!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во Скопје утре Марш на толеранција за лицата со попреченост


Скопје, 14 ноември, 2017 - 16:41 (META) 

Со конференција во Скопје на која ќе се дискутира за проблемите на лицата со попреченост, а потоа и со марш на толеранција, Хелсиншкиот комитет за човекови права поддржан од 25 организации утре ќе потсети на проблемите на луѓето што живеат со различна попреченост.

На конференцијата ќе бидат презентирани наодите од истражувањата и анализите за потребите  на овие лица во областите на социјална заштита, образование, здравствена заштита, вработување и квалитет на живот.

По конференцијата, ќе се одржи и марш на толеранцијата „Гледај со срцето, прифати ја различноста“, кој ќе почне во 15 часот од Музеј на Град Скопје, по што поворката преку улица Македонија ќе се упати во паркот „Жена борец“, каде ќе се говорат некои од учесниците во маршот.


Хелсиншки го повика Собранието да ги усвои препораките на Прибе за човековите права


Скопје, 7 ноември, 2017 - 11:53 (META) 

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија побара пратениците во Собранието итно да ги изгласаат препораките од комисијата на Прибе за човековите права, содржани во Извештајот на народниот правобранител. Истото го побара и ВМРО-ДПМНЕ денеска, иако вчера во Собранието отсуствуваа најмногу пратеници од таа партија кога се гласаше за извештајот.

„Собранието на РМ одби да ја задолжи Владата да ги подобри состојбите во сферата на човековите права со конкретни мерки содржани во Извештајот на Народниот правобранител, бидејќи немаше доволно присутни пратеници. Апелираме до пратениците, особено до владејачкото мнозинство, во најкус можен рок да ги изгласаат мерките содржани во извештајот на Народниот правобранител, каде се наведени препораките на Прибе. Во најмала рака е несериозно владејачкото мнозинство да нема обезбедено кворум за да се изгласаат вакви исклучително важни мерки“, се вели во реакцијата од Хелсиншки комитет.

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, реагираше, но притоа ја обвини само пратеничката група на СДСМ, иако вчера на седницата кога требаше да се гласа, имаше едвај десетина пратеници на опозициската партија.

„Владата на СДС и Зоран Заев водат лажна грижа за заштита на човековите права. Доказ за тоа е одбивањето на парламентарното мнозинство на СДС да ја задолжи Владата да ги подобри состојбите во сферата на човековите права со конкретни мерки содржани во Извештајот на Народниот правобранител. Владата и Заев кои досега пред медиумите се прикажуваа за душегрижници за човековите права, сега не сакаат ниту да се дебатира за истото. Ова е уште еден пример за незаинтересираноста на Владата да разговара за унапредување на состојбите со човејковите права и за нивниот гол и лажен популизам“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.


Хелсиншки комитет посочува на непрочистен избирачки список и спреченост да се гласа


Скопје, 17 октомври, 2017 - 13:47 (META) 

Пријави за фантомски гласачи и за гласачи избришани од избирачкиот список, оневозможеност на слепи лица да гласаат на посебно гласачко ливче, како и неможност на вработен во јавно претпријатие да гласа зашто целиот ден бил ангажиран на работа, се работите што Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги одбележал во текот на првиот круг од локалните избори.

На две слепи лица или лица со оштетен вид им било оневозможено да гласаат според новото упатство за гласање на слепи лица и на лица со оштетен вид, донесено на 28 септември 2017 година, а според кое слепите лица и лицата со оштетен вид може да гласаат преку шаблон на Браева азбука, на кој се отпечатени податоците од избирачкото ливче. Лицата пријавиле во 8 часот утрото, а според тоа што Хелсиншки комитет го дознал подоцна, шаблоните биле донесени во 8.30 часот.

За пријавата од лице вработено во јавно претпријатие дека не може да го оствари своето избирачко право бидејќи било на работа во текот на целиот изборен ден, Комитетот пријавил во Министерството за труд и социјална политика, од каде подоцна добил информација дека се интервенирало и на лицето му било овозможено да гласа.

