!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Меркел: Викендов итен состанок на ЕУ-лидерите поради Северна Кореја


Берлин, 5 септември, 2017 - 12:39 (META) 

Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за викендот треба да разговараат за воведувањето додатни санкции кон Северна Кореја, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

Таа додаде дека тој состанок треба итно да се организира, истакнувајќи дека тестовите што ги изведе Северна Кореја претставуваат флагрантно кршење на сите меѓународни услови.

– Говорам јасно и во име на целата влада: единствено е можно мирно и дипломатско решение – истакна Меркел.

Германската канцеларка вчера телефонски разговарала со претседателот на САД, Доналд Трамп, и тие ги повикаа ОН бргу да ги усогласат острите санкции против Северна Кореја.

Меркел и Трамп најновата нуклеарна проба со хидрогенска бомба ја осудија како „неприфатлива ескалација“.

„Германската канцеларка и американскиот претседател изразија став дека меѓународната заедница мора да продолжи да врши притисок на режимот во Северна Кореја и дека Советот за безбедност на ОН мора бргу да ги усвои санкциите“, се вели во соопштението на германската влада.


Кина ја повика Северна Кореја да не лансира уште една ракета


Пекинг, 4 септември, 2017 - 20:53 (META) 

Кина ја предупреди Северна Кореја да не продолжува со наводните планови за лансирање нова балистичка ракета и го повика Пјонгјанг да не ја зголемува напнатоста.

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Генг Шуанг, рече дека на Северна Кореја мора да ѝ биде јасно дека резолуцијата на Советот за безбедност на ОН забранува такви активности.

Генг во Пекинг изрази надеж дека сите страни, а особено Северна Кореја, ќе „вежбаат воздржаност од додатни ескалации на тензиите“.

Министерството за одбрана на Јужна Кореја претходно соопшти дека верува дека Северна Кореја се подготвува да лансира нова балистичка ракета.


САД бараат најсилни мерки против Северна Кореја


Њујорк, 4 септември, 2017 - 19:19 (META) 

Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, изјави дека САД сакаат ОН да преземат најсилни можни мерки против Северна Кореја поради новата нуклеарна проба.

– Дојде моментот да се престане со половичните мерки – изјави Хејли на итниот состанок на Советот за безбедност.

Според нејзините зборови, ситуацијата е ургентна и пристапот што ОН го имале кон Северна Кореја повеќе од 20 години не функционирал и не го променил односот на Пјонгјанг.

Потсекретарот на ОН за политички прашања, Џефри Фелтман, нуклеарната проба ја нарече „опасна провокација“ која длабоко го дестабилизира регионот и меѓународната заедница.

Фелтман повика на единствен и јасен одговор.

Советот за безбедност денеска одржува итна седница по повод новата нуклеарна проба на Северна Кореја, која тврди дека детонирала хидрогенска бомба.


Трамп: Нуклеарната проба на Северна Кореја е опасна за САД


Вашингтон, 3 септември, 2017 - 15:37 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нуклеарната проба на Северна Кореја е „непријателска и опасна“ за САД.

„Северна Кореја изведе голема нуклеарна проба. Нивните зборови и акции продолжуваат да бидат многу непријателски и опасни за САД. Северна Кореја е непријателска нација која стана голема закана и срам за Кина, која се обидува да помогне, но со малку успех“, напиша Трамп на „Твитер“.

Северна Кореја изведе проба со хидрогенска бомба, петпати посилна од таа што беше фрлена на Нагасаки, а детонацијата предизвика два потреси на Корејскиот Полуостров.


Вашингтон и Сеул телефонски разговараа за нуклеарниот тест на Северна Кореја


Сеул, 3 септември, 2017 - 13:15 (META) 

Претседателскиот кабинет на Јужна Кореја соопшти дека највисоките власти на Сеул и на Вашингтон разговарале по шестиот нуклеарен тест што го изведе Северна Кореја.

Кабинетот соопшти дека американскиот советник за национална безбедност, Херберт Рејмонд Мекмастер, и неговиот корејски колега, Чунг Уи-јонг, телефонски се слушнале и разговарале околу 20 минути.

Денешниот нуклеарен тест на Северна Кореја е најмоќен што досега таа држава го спровела. Државните медиуми на Северна Кореја тврдат дека станува збор за хидрогенска бомба.

