Под хипотека се 120.000 станови во Македонија, од нив половината се во Скопје (инфографик)


Скопје, 29 ноември, 2018 - 14:33 (META) 

На огромен број граѓани во нашата земја поголемиот дел од животот им поминува во исплаќање рати од долгорочни станбени кредити, кои по правило имаат променливи каматни стапки што многу често доведува до финансиски колапс на семејните буџети и кратење на основните трошоци како храна и облека само за да се исплатат долговите кон банките.

Податоците од Регистарот за цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности за периодот јули-септември 2018 година покажуваат дека од вкупно 1.064.562 станови во Македонија дури 119.628 или 11,2 отсто се под хипотека. Речиси половина од вкупниот број станови кои се дадени под хипотека се во Скопје односно од вкупно 309.900 евидентирани станови под хипотека се 55.821 стан.

Во земјава во континуитет има експанзија во изградбата на нови станови и затоа логично е да се очекува во иднина оваа бројка само да се зголемува, што во зависност од кредитните услови може да доведе до понатамошно финансиско ицрпување на семејствата кои ќе се одлучат да го решат станбеното прашање преку подигање кредити.

Во Македонија во моментов стапките на станбените кредити се релативно ниски односно според тврдењата на монетарните власти на историски најниско ниво. Сепак, во последната Анкета за кредитна активност на Народната банка може да се забележи мало заострување кај провизиите на станбените кредити.

На прашањето до Народната банка на  што се должи зголемувањето на провизиите оттаму велат дека провизиите за станбените кредити се опфатени во едно од прашањата кое се однесува на перцепциите на банките за влијанието на поединечните услови за одобрување станбени кредити.

„Одговорите на банките на ова прашање во делот на провизиите укажуваат дека овој фактор генерално делува кон олеснување на кредитните услови, како збирен резултат од поединечните одговори на банките. Во одредени квартали се забележува привремена промена на перцепцијата на банките, во насока на одредено заострување кај провизиите. Таков е случајот и кај последната Анкета за кредитна активност, каде што се забележува мало нето-заострување кај провизиите, наспроти нето-олеснувањето во претходниот период. Ова се мали промени, а подеталната анализа на одговорите покажува дека и понатаму најголем дел од банките (околу 87 отсто) не упатуваат на промена кај провизиите во однос на претходниот период“, велат од НБРМ.

На нашето прашање дали постои можност Народната банка преку монетарни мерки односно намалување на каматите на благајничките записи под 1 отсто да придонесе кон намалување на каматите на станбените кредити со што на граѓаните кои се обидуваат да го решат станбеното прашање ќе им овозможи „полесно да дишат“, од НБРМ велат дека од почетокот на годината во два наврати изврши намалување на основната каматна стапка со што таа се сведе на досега историски најниско ниво од 2,75 отсто.

Отаму додаваат дека тековно, трендовите се поволни, а евентуална дополнителна монетарна реакција како и нејзиниот интензитет ќе зависи од нивното задржување и во следниот период, како и од промените во домашниот и надворешниот амбиент.


Раководството и сопственикот на Фабрика за кабли Неготино добија кривични пријави


Неготино, 14 јануари, 2018 - 14:45 (META) 

Полициската станица Неготино поднела кривична пријава против Г.Х. (47),генерален директор на АД „ФКН“ (Фабрика за кабли Неготино), против Ј.Ј. (37) претседателот  на одборот на директори на АД „ФКН“, против двајца членови на одборот на директори на АД „ФКН“, сите од Република Бугарија, како и против Љ.К. (61) од Велес, исто така член на одборот на директори.

Тие се товарат за злуопотреба на службената положба и овластување, но и за намерно предизвикување стечај, како и за оштетување или повластување на доверители и за фалсификување службена исправа. Како што наведува неготинската полиција, малверзациите биле со цел да се префрли имотот и сопственоста на АД ФКН врз друга фирма од Бугарија.

Кривични пријави за помагање добиле уште двајца Бугари, односно Ј.С. (41), сопственик и управител на ФКН ДООЕЛ Неготино и С.С. сопственик и управител на “Мега Ел ООД“ Софија, која е мнозински акционер во АД „ФКН. Нив полицијата ги товари за помагање во извршување на кривично дело.

Според пријавата, раководителите на АД ФКН во 2007 ја задолжиле фабриката кај една банка и под хипотека го ставиле целиот движен и недвижен имот, при што во спогодба со банката е наведена помала вредност на тој имот. Потоа во повеќе наврати од 2007 до 2010 година со двајцата сопственици и управители на другите фирми вршеле зделки со долгот, без одобрение од Собрание на акционери на АД „ФКН“ Неготино.

Раководството на Фабриката за кабли се товари и дека на ФКН ДООЕЛ му ги отстапиле сите договори, лиценци и сертификати за производство, со намера да го префрлат целокупниот имот во сопственост на „ФКН“ ДООЕЛ.

На овој начин АД „ФКН“ Неготино станало трајно неспособно да ги извршува обврските кон другите доверители и со тоа извршиле оштетување на останатите доверители, акционери и на Република Македонија за износ од 847.217.663 денари, вели полицијата.


ВМРО-ДПМНЕ: Изјавите на Шилегов како да не се дадани при целосна свест


Скопје, 16 февруари, 2017 - 16:49 (META) 

Како што наближува денот кога ќе се дознае вистината за криминалот, така зачестуваат изјавите на Петре Шилегов кои наликуваат дека не се дадени при целосна свест, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција на портпаролот на СДСМ.

