!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

По 208 дена преговори, Холандија ќе добие влада


Хаг, 9 октомври, 2017 - 13:34 (META) 

Лидерите на четири холандски партии денеска постигнаа договор за нацрт-програмата на новата коалиција на десниот центар, по 208 дена преговори.

Лидерите утринава ја напуштиле преговарачката маса за да им го претстават коалициониот план на пратениците од своите партии, кои може да сугерираат промени.

Се очекува премиерот Марк Руте утре официјално да ја претстави програмата на новата влада, заедно со лидерите на демохристијаните, центристичката партија Д66 и Хистијанската унија.

Изборите во Холандија се одржаа на 15 март, а новата коалиција ќе има мнозинство од само еден пратеник во долниот дом на парламентот.


Димитров и Кундерс потпишаа декларација за соработка меѓу Македонија и Холандија


Хаг, 26 септември, 2017 - 14:33 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и неговиот холандски колега, Берт Кундерс, денеска во Хаг потпишаа Декларација за партнерство и за соработка меѓу Република Македонија и Кралството Холандија.

– За кратко време покажавте големо лидерство во враќањето на Македонија на европскиот пат – изјавил Кундерс по потпишување на декларацијата.

Декларацијата предвидува двете земји да продолжат со унапредувањето на заемната соработка за промовирање на доброто владеење, владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата, основните човекови права, независните медиуми и социјалната кохезија.

Македонија и Холандија преку декларацијата ја потврдуваат и заемната заложба за интензивирање на размената на искуства и зајакнување на соработката во одбраната и во безбедноста, заради подигнување на нивото на подготвеност на Република Македонија за стекнување полноправно членство во НАТО, но и за справување со безбедносните предизвици како што се организираниот криминал, верскиот екстремизам и нелегалната миграција.


Заев ќе се обрати пред Генералното собрание на ОН


Њујорк, 22 септември, 2017 - 10:21 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска ќе се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк и ќе се сретне со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, соопшти владината прес-служба.

На денешната агенда на македонскиот премиер е предвидена средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Виетнам, Фан Бин Мин, како и кратка средба со премиерот на Непал, Шер Бахадур Деуба, на приемот по повод националниот ден на оваа земја.

Заев денеска ќе има и обраќање на конференцијата „Нов старт на Балканот“, во организација на УНДП.

Претседателот на македонската влада вчера имал средба со премиерот на Кралството Холандија, Марк Руте, кој дал поддршка на реформскиот процес што го почна Владата и ги поздравил чекорите што ги презема државата за градење на добрососедски односи и регионална соработка.

Руте истакнал дека Холандија останува силен поддржувач на Македонија во заложбите на нашата држава за постигнување на стратешките цели, членство во Европската Унија и во НАТО.

Заев на средбата посочил дека очекува есенва да се тргне условеноста на препораката за членство на Македонија во ЕУ, а следен чекор да биде датум за почеток на преговори.


Токсични јајца пронајдени во дури 40 земји


Брисел, 5 септември, 2017 - 15:26 (META) 

Европска Унија денеска соопшти дека дури во 40 земји, меѓу кои 24 се членки на ЕУ, биле пронајдени јајца контаминирани со „фипронил“.

Претставникот на Европската комисија, Вијтенис Андриукаитис, кој е задолжен за здравје и за безбедност на храната, денеска изјави дека само во четири од 28 членки на ЕУ немало јајца заразени со токсичниот инсектицид „фипронил“.
Земјите кои не се погодени се Литванија, Португалија, Кипар и Хрватска.

Ширум Европа се уништени милион јајца и производи од јајца, кај кои се најдени траги од „фипронол“.
Сепак, засега никој не заболел од инсектицидот.

Во Холандија поради скандалот се уапсени две лица, директорите на компанијата „Чикенфренд“, на чија фарма се пронајдени заразените јајца. Тие се осомничени дека знаеле дека супстанцата која ја користеле е забранета.

Економската штета од скандалот со загадените јајца во Холандија се проценува на околу 33 милиони евра.


Нова дипломатска војна – Унгарија го повлекува амбасадорот од Холандија


Будимпешта, 25 август, 2017 - 12:28 (META) 

Унгарија го врача амбасадорот од Хаг „на консултации“ после острите критики кои холандскиот амбасадор во Будимпешта ги упати кон унгарската влада.

– Унгарија го повика на консултации својот амбасадор во Холандија – соопшти шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.

Холандскиот амбасадор, Гајус Шелем, кој го завршува својот мандат во Будимпешта, во интервју за еден унгарски неделник ги спореди методите на премиерот Виктор Орбан со оние на „муслиманските терористи“.


Апсења во Холандија поради скандалот со затруените јајца


Хаг, 10 август, 2017 - 16:32 (META) 

Две лица се уапсени во Холандија во рамки на истрагата за затруените јајца под сомневање дека нелегално користеле инсектицид фипронил на живинарските фарми.

Холандското обвинителство соопшти дека двајцата осомничени се директори на компанијата која, наводно, го користела фипронилот на фармите.

Иако нема извештаи дека некој се разболел, обвинителите рекле дека имаат докази дека јавното здравје е загрозено со „примената на биоцидот фипронил кај кокошките кои несат јајца“.