Метеоролошката агенција на Јужна Кореја соопшти дека е регистриран земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала, кој најверојатно настанал како последица на детонацијата.


Русија: Северна Кореја направи сериозна закана


Москва, 3 септември, 2017 - 12:30 (META) 

Русија ја осуди Северна Кореја поради тестирањето хидрогенска бомба истовремено апелирајќи до сите да останат воздржани и да се вратат на дијалог.

„Најновото непочитување на обврските на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации од страна на Пјонгјанг заслужува најостра осуда“, соопшти министерството за надворешни работи на Русија.

Во соопштението се наведува дека Русија жали поради тоа што раководството на Северна Кореја „направило сериозна закана“ за тој регион и предупредува дека продолжувањето со таквиот курс ќе придонесе за сериозни последици за Пјонгјанг.

Министерството потенцира дека императив е да се задржи смиреноста и воздржаноста од какви било акции кои би довеле до понатамошна ескалација на тензиите.


Кина бара од Северна Кореја да ги запре погрешните акции


Пекинг, 3 септември, 2017 - 11:31 (META) 

Кинеското министерство за надворешни работи побара од Северна Кореја да ги запре своите, како што велат „погрешни акции“.

Министерството во соопштението наведува дека Кина жестоко се противи и силно ги осудува постапките на Северна Кореја.

Реакцијата на Кина следува откако Пјонгјанг денеска успешно тестираше унапредена хидрогенска бомба.

Пекинг го повика Пјонгјанг да ја почитува резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации.


САД ги активираат бомбардерите „Б-52“ над Јужна Кореја по провокациите од Пјонгјанг


Сеул, 10 јануари, 2016 - 10:48 (META) 

Соединетите Американски Држави (САД) ги активирале своите авиони бомбардери од типот „Б-52“ во јужнокорејскиот воздушен простор, откако Северна Кореја пред неколку дена соопшти дека успешно тестирала „минијатурна“ хидрогенска бомба.

Бомбардерите „Б-52“, како што пренесува „Би-Би-Си“, надлетале воздушна база во близина на границата со Северна Кореја.

Северна Кореја на 6 јануари соопшти дека успешно тестирала „минијатурна“ хидрогенска бомба. САД ги осудија „провокациите“ и ветија дека ќе одговорат на соодветен начин. Вашингтон, сепак, истакна дека засега не може да го потврди тврдењето на Пјонгјанг дека го имал првиот успешен тест на хидрогенска бомба.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, според државните медиуми во земјата, изјавил дека „станува збор за легитимно право на суверена земја и за фер акција која никој не може да ја критикува“.


Столтенберг ги осуди нуклеарната проба и заканувачката реторика на Пјонгјанг


Брисел, 6 јануари, 2016 - 14:32 (META) 

Јанс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, во изјава за нуклеарната проба на Северна Кореја вели дека ја поткопува регионалната и меѓународната безбедност, како и дека ги нарушува резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

– Го осудувам продолжувањето на разработувањето нуклеарно оружје и балистички ракетни програми на Северна Кореја, како и заканувачката реторика на Пјонгјанг. Ја повикувам Северна Кореја да ги почитува целосно своите меѓународни задолженија – изјави Столтенберг.

Според него, Северна Кореја целосно треба да се откаже од атомското оружје и од своите ракетни програми.


Северна Кореја тестирала хидрогенска бомба


Пјонгјанг, 6 јануари, 2016 - 11:54 (META) 

Северна Кореја соопшти дека успешно тестирала „минијатурна“ хидрогенска бомба. Ова е четврта нуклеарна проба на Северна Кореја и покрај санкциите на Обединетите нации.

Наредбата за пробата е потпишана од лидерот Ким Јонг-ун, кој минатиот месец најави дека неговата земја поседува едно од најмоќните оружја.

САД ги осудија „провокациите“ на Северна Кореја и ветија дека ќе одговорат на соодветен начин. Вашингтон, сепак, истакна дека засега не може да го потврди тврдењето на Пјонгјанг дека го имал првиот успешен тест на хидрогенска бомба.

Осуда за тестирањето искажаа и Британија и Јужна Кореја.

Пјонгјанг е под санкции на Обединетите нации уште од првиот тест на атомска бомба во 2006 година и може да се соочи со нови мерки. Пјонгјанг изведе проби и во 2009 и во 2013 година.