Во канцеларијата на Комитетот се обратиле граѓани кои пријавиле дека во избирачкиот список сè уште постојат непостоечки гласачи на нивните адреси, како и случаи за бришење од евиденцијата на гласачи во избирачкиот список без образложение.

„Со ваквите пријави се добива впечаток дека повторно, и овие избори се одржаа во услови на непрочистен избирачки список. Хелсиншкиот комитет упатува препорака за поголема соработка и координација помеѓу Министерството за внатрешни работи и Државната изборна комисија во насока на наоѓање ефективен механизам за прочистување на избирачкиот список и на подготвување упатство за постапката за бришење на непостоечките гласачи од избирачкиот список, кој ќе биде достапен за сите граѓани“, се вели во соопштението.

Од Комитетот уверуваат дека личните податоци на лицата што пријавиле се чуваат во апсолутна тајност и дека нема да бидат објавувани без претходна дозвола од пријавувачите.


Хелсиншки комитет: Во изминатите три години само на пет лица им е доделен статусот бегалец


Скопје, 7 септември, 2017 - 16:20 (META) 

Во текот на изминатите три години во Македонија биле поднесени вкупно 2.243 барања за признавање на правото на азил од страна на 2.717 лица. Од нив, на само пет лица им е доделен статус на признаен бегалец, а на само 11 лица им е доделена супсидијарна заштита, информираат од Хелсиншки комитет, од каде нагласуваат дека Македонија е транзитна земја за бегалците, а не крајна дестинација.

„Спротивно на ова, во јавноста се поведе инцијатива заснована врз лажни податоци, според која Република Македонија требало да се подготви за сместувањето и за интеграцијата на бегалци. Јавната дебата која се разгоре беше проследена со високо ниво на ксенофобичен говор на омраза кон бегалците, поистоветувајќи ги со терористи, со навредливи и понижувачки пораки, кои повикуваат на спречување на нивното населување во државата. Се поведоа неколку граѓански иницијативи, наменети за собирање потписи на граѓаните против населување на мигранти, кои непрекинато поттикнуваа и провоцираа говор на омраза. Иако поведувањето граѓански иницијативи и распишувањето референдум за испитување на мислењето на граѓаните се демократски и законски дозволени механизми, неопходно е тие да не провоцираат и да не поттикнуваат омраза кон одредена целна група, во овој случај бегалците“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет предупредува дека континуираното ширење и поттикнување на говорот на омраза кон бегалците, може лесно да води кон дела од омраза. Од почетокот на 2015 година до денес Комитетот има регистрирано 34 дела од омраза, сторени кон бегалци или мигранти на територијата на Република Македонија.


Нападите не доведуваат до никаква разврска, порача Хелсиншкиот комитет


Скопје, 2 јуни, 2017 - 16:05 (META) 

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска го осуди вчерашниот напад над поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, извршен од страна на дедото на починатата Тамара Димовска.

„Сметаме дека ваквите напади не доведуваат до никаква разврска, туку напротив, можат да предизвикаат немири од поголеми размери. Оттука, се спротивставуваме на овој инцидент, но и на сите други кои како форма на реакција го имаат насилството“, се вели во соопштението.

Од Хелсиншкиот комитет наведуваат дека селективна правда која беше и уште е спроведувана од страна на јавното обвинителство и на судовите доведе до апсолутна недоверба на граѓаните во правосудниот систем.

„Сметаме дека ваквиот настан е токму последица на неефикасната истрага и отсуството на санкции за виновниците за смртта на Тамара Димовска, кои беа блиски до тогашната партија на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Имено, Јавното обвинителство покажа целосна интертност во случајот на малолетната Тамара Димовска. И покрај тоа што во конкретниот случај осомничените лица се познати, јавното обвинителство подолго од 2 години нема доставено одговор дали ќе поднесе обвинителен акт против овие лица“, стои во соопштението, во кое се бара институциите итно да ги санкционираат сите сторители на кривични дела, вклучително и за конкретниот настан.