Осомничените се приведени во текот на серијата претреси кои Холандија ги спроведе во рамки на заедничката акција со белгиските власти.

Поради аферата, милиони јајца се повлечени од продавниците во повеќе европски земји, вклучувајќи ги Германија, Белгија и Холандија.

Десетина произведувачи на јајца во Белгија и во Холандија се под истрага, откако во нивните производи е откриено присуството на инсектицидот фипронил, кој може да го загрози човечкото здравје.

Европската комисија неделава предупреди дека е можно јајца затруени со инсектицидот да се продавани во седум земји, со што скандалот доби поголеми размери.


Во пожар во Шевенинген, загина еден затвореник


Хаг, 15 јуни, 2017 - 14:24 (META) 

Еден затвореник загина во пожарот кој изби во притворска единица во Шевенинген, соопшти холандското министерство за правда.

Како што јавуваат холандските медиуми, пожарот избил во психијатрискиот оддел на притворската единица во рамки на комплексот.

Еден маж почина во својата ќелија како последица на пожарот, соопшти министерството за правда, наведувајќи дека станува збор за психијатриски оддел на казнената установа.

Идентитетот на настраданиот не е објавен, пренесува холандскиот портал „Телеграф“.

Од тој дел се евакуирани 12 лица кои привремено се сместени во други делови на центарот. Полицијата ја истражува причината за пожарот.

Притворскиот објект во Шевенинген, покрај споменатиот дел за притвор на затвореници со психички проблеми, се состои од високо обезбедуван комплекс и оддел за осомничени на кои им се суди пред меѓународните трибунали.


Димитров: Нашиот пат е премногу долг, но следува клучен период


Хаг, 9 јуни, 2017 - 18:42 (META) 

Нашиот пат можеби е премногу долг, но следува клучен период. Следува период во кој во Македонија мора да завладее правото. Во Македонија мора да се зајакнат институциите. Македонија мора да ги исполни овие предуслови за конечно да стекнеме полноправно членство во ЕУ и НАТО. Оваа нова Влада на Република Македонија е одлучна да ги спроведе неопходните реформи.

Со таква порака се обратил македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, на средбата со својот холандски колега, Берт Кундерс, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.

На средбата во холандското Министерство за надворешни работи, Димитров изразил благодарност за континуираната и исклучително важна поддршка што Кралството Холандија ја дава на Република Македонија во остварувањето на стратешките приоритети. Двајцата министри  се договориле за посета на министерот Кундерс на Македонија следниот месец.


Џафери – Пломп: Да има експерти во собраниските комисии за поквалитетни закони


Скопје, 6 јуни, 2017 - 16:19 (META) 

Поголема транспарентност и видливост на Собранието, како и можност за поголема вклученост на експертите во работата на собраниските комисии, биле дел од темите на кои на денешната средба разговарале претседателот на Собранието, Талат Џафери, и амбасадорот на Холандија во земјава, Ваутер Пломп.

Пломп, како што се наведува во соопштеноето од Собранието за средбата, ја пренел пораката за подготвеноста на холандската vлада за „широка соработка со институциите на Република Македонија и за продолжување на сите почнати проекти меѓу двете држави“.

Претседателот на Собранието, Џафери, го информирал холандскиот амбасадор за актуелната состојба во Собранието и за активностите кои следат во однос на меѓународната соработка, како формирањето на делегациите во меѓународните организации и групите за билатерална соработка.

„Соговорниците разменија мислења и за формите за поголема транспаретност и видливост на Собранието, односно подобро запознавање на граѓаните со работата на законодавниот дом. Притоа, беше нагласена и потребата за поголема вклученост на експертите во работата на собраниските комисии, како можност која ја дава деловникот за работа на Собранието, за тие да придонесат за донесување поквалитетни законски решенија“, стои во соопштението.


Холандските туристи ја отворија летната сезона во Охрид


Охрид, 2 мај, 2017 - 13:32 (META) 

Првиот сезонски чартер-лет со 180 патници од Амстердам, кои допатуваа со авиокомпанијата „Корендон“ на аеродромот „Св. Апостол Павле“, ја отвори летната сезона во Охрид.

– Покрај редовните линии кои ги имаме преку целата година на охридскиот аеродром – за Базел, Цирих и за Лондон, како и традиционалните чартер-летови од Холандија, ова лето ќе продолжат сезонските летови кои ги отворивме во 2016 година од Белград, Брисел и од Тел Авив, додека нови чартер-летови од Полска ќе почнат од 22 јуни. Еднаш неделно 200 полски туристи ќе доаѓаат на Охридското Езеро, благодарение на договорот што го потпишавме со еден од најголемите полски тур-оператори – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Ова лето на охридскиот аеродром се очекува да слетаат 183 авиони од Амстердам, со авиокомпаниите „Корендон“ и ТУИ, кои ќе донесат повеќе од 28.000 холандски туристи, информираат од компанијата.

Во исто време, од мај до октомври 2017 година, со сезонските летови, на охридскиот аеродром се очекуваат околу 2.000 патници од Брисел со „Томас Кук“, потоа 2.300 патници од Белград со „Ер Србија“ и околу 2.600 патници од Тел Авив со „Аркиа“.