!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Адвокатката на Праљак не знае како тој дошол до отровот


Хаг, 30 ноември, 2017 - 20:35 (META) 

Адвокатката на поранешниот хрватски генерал Слободан Праљак, кој вчера си го одзеде животот пиејќи отров за време на изрекувањето на второстепената одлука во Хашкиот трибунал, денеска за ХРТ изјави дека не знае како нејзиниот клиент дошол до отровот и како и го внел во судницата. Таа изјави и дека не видела кога тој го испил отровот.

Адвокатката Ника Пинтер за хрватската државна телевизија вели дека со Праљак разговарала само телефонски пред да го види во судницата.

Праљак го испи отровот, од кој почина неколку часа подоцна, веднаш откако судијата на жалбениот совет на Хашкиот трибунал соопшти дека советот ја потврдува првостепенета пресуда од 20 години за воени злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите години.

Пинтер изјави дека безбедноста во судот е многу строга и дека „не гледа како ова можело да се случи“.

Таа вели дека обвинетите се внесуваат во судот преку посебен влез и се држат одвоени едни од други, додавајќи дека безбедноста е, исто така, многу строга и во затворскиот дел на трибуналот.

Пинтер, како што објави ХРТ, синоќа била испрашана од холандската полиција околу тоа дали знае што испил Праљак и како дошол до отровот.


Хашкиот трибунал издаде налог за апсење на тројца функционари на партијата на Шешељ


Белград, 31 март, 2017 - 12:57 (META) 

Хашкиот трибунал утрово соопшти дека на негово барање Интерпол распишал црвени потерници со кои се бара пронаоѓање и апсење на функционерите на Српската радикална странка, Петар Јојиќ, Вјерица Радета и Стево Остојиќ.

Трибуналот ги товари тројцата функционери дека влијаеле на сведоци во процесот против нивниот партиски шеф, Воислав Шешељ. Тие, според Хашкиот трибунал, со закани, уцени и со поткуп ги наговарале сведоците да ги променат исказите или да не сведочат.

Потпретседателот на српската влада, Расим Љаиќ, денеска изјавил дека владата нема да му ги испорача на Хашкиот трибунал тројцата членови на Српската радикална странка бидејќи по минатогодишната одлука на Вишиот суд за тоа не постојат услови.

Вишиот суд во Белград минатата година донесе одлука дека нема законски основи за апсење и за испорачување на тројцата радикали, затоа што националиот закон за соработка со Хашкиот трибунал предвидува испорачување само на обвинети за воени злосторства, но не и за непочитување на судот.

Во денешното соопштение од Хаг се наведува и дека претседателот на трибуналот, Кармел Агиус, ја пријавил Србија во Советот за безбедност на Обединетите нации за непочитување на налогот за апсење.


Раководствата на Србија и на Република Српска сложно против Изетбеговиќ


Белград, 22 февруари, 2017 - 17:38 (META) 

Барањето од Бакир Изетбеговиќ е акт на омраза на муслиманите во Сараево кон Србија и има цел да се укине Република Српска, порача денеска претседателот на Република Српска, Милорад Додик, по средбата во Белград што тој и претседавачот на Претседателството на БИХ, Младен Иваниќ, ја имаа со претседателот и со премиерот на Србија, Томислав Николиќ и Александар Вучиќ.

Темата на средбата беше најавeното барање од босанскиот член на Претседателството на БИХ, Бакир Изетбеговиќ, за ревизија на пресудата на Меѓународниот суд на правдата по тужбата на БИХ против Србија за геноцид.

Додик и Иваниќ по средбата рекоа дека со најавата дека ќе поднесе барање за ревизија, Изетбеговиќ ги урива БИХ и нејзините институции, оти одлуката ја донел сам. Со одлуката не се согласува ниту хрватскиот член на Претседателството на БИХ.

Николиќ и Вучиќ рекоа дека Србија секогаш ќе биде зад Србите во БИХ, но и дека ќе го почитуваат интегритетот на таа земја и дека главната цел е да се сочуваат мирот и стабилноста.

– Србија вистински и искрено посакува мир, а не кавга и судири со своите соседи – рече Вучиќ, кој додаде дека со најавата за ревизија на пресудата, односите со БИХ се вратени 25 години наназад.

Меѓународниот суд на правдата на 26 февруари 2007 година пресуди дека Србија не може да се смета за одговорна за геноцидот извршен во Сребреница од страна на силите на Република Српска, но и дека ја прекршила Конвенцијата за геноцид со тоа што не сторила сè што е во нејзина моќ за да спречи геноцид, а потоа ниту ги казнила ниту ги предала сторителите на Хашкиот трибунал.

Рокот за поднесување барање за ревизија е 10 години, односно истекува за четири дена.


Вучиќ: Зад барањето за ревизија на пресудата за Сребреница не стои добра намера


Белград, 20 февруари, 2017 - 15:52 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека зад неодамнешното барање за ревизија на пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг по тужбата на Босна и Херцеговина против Србија за геноцид, „не стои добра намера“ и најави дека најдоцна до среда за тоа ќе разговара со претставниците на власта и на опозицијата во Република Српска.

