не сакам неоснованите критики на моја сметка да ја оптоваруваат работата на Министерството – изјави Сетникар-Цанкар на прес-конференција во Љубљана, на која ја објави својата оставка.


УЈП: Подготвен е системот за плаќање придонеси за хонорарците


Скопје, 14 февруари, 2015 - 11:11 (META) 

Подготвен е системот за пресметка и за уплата на придонесите на приходите од договори на дело, авторски договори и други договори, соопшти Управата за јавни приходи.

Софтверот, заедно со упатството за неговото користење, се поставени на веб-страницата на УЈП.

Од УЈП потсетуваат дека обврската за плаќање придонес за пензиско и за инвалидско осигурување и придонес за здравствено осигурување се однесува за примените (исплатените) надоместоци по договори почнувајќи од 1 јануари 2015 година.


Хонорарци: Сакаме да нè слушнете, а не да нè прислушувате


Скопје, 13 февруари, 2015 - 17:59 (META) 

Со транспаренти „Лебот ни го земавте“, „За луѓе се работи, не за проценти“, „Не сте свесни и ние сме бесни“, „Не ги убивте сите синдикати, тука сме“, хонорарците денеска ги „поздравија“ пратениците, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, Владата, за на крај да им дадат поддршка на студентите кои ја чуваат автономната зона на Филолошки факултет.

Како што истакнаа претставниците на самостојните синдикати, не се задоволни од измените на Законот за придонеси и задолжително социјално осигурување и побараа тој да се укине.

Од Синдикатот за култура кажаа дека не се согласуваат со законот и дека се згрозени од начинот на кој се донесени повеќето закони во државата.

– Министри, вие сте само вршители на должност, минливи сте. Доаѓате и си одите. Ние сме темелот на оваа држава и вие не нè поседувате. Дојде време да кажеме „стоп“ и „не“ за сите глупости кои ни ги приредувате. Укинете го овој срамен закон – истакнаа од Синдикатот за култура.

Синикатите порачаа дека сакаат нивниот глас да биде слушнат, а не прислушуван. Велат дека сè повеќе ги има на улиците и дека сè повеќе ќе излегуваат ако не се подобри ситуацијата во дражавата. Велат дека сакаат да бидат почитувани и рамноправни со другите граѓани.

На протестот пред Влада, актерката Ана Костовска, поддржана од протестантите, ја испеа химната на Македонија, со која симболично сакаа да ѝ кажат на Владата дека ќе продолжат да се борат и да си ги бараат своите права.

Пред објектот на Владата своја изведба имаше и актерот Сашо Тасевски.

Протестот заврши во автономната зона, пред платото на Филолошкиот факултет. Таму хонорарците им изразија поддршка на студентите, а овие, пак, им поскаа да бидат истрајни и да не се откажуваат во борбата за своите права.

Здравко Савески, од здружението „Солидарност“, рече дека ова не е последен протест и дека наскоро повторно ќе се соберат.


Денеска протест и марш на хонорарците


Скопје, 13 февруари, 2015 - 11:48 (META) 

Денеска, во 14 часот, во паркот Жена-борец спроти Собранието, граѓаните ќе протестираат против измените во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Рутата за протестот ќе биде од паркот Жена-борец и Собранието, до Министерството за труд и социјална политика, Владата и, на крај, Филолошки факултет, односно слободната автономна зона на студентите.

Граѓаните и граѓанските здруженија што протестираат, бараат да се  повлечат законските измени со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите и преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнатото вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што на работниците не им се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување, и да се зголеми или укине највисоката месечна основица за пресметување и за уплата на придонесите од плата, која сега изнесува шест просечни плати.


Сè уште виси исплатата на хонорарите


Скопје, 28 јануари, 2015 - 17:33 (META) 

Сè уште виси исплатата на хонорарите поголеми 0д 9.590 денари. Од Управата за јавни приходи велат дека при секоја измена на закон или, пак, образец, се прави надградба на клиентскиот софтвер МПИН за месечна пресметка за плата, придонеси и за персонален данок.

Но, велат дека доцнењето на хонорарите не зависи од нив.

– Даночните обврзници се должни до секој десети во месецот да испратат пресметка за претходниот месец за ние да може да регулираме сè што е потребно – објаснија од УЈП.

Според закон, компаниите мораат до 15 во месецот да ги исплатат платите и хонорарите за претходниот месец.


УЈП: Пресметките за хонорарите ќе ги објавиме до крајот на неделата


Скопје, 27 јануари, 2015 - 16:51 (META) 

До крајот на оваа недела, Управата за јавни приходи ќе ги објави насоките со кои ќе се знае како ќе се вршат пресметките за исплаќање надомест за хонорарите поголеми од 9.590 денари.

