!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хојт Ји: Договорот меѓу Македонија и Бугарија е важен за целиот регион


Блед, 5 септември, 2017 - 11:01 (META) 

„Го поздравувам Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка со Република Македонија. Тој е важен за народите на Република Бугарија и на Република Македонија, но и за целиот регион“.

Ова го изјавил заменик-помошникот државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји, на средбата со бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во рамките на Бледскиот стратешки форум во Словенија, соопшти бугарското МНР.

– Се надевам дека овој договор ќе создаде одлична атмосфера, во која Република Македонија ќе ги подобри односите и со другите соседи – додал Ји.

Захарива на средбата истакнала дека една од најголемите придобивки на договорот е тоа што тој е изработен без странска помош, со што двете страни покажале дека ги решаваат прашањата без посредници.

Захариева и Хојт Ји разговарале и за актуелната политичка ситуација во регионот и за иницијативите на Бугарија во надворешната политика.


Хојт Ји: Најтемниот момент на Балканот беше 27 април во Собранието на Македонија


Дубровник, 1 јули, 2017 - 16:12 (META) 

Најтемниот момент на Балканот годинава беше 27 април во Собранието на Република Македонија, а најдобрата вест во целиот регион – формирањето на новата реформска влада. Ова го истакнал заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји, во рамките на панел-дискусијата на „Дубровник форум 2017“, што се одржува денеска на тема „Јадранско-медитеранската соработка и безбедноста во Југоисточна Европа“.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, во своето обраќање на панел-дискусијата, истакнал дека „Балканот мора да порасне и тоа брзо, пред младата генерација целосно да дигне раце и да оди самата во Европа“.

Во контекст на мигрантската криза, Димитров додал дека поуката од неа е дека ниту една држава не може да се справи сама со големи предизвици, туку дека е потребна „координирана акција и заеднички одговор, особено превентивно делување во корените на проблемот“.

„И на домашен план, по внатрешно-политичката криза во Република Македонија научивме важни лекции: Стабилноста, демократијата и правната држава одат заедно. Една држава не може да биде стабилна на долг рок ако има фрагилни институции. Стабилноста доаѓа од силни институции, владеење на првото, независно судство, економски просперитет, слободни медиуми. Новата реформска влада посветено работи да ја врти државата на европскиот пат“, рекол Димитров, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Инаку, министерот Димитров и Хојт Брајан Ји имале средба на која била потенцирана поддршката на САД за евроатлантските интеграции на Македонија.

На форумот, како што информираат од МНР, биле дискутирани актуелните теми во регионот, решавањето на заедничките предизвици за безбедноста и стабилноста во Јадранско–медитеранската област, а во фокусот, исто така, биле „меѓузависноста на состојбите на Блискиот Исток, Северна Африка и Европа, како и мобилноста и образованието на младите“.


Хојт Ји: САД ќе продолжат да го поддржуваат напредокот на Македонија


Вашингтон, 18 мај, 2017 - 10:24 (META) 

Ќе работиме со новиот претседател на Собранието на поддршка на демократијата и на напредокот на Македонија на евроатлантскот пат, изјави заменик-помошникот на американскиот државен секретар за Европа и за Евроазија, Хојт Брајан Ји.

Тој во обраќањето пред Подкомитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот, порача дека е неопходно македонските власти целосно да ги истражат нападите врз пратениците во Собранието, извршени на 27 април, и одговорните да бидат изнесени пред лицето на правдата.

– Етничките тензии на Балканот уште еднаш се во пораст. Неодамнешното насилство во Македонија ја потцртува сериозноста на нивните политички проблеми – рече Ји, додавајќи дека национализмот во регионот е во пораст и дека потребно е проблемите соодветно да бидат третирани затоа што претставуваат закана за американските интереси во Европа.

Претседателот на Поткомитетот, Дана Рорабахер, побара Ји да ја појасни ситуацијата во Македонија и да одговори за обвинувањата за наводното мешање на американскиот амбасадор Џес Бејли и на Институтот „Отворено општество“ на Џорџ Сорос по изборите. Ји ги отфрли ваквите обвиненија, истакнувајќи дека Македонија сака да им се приклучи на НАТО и на ЕУ.

– Ние, како партнери, им помагаме да ги достигнат стандардите неопходни за да се постигне таа цел. Кога го браниме владеењето на правото, незвисното судство, човековите права, тоа не е секогаш популарно за власта – изјави Ји.


ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да го повлече Џафери, а не да бара мандат за влада од Иванов


Скопје, 2 мај, 2017 - 10:03 (META) 

Позиците на двете партии, според нивните редовни утрински соопштенија, еден ден по разговорите со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија на САД, Хојт Брајан Ји, остануваат непроменети. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Талат Џафери е избран за претседател на Собранието надвор од сите процедури и на незаконски начин, додека од СДСМ нагласуваат дека тој е „новиот легитимен претседател на Собранието“.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ваквиот преседан на СДСМ отвора можност во иднина „на незаконски начин да се повтори ваквата процедура и на ваков начин да се гласа двојазичноста, албанските банкноти, двојазични униформи, геноцидот и сите елементи од тиранската платформа“.

„Тоа е суспендирање на правниот систем на државата. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува физичко насилство, но во исто време го осудува и политичкото насилство што го направи СДС врз институциите, деловникот, законите и Уставот. Народот бара СДС да ја отфрли тиранската платформа и да го повлече претседателот на Собрание кој беше избран спротивно на деловникот на Собранието на Република Македонија. Граѓаните на Република Македонија бараат законите и процедурите да важат за сите и никој да не се осмели да ги прекрши или заобиколи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, нагласуваат дека по изборот на претседател на Собранието, парламентарното мнозинство има одговорност да ја формира новата влада и дека тоа го очекува целата домашна и меѓународна јавност.

Оттаму велат дека досегашниот претседавач, Трајко Вељаноски, нема право за „личните интереси на Никола Груевски да ја усложнува политичката ситуација и да го окупира противуставно и неделовнички кабинетот на претседателот на Собранието“.

„Нов собраниски претседател е Талат Џафери, со кого, како што соошти заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија на САД, Хојт Брајан Ји, ќе работат и САД, а и ЕУ, НАТО и официјален Берлин. Новиот легитимен претседател на Собранието ќе испрати известување до Ѓорге Иванов дека е формирано демократско легитимино мнозинство и дека Иванов е должен да го додели мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за формирање влада“, стои во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека на Иванов ќе му биде предочено дека постои програма на новата реформска влада што во целост ја гарантира унитарноста на Македонија.

Од партијата нагласуваат дека крвавото насилство во парламентот, кога беше направен „кукавички обид за убиство на пратеници и насилство врз новинари и вработени во Собранието, мора да се истражи до крај и нарачателите и извршителите да понесат одговорност“ и дека Груевски, Иванов, Вељаноски и Чавков не смеат да го повторат насилството ниту повеќе да ги вознемируваат граѓаните со лаги и со нелогични барања за избори.


Заев: Не би сакале да се повтори 24 декември, не ги кажуваме тактиките на партијата


Скопје, 26 април, 2017 - 19:06 (META) 

„Постојат многу алтернативи, не ги кажуваме тактиките на партијата бидејќи може да предизвикаат чекори од нашиот опонент, па тоа да доведе до несакани состојби. Но, отворено зборувам дека не би сакале да се повтори 24 декември или нешто што е згрозувачко за македонската јавност. Видовме на што се подготвени ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за „24 Вести“ на прашањето за можностите за решавање на политичката криза.

Заев смета дека парламентарното мнозинство има право и обврска да си преземе одговорност за водењето на парламентот преку избор на претседател од своите редови.

Лидерот на СДСМ го повтори партискиот став дека нема амнестија на криминалот, ниту нови парламентарни избори и дека Груевски мора да ја предаде власта.

Тој сакал заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, в понеделник да биде пречекан од нов претседател на Собранието.


Хојт Ји барал средба со Иванов, но претседателот е презафатен


Скопје, 26 април, 2017 - 12:05 (META) 

Заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, в понеделник нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, потврдија за „Мета“ од кабинетот на претседателот.

„До кабинетот на Претседателот на Република Македонија беше упатено барање за средба со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, но со оглед на претходно утврдените обврски на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, нема можност за реализација на таква средба“, велат во кабинетот.

Посетата на Ји доаѓа речиси два месеци откако тој од Загреб го повика Иванов да ја ревидира одлуката за доделување на мандатот.

– Искрено се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците што изразија желба за тоа и на партиите што тие ги претставуваат да формира влада што е можно поскоро, бидејќи на Македонија ѝ треба влада која ќе ги продолжи и ќе ги доврши почнатите процеси во рамки на претпристапниот процес на Европската Унија – изјави Ји во Загреб.

Ји в понеделник ќе се обиде да помогне во надминувањето на политичката криза. Тој за време на еднодневната посета ќе разговара со политичките лидери за статусот на формирањето нова влада, за билатералните односи, како и за неопходните реформи за евроатлантска интеграција на земјава.


