Загинаа двајца пилоти при уривање на бугарски воен хеликоптер


Пловдив, 12 јуни, 2018 - 12:32 (META) 

Двајцата пилоти ги загубија животите, а техничар е тешко повреден во синоќешната несреќа во Бугарија, кога се урна воен хеликоптер „Ми-17“.

Според бугарските медиуми, несреќата се случила вчера во воената авиобаза „Крумово“ кај аеродромот во Пловдив, кога хеликоптерот кој бил на тренажен лет се сршуил на земја од височина од околу 30 метри. Животите ги загубиле командирот на екипажот, капетан Пламен Пантилеев и вториот пилот, капетан Стојан Неделчев, а повреди задобил техничарот Алексеј Каменов. Инцидентот се случил за време на вежба за спасување со јаже.

Според податоците на очевидци хеликоптерот се запалил во воздух, се превртел и паднал на земјата, при што се слушнал силен удар.

Главниот пилот имал над 600 часови налет со хеликоптер, а вториот пилот над 500 часови.


Обвинителство почна истрага за уривањето на хеликоптерот кај Струмица во 2014 година


Скопје, 28 јуни, 2017 - 15:20 (META) 

По три години од хеликоптерската несреќа кај Струмица, во која загинаа четворица пилоти, Основното јавно обвинителство – Струмица почнало истражна постапка против три лица.

На 10 јули 2014 година, се урна хеликоптер тип „ми 17 в5“ со регистарска ознака МАП 7712, во сопственост на МВР Скопје. Загинаа пилотите Драги Мицев, Марјан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички.

„Бројните прибрани докази и извршени анализи до овој момент отвораат сомнеж дека лицата извршиле кривично дело – тешки дела против општата сигурност од чл.292, ст.2, а во врска со чл.288 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението од јавното обвинителство.

Осомничените ќе бидат сослушани, заедно со сведоци, се вели во соопштението, во кое се наведува дека досега се побарани различни вештачење во врска со несреќата.


Се урна хеликоптер во Грција, загинаа две лица


Атина, 23 јуни, 2017 - 12:08 (META) 

Цивилен хеликоптер се урнал северно од Атина, при што загинале две од трите лица што биле во него, јавија грчките медиуми.

Пожарникарите кои интервенирале на местото на несреќата, близу Маратон, на 40 километри северно од Атина, велат дека по падот на леталото во мочуришното подрачје, едно од лицата излегло од урнатиот хеликоптер, а другите двајца биле пронајдени во леталото во несвесна состојба и подоцна биле прогласени за мртви од екипите на брза помош.

Причините за несреќата се засега нејасни. Хеликоптерот бил најмен од локалните власти.


Саудиски воен хеликоптер се урна во Јемен, 12 лица загинаа


Сана, 18 април, 2017 - 18:47 (META) 

Најмалку 12 лица загинаа при уривање на саудиски воен хеликоптер во Јемен, јави саудиската новинска агенција СПА.

Сè уште се истражува причината за падот на хеликоптерот, кој се урна во покраината Мариб, источно од Сана.

Ова е една од најголемите човечки загуби на саудиските сили во поединечен инцидент откако коалицијата на арапски држави поведе воени операции против движењето Хути во 2015 година, во обид да го врати на власт претседателот Абдурабу Манус Хади.


Во хеликоптерска несреќа во Турција загинаа турски и руски бизнисмени


Истанбул, 10 март, 2017 - 15:10 (META) 

Во Турција, во пад на хеликоптер кој превезувал видни бизнисмени, загинаа пет лица. Како што јавуваат локалните медиуми, несреќата се случила откако леталото удрило во телевизиски предавател и се урнало на автопат.

Од компанијата „Кугу Хавачилик“, која е инволвирана во издавањето лиценца за хеликоптери, соопштија дека леталото било сопственост на фармацевтската компанија „Ецзацибаси“, од која засега нема реакција.

Хеликоптерот полетал од истанбулскиот аеродром „Ататурк“ со седум лица.

„Си-ен-ен Турк“, повикувајќи се на локални претставници, јавува дека тројца од патниците во хеликоптерот биле Турци, а четворица странци. Според некои турски медиуми, странците биле Руси.

.