Како што објави „Мета“, испративме прашања до Министерството за труд и социјална политика за тоа дали навистина има известување во кое се бара да не исплаќаат хонорари поголеми од 9.590 денари сè додека на интернет-страницата на ПИОМ не биде објавено известување за тоа како ќе се вршат пресметките.

Само кусо ни одговорија: „имате погрешна информација“.

Телефонски побаравме објаснување за тоа која информација ни е погрешна и добивме одговор дека немало никакви известувања од ПИОМ, но на прашањето дали реалната ситуација е таква и дали навистина ќе доцнат хонорарите, портпаролот Маријан Гиовски ни кажа дека е „во гужва“ и дека „ќе нè бара подоцна“. Одговор сè уште немаме.

Од ПИОМ, пак, ни одговорија дека треба да се обратиме во УЈП, од каде ни рекоа дека до крајот на неделава ќе бидат објавени насоките.


Нема хонорари над 9.590 денари за јануари!


Скопје, 27 јануари, 2015 - 12:50 (META) 

Во најдолгиот месец од годината, хонорарците што земаат надомест поголем од 9.590 денари, ќе останат без примања. Од авторската агенција „Берин“ велат дека од ПИОМ добиле известување, во кое се бара од нив да не исплаќаат хонорари поголеми од 9.590 денари сè додека на интернет-страницата не биде објавено известување за тоа како ќе се вршат пресметките. Причината за ова, како што стои во известувањето, е некоординираноста на Министерството за труд и социјална политика, ПИОМ и УЈП за новиот закон со кој е предвидено и хонорарците да плаќаат пензиско и инвалидско осигурување.

– Ни рекоа да почекаме затоа што има некои нејаснотии. Начинот на исплата е дефиниран, но, еве, и по неколку месеци откако е донесен законот, пресметката лебди во воздух. Ние од агенциите тогаш реагиравме со допис до надлежните министерства и им укажавме на можните проблеми, ама никој не сакаше да преземе нешто и тоа да се спречи. Затоа сега редовно ќе земат хонорар оние луѓе кои имаат побарување помало од минималната плата, но сите со износ поголем од 9.590 денари можеби ќе треба да почекаат. Тоа создава недоверба кај нашите клиенти иако ние не сме виновни за овие пропусти на надлежните институции – велат од „Берин“.

Ако државните институции сè уште не се координирани, зашто брзаа законот да почне да се применува од први овој месец, прашавме во Министерството за труд и социјална политика и во Министерството за  финансии, но не добивме одговор. Прашања испративме и во ПИОМ, но никој досега не одговори на нив.

Претседателката на Синдикатот на новинари, Тамара Чаусидис, вели дека со ова се покажува дека бил точен нивниот став оти овие законски измени ќе се прекршат врз грбот на работниците. Според неа, тоа се лажни социјални мерки и веќе на почетокот се гледаат нивните ефекти, отпуштање работници, намалување хонорари, а сега, затоа што институциите не можат да го администрираат овој закон, граѓаните ќе останат без примања.

– Уште еднаш повторуваме и бараме примената на законските измени да се стопира. Ако не сакаат да го направат тоа во интерес на работниците, нека го направат поради неможноста на институциите да го администрираат, само нека го направат! Автентичните синдикати можат да им помогнат да се дојде до решение, но за тоа да биде можно, потребно е да се стопираат овие несреќни измени и да се влезе во расправа со сите засегнати страни, а не од позиција на сила да се наметнуваат решенија што и самите институции не можат да ги спроведат – вели Чаусидис.

Со овој став се согласува и Здравко Савески од левичарското здружение „Солидарност“. Тој вели дека законот треба да се одложи затоа што, очигледно, институциите немаат капацитет да го спроведат.


Придонеси ќе се плаќаат само на хонорари над минималецот


Скопје, 15 јануари, 2015 - 15:27 (META) 

Ако месечните хонорари како вработен не ви ја надминуваат просечната плата од 9.590 денари, нема да морате да плаќате за дополнително социјално осигурување, појасни денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов. Тој, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, кажа дека Министерството не се премислило и уште од самиот почеток кога биле најавени измените во законот, било предвидено само пензионерите да бидат изземени од плаќањето дополнително социјално осигурување, а тоа што во јавноста се ширеле информации дека и функционерите ќе бидат ослободени од плаќање, биле само шпекулации.

– Во сите изјави што ги дававме, уште од самиот почеток велевме дека само пензионерите ќе бидат изземени од законот – рече Спасов.

На прашањето дали документот бил објавен по грешка, министерот рече дека тоа бил „работен документ на службите“.

– Вие сте гледале некаков работен документ што го правеле службите, во кој имало одговори на некои прашања, но тоа никогаш не бил официјален документ. Законот е јасен – рече Спасов.

На заедничката прес-конференцијата, министерот Спасов, заедно со директорот на Фондот за ПИОМ, Амет Даути, и со претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Драги Аргировски, информираше за проектот за бањско-климатска рекреација на корисници на пензија.