Хелсиншкиот комитет исто така побара итен одговор од Јавното обвинителство за исходот од постапката поведена за малолетната Тамара Димовска и најавија дека ќе поднесат жалба до Европскиот суд за човекови права за повреда на ефикасност на истрагата и правото на пристап до суд и правото на реална жалба.


Хелсиншки комитет: Политиката е главен генератор на говорот на омраза


Скопје, 22 мај, 2017 - 11:24 (META) 

Политичките случувања во Република Македонија се главниот провокатор и производител на говор на омраза во текот на април, посочува Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во својот извештај за април.

Хелсиншки напоменува дека говорот на омраза и повиците за насилство, го користат политичари и јавни личности, дел од демонстрантите на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, а исто така се прелеал и на социјалните мрежи.

„Всушност, реториката со која е проследена политичката криза, се состои од чести повици за насилство кон политички неистомисленици и кон припадници на албанската етничка заедница. Дотолку пострашни се пораките за насилство со политичка и етничка основа споделени на јавни собири и протести, пред поголема маса на луѓе. Во обид да се манипулира со јавното мислење, индиректен говор на омраза беше забележан и во говорите на јавни личности и политичари, кои недвосмислено повикуваа на насилство во текот на целиот период. Говор на омраза претставуваат и секојдневните повици на демонстрантите за ’чиста и унитарна Македонија’ со кои се омаловажуваат етничките заедници во државата. Во изолирани случаи беше забележан директен говор на омраза кон политички претставници, во вид на повици за нивната смрт или линчување“, се вели во извештајот на Хелсиншки.

Невладината организација посочува и дека говорот на омраза на протестите резултирало со долго повикуваното насилство кон пратениците во Собранието.

Во извештајот за април, Хелсиншкиот комитет препорачува државните институции кои треба да достават податоци до Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да не ги информираат лицата за кои се води предистражна или истражна постапка какви информации обвинителите барале за нив и да ги казнуваат службениците што ќе го сторат тоа.

Наведувајќи ја несоработката на одговорни лица од „Македонски телеком“ со СЈО, Хелсиншки бара „Телеком“ да ја сфати одговорноста од својата позиција како доминантен телекомуникациски оператор и да ги проследи до СЈО бараните податоци и материјали.


Хелсиншки комитет: Врховниот суд за Кочан донесе незаконско решение


Скопје, 16 мај, 2017 - 17:00 (META) 

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија смета дека постапувањето на Врховниот суд, кој го укина притворот за Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“, е преседан кој е во спротивност со принципот на владеење на правото.

Од Хелсиншкиот комитет нагласуваат дека ова е првпат кој и да било суд во Македонија да одлучи дека лицето против кое е определен притвор треба да се пушти на слобода до донесување одлука по жалба.

„Врховниот суд, со постапувањето по барањето на Јавното обвинителство на Република Македонија и повикувајќи се на Законот за кривичната постапка за одлучување по барање за заштита на законитоста, донесе незаконско решение и отвори преседан кој е во спротивност со принципот на владеење на правото“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.


Хелсиншки во извештај за дивеењето во Собранието, бара акција од Обвинителството


Скопје, 5 мај, 2017 - 13:27 (META) 

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија подготви посебен извештај за дивеењето и за бруталното насилство во Собранието на Република Македонија на 27 април, со кој сака да ја информира прецизно јавноста за сите сторени кривични дела, меѓу кои и обиди за убиство.

Истовремено, Хелсиншкиот комитет со извештајот од МВР и од Основното јавно обвинителство побара да биде поведена предистражна постапка за утврдување кривична одговорност за кривичните дела опфатени во извештајот.

Овој посебен извештај се однесува на кривични дела идентификувани преку фотографии, аудио-видеоматеријали и сведоштва, како и на кривичните дела за кои постојат сомнежи, но сè уште не е истражено дали биле сторени и од кого.

