Во Цермат туристите се евакуираат со хеликоптери


Цермат, 10 јануари, 2018 - 14:35 (META) 

Околу 13.000 туристи кои два дена беа отсечени во завеаниот ски центар Цермат во Швајцарија денеска се евакуираат со хеликоптери.

Одлуката туристите да бидат евакуирани со хеликоптери била донесена затоа што железничката пруга се уште не е оспособена.

Некои од туристите од тој познат скијачки центар на југозападниот дел на земјата и вчера биле евакуирани со хеликоптери, но евакуацијата била прекината откако се стемнило.

Последните неколку дена поради наноси на кал, камења и ризик од лавини затворени биле повеќе патишта во тој дел на земјата.


Николовски: Пожарите се гаснат со стара нефункционална механизација


Скопје, 5 август, 2017 - 17:27 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска беше на теренот кој беше опожарен во с. Моране, Скопско.

– Во овие моменти најважно е да се задржи присебноста и граѓаните да имаат доверба во институциите кои се на терен. Ангажирани се припадници на армијата, хеликоптерите на АРМ, дојдени се уште два хеликоптери на помош од Бугарија и од Турција. Имаме пожарникари на терен, вработени во државни институции и се работи да се локализираат сите пожари – изјави Николовски.

Тој додаде дека поради неодговорното работење на ВМРО- ДПМНЕ, денеска надлежните служби работат во нестандардни услови, со стара нефункционална механизација.

Николовски посочи дека во вакви тешки услови за работа, сите ангажирани лица даваат сè од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите, за дел од кои постои сомнеж дека се намерно подметнати.

– Тоа што сигурно како Влада ќе го направиме, ќе биде реформа во системот за одговор на кризи. Овој хаос наследен од минатата Влада ќе биде доведен во ред, како и сè друго во нашава земја и веќе нема да се случува – додаде Николовски.

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ) исто така информираше дека од денеска важи забраната за целосно движење во шуми.

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска соопшти дека на територијата на Македонија има активни пожари. Сè уште е активен пожарот во атарот на селото Требовље, кој сега е префрлен во месноста Фојник и оди кон село Близанско.

Сува трева и нискостеблеста шума горат во Калуѓерец и Радуша. Во општина Чашка, на планински предел во селата Лисец и Јаболчиште активни се авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.

На планинскиот предел во селото Дреново, активен е шумски пожар на непристапен терен за гасење.

Кај селото Копанце, Тетовско, гори сува трева по сртот на планината Жеден и не е зафатена шума. На терен се ангажирани лица од Територијалната противпожарна единица.


Се разгоруваат пожарите на многу места во земјава, изгореа четири куќи


Скопје, 4 август, 2017 - 20:47 (META) 

Според најновите информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), состојбата со шумските пожари е алармантна и на многу места во земјава пожарите се разгоруваат. Во селото Могилец целосно изгореле четири куќи, а една е делумно оштетена.

Како што извести „ЕВН Македонија“, поради големите пожари во Богомила, Ореше, Папрадиште, како и планинарски дом Чеплес, сите корисници на општина Чашка ќе останат без струја подолг период. Екипи на „ЕВН Македонија“ се на терен и работат на санирање на 11 изгорени столбови и опрема кои се зафатени од огнената стихија, а помагаат и во гаснење на пожарот.

Според извештајот на ЦУК за состојбата до 18 часот, попладнево се појавил пожар кај скопското село Осинчани, за што испратена е пожарникарска екипа да интервенира. Пожар има и кај селото Јаболце, а пожар се појавил и над Волково. Гори и меѓу селата Бојане и Копаница.

Пожар кај селото Орешани и попладнево бил активен и ја поминал Орешанска Река и се доближува кон неколку штали кај селото Вражале. Со него е опфатена нискостеблеста шума од смрека. Исто така, има дојава дека пожарот на Матка повторно се активирал и ја сменил насоката кон Шишевски манастир.

Пожарот кај Барово брзо се разгорува и се заканува да ја зафати боровата шума кон Водно. Интервенира екипа од ЈП „Паркови и зеленило“.

За пожарот кај селото Моране дејствуваат екипи на скопската противпоарна бригада, кои исто така интервенираат и кај Долна Матка, Рашче, Елово и кај Никиштани.

Пожарот во атарот на селата Требовље и Растеш во општина Македонски Брод сè уште е активен и во гаснењето се вклучени АРМ, која ангажирала и два хеликоптера, како и дел од месното население и доброволци од Кичево, Прилеп и од Скопје.