– Очигледно е дека пред нас се турбулентни политички времиња во регионот за кои не сме ни најмалку одговорни. Важно е со сите трезвено да разговараме, треба да ја спуштиме топката – изјави Вучиќ пред новинарите во Врбас.

Тој рече дека целата ситуација ги враќа Србија и БИХ во минатото и ги оддалечува од помирување и од подобро разбирање.

Барањето за ревизија на пресудата ја најави босанскиот член на Претседателството на БИХ, Бакир Изетбеговиќ, но со тоа не се согласија српскиот и хрватскиот член на претседателството.

Меѓународниот суд на правдата на 26 февруари 2007 година пресуди дека Србија не може да биде сметана за одговорна за геноцидот во Сребреница од страна на Република Српска, но дека ја прекршила Конвенцијата за геноцид со тоа што не направила сè што било во нејзина моќ да го спречи геноцидот, а потоа не казнила ниту предала ниту еден злосторник на Хашкиот трибунал.

Рокот за поднесување барање за ревизија е 10 години.


Анте Готовина назначен за советник на хрватскиот министер за одбрана


Загреб, 17 ноември, 2016 - 17:59 (META) 

Поранешниот генерал на хрватската војска, Анте Готовина, е назначен за советник на министерот за одбрана на Хрватска, Дамир Крстичевиќ, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“. Ваквата одлука ја донела Владата на Хрватска на седница одржана во Вуковар, а неа ја потврдил и министерот Крстичевиќ на својот фејсбук-профил.

„Мило ми е што мојот голем пријател и наш херој го прифати мојот предлог и споменатиот ангажман и уверен сум дека генералот со своето знаење и способности значајно ќе придонесе за националната безбедност и за развојот на вооружените сили. Добро ни дојдовте генерале“, напишал Крстичевиќ.

Готовина, иако има право на финансиски надомест за вршењето на функцијата, ја одбил платата.

Пред четири години Хашкиот суд за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија, донесе пресуда со која од одговорност ги ослободи генералите Анте Готовина и Младен Маркач. Судот на 16 ноември 2012 година ги отфрли заклучоците и во најголем дел ја поништи првостепената пресуда со која Готовина и Маркач беа осудени на 24, односно на 18 години затвор за воени злосторства извршени за време и по акцијата „Бура“ во 1995 година.


Хашкото обвинителство го одби барањето на адвокатите на Младиќ


Хаг, 3 август, 2016 - 19:57 (META) 

Обвинителството на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, денеска побара барањето на адвокатите на поранешниот воен лидер на босанските Срби, Ратко Младиќ, за прекин на постапката што се води против него пред Хашкиот трибунал да се одбие.

Образложението на обвинителството е дека нема основа за запирање на постапката против Младиќ и дека барањето на неговите адвокати е „неосновано и само непотребно го троши времето и ресурсите на судот“.

Адвокатите на обвинетиот минатиот месец побараа да се прекине постапката против Младиќ пред Хашкиот трибунал поради „системска пристрасност“ или да се изземат досегашните судии и на нивно место да се именуваат „непристрасни судии“.


Стејт департментот ја поздрави пресудата на Хашкиот трибунал за Караџиќ


Вашингтон, 24 март, 2016 - 20:22 (META) 

Американскиот Стејт департмент ја поздрави пресудата на Хашкиот трибунал со која денеска Радован Караџиќ беше прогласен за виновен за геноцидот во Сребреница и за опсадата на Сараево и му се досуди 40 години затвор.

– Првостепената пресуда, со која Караџиќ е осуден на 40 години и е прогласен за виновен за Сребреница и за злосторство против човештвото, претставува чекор кон затворање на болното поглавје на судирите во поранешна Југославија – изјави портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер.

Тој додаде дека САД ги повикуваат членките на меѓународната заедница да соработуваат со Хашкиот трибунал и да ги почитуваат неговите одлуки.


Караџиќ осуден на 40 години затвор поради геноцидот во Сребреница


Хаг, 24 март, 2016 - 16:27 (META) 

Хашкиот трибунал го прогласи Радован Караџиќ за виновен за геноцидот во Сребреница и за опсадата на Сараево и му досуди 40 години затвор.

Како што наведе судот, поранешниот претседател на Република Српска сноси индивидуална одговорност за злосторствата против човештвото, убиства и за кршење на закони, како и на правилата на војување во седум општини.

Исто така, судот смета дека Караџиќ сноси одговорност за здружени злосторнички потфати за време на опсадата на Сараево, како и за здружени злосторнички потфати при киднапирањето на припадници на Обединетите нации.


Уапсена Флоренс Хартман


Париз, 24 март, 2016 - 13:31 (META) 

Поранешната портпаролка на Хашкиот суд, Флоренс Хартман, е уапсена во пресрет на пресудата на Радован Караџиќ.

Харман беше портпаролка на Карла дел Понте, а осудена е поради тоа што во својата книга „Мир и казна“ напишала дека судот прифатил да цензурира делови што би можеле да воспостават врска меѓу режимот на Милошевиќ и масакрот во Сребреница.

Хашкиот суд покрена обвинение против Хартман за непочитување на судот, објавувајќи документи кои биле тајни за јавноста. Со пресудата, Хартман е казнета со глоба од 7.000 евра.

Властите во Франција, каде што живее, одбија да ја спроведат пресудата.