„Аболицираниот криминалец Зоран Заев никогаш немал проблем да најде некој што јавно ќе се посрамоти со разни небулози, бидејќи Петре Шилегов со задоволство си го одработува богатството што го стекнува извршувајќи ги наредбите. Граѓаните на 11-ти декември гласаа против криминогеното раководство на СДСМ и бараа тие да одговараат пред судот и законите. Ниедна апсурдна изјава и ниедна манипулација на криминалниот двоец на СДСМ нема да им помогне да избегаат од соочување со правдата“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека целиот имот на СДСМ е под хипотека за кредит земен од Комерцијална банка, кој според пишувањата на медиумите, изнесувал 2 милиони евра и го повикуваат Шилегов да објасни „дали неговото енормно лично збогатување и богатењето на аболицираниот криминалец Зоран Заев е поврзано со тој кредит“.

„Од каде му е на Петре Шилегов нов капитал од 200.000 евра заработен за само 2 години? Јасно е дека криминогеното раководство на СДСМ е во паника. Секој што сторил криминал, треба да се плаши“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ ја дала партиската зграда под хипотека


Скопје, 16 февруари, 2017 - 10:20 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ неколку дена пред изборите зела кредит од три милиони евра од Комерцијална банка и за таа цел го заложила под хипотека новото седиште, палатата „Христо Татарчев“, објави „Призма“.

Како што пишува во Службен весник, партијата зела „рамковен риволвинг кредит“, што значи дека не морала да ги подигнe сите три милиони евра одеднаш.

Освен својот дел од објектот, ВМРО-ДПМНЕ во банката заложила и подвижен имот и опрема.

„Призма“ се обратила и до партијата и прашале за што им требаат парите, колку години ќе го враќаат кредитот и дали под хипотека го ставиле целото седиште, a од таму рекле дека ќе одговорат во наредните неколку дена.

Зградата во период од 2013 до 2015 година ја изгради скопски „Бетон“ на Минчо Јорданов, врз земјиштето во центарот на Скопје што е сопственост на партијата и каде што се наоѓаше нивното седиште, т.н. „жолта куќа“.


Апелацискиот суд ја поништи хипотеката на рудниците Злетово и Тораница


Штип, 8 јуни, 2016 - 17:27 (META) 

Со денешната одлука на Апелацискиот суд во Штип, за поништување на хипотеката на објектите на рудниците Злетово од Пробиштип и Тораница во Крива Паланка, отстранета е правната пречка за почеток на работата на новиот концесионер, компанијата „Минстрој“ од Бугарија.

За синдикатот во Злетово судската одлука за поништување на хипотеката е значајно поместување.

– Тоа значи дека нашата голгота денеска завршува. Во законскиот рок за 10 или 15 дена „Минстрој“ ќе почне со експлоатација на рудниците – вели претседателот Тодос Гацовски.

Досегашниот концесионер „Индоминерали и метали“ целиот имот на рудниците го ставил под хипотека 10 месеци пред отворање на стечајот. Новиот концесионер „Минстрој“ отвори своја канцеларија во Пробиштип пред еден месец, од каде најавуваа планови за враќање на работа на сите 1.000 рудари. На потпишувањето на договорот ветија повисоки плати, но рударите, сепак, очекуваат прво да ги добијат заостанатите три плати.

– Откако ќе се предаде имотот на „Минстрој“, прво, според законот, треба да се исплатат заостанатите плати на работниците. Ние имаме три неисплатени плати – рече Гацовски.


Хипотекарните кредити во Шведска лимитирани на 105 години


Стокхол, 24 март, 2016 - 13:49 (META) 

Шведскиот парламент го усвои законот со кој рокот на хипотекарни кредити се ограничува на 105 години, со што се настојува скандинавската нација да ги сопре високите цени на недвижности и да се намали нивото на долг по домаќинство.

Како што пишува „Франс прес“, порано во оваа земја не постоеше законско ограничување за должината на траење на хипотеката, така што станбените кредити на многу Швеѓани ги отплаќаа нивните внуци.

Ваквата практика е развиена во рамките на стратегијата за борба против високите цени на недвижности, бидејќи пролонгирањето на роковите значи пониска месечна рата за отплата.

Шведските регулатори пресметале дека во 2013 година просечниот рок на хипотека во таа земја бил 140 години.

Порастот на цената на станбените недвижности резултираше со тоа шведските домаќинства да се меѓу најзадолжените во Европа.


Верушевски и Лазаревски денеска си одат дома


Скопје, 31 декември, 2015 - 13:47 (META) 

Агенцијата за катастар и за недвижности денеска до Основниот суд Скопје 1 доставила известување дека е заведен под хипотека недвижниот имот што Зоран Верушевски и Ѓорги Лазаревски, обвинети во случајот „Пуч“, го понудија како гаранција за излегување од притвор.

По извршените проверки, судот ги доставил известувањето од Агенцијата и правосилната одлука со која притворот на Верушевски и на Лазаревски се заменува со гаранција и со мерки на претпазливост,  до Затворот „Скопје“ за да биде спроведено.

Ова значи дека Верушевски и Лазаревски во текот на денешниот ден треба да го напуштат затворот во Шуто Оризари и да заминат дома.

„До Основниот суд Скопје 1, денеска, 31 декември 2015 година, доставено е известување од Агенцијата за катастар и недвижности на Република Македонија за заведен недвижен имот под хипотека во корист на Република Македонија на обвинетите З.В. и Ѓ.Л. за кои Кривичниот совет при овој суд донесе одлука за замена на мерката притвор со гаранција и со определување мерки за претпазливост. По извршените проверки, судот, известувањето од Агенцијата за катастар и недвижности на Р.Македонија и правосилната одлуката на Кривичниот совет, денеска ги достави до затвор „Скопје“, за да биде спроведена“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје.

Одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, за укинување на притворот на Верушевски и на Лазаревски, беше донесена во вторникот оваа недела.