Хојт Ји на 1 мај доаѓа во Скопје на средба со политичките лидери


Скопје, 25 април, 2017 - 21:17 (META) 

Заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во американскиот Стејт департмент, Хојт Брајан Ји, в понеделник ќе допатува во Македонија во обид да помогне во надминувањето на политичката криза.

Ји, како што соопштија од Амбасадата на САД во Скопје, за време на посетата ќе разговара со политичките лидери за статусот на формирање нова влада, за билатералните односи, како и за неопходните реформи на евроатлантските интеграции.

Засега нема информации дали американскиот дипломат ќе има средба и со претседателот Ѓорге Иванов.

Заменик-помошникот државен секретар на САД во март, за време на посетата на Загреб, изрази загриженост за ситуацијата во Македонија и го повика претседателот Иванов да го додели мандатот за формирање влада.

– Искрено се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците кои изразија желба за тоа и на партиите што тие ги претставуваат да формира влада што е можно поскоро, бидејќи на Македонија ѝ треба влада која ќе ги продолжи и ќе ги доврши почнатите процеси во рамки на претпристапниот процес на Европската Унија – изјави Ји во Загреб.


САД детално информирани за најновите безбедносни случувања на Балканот


Вашингтон, 27 септември, 2016 - 13:52 (META) 

Состојбите во регионот на Југоисточна Европа и на Балканот, со посебен акцент на безбедноста и на владеењето на правото, биле тема на средбите меѓу првиот човек на Советот за регионална соработка (РЦЦ), Горан Свилановиќ, и високи претставници на Стејт департментот.

Вашингтон бил запознаен со напредокот на Стратегијата 2020 и со безбедносните прашања, соопшти денеска РЦЦ, по состаноците на генералниот секретар на Советот, Свилановиќ, со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евро-Азија, Хојт Брајан Ји, директорот за мултилатерални работи во Канцеларијата за борба против тероризмот, Раф Грегоријан, директорот на Канцеларијата за Балкан, Метју Палмер, и со други американски функционери.

Посебно станало збор за улогата на Регионалниот совет во спроведување на Платформата за борба против насилниот екстремизам и тероризмот, а Стејт департментот бил запознаен и со борбата против корупцијата, како и со последните активности за мирното решавање на споровите на земјите од Балканот.

САД се дел од управниот одбор на Советот за регионална соработка, главно оперативно тело на земјите-членки на Процесот за соработка во ЈИЕ (СЕЕЦП), чијшто основач и член е и Република Македонија.


Хојт Ји: Аболицијата мора целосно да се повлече, а не селективно


Скопје, 19 мај, 2016 - 13:19 (META) 

Помилувањето кое претседателот го направи на 12 април го поткопа не само владеењето на правото, туку и кредибилитетот на земјата која е одлучна да се приклучи кон ЕУ и НАТО, изјави заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Азија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји по средбите со претставниците на политичките лидери.

– Особено е важно лидерите итно да реагираат и да ја санираат штетата која е направена со помилувањето и тоа што е можно најбрзо. Ако лидерите само делумно, селективно го повлечат помилувањето тоа ќе придонесе за уште поголемо зголемување на чувството за неказнивост во земјата и недостиг на одговорност – рече Ји.

Американскиот дипломат истакна дека партиите и лидерите на земјата треба да им дадат целосна поддршка на институциите кои се одговорни за владеење на правото, вклучувајќи го и Специјалното јавно обвинителство.

– Се додека не се понесе одговорност за злоупотребите кои произлегуваат од прислушуваните разговори, Македонија ќе остане заглавена во оваа криза и нема да може да постигне прогрес кон своите најважни цели, а тоа се НАТО и ЕУ – рече Ји.

Тој истакна дека власта мора да покаже акции и посветеност кон робусната и плуралистичка демократија и посветеност кон реформите кои се утврдени со Договорот од Пржино.

– Македонија, за да стане здрава и просперитетна демократија и за да се врати на патот кон евроатлантските интеграции мора да продолжи кон обновените обврски, за плуралистичка демократија, владеење на правото и транспарентноста – рече Ји и ги повика лидерите да се спроведат договорените реформи и да се зајакнат институциите и да се изгради, инклузивна, одговорна влада.

Заменик-помошникот државен секретар сепак не сакаше да ja коментира вчерашната одлука за враќањето на поранешните министри во владата. Тој рече дека народот и избраните лидери треба да одлучат за формата и составот на владата и оти тоа не е работа на дипломатите.