Пожарот од атарот на Растеш се проширил на атарот на селото Волче, а постои голема опасност да се прошири во атарот на Битово и на Заград.

Повторно се активирал и пожарот во атарот на селото Близанско и се движи кон месноста Фојник.

На пожарот во селото Девич ангажирани се лица од Шумското стопанство „Сандански“ – Македонски Брод, кои го контролираат пожарот. Горните куќи во Девич не се загрозени.

На пожарот во атарот на селото Могилец интервенираат пожарникарите од Македонски Брод, лица од месното население и лица од Шумското стопанство „Сандански“. Пожарот се шири кон атарите на селата Клуќерец и Инче, како и кон атарот на селото Модриште. Гори дабова и борова шума. Од 17 часот интервенираат и два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување. Во селото Могилец опожарени се две напуштени дотраени куќи, како и три куќи во кои живеат луѓе од селото и една куќа е делумно оштетена.

Во Пелагонискиот Регион, активен е пожарот на атарот на селото Подвис. Гори нискостеблеста деградирана дабова шума, сува трева и стрништа. Поради високата температура, правецот на ветерот и непристапноста на теренот отежнато е гаснењето. Пожарот се шири од  пределот по ридот кон селото Алданци.

Пожарот во атарот на селата Дрен и Смолани, е активен и веќе се проширува на горниот дел на планината. Зафатена е претежно ниско стеблеста дабова шума, чалија, смрека.

Во Тетовскиот Регион активни се два шумски пожари, Едниот над селото Копанце, каде гори сува трева и ситна деградирана шума на планината Жеден. По сртот на планината, тој се шири кон селото Туденце, како и кон селото Бојане.

Во атарот на селото Гургурница активен е пожарот во кој гори сува трева и пасишта. Во гаснењето учествуваат лица од месното население.

Во општина Гостивар, активен е пожарот во атарот на селото Корито, каде нема можност да се интервенира.

Во Повардарскиот Регион, активен е пожарот во атарот на селото Дреново, а се појавиле и два нови пожари. Огнената стихија полека се движи кон планината Лисец.

Пожарот во атарот на селото Богомила кој се закануваше да ги зафати манастирот „Свети Спас“ и селото е изгаснат со помош на авионите на ДЗС. Другиот дел од пожарот е активен и се движи кон прилепска страна.

Пожарот на падините на Горна Јакупица е активен, а теренот е непристапен за гасење.


„Блиц“: Србија е повеќе од четири пати воено посилна од Македонија, Албанија и Косово


Белград, 22 мај, 2017 - 16:56 (META) 

Србија со 36.000 војници е повеќе од четири пати посилна отколку Македонија, Албанија или Косово, во кои има по 8.000 војници. Најдолу е Црна Гора со 1.853 војници. Сепак, Косово малку отскокнува над другите, поради 150-те припадници на специјалните антитерористички единици РОСУ, кои се придодадени на бројката  8.000 војници, од кои 4.000 се припадници на КФОР, а 4.000 се припадници на Безбедносните сили на Косово.

grafika voeni siliОвие податоци ги презентира српскиот весник „Блиц“ на својата веб страница, изнесувајќи го воениот сооднос на земјите од Западен Балкан во графички приказ.

Според „Блиц“, покрај 36.000 војници, Србија има 212 тенкови, за разлика од Македонија, која има 31 тенк.

Албанија, Косово и Црна Гора немаат тенкови.

Србија е единствена земја со воени авиони – ги има 95, а нашата земја, Албанија, Косово и Црна Гора немаат ниту еден. Србија има убедливо најмногу хеликоптери на воените сили – 46, Албанија 27, Македонија и Косово имаат по 16, а Црна Гора 13 хеликоптери.

Исто како и со тенковите, и во поглед на ракетните системи во фокусот се Србија и Македонија. Србија има 82 а Македонија 24 ракетни системи, додека другите земји ги немаат.

Во статијата во која ги наведува податоците, „Блиц“ наведува дека Србија е бројно најопремена, но ги изнесува ставовите на аналитичари кои велат дека не може само да се споредуваат бројките, оти споредбите се значително отежнати од присуството на НАТО во Македонија и Косово.

 


Хеликоптери ги исплашија скопјани, од Генералштабот велат дека е вежба


Скопје, 4 мај, 2017 - 12:35 (META) 

Хеликоптери на АРМ околу пладне исплашија скопјани, откако триесетина минути летаа над централното подрачје на Скопје. Се јавивме во Генералштабот на АРМ, од каде ни кажаа дека нема причини за паника, бидејќи не станува збор за никаква вонредна ситуација, туку во прашање се редовни вежбовни активности – и на пилотите и на други припадници на АРМ.

