Спорот за името се појави и во ноќните клубови на Халкидики


Калитеа, 10 јули, 2018 - 11:01 (META) 

Во еден популарен ноќен клуб во Калитеа (Халкидики) во саботата настапила и грчката пејачка Ана Виси.

Позната по интеракцијата со публиката, таа разговарала со еден гостин на првата маса до бината и тој ја поздравил на англиски. Виси го прашала од каде е, на што тој дговорил „од Македонија“.

Пејачката, како што пренесува порталот „Селео.гр“, иако се вознемирила, сепак смирено му рекла „Грешка си, пријателе, веројатно мислеше нешто друго“.

Порталот коментира дека таквата смирена реакција на пејачката придонела да нема повеќе негодувања во клубот.

Порталот напоменува дека во клубот имало повеќе гости „од БЈРМ“ и од Бугарија и дека надвор биле паркрани многу „суперлуксузни“ автомобили.


На Ситонија се утврдуваат штетите од поплавите


Солун, 18 јули, 2017 - 11:21 (META) 

На Ситонија, вториот крак на грчкиот полуостров Халкидики, времето и денеска е студено и со силен ветер, иако на некои места има и сонце. Во некои места нема вода поради дефектите. Исто така, се стравува и од појава на зарази, поради тоа што во гратчето Торони, кое беше поплавено, канализацијата е решена со септички јами. Фотографиите од таму покажуваат заглавени автомобили, пропадната улица и поплавени куќи.

Подрачјето беше погодено од силно невреме вчера.

Во Неос Мармарас нема вода, а според некои туристи, се очекува дефектот да биде отстранет во текот на денот.

На првиот крак, Касандра, во Полихроно и во Ханиоти, од претпладнево е сончево, исто како во Неос Мармарас, но се стравува дека невремето Медуза со силни врнежи, грмежи и со силен ветер, кое вчера зафати голем дел од Грција, ќе продолжи и во наредните два дена.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ во Струмица покажа незнаење да се справува со невреме


Скопје, 6 јануари, 2017 - 17:40 (META) 

СДСМ во Струмица покажа дека нема ниту знаење ниту способност да се справува со невреме како ова што го зафати овој дел на европскиот континент, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ, во кое се вели дека недозволиво е граѓаните да се блокирани поради неколкучасовни снежни врнежи.

– Додека градоначалникот на Струмица се шета по Халкидики, граѓаните мака мачат со неспособните градски служби кои не умеат да ги исчистат ни главните сообраќајници, а другите улици не се ниту пипнати со прст. Доколку во Струмица врне уште два дена снег, градот со ваквата неорганизираност на службите под контрола на неприсутниот Заев, ќе се врати во ледената доба – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Грчки воен хеликоптер падна во близина на Халкидики


Солун, 20 септември, 2016 - 13:12 (META) 

Грчки воен хеликиптер од типот „апачи“ се урна утрово во морските води источно од Халкидики. Двајцата пилоти кои управувале со хеликоптерот се спасени и надвор од животна опасност.

Инцидентот се случил за време на воена вежба во близина на Врасна. Сè уште е нејасно што точно се случило и го предизвикало падот на леталото. Едниот од пилотите по падот на хеликоптерот успеал лесно да излезе и да исплива на површина, но вториот имал поголеми проблеми и подолго време останал заглавен во леталото под вода.

Состојбата била критична и пилотот успеал да го напушти хеликоптерот под вода по интервенција на специјалните припадници на единицата нуркачи, кои, исто така, учествувале во воената вежба.

Двајцата биле веднаш пренесени во воена болница во Солун, каде им се вршат тестови. Обајцата се добро и се очекува да бидат пуштени дома во текот на денот.


Концерт на „Чалгија саунд систем“ на Халкидики за прослава на 8 Септември


Солун, 9 септември, 2016 - 10:36 (META) 

Пријатно изненадување за македонските туристи на Халкидики беше концертот на македонската група „Чалгија саунд систем“, кој го приреди конзулатот на Република Македонија во Солун за одбележување на 25-годишнината од независноста. Во релаксирана атмосфера, туристи од Македонија, Грција, Бугарија, Русија и од Романија во хотелски комплекс на Уранополи уживаа во звуците на традиционалната македонска чалгиска музика.

Добрила Грашеска од „Чалгија сауд систем“ во разговор за „Мета“ вели дека биле пријатно изненадени и почестени од поканата на македонската конзулка Маја Апостолова да настапат на денот на независноста на Македонија во Грција со сопствен концерт.

– Целата организација и моментот на нашиот настап беше волшебен. Местото е прекрасно, имавме многу публика и од Македонија, но и од Романија, Грција, Бугарија, Русија и сите внимателно го слушаа она што им го презентиравме – вели Грашеска.

Настапот траеше неколку часа, со изведба на околу 20 традиционални чалгиски песни и ора. Ова е прв концерт во Грција на „Чалгија саунд систем“ и од групата се надеваат дека ќе им отвори простор за повеќе контакти и настапи за поголема презентација на македонската традиционална музика пред грчката и пошироката публика. Грашеска вели дека настапувањето на денот на независноста во Грција било пријатен предизвик.

– Ова беше еден вид исчекор во непознато, но нè пречека убава енергија, убава атмосфера, убава публика, сите заедно уживавме. Навистина беше предизвик да се настапува на 8 Септември. Музиката е над политиката, музиката е нешто кое не е поврзано со другите чувства, таа е највозвишена од сите уметности и ние го искористивме тој момент и успеавме да направиме убава атмосфера за сите – вели Грашеска.