Извештајот се осврнува и на повредите на права и слободи гарантирани со Уставот и санкционирани со Кривичниот законик. Содржи вкупно 27 кривични дела, од кои за 17 веќе постојат значителен број на докази и 10 кривични дела за кои постои сомневање дека се извршени. Можните сторители се поделени во четири групи: организатори, извршители, полициски службеници, нивни претпоставени.

„Улогата на правосудните органи е да утврдат дали и кои од посочените кривични дела се сторени или имало обид да бидат сторени и да не дозволат погрешна квалификација, колективизирање на одговорноста и паушално санкционирање“, се вели во извештајот.


Хелсиншки бара одговорност и за полицијата и за нејзините раководители


Скопје, 28 април, 2017 - 0:35 (META) 

Осудувајќи го насилството и барајќи одговорност за сторителите, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија вечерва побара одговорност за полицијата и за нејзините раководители.

„Видно од многубројните видеоснимки, полицајците задолжени за чување на јавниот ред и мир и на безбедноста на присутните во собраниските сали, дозволија непречен влез на демонстрантите. Влезот им беше дозволен и на лица кои беа маскирани со „фантомки“ и со качулки и кои со себе носеа тврди и остри предмети наменети за загрозување на физичкиот интегритет на присутните во Собранието. Набргу потоа беа повредени неколку пратеници, а на местата на извршувањето на кривичните дела не беше забележано присуство на полиција“, се вели во соопштението.

Хелсиншкиот комитет укажува дека одговорноста за ваквиот вандалски чин е кај напаѓачите, организаторите на протестот и особено кај присутните полициски службеници и нивните претпоставени.

„Хелсиншкиот комитет ги повикува Секторот за внатрешна контрола при МВР и јавното обвинителство да спроведат итна истрага за утврдување на одговорност кај сите инволвирани во денешните насилни немири. Истрагата мора да почне со приведување на сите полициски службеници кои ја злоупотребија својата положба, нивните претпоставени, напаѓачите и организаторите на протестот „За заедничка Македонија“, стои во соопштението.


Хелсиншки комитет: Средното училиште во Шуто Оризари е продолжување на гетоизацијата


Скопје, 8 април, 2017 - 14:10 (META) 

Потсетувајќи дека не само што и понатаму продолжува потребата за поддршка на Ромите, туку и се прават чекори назад, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија го честита Меѓународниот ден на Ромите, но истовремено алармира дека работите не стојат најдобро во поглед на понатамошна интеграција на Ромите и на решавање на нивните проблеми.

Од комитетот велат дека изградбата на базен и отворањето на новото средно училиште во скопската населба Шуто Оризари се продолжување на гетоизацијата. Доказ повеќе за тоа е фактот што во населбата не е решен целосно проблемот со водоводна и со канализациска мрежа, што е приоритет.

„Би сакале во духот на одбележувањето на овој ден, да ја истакнеме нашата загриженост за статусот на Ромите во државата и нивната континуирана системска дискриминација и гетоизација. Особено сме загрижени за најновите планови кои се прават во ромската населба Шуто Оризари, меѓу кои се новоотвореното средно училиште „Шаип Јусуф“, во кое продолжуваат да се одлеваат цели ромски паралелки од другите средни училишта во Скопје. Понатаму, најавата за изградба на базен во истата населба и за вложување на повеќе од 6.000 евра за негова изградба, наспроти недостигот од функционална канализациска и водоводна мрежа во населбата. Жителите во општината и понатаму се соочуваат со проблеми во пристап до квалитетна, достапна и навремена здравствена заштита, а немаат ни пристап до матичен гинеколог“, се вели во соопштението.

Од Хелсиншки комитет порачуваат дека постои и друга системска сегрегација на децата Роми во образовниот процес – тие се распределувани во посебни паралелки во редовните училишта, наместо да бидат вклучени и интегрирани во редовните паралелки.