Тони Јаневски, началникот на канцеларијата за односи со јавноста на Генералштабот, објасни дека покрај пилотите, вежбовни активности имаат и други припадници на армијата, но не потврди дали станува збор за војник или за некаква опрема на војската закачена со сајли за хеликоптерите.


Руски воен авион принудно слетал при што се повредени 16 војници


Москва, 19 декември, 2016 - 11:20 (META) 

Во несреќа при принудно слетување на руски воен авион со 32 патника и седум членови на екипажот, повредени се 16 војници во областа Сибир.

„Сите патници и членови на екипажот се живи, а 16 лица се тешко повредени и се евакуирани во болница во Тикси“, соопшти руското министерство за одбрана.

Авионот полетал од аеродромот „Колцово“, а слетал 27 километри од селото Тикси.

Во спасувачката акција учествувале 100 војници и два хеликоптери, а во регионот каде што е пронајден авионот е прогласена вонредна состојба.

Комисија од министерството за одбрана се упатила кон Јакутиј за да ги испита деталите за присилното слетување на авионот.

 


Кувајт купува француски хеликоптери во вредност од една милијарда евра


Кувајт, 9 август, 2016 - 13:30 (META) 

Кувајт потпиша договор за купување на 30 француски хеликоптери во вредност од една милијарда евра, соопшти денеска француското министерство за одбрана.

Францускиот министер за одбрана, Жан-Ив ле Дријан потпиша договор за продажба на 30 француски хеликоптери во Кувајт, пренесуваат светските медиуми. Од нив, 24 се наменети за војската, а шест за националната гарда на Кувајт.

Купувањето на хеликоптерите беше најавено во 2015 година кога двете земји потпишаа трговски договор во вредност од 2,5 милијарди евра.

 


Голем пожар на грчкиот остров Хиос


Атина, 25 јули, 2016 - 10:06 (META) 

На грчкиот остров Хиос рано утрово, околу 3.30 часот, избувна силен пожар. Пожарот избувна во јужниот дел на островот, а грчките противпожарни служби се обидуваат да го стават под контрола огнот, но гаснењето е отежнато поради силнот ветар.

Во гаснењето на пожарот се вклучени шест хеликоптери, 16 противпожарни возила, 40 волонтери и 40 камиони со вода.

Хеликоптерите имаат проблеми со фрлање вода поради ветрот. Засега во пожарот изгорени се две куќи и евакуирани се три помали села на островот. Од Атина се испратени дополнителни противпожарни авиони за да помогнат во борбата со огнената стихија.


САД ѝ подарија на Хрватска 16 борбени хеликоптери


Загреб, 13 септември, 2015 - 14:16 (META) 

Американскиот конгрес пред неколку недели ја одобрил испораката за Хрватска на 16 лесни разузнавачки борбени хеликоптери „кајова вориор“, информира хрватскиот весник „Јутарњи лист“.

Вкупната вредност на подарокот изнесува 100 милиони долари, а во следните три години хрватската армија ќе треба да плати околу 20 милиони долари за резервни делови, обука и за муниција за нив.

Хеликоптерите се целосно модернизирани и ремонтирани во 2011 година и се снабдени со најсовремена техника, неопходна за военото разузнавање.

Борбените хеликоптери се очекува во земјата да пристигнат до крајот на 2016 година.


Хеликоптери на САД извршиле напад на пункт на авганистанската војска


Кабул, 20 јули, 2015 - 11:10 (META) 

Најмалку осум авганистански војници биле убиени во воздушен напад на силите на САД на воен пункт во провинцијата Логар, јужно од Кабул, соопштиле авганистанските власти, пренесува „Би-Би-Си“.

Според информациите, два воени хеликоптери на САД го нападнале пунктот, денеска, среде бел ден.

Засега не се познати причните за воздушниот напад, а армискиот командант на областа за „Би-Би-Си“ изјавил дека на пунктот јасно било истакнато авганистанското знаме.

Логар е ненаселена област, која во голем дел е под контрола на талибанските милитанти.

Засега нема потврда дека нападот е извршен од Меѓународните сили, како што тврдат очевидци.

САД соопштиле дека почнале истрага за инцидентот.

По завршувањето на мисијата на НАТО во Авганистан, во моментот во земјата има околу 10.000 војници на меѓународните трупи, кои ги обучуваат и ги советуваат авганистанските сили.